дома блог страница 17

Во Битола свечено отворено 34-то издание на ИФАДФ „КАМЕРА 300“ (Фото галерија)

Синоќа во Битола свечено беше отворено 34-то издание на интернационалниот фестивалот на аматерскиот документарен филм „Камера 300“. Пред присутните во име на организаторот поздравно обраќање имаше Стефан Хаџи Андоновски, а гостите ги поздрави и го прогласи за отворен фестивалот градоначалникот на Битола Тони Коњановски.
„Во оваа прилика сакам да ви честитам за Вашиот придонес кон негувањето и чувањето на делото на браќата Манаки, првите сниматели на Балканот.

Интернационалниот фестивал на аматерскиот документарен филм „Камера 300“ кој годинава по 34-па се одржува претставува силно културно обележје не само на градот, туку и пошироко на државно ниво и во светски рамки.

Уникатноста на овој фестивал е пренесувањето на големото платно на обичните приказни, реалните настани, погледот на секојдневието, раскажани од луѓето зад камерата, приказни кои го доближуваат секојдневието до гледачите, односно публиката“ рече градоначалникот Коњановски.

Гран при наградата „Плакета Милтон Манаки“ за најдобар филм на фестивалот му беше врачена на авторот Марјан Стевановски за филмот „Мојот син“. Беа доделени и наградите златна, сребрена и бронзена камера 300, како и плакети за најдобра камера, режија, монтажа, идеја, репортажа и сребрен медал на УНИКА. Исто така беа доделени и специјални награди-плакети за трајни вредности, за креативен пристап и за промотивен пристап во жанрот.

Важно соопштение до граѓаните од прилепската болница!

ЈЗУ Општа болница со проширена дејност – Прилеп ги известува граѓаните дека Итната стоматолошка служба се преместува од досегашната локација во објектот на Старата брза помош во објектот на Здравствен дом „Уред“ – Прилеп.
-Новата локација е на првиот кат, десно од главниот влез. На новата локација граѓаните ќе можат да ги добијат услугите за итна стоматолошка помош – стои во соопштението.

Плус 40, Љуботен згазен во Тетово од младите кошаркари на МЕГА БАСКЕТ – Помошта од Општина е бедни 2.000 евра годишно

По почетниот пораз од КК Тиквеш на стартот од сезоната, младата екипа на прилепски Мега Баскет не престанува да реди успеси. Дечките стигнаа до серија три од три – Пелистер, Водно санс, а денеска и Љуботен беа “жртви” на разиграните прилепчани.

Конечниот резултат на семафорот денеска во Тетово беше 39:79, или +40 во корист на нашите млади дечки.

Ако продолжат во овој ритам, тешко дека некој ќе ги запре сезонава. За жал поддршката од локалната самоуправа за оваа екипа пред стартот на сезоната беше само 2.000 евра.

Браво дечки! Продолжете да редите успеси!

Превенцијата спасува животи! Во Прилеп се одржа едукативна трибина за раното откривање на карциномот на дојка

Со цел да се подигне свеста за значењето на превенцијата и раното откривање на карциномот на дојка, во организација на Комисијата за еднакви можности меѓу мажите и жените при Советот на Општина Прилеп, се одржа едукативна трибина посветена на женското здравје.

На трибината, специјалистите по хирургија, д-р Димитар Иваноски и д-р Гордана Љушиќ, говореа за факторите на ризик, препознавањето на првите знаци, редовните превентивни прегледи и важноста од навремена дијагноза. Преку стручни совети и отворен разговор, присутните имаа можност да добијат корисни информации и одговори на прашања поврзани со оваа болест.

Пораката од трибината е јасна, карциномот на дојка не треба да биде тема за која се молчи или се одложува разговорот. Редовните прегледи, информираноста и навременото реагирање се важни чекори во грижата за сопственото здравје.

Општина Прилеп продолжува да поддржува активности кои придонесуваат за здравствена едукација, подигање на јавната свест и поголема грижа за здравјето на жените.

Затоа што превенцијата почнува со информираноста, а грижата за здравјето не треба да чека.

На 4 и 5 ноември во Прилеп ќе се одржи меѓународната конференција „Социјални и здравствени услуги – предизвици и можности“

На 4 и 5 ноември во Прилеп во хотел Кристал Палас ќе се одржи меѓународната конференција „Социјални и здравствени услуги – предизвици и можности“.

