дома блог страница 164

Прилепчанецот Мартин Ристески е државен првак во пинг-понг до 15 години

Младиот прилепчанец Мартин Ристески оствари извонреден успех на Државното првенство за кадети до 15 години, кое се одржа на 3 мај 2026 година во Битола, освојувајќи го првото место и титулата државен првак.

Ристески доминираше во индивидуална конкуренција, каде се закити со златниот медал и шампионската титула. Одличните настапи ги круниса и во конкуренција на двојки, освојувајќи уште едно прво место во машки двојки заедно со Јован Пармачки од ППК Берово.

Успесите продолжија и во категоријата мешани двојки, каде Ристески во пар со Ива Трајковски од ППК Пелагонија го освои третото место и бронзениот медал.

Претходно, на 2 мај во Битола, се одржа и Државното првенство за јуниори до 19 години, каде Ристески повторно беше меѓу најдобрите. Тој освои две трети места во конкуренција на двојки – во машки двојки заедно со Давид Јоноски од ППК Младост 96 Прилеп, како и во мешани двојки со Фани Јованоска, исто така од ППК Младост 96 Прилеп.

Со овие резултати, Мартин Ристески уште еднаш го потврди својот голем талент и се вброи меѓу најперспективните млади пинг-понгари во земјава.

Нова мајска фестивалска приказна во Битола – Од 7-9 мај за прв пат Вински фестивал пред Офицерски

Битола добива нова мајска фестивалска приказна, во која виното, музиката и градското дружење ќе се спојат на едно од најпрепознатливите места во градот, платото пред Офицерски дом. Од 7 до 9 мај ќе се одржи првото издание на Вински фестивал Битола.

Организаторите најавија дека фестивалот е замислен како нов градски настан што треба да ја надополни културно-забавната понуда на Битола и да создаде уште еден повод за дружење, дегустација и уживање во отворена фестивалска атмосфера.

Деталите за првото издание ги соопштија, градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, директорот на ЈОУ КИЦ Битола – Офицерски дом, Димитар Михајловски, претставникот на организацијата на Вински фестивал Битола, Пане Темовкако и претставник на бендот Паркети, кој е дел од музичката програма на фестивалот.

„Очекувам прекрасни фестивалски денови, се надевам дека и времето ќе не послужи. И со ова Битола на туристичката мапа на Македонија уште еднаш се етаблира како град на културата, отворен град и за посетителите кои што ги очекуваме во голем број со една новина за градот Винскиот фестивал“, рече градоначалникот на Битола Тони Коњановски.

Директорот на ЈОУ КИЦ Битола – Офицерски дом, Димитар Михајловски, посочи дека Офицерски дом е простор кој има посебна симболика за Битола.

„Затоа ни е важно тука да ги привлечеме новите настани кои ја зближуваат публиката. Винскиот фестивал Битола носи токму таква енергија, културна, музичка и градска“, истакна директорот Михајловски.

Според Пане Темов претставникот на организацијата на Вински фестивал, амбицијата е фестивалот да прерасне во препознатливо случување за Битола.

„Сакаме да ја презентираме винската култура во Македонија, бидејќи во светот сме познати како винска земја, мислам дека во Македонија треба да го прошириме овој културен момент. Ова го сметаме како една додадена вредност за културата и туризмот во Битола“, рече Темов.

Фестивалската програма е замислена како спој на различни музички вкусови и генерации. На сцената пред Офицерски дом ќе настапат повеќе домашни изведувачи, меѓу кои резидент диџеј, B52, „Пауза за ракија“, DJ Александар Јорданов,„ Lockdown“, „Оркестар DIVA“, DJ Гоце Саф, „Zdrave Music“, „Љубојна“ и „Паркети“.

Претставникот на бендот „Паркети“ најави дека настапот на фестивалот ќе биде дел од финалната вечер и дека публиката може да очекува концертна енергија што одговара на отворениот, градски карактер на настанот.

Новиот директор на КИЦ најави дека кон крајот на мај ќе организираат саем на средните училишта и музички хепенинг, наменет за полуматурантите и нивна поддршка во полесен избор кон средното образование.

Градоначалникот на Битола соопшти дека Културниот и информативен центар КИЦ Битола годинава ќе биде за прв пат организатор на Битолското културно лето Битфест кое ќе се одржи по 18-ти пат.

„Досега организатор беше Општина Битола со своите партнери, односно културни институции, а ова година, односно ова лето Битфест ќе биде прв голем настан за Културниот и информативен центар како организатор и реализатор на Битолското културно лето“, рече градоначалникот на Битола.

Лоши вести за возачите: Нафтата и бензинот драстично поскапуваат oд полноќ

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 3,47% во однос на одлуката од 27.4.2026 година.

Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 2,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 2,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 3,064 ден/кг и сега ќе изнесува 49,720 ден/кг.

Од 5.5.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 85,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 87,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 93,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 98,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 49,720 (денари/килограм)

Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 5.5.2025 година.

