дома блог страница 16

Битола и’ се оддолжи на македонската музичка легенда – Поставен споменик на Јонче Христовски

Долго најавуваниот споменик на бардот на македонската патриотска песна Јонче Христовски (1931-2000) конечно е поставен во неговиот роден град Битола, а свечено ќе биде откриен на Денот на ослободувањето на градот на конзулите 4 ноември.

Скулптурата е сместена на самиот влез во чаршијата, во непосредна близина на препознатливиот дрвен мост на реката Драгор, познат меѓу битолчани како Мостот на вљубените.

Проектот во чест на пејачот, текстописец и композитор се реализира со поддршка и документација од општината, а самата изработка на споменикот е донација од Стопанска банка АД Битола.

Со спомен-обележјето Битола и Македонија ѝ се оддолжуваат на својата исклучително популарна музичка легенда до ден-денешен за вонвременските хитови „Македонско девојче“, „Едно име имаме“, „Ако умрам ил’ загинам“, „Ој Вардаре македонски“, „Куќа имам на Пелистер“, „Ај засвирете ми чалгии“, „Животе мој“ итн.

Јапонскиот ден на култура со деветнаесетото издание на Недела на јапонски филм и работилници за оригами и чај

Aмбасадата на Јапонија, Кинотеката и Центарот за култура во Битола ќе го одбележат Денот на културата на Јапонија (кој секоја година се слави на 3 ноември) со 19-тото издание на Неделата на јапонски филм и работилница за оригами.

На 4 ноември во 19:00 часот во Кинотеката во Скопје, амбасадорот Кавахара ќе го отвори 19-тото издание на Неделата на јапонски филм, кое ќе понуди разновиден избор на современи јапонски филмови. Два од филмовите ќе бидат прикажани на 11 ноември во Центарот за култура во Битола. На истото место, Амбасадата ќе организира и работилница за оригами што ќе ја води г. Јошио Којама, предавач по јапонски јазик.

Одбележувањето на Денот на културата ќе продолжи на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. На 13 ноември, Јапонската фондација од Будимпешта ќе организира предавање и работилница за сенча (јапонски чај), кои ќе ги води г-ѓа Курита Јунко, специјалист за јапонски чај.

3 ноември е Ден на културата (Bunka no Hi), национален празник што секоја година се одбележува во чест на слободата и мирот, како и за промовирање на културата, уметноста и науката. На Денот на културата, многу музеи во Јапонија се отворени за посетители и нудат бесплатен влез. Во периодот околу овој датум се организираат бројни фестивали за промоција на уметноста и културата, а различни јавни и приватни организации низ целата земја доделуваат награди од повеќе области.

Во Империјалната палата во Токио се одржува свечената церемонија за доделување на Орденот за култура. Царот лично им ги врачува признанијата на поединци кои дале исклучителен придонес во областа на науката, уметноста или културата.

Учеството на сите настани е бесплатно. За работилницата за оригами во Центарот за култура Битола е потребна претходна резервација.

Изложба на фотографии од Ликовната колонија марко Цепенков – Дрен 2026 за денот на Прилеп

На трети ноември 2026 г. / вторник/ од 18.00 часот во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков’“ ќе биде отворена изложба на фотографии, преку кои ќе биде претставена 18-та ликовната колонија „Марко Цепенков – Дрен 2026“, на која годинава се создадоа вредни монументално скулптури од метал, кои треба да бидат поставени на јавни простори низ градот. Посетителите ќе имаат можност преку фотографиите да се запознаат со творечкиот процес на работа на годинашните уметници и со делата што ги создадоа.

„Колонијата беше значајна средба на уметници, идеи и современи скулпторски изрази, со една јасна цел, уметноста да излезе од галерискиот простор и да стане дел од секојдневниот живот на заедницата. Создавањето монументални скулптури отвора можност за трајни уметнички интервенции кои го збогатуваат просторот, го градат неговиот идентитет и стануваат дел од колективното сеќавање.

Преку непосредната работа и размената на идеи, уметниците го истражуваа односот меѓу материјалот, формата, просторот и времето. Особено ни значи што Ликовната колонија „Марко Цепенков“ е добитник на наградата „3-ти Ноември“ на Општина Прилеп, признание кое го потврдува нејзиното значење и долгогодишниот придонес кон културниот и уметничкиот живот на градот. 18 години опстојува колонијата и преку неа се препознава развојот на современото ликовно творештво.

Со 18-тото издание на „Марко Цепенков – Дрен 2026“, продолживме да градиме мост меѓу уметниците, граѓаните и јавниот простор, создавајќи културна вредност која остана и по завршувањето на манифестацијата. Прилеп создава, поддржува и остава трага. Уметноста е дел од нашиот простор, нашиот идентитет и нашето културно наследство – вели Марјан Стојаноски, координатор на колонијата, при тоа потенцирајќи дека годинава за првпат Општина Прилеп ја поддржа колонијата.

Изложбата, како и колонијата, е поддржана од Министерството за култура и туризам во годишната програма на ЦК „Марко Цепенков“ за 2026 г. во визуелни уметности.

