дома блог страница 171

Ченто поднесе кривична против Рускоска: Шокантни тврдења за случајот „27 април“

Стоиме пред вас како луѓе кои 8 години се соочуваат со системска неправда, истакна Јане Ченто кој поднесе кривична пријава против поранешниот јавен обвинител Вилма Рускоска за попречување на правдата и злоупотреба на службената положба и овластување.

-Доставивме докази до Јавното обвинителство поврзани со случајот 27-ми април кој сериозно го доведуваат во прашање начинот на кој беше водена истрагата и текот на судскиот процес. Доказите укажуваат на комуникација меѓу висок функционер и еден од клучните сведоци во таа постапка, меѓу брат на еден висок функционер и сведок, на можни договори со обвинителот, како и насочување за сведочењето кое го даде сведокот во таа постапка. Сведокот со изјава заверена на нотар изјавува дека неговиот претходен исказ даден во постапката бил невистинит и дека на истиот му било ветено дека ќе му се помогне во други кривични постапки доколку даде таков исказ, рече Ченто.

Посочи дека дополнително, постои и вештачење од овластен судски вештак на мобилни телефони, кое ја поткрепува изјавата на сведокот заверена кај нотар.

Ченто го повика ЈО темелно да ја разгледа кривичната пријава и доставените докази.

Според Ченто, ова не е обичен случај, туку, како што вели, станува збор за основано сомневање дека биле користени незаконити докази, дека се вршел притисок врз сведоци и дека е донесена пресуда врз основа на монтирана постапка.

-Ова денес не е политичка изјава, туку чекор заснован на документи и сериозни сомнежи за сторени кривични дела. Сите докази со кои располагаме се доставени до Јавното обвинителство и очекуваме тие да постапат професионално и без одлагање – рече тој.

Од Јавното обвинителство велат дека пријавата ќе биде примена и ќе се проверат наводите.

-Како и секоја пријава ќе биде примена и ќе се проверат наводите – велат оттаму.

Апелациониот суд минатата недела донесе одлука со која не го прифати барањето за повторно судење на осудените за насилството при упадот во Собранието на 27 април 2017 година.

-Жалбата е неоснована. Судот го ценеше жалбениот наод за сторена суштествена повреда на одредбите на кривичната постапка од член 415 ст.1 т.11 од ЗКП, меѓутоа истиот не го прифати како основан, со оглед да образложеното решение не содржи такви недсостатоци поради кои што не би можело да биде испитано во однос на неговата правилност и законитост, изреката на решението е јасна и разбирлива, а во образложението се содржани доволно причини за решителните факти и заземени правни ставови на судот, се вели во одлуката на Апелација, која е потврда на решението на Кривичниот суд од декември.

Јане Ченто заедно со уште 15 други лица во 2019 година беше правосилно осуден на 13 годишна затворска казна под обвинение за „терористичко загрозување на уставниот поредок“ а во предметот „27 април“ поврзан со упадот во Собранието. Предметот го судеше судијката Добрила Кацарска, сега судијка во Уставниот суд.

Дел од обвинетите во случајот добија амнестија со законот кој беше донесен во Собранието кон крајот на 2018.

Николоски: “Ќе го вратиме карго сообраќајот во Прилеп кој не функционира со години”

Работиме на оперативниот план на ревитализација на железницата и враќање на карго превозот за што се заинтересирани прилепските големи компании. Планот треба да го реализираме за 6 до 12 месеци, трошоците на компаниите двојно ќе се намалат, а ние ќе ги зачуваме патиштата и живтната средина, изјави Александар Николоски, вицепремиер и минстер за транспорт при денешната посета на Прилеп.

-Сериозно работиме на ревитализација на железницата. Денеска се сретнав со најголемите компании од Прилеп и разговаравме повторно да се врати карго сообраќајот во Прилеп што ќе значи многу поевтин транспорт за компаниите и ќе значи повеќе работни места. Направивме оперативен план кој треба да го реализираме во период од 6 до 12 месеци и целосно да ја заживееме железницата. Ќе помогне за екологијата, но и да се заштитат големите инфраструктурни објекти, автопатиштата, изјави Николоски.

Министерот за транспорт направи увид на работите на уредувањето на патеките на кејот “1-ви Мај” во Прилеп, еден од трите проекти што ги финансира Министерството за транспорт. Уредувањето на кејот со патеки, урбана опрема е при крај и е во должина од 700 метри, а во вредност од 7 милиони денари.

Цената на дизелот паѓа од полноќ

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,40% во однос на одлуката од 20.4.2026 година.

Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 4,268%, кај дизелот има намалување за 3,760%, кај екстра лесното масло намалувањето е за 1,528% и кај мазутот има зголемување за 1,117%.

Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,0452%.

Од 28.4.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 82,50 (денари/литар)

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 84,50 (денари/литар)

Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 91,50 (денари/литар)

Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 96,00 (денари/литар)

Мазут М-1 НС 46,656 (денари/килограм)

Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 2,50 ден/лит.

Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 2,00 ден/лит.

Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалува за 1,00 ден/лит.

Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,368 ден/кг и сега ќе изнесува 46,656 ден/кг.

-Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 28.4.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени, велат од Регулаторна.

ЖАЛНА ВЕСТ: Крушево загуби голем борец и млад човек кој беше пример во градот

Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Крушево со длабока тага ја извести јавноста за прераната смрт на Никола Зисов, поранешен претседател на локалниот комитет и истакнат член на партијата. На само 32-годишна возраст, Зисов го изгуби животот во сообраќајна несреќа, оставајќи зад себе голема празнина меѓу своите сопартијци, соработници и сограѓани. Неговите пријатели и колеги се збогуваат со него опишувајќи го како човек кој со чисто срце ѝ служел на татковината и секогаш бил присутен меѓу народот.

​„Никола беше повеќе од соработник, беше вистински пријател на кој секогаш можеше да се потпреш“, стои во емотивното соопштение на ОК ВМРО-ДПМНЕ Крушево.

Партијата нагласува дека неговата посветеност, енергија и чесност ќе останат трајно врежани во колективната меморија на крушевчани.

Веста за неговото заминување предизвика бран на сочувство на социјалните мрежи, каде пријателите се збогуваат од младиот Никола, посакувајќи му вечен мир и изразувајќи длабока поддршка до неговото семејство во овие најтешки моменти.

Никола Зисов зад себе остави сопруга и 10-годишно дете.

Николоски: Со општина Прилеп работиме на изградба на обиколница, реализираме големи инфраструктурни проекти

Општина Прилеп работи на проектирање на обиколница на градот, откако ќе ја испроектира Владата ќе преземе одговорност да ја финансира и да ја изгради. Во меѓувреме во Прилеп работиме и на голем број инфраструктурни проекти, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска од Прилеп.

Тој заедно со градоначалникот извршија увид во реконструкција на улицата „Кеј 1-ви Мај”, проект кој се работи преку Министерството за транспорт.

Вицепремиерот најави силна подршка од Владата за Прилеп и нови проекти за развој на градот.

-Овој проект за реконструкција на улицата Кеј 1 -ви Мај е подржан од Министерството за транспорт во соработка со Светска банка. Ќе работиме уште два проекти во следниот период, еден е улицата 11 Октомври, вториот е генерално забавување на сообраќајот имајќи превид дека безбедноста е пред се. Се работат големи инфраструктурни проекти, дел се реализираат, дел се во постапка на тендерирање, одиме со силна подршка на општината Прилеп. Сакам да изразам голема подршка на градоначалникот, на Советот, на претседателката на Советот за она што го работи општината и интензивно ќе продолжиме со подршката со цел да се завршат сите инфраструктурни проекти. Следниот период ќе видиме една градежна експанзија и што повеќе да завршиме и нови проекти. Најважна е обиколницата на градот за која општината веќе работи на проектирање, тоа е едно наше ветување. Кога ќе заврши проектирањето обврската ќе ја преземе Владата за да најде изведувач и финансии и да се заврши и тој голем проект. Завршивме со експресниот пат Градско-Дреново-Дреново-Фариш, ќе работиме од од Фариш до Прилеп, се работи на автопатот од Прилеп до Битола. Така да Прилеп е голем фокус, не заприраме како што гледате, многу време и енергија посветуваме за Прилеп и така ќе продолжиме во следниот период, истакна вицепремиерот Николоски.

Прилепчани продолжуваат со максимален ефект – Декласиран Радовиш во “Ричко”

Прилепчани славеа против последнопласираниот Радовиш со високи 40-26 во рамките на 6. коло од плеј-аут фазата, и се зацврстија на лидерското место на табелата, со максимален ефект.

Прилепчани имаа контрола на натпреварот во текот на сите 60 минути. На полувреме водеа со 19:11, а разликата постојано се зголемуваше во вториот дел.

Најрасположени во редовите на Прилеп беа: Денис Шабановиќ со 8 погодоци, а Александар Тренчевски и Ангел Крстески постигнаа по 5.

Во наредното коло прилепчани гостуваат кај Куманово.

Вечерва во “Цепенков” – Уникатен уметнички проект кој вреди да се проследи

Во организација на НУЦК „Марко Цепенков“, вечерва (27 април) со почеток во 19:30 часот, во фоајето на установата ќе се одржи концертот „Мевлем“ – уникатен уметнички проект кој ги спојува музиката и поезијата во една длабоко емотивна целина.

Зад проектот стои композиторот и поет Марко Виденовиќ, чие авторско творештво веќе предизвикува силен одек кај публиката, како во земјава така и надвор од неа. „Мевлем“ со секоја своја изведба ја потврдува својата автентичност, но и способноста да допре до најсуптилните човечки чувства, отворајќи простор за лично доживување и внатрешно препознавање.

На сцената ќе настапат музичарите Памела Велкова (виолина), Верица Ајтовска (виола), Енис Аљи (виолончело), како и самиот автор на пијано и глас. Нивната изведба носи внимателно изграден музички израз, каде секој тон и секој збор имаат своја тежина и значење.