Прилеп претстави ново засилување за следната сезона – Петар Маркоски се обврза на 2-годишен договор

РК Прилеп го претстави најновото засилување на пикерската позиција, дресот на прилепчани ќе го облече Петар Маркоски.

Станува збор за 28-годишниот ракометар од Струга, кој во Прилеп доаѓа од редовите на РК Еурофарм Пелистер 2, носејќи со себе искуство, сила и борбеност на линијата од 6 метри.

Маркоски стави потпис на договор со времетраење од 2 години, со што ќе биде важен дел од екипата што ја предводи Наум Танески.

Од РК Прилеп од Маркоски очекуваат цврста игра во одбраната, сигурна реализација во нападот и вистинска енергија на теренот!

Прилеп се поклонува на “совеста на револуционерната организација”: 114 години од смртта на великанот Пере Тошев

Денеска се одбележуваат 114 години од смртта на Пере Тошев, еден од најголемите македонски револуционери кој е роден во Прилеп.

Пере Тошев е еден од најголемите македонски национални херои, учесник во македонското револуционерно движење, член и раководител на Македонската револуционерна организација.

Роден е 1865 година во Прилеп во семејство на богати и видни иселеници од Дебарско. Основното образование го завршил во Прилеп, а потоа продолжил да се школува во Солунската машка гимназија, од каде што во 1884 година, поради бунт бил исклучен со група од 12 ученици, меѓу кои и Ѓорче Петров.

Во 1884 година завршил VI клас во Пловдивската гимназија. Истата година, во градот Станимака (Асеновград), Пере Тошев, заедно со Спиро Костов од Велес и Владимир Кусев од Прилеп, организирале револуционерен комитет за ослободување на Македонија и Одринско.

Исто така, тој бил учесник во обединувањето на Источна Румелија со Бугариja во 1885 година, каде што со неговата чета учествувал во заземањето на градската пошта во Пловдив. Истата година, тој зел учество во Српско-бугарската војна, како доброволец во бугарската армија во одред од 400 македонски доброволци, под команда на Коста Паница. Нападот на неговиот одред бил заслужен за конечниот исход на битката кај Сливница (во близина на Пирот), при што Србите се повлекле.

Во битката Пере Тошев бил ранет, а за покажаната храброст бил одликуван со „Орден за храброст“. Од 1892 до 1901 година учителствувал во гимназиите во Прилеп, Скопје, Битола и Солун, сè до Солунската афера во 1901 година, кога заедно со повеќе истакнати револуционери бил уапсен.

Притоа, тој бил осуден на 101 година затвор и бил затворен во Подрум Кале (Бодрум Кале) во Мала Азија, но во 1902 година бил амнестиран. Во 1903 година учествувал во Илинденското востание, каде што раководел со Мариовскиот револуционерен реон.

Во 1904 година, по заробувањето на Дамјан Груев од србоманскиот војвода Мицко Крстевски, лично отишол и преговарал со Глигор Соколов (Соколовиќ) Ламев за негово пуштање. По востанието, тој бил еден од главните претставници на Реформската струја и се залагал за широка децентрализација на Организацијата.

Исто така, бил делегат на Прилепскиот конгрес во 1904 година, а во 1905 година на Рилскиот конгрес на ВМОРО бил избран за член на Централниот комитет на Организацијата. Од 1910 до 1911 година бил училиштен инспектор на училиштата во Солунскиот округ.

Во 1911 година заминал да се лекува во Софија, во клиниката на Стефан Сарафов. На 29 февруари 1912 година ја примил веста за склучувањето сојузен договор меѓу Бугарија и Србија, каде што Македонија била поделена на спорна и беспорна зона. Пере Тошев побарал да биде примен во Народното собрание и ислушан, при што бил уапсен.

Скршен од поделбата на Македонија, тргнал за Прилеп кај своите најблиски, но на 4 мај, на патот за Прилеп, во Дреновската Клисура, бил убиен од турска заседа. Откако бил убиен, Турците го исекле на парчиња и го закопале во каналот покрај патот. По пет дена, роднините го нашле телото на Пере Тошев, но Турците им забраниле да го погребаат во Прилеп. Така, под засилен надзор на Турците, Пере Тошев бил погребан во дворот од црквата во село Фариш. Во 1996 година, неговите посмртни останки биле префрлени во дворот на црквата „Свето Благовештение“ во Прилеп.

Битола се поклони пред срцето на револуционерна Македонија – Одбележани 123 год. од смртта на Делчев (ФОТО)

Денеска се одбележуваат 123 години од смртта на македонскиот револуционер и борец за слобода Гоце Делчев, деец на Македонската револуционерна организација, организатор и водач на македонското револуционерно националноослободително движење.

Пред Спомен куќата на Гоце Делчев во Битола, во чест на македонскиот национален херој, идеолог, организатор и водач, свежо цвеќе положи делегација од Општина Битола предводена градоначалникот на Битола Тони Коњановски.

Свежо цвеќе положија и претставници на Советот на Општина Битола, на политички партии, здруженија, ученици и други граѓани.

