дома блог страница 170

Александра Ангелеска-Петреска e нов советник во Советот на општина Прилеп

Иако на листата на советници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, следен кој требаше да седне во столчињата во Советот на општина Прилеп беше Мејди Седикоски, Советот денеска го верификуваше мандатот на Александра Ангелеска-Петреска.

Промената во редот на советниците во мнозинството настана откако Билјана Петкоска беше избрана за директор во детски градинки “Наша Иднина”.

Петкоска беше четврта на листата на ВМРО-ДПМНЕ, а владеачката партија и коалицијата во Советот освоија 17 советнички места на минатогодишните локални избори. Осумнаесетти на листата беше Мејди Садикоски, но тој се откажа од советничкиот мандат, па затоа беше верификуван мандатот на Ангелеска Петреска.

Новата советничка е професор по Македонски јазик во СОУ “Орде Чопела”.

Маркукуле дознава: По оставката на Абрашоски, именуван нов директор во ЈКП Комуналец Прилеп

По оставката на Рубин Абрашоски од функцијата директор во ЈКП Комуналец Прилеп, нов именуван на оваа функција е Љубиша Јованоски, дознава МАРКУКУЛЕ.

Јованоски е дипломиран економист по професија, роден 1983 година, а пред него ќе биде тешка задача да го реорганизира работењето на ова јавно претпријатие, кое во изминатите години се соочуваше со финансиски проблеми, доцнење на платите и незадоволство на вработените и од граѓаните.

Јованоски ќе треба да го врати и приматот за најчист град, кој Прилеп го имаше во минатото и важеше за пример во целата држава.

Момироски: “Советниците за саат молчење земаат 150 евра, ваква сатнина нема ни во најбогатите земји”

Фото/илустрација

Во најновата петочна колумна за минатонеделните случувања во Прилеп, новинарот Зоран Момироски се осврна и на работата на Советот на општината, каде според него само 3-4ца совеници си го заслужуваат месечниот хонорар, а сите останати служат како гласачка машинерија.

Делот од колумната во целост го пренесуваме во продолжение:

Ако се следат седниците на Советот на Општина Прилеп веднаш ќе се забележи дека секоја следна според дебатата што се води се добива се добива впечаток дека тие од НАРОДНИ СТАНУВААТ ЗАБАВНИ. Главни во ,,преставата,, се советникот Стеваноски и претседавачот на советот Билјана Кржеска. Која што поради функцијата, што поради краткото и не доволното искуство оти е доктор – гинеколог, е принудена да става ред во работата на Советот, но и да се справува со економско-правни забелешки наметнати пред се преку прашања дилеми, дискусии, па и реплики на репликите од страна на адвокатот Стеваноски. Но ги има и од другите опозициони советници и тоа економисти, правници…

Во овие жестоки, а понекогаш и непријатни прашања и забелешки се и другите од советничката група на Левица, а од СДСМ, Александар Китаноски со долго советничко искуство, повремено Драгица Николоска и толку. Сите други главно молчат. Па дури и кога јавно и непримерно од говорница ќе бидат наречени ПОСЛУШНИЦИ – ПОЛТРОНИ.

Ги нема советниците од мнозиството, ако не повеќе, барем да и дадат поддршка на Кржеска. Недостига дебата која би покренала суштинска расправи или проблем во интерес на граѓаните, но и за градот. Не знам дали е тоа партиска стратегија, лична потреба и убедување, или недовлно знаење и владеење на проблематиката. Незнам дали и со каква голема жестина се дебатира при разгледувањето на материјалите во комисиите.

Но, знам и општ впечаток е дека од досегашните неколку седници покрај споменатите другите молчат, а за молчење и кревање два прста сатнината им е 150 евра. Сето, тоа под услов ако Советот одржува седница еднаш месечо и притоа во просек таа да трае околу три часа. Ама исто така знам дека ваква сатнина, рака на срце нема ни во најбогатите земји во светот.

