Денеска православните христијани го празнуваат вториот ден од Христовото раѓање – Божиќ. Денеска исто така православната црква го слави и Соборот на Пресвета Богородица како и споменот на Свети Никодим Прилепски и Тисмански.
Пред 6 години, на 31 март 2015 година во Прилеп, според православната црква, токму во храмот „Св. Благовештение“, се случи чудо, бидејќи иконата на Св. Никодим Прилепски, која сега стои во средината на црквата започна да мироточи.
Капките од мироточењето и денес се познаваат на иконата.
Сакани другари, роднини, пријатели, браќа и сестри во Христа, верни Македонци и мои прилепчани, каде и да сте, ЧЕСТИТ БОЖИК!
Библиската историја сведочи дека луѓето постојано копнееле да го видат Бога и во таа смисла кон небото упатувале силни молитви за Бог да им го покаже своето лице. Луѓето чувствувале дека Бог има срце, но сакале да го видат и Неговото лице.
Бог одговорил на овие повици изненадувајќи го човекот така што го зел неговото лице. Пред повеќе од две илјади лета, во својата љубов, Бог дојде, овоплотувајќи се и не’ пресретна со НАШЕТО лице!
Земајќи го нашето лице, Бог стана еден од нас, стана наш брат, сестра, стана нашиот ближен! Тој зеде онолку лица, колку што има луѓе на земјата. Од тој момент, ние сме должни да го бараме Бога во лицата на луѓето околу нас, во лицата на нашите ближни и да го прифатиме, да му служиме и да го љубиме Бога во лицето на нашите браќа и сестри.
Се разбира, овој Бог може да биде болен, напатен, гол, бос, гладен, прогонет, во зандана односно да му биде потребна нашата делотворна љубов! Затоа вели: „Вистина ви велам: доколку сте го направиле тоа за еден од овие Мои најмали браќа, за мене сте го направиле (Мт. 25.40).“
Затоа, Божик не е само повик за радост ами и повик кон нас да бидеме внимателни на присуството на Бога што доаѓа кај нас во лицето на нашиот ближен, односно повик за пружање љубов кон луѓето околу нас, зашто човекот, не само од љубов е создаден, ами и за љубов.
Па така, драги мои, да ги исполнеме срцата со љубов и милост, да ги отвориме духовните очи за полесно да го препознаеме и возљубиме Бога во ближниот!
Драги мои, божикната светлина да ве осене со благослов и, како мудреците Христа, така вас да ве дарува со даровите на љубов, мир и добро здравје. Да ги осени вашите домови, семејства, роднини, пријатели, оние кои се во болниците, старските домови, затворите …
Со овие мисли ви посакувам среќни Божикни празници! За многу години Македонци! ХРИСТОС СЕ РОДИ!
Веб страната oldprilep.com и Фејсбук страната “Прилеп – Стари фотографии” слават 11 години. Благодарение на тимот кој го работи овој интересен проект, секојдневно можеме да се потсетиме на едни други поранешни времиња и на тоа колку и како се променувал нашиот град. Исклучително вредни спомени кои ќе ги прелистуваат и идните генерации и најдобро ќе можат да видат каде и како сме живееле ние, а како ќе живеат тие во некои идни времиња. Им посакуваме уште долги години успешна и плодна работа.
На денешен ден пред точно 11 години ја поставивме првата фотографија на ФБ профилот (денес Фан страна) „Прилеп – Стари Фотографии“ со што го означивме почетокот на едно убаво дружење со фотографиите од нашиот град Прилеп.
A пред 10 години, со надчовечки напори успеавме да ги пребродиме сите предизвици, и со само-финансирање да ја создадеме веб страницата www.oldprilep.com, која од идеја прерасна во прекрасен медиум со одлична заедница, медиум кој успеа да ги надмине проблемите и да биде пример за одлична соработка со секој добронамерник.
Иако мал тим успеавме да изградиме одличен и почитуван медиум кој има што да каже и да покаже а притоа останавме имуни на секакви партиски и националистички притисоци.