“10.000 потписи за спас на нашите деца” – Mакедонска актерка покрена петиција, поддржете ја, затоа што сечие дете е засегнато

Актерката Весна Петрушевска започна иницијатива за собирање 10.000 потписи со цел, како што вели, да се стави „црвено светло“ за политичките партии и да се отвори прашањето за заштита на децата на социјалните мрежи.

Преку јавен повик апелира граѓаните да се приклучат преку платформата за петиции, нагласувајќи дека не станува збор за финансиска кампања.

„Јас не барам и не примам пари. Барам само ваша поддршка и потпис“, шишува Петрушевска, додавајќи дека опцијата за донации на платформата е стандардна, но не е дел од нејзината иницијатива.

Предупредува дека, доколку не се постигне ни минимална граѓанска мобилизација, тоа ќе биде доказ за, како што вели, пасивноста во општеството.

„Ако ова не можеме, тогаш навистина ќе ми се потврди дека сте херои само на тастатура“, наведува Петрушевска.

Во објава на Фејсбук таа наведува неколку држави ко кои веќе е поставено (или најавено) ограничување на социјалните мрежи за малолетници…

Mузички спектакл во “Цепенков” – Најдобрите MTV хитови во изведба на Наде Талевска, Полина Тасева, Бојан Стојков…

ЦК „Марко Цепенков“ подготвува нов музички спектакл со Битолски оркестар ДИВА!

На 21 мај 2026 /четврток/ од 20.00 часот во голема сала од Центарот публиката ќе има можност да ги проследи најдобрите музички поп и рок хитови MTV hits – vol.2, во изведба на солистите Наде Талевска, Полина Тасева, Бојан Стојков, Александра Трајческа, Јасна Димитровска и Огнен Димовски.

Ве покануваме да бидете дел од вечерта полна со емоции, ритам и чиста музичка магија! Да дојдете на уште една незаборавна вечер и да ги доживеете најдобрите музички времиња!

П.с. Влезниците по цена од 500 денари на билетарницата од Центарот за култура се веќе пуштени во продажба и ќе се продаваат секој работен ден од 11.00 до 14.00 часот.

ДОБРО УТРО Прилепе, аирлија неделата: Прва слика на влезот во градот утрово

Добро утро Прилепе наш, нека е аирлија новата работна недела, со среќа и бериќет на сите, а и со надеж дека градот ќе ни стане поубав и почист.

„Идеалите живеат вечно“: Македонија одбележува на 123 години од смртта на Гоце Делчев

Во земјава денеска се одбележуваат 123 години од смртта на македонскиот револуционер и борец за слобода Гоце Делчев.

Бројни делегации и граѓани денеска ќе положат цвеќе и ќе се поклонат пред горобот на Делчев во црквата „Свети Спас“, а предвидена е панихида на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, на која е најавено и присуство на премиерот Христијан Мицкоски.

Цвеќе на неговото вечно почивалиште, како што е најавено, меѓу другите, ќе положи собраниска делегација во состав Велика Стојкова-Серафимовска и Фатмир Битиќи.

По повод одбележувањето на 123-годишнината од загинувањето на Гоце Делчев, пак, во Владата ќе се одржи трибина насловена „Темел на државноста – визија за иднината“.

На трибината ќе учествуваат министерката за образование и наука, Весна Јаневска, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, како и Јовица Никчевски, директор на Националната универзитетска библиотека.

Во македонското Собрание ќе биде доделена државната награда „Гоце Делчев“ за 2026 година за особено значајни остварувања во интерес на Република Северна Македонија во областа на науката.

Државната награда „Гоце Делчев“ за особено значајни остварувања во интерес на Република Северна Македонија во областа на науката им се доделува за делото „Континуитетот на Македонскиот јазик I“ (Приказ на лексиката меѓу Слепченскиот патерник, огледало и различна поучителна наставленија) на проф. д-р Михајло Марковиќ и на проф. д-р Соња Новотни.

Во чест на учителската дејност, визија и мисија на учителот Гоце Делчев, а по повод 123 години од неговата смрт, Универзитетот Гоце Делчев (УГД) и Општина Штип денеска традиционално, организираат настан во дворот на Ректоратот на УГД (Ново Село).

Настанот ќе почне со македонската химна, во изведба на академскиот хор на Музичката академија, под диригентство на Тоше Митрев, по што следува рецитал на студентите по народни инструменти од Музичката академија, во класата на професорот Марјан Јанкоски.

Манифестацијата ќе заврши со положување цвеќе пред спомен-бистата на Гоце Делчев.

Делчев, кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите, беше убиен од османлиската војска на 4 мај 1903 година во селото Баница, на пат кон Сер.

Роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата. Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија. По убиството на 4 мај 1903-та, неговите посмртни останки се чувале во Баница, до 1917 година, кога биле пренесени во Ксанти, а потоа во Софија. До 1923 година, ковчежето со коските се чувало во домот на Михаил Чаков. Останките на Делчев на 11 октомври 1946 година биле пренесени во црквата „Свети Спас“ во Скопје.