Целата колумна на Момироски прочитајте ја ТУКА

„Љубов и вино“ поетско музичката манифестација во “Цепенков”

На 13.02.2026 (петок) со почеток во 18:00 часот во Ликовниот салон при НУЦК „Марко Цепенков“ Прилеп по четврт пат ќе се одржи поетско музичката манифестација „Љубов и вино“.

Вечерта ќе биде посветена на љубовта и виното. Ќе се дума за љубовта, за првите бакнежи… за виното и ќе се празнува 14-ти февраури, св. Трифун и св. Валентајн – Денот на вљубените.

На манифестацијата можат да учествуваат сите прилепски поети, писатели кои можат да се пријавуваат до 10 февруари на емаил адресата [email protected]. Гостин на овој настан ќе биде и КУД „Преродба 2024“.

Оваа поетско музичката манифестација ја реализираат Центарот за култура „Марко Цепенков“ и Клубот на литературни творци – Прилеп.

MВР не се откажува од воведување ред: Фатени нови 11 возачи кои возеле без возачка и со забрана за управување возило

Извадоци од полицискиот билтен на МВР:

На 05.02.2026 во 16:00 часот на ул.„Таше Милошевски” во Ресен, полициски службеници од ОВР Ресен го лишиле од слобода Д.К.(27) од с.Јанковец, ресенско. При контрола во сообраќајот, полициските службеници сопреле патничко возило „рено” со ресенски регистарски ознаки, управувано од Д.К., при што констатирале дека го управувал возилото без да се стекне со право за управување, односно без важечка возачка дозвола. Возилото било одземено.

На 05.02.2026 во 12:00 часот на регионалниот пат Прилеп-Македонски Брод, кај с.Ропотово, прилепско, полициски службеници од Полициското одделение Ропотово го лишиле од слобода И.Н.(28) од с.Гостиражни, општина Долнени. При контрола во сообраќајот, полициските службеници сопреле патничко возило „фолксваген голф” со прилепски регистарски ознаки, управувано од И.Н., при што констатираче дека го управувал возилото пред да се стекне со право за управување, односно без возачка дозвола. Возилото било одземено.

На 05.02.2026 во 19:30 часот на патот Ресен-с.Евла, ресенско, полициски службеници од ОВР Ресен лишиле од слобода 15- годишник од Штип. При контрола во сообраќајот, полициските службеници сопреле патничко возило „мазда” со ресенски регистарски ознаки, управувано од малолетникот, при што констатирале дека го управувал возилото без да се стекне со право за управување, односно без возачка дозвола. Возилото било одземено.

На 05.02.2026 во 16:45 часот на магистѕралниот пат Гостивар-Стража, полициски службеници од ОВР Гостивар го лишиле од слобода Ф.А.(24) од с.Чегране, гостиварско. При контрола во сообраќајот, полициски службеници запреле патничко возило „ауди“ со гостиварски регистарски ознаки, управувано од Ф.А и по извршени проверки е констатирано дека го управувал возилото без положен возачки испит. Возилото било одземено.

На 05.02.2026 во 14:30 часот на кеј „Димитар Влахов“ во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода Б.С.(23). При контрола во сообраќајот, полициски службеници запреле патничко возило „фолксваген поло“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Б.С. и по извршени проверки било констатирано дека го управувал возилото без да поседува важечка возачка дозвола, односно без положен возачки испит.

На 05.02.2026 во 16:25 часот на регионален пат кај крстосница за село Ѓавато, гевгелиско, полициски службеници од СВР Струмица сопреле патничко возило „форд фокус“ со гевгелиски регистарски ознаки, управувано од А.З.(19) од Богданци. Притоа, било констатирано дека го управувал возилото без да поседува важечка возачка дозвола. По добиени насоки на јавен обвинител, возилото и возачките документи биле одземени.

На 05.02.2026 во 14:50 часот на локалниот пат с.Пиперево – с.Василево, полициски службеници од СВР Струмица сопреле патничко возило „фолксваген голф“ со струмички регистарски ознаки, управувано од 17-годишник од с.Пиперово, општина Василево. Притоа, било констатирано дека го управувал возилото без да поседува важечка возачка дозвола. По добиени насоки на јавен обвинител, возилото и возачките документи се одземени.