Уште еден бренд го заобиколи Прилеп, KFC влегува во Битола

Глобалниот бренд KFC го најави отварањето на својот нов ресторан во Битола, кој ќе се наоѓа во Bliss Mall.

-Битолчани, чувајте место за KFC! Наскоро отвораме во Bliss Mall, а за вас подготвивме многу изненадувања, напишаа кратко на социјалните мрежи од KFC Македонија, а за тоа кога ќе биде официјалното отварање порачаа да ги следиме нивните фан страни.

Важни информации за физичките и правните лица: НБРМ ги објаснува деталите за тоа како ќе функционира „АЛТА банка“ АД Битола

Народната банка на Република Македонија воведе привремена администрација во „АЛТА банка“ АД Битола исклучиво поради случувањата поврзани со нејзиниот акционер со квалификувано учество, „Алта банка“ АД Белград. Важно е да се нагласи дека воведувањето привремена администрација не значи затворање на „АЛТА банка“ АД Битола, ниту активирање на механизмот за исплата на депозитите преку Фондот за осигурување депозити. Напротив, целта на оваа привремена заштитна мерка е Банката да продолжи непречено да работи, средствата на клиентите да останат на нивните сметки, а имотот и интересите на сите штедачи и други доверители да бидат заштитени до разрешување на сопственичката состојба, односно промена на сопственоста на Банката.

Станува збор за привремена заштитна мерка, а не за постапка за затворање на Банката. „АЛТА банка“ АД Битола продолжува да работи, не е во стечај и не ѝ е одземена дозволата за работа. Банката е ликвидна, високо капитализирана, со солиден квалитет на кредитното портфолио и ги исполнува супервизорските стандарди.

Во периодот на привремената администрација, Народната банка појаснува дека:

  • „АЛТА банка“ АД Битола работи и продолжува да им ги обезбедува услугите на своите клиенти. Мерките преземени во однос на „Алта банка“ АД Белград не значат одземање на дозволата за работа на „АЛТА банка“ АД Битола, ниту отворање стечајна постапка.
  • Банката е ликвидна, високо капитализирана и има солиден квалитет на кредитното портфолио, а нејзиното работење е предмет на непосреден супервизорски надзор од страна на Народната банка.
  • Воведувањето администрација е времена мерка со која управувањето со имотот и работењето на Банката привремено се врши преку лица именувани од Народната банка. Целта е да се зачува стабилноста на Банката и да се заштитат средствата и интересите на нејзините клиенти до промената на сопственичката структура.
  • Средствата на клиентите остануваат на нивните сметки. Привремено е ограничена само динамиката на одливот на средства, со цел да се спречи нагло и масовно повлекување на ликвидноста, што би можело да влијае врз интересите на сите штедачи.
  • За физичките лица е определен неделен лимит за одлив од сметките во износ од 10.000 денари, кој може да се користи со картичките издадени од Банката за готовински подигања и плаќања кај трговци. Внатрешните плаќања од сметките на физичките лица кон сметките на други физички и правни лица, во рамките на Банката остануваат овозможени во неограничен износ.
  • Правните лица ќе може да извршуваат само внатрешни плаќања од своите сметки кон сметките на други правни и физички лица, во рамките на Банката во неограничен износ. Правните лица нема да можат да изнесуваат средства надвор од Банката преку платните системи во земјата, а ниту пак преку повлекување готовина од банкомати или шалтери на Банката.
  • Приливните плаќања од странство преку СЕПА и коресподентно банкарство ќе се одвиваат непречено, додека одливните плаќања кон странство нема да бидат достапни привремено за физичките и правните лица.
  • Кредитокорисниците треба и натаму навремено да ги исполнуваат своите обврски кон Банката.
  • Штедните влогови на физичките лица се осигурени преку Фондот за осигурување депозити до износ од 30.000 евра, согласно законските правила.

Народната банка континуирано ја следи состојбата во Банката и ќе ги преиспитува воведените ограничувања во согласност со развојот на состојбата. За сите промени јавноста ќе биде навремено информирана преку официјалните канали на Народната банка.

Народната банка ги повикува граѓаните и клиентите на Банката да не носат одлуки врз основа на непроверени информации, туку да се информираат исклучиво од официјалните извори. Непотребното и масовно повлекување на средства не е во интерес на штедачите, поради што е особено важно да се избегнуваат постапки предизвикани од неточни или непотврдени информации.

Од полноќ нови цени на горивата во Македонија

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) денеска треба да донесе нова одлука за највисоките малопродажни цени на нафтените деривати во земјава. Возачите повторно очекуваат да дознаат дали од утре ќе точат гориво по повисоки или пониски цени.

Според последната одлука на РКЕ од 26 октомври, која стапи во сила на 27 октомври, бензините поевтинија за пет денари по литар, додека цената на дизелот остана непроменета.

Во моментов, максималните малопродажни цени изнесуваат:

Еуросупер БС-95 – 91 денар за литар
Еуросупер БС-98 – 93 денари за литар
Еуродизел БС – 99 денари за литар
Екстра лесно масло за домаќинство – 110 денари за литар
Мазут М-1 НС – 54,273 денари за килограм.
На светските пазари, сепак, движењата се променливи. Според достапните пазарни податоци, цената на суровата нафта „Брент“ на 23 октомври достигнала 128,30 долари за барел, додека на 27 октомври се тргувала околу 123 долари. Тоа укажува на високо ценовно ниво, иако во последните денови е забележано извесно намалување.