Особено се гордееме за пријателствата кои ги надминаа тастатурите и продолжија и надвор од сајтот и ФБ профилот „Прилеп – Стари Фотографии“.
До денес на веб страницата www.oldprilep.com имаме поставено точно 21.244 фотографии, разместени тематски и хронолошки во 1563 постови.
Во иднина планираме да продолжиме со исто темпо…
Поздрав… Среќни празници… Од Администрацијата на ПСФ
Поради строгите мерки и ковид пандемијата, оваа година во просториите на хотелот „Кристал Палас“ на симболичен начин се одржа традиционалниот Божиќен ручек кој го организира Детска Амбасада за Сите Деца во Светот. Се одржа прес конференција на која се обратија со свои изјави Александра Северкоска Стојаноски- извршен директор на Детската Амбасада, градоначалникот Борче Јовчески и господин Петар – Митрополит преспанско-пелагониски и администратор австралиско-новозеландски.
„Дозволете ми најпрво од името на Детската Амбасада за Сите Деца во Светот, како и од мое лично име, да упатам честитка до сите вас и македонската јавност по повод Новогодишните и Божиќните празници, со желби за љубов, мир, здравје и благосостојба.“ – започна Александра Северкоска Стојаноски.
Поради неможноста од физичко присуство, согласно мерките и препораките на надлежните институции и оваа година активностите биле насочени повторно да се внесе радост во детските срца и да се предизвика таа најмила детска насмевка на малите лица, со тоа што биле испратени пакетчиња и ланч пакети во домовите на повеќе од 500 деца, односно 600 пакетчиња и 550 оброци, за различни целни групи, како и за членовите на Детската Амбасада и партнерите.
Децата кои биле опфатени во овој 16-ти по ред Божиќен ручек се од Прилеп, Скопје, Битола, Тетово, Куманово, Крушево, Штип, Охрид, Струга, Струмица и од другите градови и општини ширум државава.
„Како и секоја година нашата порака е во рамките на нашето мото „Едно небо за сите деца“, а тоа значи децата да се почитуваат помеѓу себе, да нема дискриминација и насилна комуникација, да преовладува толеранцијата, и сите ние заеднички да придонесуваме кон градење на нашето општество. Бидејќи децата се нашата иднина. “ – истакна Александра Северкоска Стојаноски.
Градоначалникот Јовчески изјави дека е среќен што и во време на пандемија се одржува овај прекрасен традиционален божиќен ручек за повеќе од 500 деца.
„ На децата без родители, децата на бранителите, децата со посебни потреби, како и на децата членови на „Детската амбасада за сите деца во светот“ сакам да им го честитам празникот и Новата година со желби за многу здравје, радост, среќа, успех и безгрижно детство. Секоја година ние како локална самоуправа го поддржуваме овој настан, и оваа година исто така за децата обезбедивме новогодишни пакетчиња. Локалната самоуправа на Прилеп секогаш ги поддржува хуманитарните настани, и во иднина имаме предвидено многу настани кои што ќе се реализираат во текот на годината. Ќе продолжиме да делуваме и помагаме, со цел да им овозможиме на сите дечиња да ја почувствуваат магијата на празниците и магијата на детството.“
„Божик е празник на љубовта и хуманоста и во овие денови, секој од нас, според можностите кои ги има, треба да им помогне на оние на кои помошта им е неопходна. Токму и целта на овој настан е сите ние да се чувствуваме еднакви и празникот да го славиме заедно, Христос се роди – Навистина се роди“ – заврши градоначалникот Јовчески.
Митрополитот Петар по повод овој празник кој што е „мајка на сите празници, Божик“ како што кажа, ги поздрави сите присутни и сите деца ширум нашата татковина со најрадосниот поздрав „Христос се роди“.
„Веќе 40 години како сум надлежен Епархиски Архиреј,секогаш сум се залагал и ќе се залагам за подигнување на наталитетот во нашата татковина Република Македонија“ бидејќи како што посочи митрополитот, во последните неколку години е многу намален наталитетот посебно кај нашите етнички Македонци во нашата Македонија.