На 05.02.2026 во 19:00 часот на ул.„Цветан Димов“ во Струмица, полициски службеници од СВР Струмица сопреле товарно возило „мерцедес“ со струмички регистарски ознаки, управувано од К.П.(33) од с.Баница, струмичко. Притоа, било констатирано дека го управувал возилото без да поседува важечка возачка дозвола. По добиени насоки на јавен обвинител, возилото и возачките документи се одземени.

На 05.02.2026 во 10:15 часот на улица „Западен булевар“ во Кавадарци, полициски службеници од ОВР Кавадарци го лишиле од слобода Ш.Ј.(42) од Кавадарци. При контрола во сообраќајот било сопрено патничко возило „опел“ со кавадаречки регистарски ознаки, кое го управувал Ш.Ј., при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Тој бил приведен во полициска станица, а возилото било привремено одземено.

На 05.02.2026 во 13:45 часот на улица „Народен Фронт“ во Кавадарци, полициски службеници од ОВР Кавадарци го лишиле од слобода Ј.В.(32) од Кавадарци. При контрола во сообраќајот било сопрено патничко возило „опел“ со охридски регистарски ознаки, кое го управувал Ј.В., при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Тој бил приведен во полициска станица, а возилото било привремено одземено.

На 05.02.2026 околу 09:25 часот на регионален пат во с.Драслајца, струшко, полициски службеници од ОВР Струга сопреле патничко возило „фолксваген голф“ со струшки регистарски ознаки, управувано од Д.С.(32) од с.Корошишта, струшко. Притоа, било констатирано дека го управувал возилото со активна забрана за управување со моторно возило од Б категорија. По добиени насоки на јавен обвинител, возилото и возачките документи се одземени.

По целосно документирање на настаните, против лицата ќе бидат поднесени соодветни пријави.

ИГРАЈ ОДГОВОРНО: АКТИВНО СЕ РАБОТИ НА НОВО СОВЕТУВАЛИШТЕ ВО РАДОВИШ

Видеолотарија Касинос Австрија, како општествено одговорна компанија, континуирано работи на едукација и информирање на играчите за ризиците што може да произлезат од прекумерното учество во игрите на среќа. Нашата цел е јакнење на јавната свест и промовирање одговорно однесување, со јасна порака дека играта треба да остане исклучиво форма на забава.

Преку низа активности за информирање, поддршка и превенција, компанијата воспоставува високи стандарди за одговорно приредување игри на среќа, со особен фокус на намалување на ризикот кај сите играчи, а особено кај ранливите категории.

Под слоганот „Играј одговорно“, во 2019 година беше формиран СОС тимот – прв од ваков вид во земјава. Истата година започна со работа и СОС линијата за поддршка, која нуди телефонско советување на бројот 072 809 809, како и електронска поддршка преку е-пошта. Зад оваа услуга стои тим од стручни психолози и советници, подготвени да понудат помош, насока и доверлив разговор.

Како дел од оваа мрежа за поддршка, Видеолотарија Касинос Австрија отвори и советувалишта во Скопје, Куманово и Прилеп, а во тек се активности за отворање ново советувалиште во Радовиш, со цел услугите да бидат уште подостапни за граѓаните.

Како членка на Европската и Светската асоцијација на лотарии, Видеолотарија Касинос Австрија поседува и сертификат за одговорно приредување игри на среќа, што дополнително ја потврдува нашата посветеност и сериозен пристап кон општествената одговорност.

Јубилејното 60. МТФ „Војдан Чернодрински“ од 5 до 12 јуни во Прилеп

Јубилејното 60. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ –Прилеп оваа година ќе се одржи од 5 до 12 јуни во Прилеп. Ова беше одлучено на Собранието на фестивалот, што се одржа минатата недела.

Во тек се подготовките на фестивалот и тимот активно работи фестивалот да има достоен јубилеј, креативна програма и да се комплетира идејата за Прилеп како град театар, вели Ана Стојаноска, уметнички директор на фестивалот.

