(ФОТО) “Бончејца” под опсада, влезовите на зградите потенцијални тоалети

Со доаѓањето на пролетта во Прилеп доаѓаат и дивите продавачи на земјоделски производи, прво со расад, а потоа и со се’ и со пиперки, домати, компири…

Најчесто се присутни во населбата “Бончејца”, околу железничката пруга, а ќе ги има и низ целиот град. Проблемот трае со години и никако да се реши. Пазарџиите реагираат на нелојалната конкуренција, граѓаните реагираат на чистотата и условите во кои продаваат овие така наречени “прематари”.

Во изминатите години имаше и протести на прилепските пазарџии, кои уредно си плаќаат закупнина за тезги на градскиот пазар секој месец.

Сега реакции пристигнаа од граѓаните кои живеат во зградите во населбата “Бончејца”, кои се жалат дека влезовите во нивните станбени објекти често се и јавни тоалети, па бараат надлежните ако не можат друго, барем да им обезбедат подвижни тоалети на овие луѓе на соодветна локација.

Секако, борбата за живот и егзистенција ги приморала овие луѓе лебот да го бараат по други градови и да спијат под отворено небо, често и со целото семејство. Затоа апел до надлежните, да се најде соодветно решение, со цел тие да не претставуваат нелојална конкуренција на пазарџиите, да бидат лоцирани на соодветна локација, да имаат минимални услови за одржување хигиена и секако да платат соодветен надоместок за користење на просторот.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.