„Јас не можам поинаку да се искажам на овој голем и спасоносен празник Божик освен со тага да кажам дека Божик не го личи без деца, и ако нешто не радува денеска, не радува овај празник посебно Божик при оваа пригода кога се приредува заеднички ручек за сите деца во нашата Татковина“
Во духот на воспитувањето од Македонската православна црква господин Петар упати апел до сите жени и девојки од нашата држава, кои на било каков начин останале бремени, никако да не посегнуваат по она што е свето а тоа е она што се зачнало во утробата нивна, да го донесат на свет затоа што тоа е единствената правилна одлука.
„ Сакам уште еднаш да го честитам празникот на семејството Божик, бидејќи раѓањето на нашиот Христа бог и спасител во Витлеем градот на лебот, е всушност огништето на светото семејство каде што биле собрани кога се родил Христос, мајката божја пресвета Богородица, светиот Јосиф, и во тој дух честитајќи го празникот ги поздравувам сите деца во светот и вас сите присутни и сите што ќе ја слушнат оваа прес конференција со најрадосниот божикен поздрав Христос се роди мир божји, Христос се роди, Христос се роди, и за многу години нека е Божик браќа и сестри.“
Во Крушево, на иницијатива на професорката Билјана Проеска, во соработка со црквата Пресвета Богородица и младите ентузијасти Стефо Јанкулоски и Кирил Талески, беа зготвени 56 оброци и во чест на големиот празник Божиќ, беа донирани во повеќе крушевски семејства.
“На вакви убави денови, човечки е да се подаде рака. Божик е празник, кога со љубов се чествува името на Бог!
Зготвени 56 оброци и поделени онаму каде што е најпотребно ! Христос се роди, навистина се роди!”, напиша Проеска.
Децата од детскиот хор при храмот Св.Кирил и Методиј симболично ја пренесоа пештерката од параклисот на Свети Никола до камената бина каде што се претставија со неколку божиќни песнички, а таму градоначалникот Јовчески ги даруваше со бадникови подароци.
И не беше така одамна, па не сме заборавиле на изјавите на претходниот градоначалник: “Традицијата треба да се култивира, а не да се примитивизира”.
За среќа, новиот градоначалник Јовчески одлучи да ја продолжи долгогодишната бадникова традиција во Прилеп и да им подари бадникови пакетчиња на првите гласници за Христовото раѓање, коледарчињата.
Ваквиот начин на празнување на Бадник претставува една возобновена древна традиција за одбележување на овој празник а преку кој се негува традицијата и културата.
Денес е најрадосниот христијански празник, честитајте им го на најблиските со уникатна порака.
ХРИСТОС СЕ РОДИ!
Воскликнете сите со радост и смело, да слушнат и примат и неверните уши, зашто денес се јави Бог во тело, Спасителот на нашите души.
Озарете ги вашите умови со светлината на верата и Богопознанието, затоплете ги пештерите на вашите души со љубов и милосрдие, украсете ги јаслите на вашите срца со трпение и кротост, за во нив да се роди Смирениот Богомладенец и да ги помогне и укрепи сите ваши претстојни Богоугодни дела и подвизи.
ПО МИЛОСТА БОЖЈА, МИТРОПОЛИТ ПРЕСПАНСКО-ПЕЛАГОНИСКИ И АДМИНИСТРАТОР АВСТРАЛИСКИ И НОВОЗЕЛАНДСКИ, НА СЕТО СВЕШТЕНСТВО, ПРЕПОДОБНО МОНАШТВО И ВЕРНИТЕ ЧЕДА ВО ПРЕСПАНСКО-ПЕЛАГОНИСКАТА И АВСТРАЛИСКО-НОВОЗЕЛАНДСКАТА ЕПАРХИЈА, ИМ ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ, ПОЗДРАВУВАЈЌИ ГИ СО РАДОСНИОТ ПОЗДРАВ ХРИСТОС СЕ РОДИ!
„Да воскликнеме сите во еден глас: веселете се небеса, радувај се, земјо!
Да се радуваме, зашто Синот Божји слегува од небото на земјата“!