Конференцијата ќе обедини професионалци, експерти, претставници на институции, организации и практичари од земјата и странство како Република Австрија, Црна Гора, Албанија и Србија, со цел размена на искуства, знаења и добри практики во областа на социјалните и здравствените услуги.

Во фокусот на конференцијата ќе бидат современите предизвици, можностите за унапредување на социјалните и здравствените услуги, значењето на интерсекторската соработка, како и создавањето поквалитетни, поефикасни и подостапни услуги за граѓаните.

Конференцијата ќе претставува можност за споделување искуства и знаења, претставување на добри практики, отворање на значајни прашања и поттикнување на соработката меѓу професионалците, институциите, организациите и практичарите од земјата и странство.

Мерењето завршено, Матеј Чатлески од Прилеп вечерва ја брани гордоста на Македонија во Неготино!

Вечерва сите погледи ќе бидат насочени кон рингот во спортската сала „Младост“ во Неготино, каде што од 18 часот ќе се одржи големиот меѓународен боксерски настан „Balkan Boxing 13“. Мерењето пред натпреварите е успешно завршено во хотелот „Grey Star“ во Неготино, а боксерите се подготвени за нова вечер исполнета со професионални пресметки.

Посебно внимание на домашната публика ќе привлече настапот на прилепчанецот Матеј Чатлески, кој вечерва ќе ја претставува Македонија во рингот и ќе има можност да го продолжи својот одличен професионален победнички низ.

Чатлески досега има три професионални настапи и три победи. На претходното издание на „Balkan Boxing 7“ во Бор го совлада Милош Јањанин, а претходно беше поуспешен и од Срѓан Зариќ и Стефан Марич.

Вечерва пред него е нов предизвик, овојпат пред домашната публика, која ќе има можност да му даде поддршка во обидот да ја продолжи победничката серија и достојно да ги брани боите на Македонија.

На мерењето, Чатлески имаше 83,6 килограми, додека неговиот противник, босанскиот боксер Леон Мариќ, измери 84,9 килограми. Нивниот дуел ќе биде една од најинтересните пресметки на вечерта, веднаш зад главната борба, што дополнително ја зголемува важноста на настапот на прилепчанецот.

На програмата на „Balkan Boxing 13“ се вкупно пет професионални борби, со учество на боксери од повеќе земји. Главната борба ќе биде дуелот во шест рунди меѓу Србинот Алмир Мемич (6-0) и Словакот Борис Недбал (6-4).

На програмата се и:

– Марко Краљевич (Хрватска) – Демир Гуламич (БиХ)
– Санел Хасанович (Србија) – Динел Фејзиќ (БиХ)
– Вук Вукајлович (Србија) – Филип Достанич (Србија)

Особено внимание привлекува и настапот на Хасанович, кој во професионалната кариера има 10 победи, еден пораз и едно реми.

Настанот започнува вечерва во 18:00 часот во спортската сала „Младост“ во Неготино, а сите љубители на боксот ќе можат да ги следат борбите и преку директен телевизиски пренос на Arena Fight.

Среќно, Матеј! Прилеп вечерва ќе навива за тебе!

Градоначалникот Каравилоски иницира отварање на канцеларија за управни работи во Кривогаштани

Во општина Кривогаштани се одржа седница на Локалниот совет за превенција, на која беа разгледани повеќе прашања од значење за безбедноста на граѓаните, превентивното дејствување и координацијата меѓу надлежните институции.

На барање на граѓаните, градоначалникот на Општина Кривогаштани, Игор Каравилоски, покрена иницијатива за отворање канцеларија за управни работи во Полициското одделение во Кривогаштани, со цел овозможување услуги за издавање лични документи на граѓаните од општината. Со реализацијата на оваа иницијатива, услугите би биле подостапни за граѓаните, со што би се намалиле потребата од патување, трошоците и времето потребно за нивно добивање. За таа цел, до Министерството за внатрешни работи ќе биде доставено официјално барање.

На седницата се дискутираше и за општата безбедносна состојба, јавниот ред и мир, безбедноста во сообраќајот, како и за заштитата на пешаците и учениците. Посебно внимание беше посветено на превенцијата од врсничко насилство и насилство на интернет, злоупотребата на алкохол и дроги, како и на потребата од засилена соработка меѓу училиштата, родителите и надлежните институции.