-Авторот во фокус – Дејан Дуковски ќе биде наш гостин и заеднички ќе придонесеме за поголема афирмација на македонската драма. Освен постојаните активности на фестивалот, снимаме документарен филм кој треба да ја отслика историјата на фестивалот, но и да ни помогне во понатамошното креирање на современиот македонски театар. За мене, овој јубилеј е можност да се направи своевидна ретроспектива на претходниците, исклучителните театарски уметници кои го создале фестивалов и го одржувале со години, како и да се создаде мост кон иднината, која треба да ја донесат нашите наследници-рече Стојаноска и додаде дека фокусот на фестивалот е да ја презентира современата театарска продукција во насока на создавање нова естетика.

Мотото на јубилејното издание е „Храбриот нов театар“, според насловот на денес култниот роман на Хаксли – „Храбриот нов свет“ (1932) е инспириран од репликата на Миранда во Шекспировата „Бура“: „О, чудо! Колку прекрасни суштества! / Ах, колку прекрасни биле луѓето! / И колку си среќен со нив, во Новиот Свет!

Во образложението за програмата на Стојаноска, меѓу другото стои:

Играта со зборови во која театарот е светот, поточно светот е театар, е само природен резултат на она што нашиот фестивал го гради со години. Кога сеслави голем јубилеј како што се шеесет години на најстариот и најзначаен театарски фестивал во Македонија, треба да се биде храбар и да се бара нешто ново, нешто што е потреба по еден, ајде да го наречеме, период на барање на својата естетика. Слично како во светот на Хаксли, нашиот театар е диктиран од одредена политичка констелација. Театарот сам по себе треба да е став, гласен, надвор од секоја кутија, од секоја комфор-зона. Затоа и мотото е тоа: Храбриот нов театар! Или Надвор од кутијата! Или ако одиме уште поактивно – Театар без молк – свет без рамнодушност! Како сериозен театарски фестивал, не смееме да дозволиме општата рамнодушност да му го заземе местото на театарот без желба да менува или да провоцира. Логично е по претходните фестивалски изданија, водени од мотивите „Враќање дома“, „Промени се, промени сè“ и „Смеј се и осмели се“, да ја бараме главната нишка на театарската и уметничка дејност преку храброста врз основа на антиутопистичката идеја.

Фокусот на јубилејното издание е еден своевиден мост меѓу почитта кон минатото и отворањето на можностите на иднината. Мост меѓу традицијата што ја наследуваме и иднината што ја креираме. Шеесетгодишниот јубилеј е точката во која се спојуваат минатото и иднината, традиционалната театарска приказна и новата виртуелна реалност, со надеж дека кога ќе излеземе од комфор-зоната, ќе можеме да се охрабриме да го креираме нашиот нов свет/театар. Храбриот нов театар е нашиот крик против поларизацијата, против рамнодушноста и против некреативноста!

За време на фестивалот ќе се одржат промоции, дискусии, тркалезни маси после секоја претстава, а исто така, ќе се реализира програмата „Драмолетање“ 2.0. Посебен ден ќе биде издвоен за творештвото на Авторот во фокус.

За дизајнот на плакатот се погрижи Ема Велкова.

Покровител на фестивалот ќе биде претседателката Гордана Сиљановска Давкова. Фестивалот и годинава ќе се реализира со поддршка на Министерството за култура и Град Прилеп.

“Се извинувам, што се понашав така безобразно за власта” – Уште еден од Ромите од битолски Баир се извини (ВИДЕО)

Уште еден од демонстрантите кои се закануваа, за што премиерот Христијан Мицкоски најави „жесток одговор”, се извини јавно. Станува збор Феим Мемишовски, еден од Ромите кои протестираа кај битолската населба Баир поради одземените возила на граѓани кои возеле без возачка дозвола.

Видеото со извинувањето е снимено во домашна атмосфера, а тој вели дека направил грешка и дека тоа нема да се повтори.