(Свети Григориј Богослов)
По милоста Божја, еве, пак, се собравме во нашите цркви и манастири, да го прославиме Божик, Христовото Рождество. Богомладенецот повторно дојде во нашите животи и покрај сите потреси, сомнежи и стравови, кои ние и светот ги доживуваме. Бог доаѓа на земјата, „за секој кој верува во Него да не погине, но да има живот вечен“ (Јован 3, 15-16).
На Божик, Беспочетниот, прими почеток како човек; бестелесниот станува телесен; Логосот, Синот Божји – ја прими нашата човечка природа, која неразделно, неслиено и неизменливо, се соединува со Божјата природа.
Преку воплотувањето на Словото, се случува обожување на човекот. „Синот Божји стана Син Човечки, за синовите човечки да ги направи синови Божји”, – вели Св. Иринеј Лионски.
Од Христовото воплотување, според зборовите на Свети Ефрем Сириски, произлегува размена, помеѓу Бога и човекот: Бог од нас прима човечка природа, а нам ни ја дарува Својата Божественост. Ете, во Него се соединети Божјото и човечкото, кои меѓусебно општат, преку Личноста на Синот Божји. Небото и земјата се соединија, Бог и човекот се измирија.
Бидејќи Христос е неизменлив, за да ја сокрие Својата Божественост, врз Себе ја зеде нашата ограничена природа, и постана Човек, за нас да нѐ направи учесници во Својата вечна слава, или како што ни говори богомудриот Григориј Богослов, со Своето воплотување, да нѐ врати во онаа благосостојба, во која човекот се наоѓал пред своето паѓање во грев.
Христовото доаѓање во светот, се случило во тишина и тајна. Витлеем е слика на светот, кој не Го препозна својот Спасител.
Кога Христос се раѓа: „Евреите се соблазнуваат, Елините се потсмеваат, а на еретиците јазикот им занеме“, вели Св. Григориј Богослов.
„Христос, пак, кога повторно би дошол, повторнo би Го распнале“, вели Св. Јован Златоуст.
Светото Евангелие говори за два важни настани при Христовото Раѓање: за поклонувањето на пастирите и мудреците (на Христа). Пастирите, веста ја добиле од Ангелите, а мудреците во Витлеем ги довела ѕвездата. Станува збор за два вида на богопознание. Првиот е претставен преку детската жива вера на простите луѓе, а вториот е верата на мудреците, кои преку видливиот свет и Светите Книги Го спознале Бога. Тие тројцата се претставници на човечкиот род, едниот е Персијанец, вториот Арап, а третиот Етиопјанин, претставници на Ноевите синови: Сим, Хам и Јафет, односно трите човечки раси. Па така, Христос не е Спасител само на Израилот, туку и на целото човештво.
Мили наши во Христа Богомладенецот и Спасителот!
Христос се родил во пештера, во Витлеем!
Таа пештера не е убав трем, а не е ниту амбар или житница, такво нешто може да биде само сон на фантазерите и играчка за малите дечиња, но не и пештера во која се родил Христос.
Вистинската пештера, била дом на животните, древна бедна пештера во сиромашните земји, и не била градба со столбови и капители, налик на раскошен амбар наменет за децата на бадниковата вечер. Таа пештера била мрачна и валкана со реа од животните, а единствено што било чисто во неа, биле јаслите во кои се ставало сеното и зрнестата храна за животните. Токму во таква пештера и во такви јасли, Христос се родил. Он за прва лулка ги имал јаслите, а Христос не случајно се родил во пештера! Па зарем денес, светот не е една голема пештера, во која луѓето се прејадуваат и преживуваат?!
Кога на земјата се случува нешто необично и ново, тогаш сите се прашуваат што значи тоа? Зошто Синот Божји слезе на земјата? Што донесе Он со Себе и како ние можеме да се сретнеме со Него?
Бог слезе на земјата и стана човек, за нас земните – да нè направи небесни, од грешни – да нè направи свети, од распадливи – нераспадливи, од смртни -бесмртни, од робови на гревот и ѓаволот – да нè направи слободни чеда Божји.