Дополнително, податоците од Европската комисија за последната недела од октомври покажуваат намалување на просечната цена на бензинот во ЕУ за 1,9 отсто, додека дизелот бележи благо зголемување од 0,4 отсто.

Аналитичарите во анкета на „Ројтерс“ објавена на 30 октомври ја зголемиле прогнозата за просечната цена на Брент во 2026 година на 92,88 долари за барел, наведувајќи ги нарушувањата во снабдувањето, ниските залихи и поскапениот транспорт како фактори што ги одржуваат цените високи.

Сепак, конечниот ефект врз цените во Македонија ќе зависи од референтните цени на нафтените деривати, курсот на доларот и пресметката на РКЕ. Засега нема основа со сигурност да се прогнозира дали бензините и дизелот ќе поскапат или ќе поевтинат.

Нова гостинска победа на сениорите од МЕГА БАСКЕТ, денеска на колена екипата на Ангели

По триумфите над ИБА на домашен терен и Водно Санс, сениорската екипа на прилепски Мега баскет ја нанижа и третата последователна победа. Денеска на колена падна екипата на Ангели (67:78).

Прилепчани не запираат да нижат победи и покажуваат дека ќе бидат тврд костен за секој противник сезонава во Првата кошаркарска лига.

На табелата во групата А во второто по ранг натпреварување во Македонија, Мега баскет е на делба на второто место, а пред нив со максимален учинок е само екипата на Феникс.

Водовод Прилеп: “Вода нема поради технички проблеми, екипите работат, ве молиме за разбирање”

Oткако жители од повеќе населби во Прилеп се пожалија дека немаат вода за пиење, со кратко соопштение попладнево се јавија и од ЈКП Водовод и канализација.

-Ве известуваме дека поради непланирани технички проблеми, притисокот во мрежата во одредени делови во градот ќе биде намален. Нашите стручни екипи работат на санација на истите и очекуваме дека во вечерните часови ќе дојде до нормализирање на состојбата. Се замолуваат граѓаните за разбирање и апелираме за рационално користење на водата за пиење, стои во краткото соопштение.

Момироски: Прилеп вода нема, вода има!

ФБ статус на новинарот Зоран Момироски, откако повеќе делови од градот се пожалија дека денеска немаат вода за пиење:

ВО ПРИЛЕП ВОДА НЕМА ВОДА ИМА! СЕ ПРЕВЗЕМААТ ИТНИ МЕРКИ ЗА БРЗО СТАБИЛИЗИРАЊЕ НА ВОДОСНАБДУВАЊЕТО ВО ГРАДОТ!
Повисоките делови од градот немаат вода,а на пониските притисокот е намален. Според последните информации од ЈКП Водовод и канализација водоснабдувањето за брзо ќе се стабилизира. Не станува збор за дефект, туку за намалена испорака од регионалниот водовод ,,Студенчица,,.

Во моментот без посебни најави испораката од регионалниот водовод се намали меѓу 145 и 160 литри во секунда.Се работи на пренасочување на дотокот кон главните резервоари од кој се испорачува водата во градскста водоводна мрежа.И ако нема детали за тоа кои активности во моментот се превземаат,најверојатно со вклучување на бунарите целиот проблем за најмногу два часа ќе биде надминат.

„Сите бои на сеќавањето“ – Битола со богата програма го одбележува 4 Ноември, Денот на ослободувањето

Со уметност, култура, музика, спорт и настани посветени на историското наследство, Битола ќе го одбележи 4 Ноември – Денот на ослободувањето на градот. Под мотото „Сите бои на сеќавањето“, годинашната програма носи порака за почит кон минатото, зачувување на колективната меморија и создавање нови приказни што ќе останат за идните генерации.

Празничните активности ќе се реализираат во периодот од 30 октомври до 10 ноември, обединувајќи различни генерации и творечки изрази преку разновидна културна и општествена содржина.

Посебно внимание привлекува и визуелниот идентитет на годинешното одбележување, чиј автор е графичкиот дизајнер Иван Јанчев Коцка. Преку препознатливата битолска архитектура, погледот кон еден од градските покриви и силниот колоритен акцент, постерот повикува градот да го погледнеме од поинаква перспектива и повторно да ги откриеме деталите што ја создаваат неговата посебност.

Програмата „Сите бои на сеќавањето“ опфаќа документарни филмови, музички содржини на винил, детски настапи, изложби и театарски претстави. Посебно место имаат и активностите посветени на борците за слобода, како и признанијата за современите придонеси во развојот и афирмацијата на градот.

Во организацијата учествуваат Општина Битола и Културниот и информативен центар Битола, заедно со културни установи, училишта, здруженија, уметници и спортски организации.

Со оваа програма, Битола уште еднаш потсетува дека градската историја не е само спомен на минатото, туку живо наследство кое се пренесува, надградува и добива нови бои со секоја генерација.