„Се извинувам до Владата, до претседателот, до премиерот. Пред два дена дојде син ми и ми кажа „татко, ми ја земаа колата, полицијата“. Јас од возбуда, кога ми кажа, кој и да е ова ќе го направи, ама згрешив многу, се извинувам, што се понашав така безобразно за власта и за премиерот. Се извинувам многу, грешев, и повеќе нема да ми се случи ова“, вели тој.

Независниот синдикат на полицијата (НСП) во текот на вчерашниот ден официјално поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Битола против две лица, Р.M. и Ф.М., поради упатени сериозни закани по животот на полициски службеници.

НСП во својот допис до Обвинителството предлага лицата веднаш да бидат повикани како осомничени и за нив да се побара притвор за да не го повторат делото или да го извршат тешкото кривично дело кое го најавуваат.

Мицкоски: На маса со синдидатите е покачување на платите на административците за 40%

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски во интервју во Дневникот на МРТ, ја оцени денешната средба со УПОЗ како конструктивна, потенцирајќи дека ги презентирале пред претставниците на синдикатот условите и правилата за покачување на платата на административците за 40 проценти, додавајќи дека сега очекува одговор од нивна страна дали го прифаќаат предлогот од страна на Владата.

-Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред. Тие исто како и претставниците од КСС рекоа да се консултираат со раководството во рамките на својата синдикална гранкова единица и потоа во текот на утрешниот ден ќе не информираат. И доколку е се во ред, тогаш во недела би требало конечно да се согласиме, и од понеделник да почне изготвувањето на т.н. темплејт односно примерок како би изгледал тој индивидуален синдикален договор и понатаму нормално тој во различни работни единици ќе се усвојува и врз основа на тоа ќе започне исплатата на платите во април, за мартовска плата оваа година, која би опфатил 8 процентно зголемување на збирот од сегашната плата зголемена за минималната плата што треба да се нивелира. Истото ова би се реплицирало во 2027 година и во 2028 година. Што значи дека за отприлика за 2 години и 2, 3 месеци од сега, административните службеници, тие кои што не добиле, како што добија некои од нив во минатото, ќе имаат минимално 40 проценти поголема плата, споредено со денешното ниво, посочи Мицкоски.

Битолскиот театар со „Црно семе“ ќе гостува во МНТ во Скопје

Народниот театар Битола со претставата „Црно семе“ ќе гостува на сцената на Македонскиот народен театар, на 20 февруари, во 20 часот. Станува збор за сценска адаптација на истоимениот антологиски роман на Ташко Георгиевски, во режија на Андреј Цветановски.

„Црно семе“ е моќна и емотивна сценска приказна, која отвора едно од најболните поглавја од македонската колективна меморија — судбината и голготата на Македонците од Егејска Македонија по Втората светска војна.

Преку личните судбини на ликовите, се отвораат теми за страдањето, истрајноста, идентитетот и достоинството, како и потребата приказните за минатото да останат живи и пренесени на новите генерации.

Драматизацијата е на Јелена Цветановска, сценографијата на Сергеј Светозарев, костимографијата на Благој Мицевски, сценските движења ги потпишува Дамјан Цветановски, а музиката е на Димитар Андоновски.

Во претставата настапуваат: Мартин Мирчевски, Огнен Дранговски, Васко Мавровски, Никола Стефанов, Петар Спировски, Никола Пројчевски, Хари Михајловски, Александар Стефановски, Петар Горко, Борче Ѓаковски, Живко Борисовски, Марија Цветановска, Александар Димитровски, Александар Копања, Давид Балтовски, Филип Стефановски, Виктор Крстевски и Александар Ѓоргиовски.

„Ако ние не ги раскажуваме нашитеприказни, никој друг нема. Затоа мора да се сеќаваме на имињата и судбините на нашите луѓе“, истакнува режисерот Андреј Цветановски, нагласувајќи ја улогата на театарот како чувар на историската и човековата вистина.

Билетите за изведбата се веќе пуштениво продажба и се достапни онлајн, како и на билетарницата во Македонскиот народен театар.