Програмата вклучува композиции создадени специјално за „Мевлем“, како „Прегратки“, „Чекорејќи низ небото“, „Рингишпил“, „Лечебна“, „Вечност“, „Бескрајна песна“, „Мигови“, „Копнеж“ и „Убав човек“, но и дела како „Матанго“, „Ја излези“ и „Олд базаар“, напишани за трио виолина, виола и виолончело. Станува збор за иновативен пристап кон камерната музика и современата поезија, каде границите меѓу жанровите се избришани.

„Мевлем“ не е класичен концерт, туку уметничка исповед – интимен дијалог меѓу музиката и зборот, меѓу изведувачите и тишината, меѓу сцената и публиката. Инспириран од љубовта, болката, надежта и тишината, проектот нуди искуство кое останува длабоко врежано кај присутните.

Овој настан претставува ретка можност за прилепската публика да биде дел од едно поинакво уметничко доживување – искрено, тивко и силно во исто време, каде уметноста станува средство за поврзување, разбирање и лекување.

Од европско искуство до домашно здравство — д-р Афродита Аџиоска се приклучува на кардиолошкиот тим во прилепската болница

Д-р Афродита Аџиоска, специјалист по кардиологија со професионално искуство стекнато во Софија Р. Бугарија и 2.5г во Германија, од денес е дел од кардиолошкиот тим на интерно одд. на ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Прилеп.

Нејзиното искуство опфаќа дијагностика, следење и лекување на различни кардиолошки состојби, со што претставува значајно засилување за болницата и за унапредување на здравствената заштита на пациентите.

Образованието го завршила на Медицинскиот универзитет во Софија, а специјализацијата по кардиологија ја стекнала во Националната кардиолошка болница.

Со нејзиното доаѓање, таа е втор кадар што од европската унија се враќа и се приклучува на тимот на болницата, што претставува уште една потврда за ангажманот на раководството и владата на Република Македонија за јакнење на стручниот медицински персонал.

СРЕЌНИ ВЛТ ВЕСТИ: Д.К. ОСВОИ СУПЕР МИЛИОНЕР ВРЕДЕН 7.727.703 ДЕНАРИ

СУПЕР МИЛИОНЕР ЏЕКПОТОТ вреден фантастични 7.727.703 денари, освои играчот Д.К. од Берово.

Најпосакуваната ВЛТ добивка е освоена на видеолотариските терминали кај деловниот соработник „Спортлајф“, на 18.04.2026 година во Берово. Среќната игра е 20 Супер хот.

Тимот на Видеолотарија Касинос Австрија искрено му честита на добитникот.

Во периодот од 13.04.2026 до 19.04.2026 година, Видеолотарија Касинос Австрија исплати вкупно 13.786.444 денари кон играчите на ВЛТ терминалите низ Македонија, и тоа :

• 1 СУПЕР МИЛИОНЕР џекпот- 7.727.703 денари

• 3 МИЛИОНЕР џекпот добивки – вкупно 4.465.239 денари

• МИНИ џекпот добивки – 1.593.502 денари

Видеолотарија Касинос Австрија повеќе од една деценија успешно работи во согласност со сите законски регулативи и меѓународни стандарди. Мината 2025 година беше година на рекорди, еуфорија и многу среќни ВЛТ добитници! Видеолотарија Касинос Австрија им исплати на играчите на ВЛТ импресивни 814.512.912 денари, односно повеќе од 13 милиони евра за џекпот добивки.

Koнцерт на танцовото студио “Зодијак” за Меѓународниот ден на танцот во “Марко Цепенков”

Танц студиото ЗОДИЈАК при ЦК „Марко Цепенков“ со целовечерен концерт во големата сала на 29.04.2026 год./среда/ во 20 часот ќе го одбележи 27-от роденден од своето постоење, и ќе даде свој придонес во одбележувањето на интернационалниот ден на танцот 29 април.

– Со танцов перформанс на сите учесници од најразлична возраст ќе се претстав и студиото, а воедно ќе бидат прочитани и итернационалната порака за оваа година која ја напиша канадската кореографка Кристал Пајт, како и македонската порака напишана од првенецот балерина и истакнат солист при МНТ Зоица Пуровска Велевска. Режијата е на Кире Миладиноски. Како кореографи заеднички се потпишуваат Кире Миладиноски, Бисера Гаралоска и Марта Шаркоска – велат од „Зодијак“.

Играат: Софија Иваноска, Љубица Ангелеска, Лана Спиркоска, Милана Здравеска, Јована Ангелеска, Јана Чучуроска, Сара Камческа, Сара Иваноска, Исидора Митревска, Анисија Тренеска, Марија Стојаноски, Бисера Тренкоска, Неа Попоска, Марта Шаркоска и Бисера Гаралоска.

Дизајнот за промотивниот материјал и видео монтажата е на Петар Јошески, додека автор на промо видео спотот е од Љупчо Атанасоски.

Влезот е слободен, но заради протокол и безбедност на сите во салата ќе се сместуваат само лицата со влезници до ислопнување на капацитетот. Услугата е прв дојден прв услужен. Влезници ќе можат да се подигнат три часа пред почеток на настанот од билетарницата на ЦК „Марко Цепенков”.

Настанот кој што ќе биде празник за очи, е поддржан од Општина Прилеп.