„Со воплотувањето на Месијата Христос, на светот му се дарувани, вселенска радост и мир“, вели Свети Григориј Палама. Христос и носи мир на немирната душа, која е разболена од гревот. Христос е Единствениот Кој на човечкото срце може да му дарува мир и спокој, па затоа Он вели: „Мир ви оставам; мирот Свој ви го давам“ (Јован 14, 27). Никој не може да има мир, ако во себе Го нема Христа и не живее според Неговите Заповеди. Беспокојството на земјата, се случува заради отсуството на Христа во нашите души и срца. Христос доаѓа во светот, за да направи таинствена средба меѓу Него и луѓето.
Возљубени чеда во Новородениот Спасител!
Христос се раѓа во оној, кој денес ќе го сретне својот ближен, па поттикнат од љубов, ќе му посака секакво добро!
Христос се раѓа во оној, кој денес ќе го подигне паднатиот, ќе му подаде рака на стариот и немоќниот, ќе му пружи утеха и лек на болниот!
Христос се раѓа во оној, кој на жедниот за знаење ќе му ја соопшти Вистината, на болниот, Животот, а на заталканиот ќе му го покаже Патот (Христа Спасителот).
Христос се раѓа во оној, кој поколебаниот ќе го охрабри и со осамениот збор-два ќе размени!
Христос се раѓа во оној, кој ја гледа добрината во децата, полетот во младите и грижата на родителите и старите.
Христос се раѓа во оној, кој денес скараните ќе ги измири, навредените и натажените ќе ги утеши, а на невоздржаните и исполнетите со омраза, ќе им прости.
Христос се раѓа во секој од нас, кој работи и мисли на должностите, на задачите, на работата, на обврските; кој сето ова го чувствува како повик од Бога, а притоа заборава на својата користољубивост, заработка и интерес.
Возљубени чеда на нашата Света Црква!
Празнувањето на Божик, започнува со собирање на родителите и децата околу домашното огниште. Семејството се исполнува со вера, надеж и љубов во Бога, очекувајќи Го Христа да се роди во нас. Кога говориме за семејството, должни сме да го разбереме како домашна, мала црква или Господов дом. Семејството е, исто така, иднината на државата и нацијата, а тоа е всушност животот на Црквата. Најубавите милозвучни доживувања во еден дом, не се песните и телевизиските серии, туку детската смеа, џагорот, па и плачот. Џагорот во училишните дворишта, сведочи дека тоа место не е пусто. Секаде во храмовите, детскиот глас, детските весели и искрени лица и нивните незлобливи погледи, претставуваат најубаво духовно огледало на еден народ.
Попусто ѕидаме кули и градови, подигнуваме згради, училишта и градинки, ако природниот наталитет на населението, е недоволен да го зголеми прирастот на еден народ. Според денешната состојба на нашиот наталитет, сите овие градби за брзо време ќе зјаат празни и напуштени. Залудни ќе бидат и нашите велелепни и вековни Божји храмови, ако во нив нема кој да Го слави и велича Бога Троичниот.
Црквата наша, заедно со државата и институциите во неа, должна е да најде начин за зголемување на наталитетот меѓу Македонците, зашто токму кај Македонците е најзагрозен наталитетот т.е. раѓањето деца. Решавањето на овој акутен проблем во Македонија, не смее да трпи одлагање, зашто денешната негрижа околу наталитетот и воспитувањето на нашите деца, утре уште повеќе ќе ни се одмазди, а нашето проретчено потомство, неспорно, нема да нѐ благословува ни нас, ниту, пак, нашата држава, ако не го продолжиме природниот прираст на децата. Ние, пак, како свештенослужители, јавно од секој црковен амвон и при секоја прилика, треба да ги повикуваме македонските мајки да останат доследни на аманетот на нашите претци, светата должност, раѓање и воспитување на деца; а не на убивање преку абортуси и спречување на бременоста со контрацептивни средства. Тоа не смеат да го дозволат македонците и македонките, заради егоистични побуди и комфорен живот, да станат гробари на нашата Црква и нација.