Воедно, беа разгледани состојбите со водотеците, одводните канали, речните корита и насипите, при што беше истакната важноста на навременото преземање превентивни мерки за намалување на ризикот од поплави.

Дел од дискусијата беше посветен и на превенцијата од пожари и подготовките за претстојниот зимски период, со посебен осврт на безбедноста на јавните објекти, одржувањето на проодноста на пристапните патишта и обезбедувањето непречено функционирање на основните комунални услуги.

Општина Кривогаштани и понатаму ќе продолжи со активности насочени кон унапредување на безбедноста, заштитата и квалитетот на живот на граѓаните, преку соработка со надлежните институции и навремено преземање превентивни мерки.

Денеска се празнува Светиот апостол и евангелист Лука – Честит именден на сите кои празнуваат

Роден е во Антиохија. Во младоста добро ја изучи грчката философија, медицината и иконописот. Во времето на делото на Господ Исус на земјата Свети Лука дојде во Ерусалим и таму Го виде Спасителот лице в лице, ја чу Неговата спасоносна наука и стана сведок на Неговите чудесни дела.

Откако поверува во Господ, Св. Лука беше вбројан меѓу Седумдесеттемина апостоли и пратен на проповед. Заедно со Клеопа Го виде воскреснат Господ на патот за Емаус (Лука 24).

По слегувањето на Светиот Дух на апостолите, Лука се врати во Антиохија и таму му стана сотрудник на Св. апостол Павле со когошто патуваше во Рим, обраќајќи ги во Христовата вера Евреите и незнабожците. „Ве поздравува Лука, лекарот љубезен“, им пишува на колосјаните Св. апостол Павле (Колосјани 4, 14). На молба на христијаните го напиша Евангелието, околу 60 година.

После мачениката смрт на Св. апостол Павле Свети Лука го проповедаше Евангелието по Италија, Далмација, Македонија и на други места. Ја иконописаше Пресвета Богородица – и тоа не една туку три икони – а исто така Светите апостоли Петар и Павле. Оттука Свети Лука се смета за основач на христијанскиот иконопис. На старост го посети и Горен Мисир. Од Мисир се врати во Грција, каде што со голема ревност продолжи да проповеда и да ги обраќа луѓето кон Христа, не обѕирајќи се на својата длабока старост.

Свети Лука ги напиша Евангелието и Делата Апостолски, обете посветувајќи му ги на Теофил, кнезот на Ахаја. Имаше осумдесет и четири години кога злобните идолопоклоници го подложија на маки заради Христа и го обесија на една маслина во градот Тива (Теба) Беотиска. Чудотворните мошти на овој прекрасен светител во времето на Константиновиот син, царот Констанциј, беа пренесени во Цариград.

Мистеријата на скопско Орман стара 8.000 години: Завршија археолошките истражувања на локалитетот „Ограѓе“

Успешно завршија овогодинешните археолошки ископувања на неолитскиот локалитет „Ограѓе“ во скопското село Орман. Годинава стручниот тим од Археолошкиот музеј работеше северозападно од местото каде во 2019 година Градскиот конзерваторски центар од Скопје вршеше заштитни ископувања во кои беа пронајдени остатоци од куќа стара осум илјади години, објави Националниот Археолошки музеј.

Новите откритија дадоа археолошки докази за тоа како изгледал секојдневниот живот на првите жители на оваа област.

-Меѓу пронајдените предмети особено се издвојуваат: фигурини со човечки и животински ликови кои ни откриваат дел од верувањата и уметноста на овие луѓе, керамички садови и камени и коскени алатки што се користеле во тогашните кујни и работилници. Во текот на ископувањата беа откриени остатоци од огништа и отпадни јами, велат од Музејот.

Овој значаен проект беше поддржан од Министерството за култура и туризам, и е дел од годишната програма за работа на Археолошкиот музеј. Со истражувањата раководеше м-р Буњамин Џемаиљи, а стручниот тим од Археолошкиот музеј го сочинуваа: м-р Елена Стојанова Канзурова, д-р Перо Синадиновски, д-р Роберт Петковски, м-р Благоја Китановски и Јовица Ристов.

Овие пронајдоци се уште еден доказ дека Скопскиот регион крие богата предисторија која постојано го привлекува вниманието на научната и пошироката јавност.