Нашата држава, пак, по примерот на многу земји и држави, кои создаваат здрави физички, интелектуални и духовни семејства, треба да формира министерство за семејство, кое ќе се грижи за иднината на нашата нација, држава и Црква.
Возљубени наши мили духовни чеда во Господа!
Сведувањето на бракот само на сетилни задоволства, на задоволување на телесните страсти, во денешно време, претставува демонстрација на потполно неразбирање на Светата Тајна Брак. Тоа всушност говори за непознавање на суштината и тајната на бракот, на својата свест, совест и вера. Тоа е доказ до кој степен современиот човек, во модерниот брак, се обезличил и обезбожил. Можеби причината за ваквата состојба се крие и во тоа што многу млади брачни другари, сопружници, влегуваат во брак сосема неподготвени, убедени дека во бракот ќе најдат само уживање и задоволство, а забораваат дека во бракот има обврски и должности. Денешниот „современ“ брак, навистина ја доживува и преживува најтешката историска криза. Нашата држава е должна, на брачните другари, кои треба да го подигаат наталитетот, да им обезбеди задолжителни добри и соодветни услови, и во периодот на бременоста на мајката, но и во текот на подигнувањето на децата до полнолетството. Државата, покрај тоа, треба да обезбеди и соодветен детски додаток а особено, тој детски додаток да биде зголемен за многудетните семејства. Сите ние, добро знаеме дека пропаѓањето и исчезнувањето на еден народ, како што за жал е случајов со нашиот Македонски народ, започнува со пропаѓањето и уништувањето на семејството, кое е основна ќелија на заедницата.
Празникољупци во Богомладенецот Христа Спасителот!
Факт е дека христијанското семејство претставува едно мирно катче, во кое цути взаемното разбирање, набожноста и љубовта, зашто во таквото семејство љубовта сѐ извинува, во сѐ верува, на сѐ се надева и сѐ претрпува (1. Кор. 13, 7). Не може да се истакне поголема духовна убавина од онаа, која постојано зрачи од христијанското семејство. Тоа не е обичен збир на луѓе за семеен живот, туку православното семејство е домашна црква, Господов дом или мала црква, во која брачните другари ја постигнуваат својата полнота во Бога. Мажот како што вели Светото Писмо, е должен да ја љуби својата жена, како Христос што ја засака Црквата и Самиот Себеси се предаде за Неа, за да ја направи света и непорочна, а жената да се покорува на својот маж, кој е глава на жената и семејството. Од таа љубов брачните другари, како Божји соработници, должни се да создадат многудетно семејство, кое ќе се воспитува со постојано присуство и активно учество на светите богослужби и особено на литургиите, секоја недела и на големите празници.
Православното семејство е најприродно и најголемо училиште за воспитување во вистински христијански живот, во единство со Бога.
Токму заради тоа, честитајќи Ви го денес Божик, Ве потсетуваме и искрено замолуваме, да не дозволувате да згасне свештениот оган на верата во семејните огништа. Ако родителите-христијани, не го предаваат тој свештен оган од род во род, од колено на колено, тогаш ќе престане светлиот православен дух и ќе пресуши живоносниот и спасителен извор на христијанската љубов.
Поздравувајќи Ве со торжествениот поздрав Христос се роди, Ве потсетуваме дека ние, од Бога сме создадени од Неговата љубов, и затоа сме должни и Него и ближниот да ги љубиме. Исполнети само со таква небоземна љубов, ќе можеме најдостоинствено да Го прославиме Божик, Христовото Раѓање и во нашите срца да ја доживееме Тајната на набожноста, воскликнувајќи на сиот глас:
На 06.01.2022 во 10.40 часот во СВР Битола било пpиjaвено дека на ул.„Љубојно“ во Битола, од А.Ч.(26) од с.Црнобуки, битолско, yправувajќи товарно моторно возило „мерцедес“ со гостиварски регистарски ознаки, изгyбил контpoла и yдрил во куќа.
Во нecpeќата возачот се здобил со тешки телecни повpeди конcтатиpaни во Клиничката болница во Битола.
Извршен бил yвид на местото на настанот од yвидна екипа од СВР Битола – информираат од МВР.