дома блог страница 142

Кривична пријава за поранешна директорка и раководителка на оддел во болница во Битола за „злоупотреба на службената положба и овластување“

СВР Битола поднесе кривична пријава против Е.И.(53) и М.А.Н.(61), двете од Битола, поради постоење основи на сомнение за сторенo кривичнo делo „злоупотреба на службената положба и овластување“. Првопријавената, во својство на директор на ЈЗУ Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“, а потоа и медицински директор во Министерство за здравство и второпријавената, во својство на раководител на Оддел за интерни болести при ЈЗУ Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“, ги пречекориле границите на своите овластувања со намера за себе и за друг да прибават противправна имотна корист. Во периодот од ноември 2023 до јуни 2024 година, пријавените потпишале листи за исплата на прекувремени часови работа на 12 вработени доктори од Одделот за интерни болести за извршени прегледи и визита на пациенти од Одделението за урологија и Одделението за физикална медицина и рехабилитација, спротивно на одлука на управниот одбор.

На тој начин пријавените овозможиле неоснована исплата на надоместок за прекувремени часови работа во износ од 494.933 денари и го оштетиле буџетот на државата.

„Живот повторно“: Приказна за победа над ракот на Димитар Радески од Прилеп што ќе ве трогне – настан кој не смеете да го пропуштите!

„Живот повторно“ – инспиративна приказна за борба, надеж и победа над болеста ќе се раскаже во Прилеп

На 19 април со почеток во 18:00 часот, во големата сала на НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп ќе се одржи настанот „Живот повторно“, кој носи силна и емотивна порака за борбата со една од најтешките болести – ракот.

Настанот ќе биде прво јавно и искрено сведоштво на Димитар, кој по повеќе од две години тешка и неизвесна борба успеал да ја добие најважната животна битка. Преку лична приказна исполнета со болка, страв, но и надеж, тој ќе зборува за процесот на соочување со дијагнозата, лекувањето и патот кон закрепнување.

Покрај неговото сведоштво, посетителите ќе имаат можност да слушнат излагања од доктори и професори, како и да учествуваат во интерактивна дискусија. Настанот ќе понуди одговори на бројни прашања поврзани со болеста, третманите и психолошката поддршка, а ќе биде збогатен и со музичка програма.

„Живот повторно“ има за цел да подигне свест, да охрабри и да даде поддршка на сите кои се соочуваат со слични предизвици, но и да ја истакне важноста на семејството, пријателите и медицинскиот персонал во процесот на лекување.

Цената на билетот изнесува 250 денари, а резервации се достапни на телефонскиот број наведен на плакатот.

Овој настан претставува ретка можност за отворен разговор за болеста, но и за славење на животот, силата и новите почетоци.

Дојде тивко. Не ме праша за време и години, не праша дали сум спремен или не, дали имам доволно сила да се одбранам од неговиот напад.. сфатив зошто го нарекуваат “подмолен”, ме јадел внатрешно без да ми наговести…

И, да, после еден повик (првиот датум) во 23:00 навечер, со реченицата “Димитар, имаш рак” дотогаш изградениот лик Димитар исчезна во времетраење на еден телефонски повик со докторот. Што ми помина прво низ глава? -Само моето семејство и тоа како ќе го преживеат сето ова, и тоа беше мојот фокус буквално секоја секунда цел овој период. Мене ми беше сеедно, коешто сеедно ме доведе до самата ивица, каде што Бог ме благослови и врати повторно на земскиот свет. Се обидувам да бидам “благ” со зборови, не сакам да ги прикажувам тешките ситуации од овој мрак.

Повеќе од две години, секој еден ден поминат низ агонија, страдање, болка, шокови, соочувања и што уште не..

Процес на лекување во кој моето тело полека ја повлекуваше фронтната линија наназад, но никогаш не ме издаде и не се откажа. Некоѝ го нарекоа и феномен после се она низ што успеа да опстане. После двегодишната борба, животни прогнози, страдање, сестра Надица неможејќи да издржи докторот да ме извести, ми наговести со зборовите “Фрли ја марамата, трчај по резултатот и заборави на сѐ”

И, така, на вториот датум дознавме дека моето тело се избори со најјтешкиот дел, а мене ми ја додаде придавката ЗДРАВ!

Имам премногу да кажам, но сега само

Ти благодарам Господе! Ти благодарам докторе мој! Благодарам на мојата фамилија! Благодарам на мојте пријатели коѝ останаа блиски и доследни кон мене!

Благодарам на сите коѝ се дел од оваа моја Борба!

Ќе ги издвојам за мене хероите, моето семејство! -луѓето кои минаа пекол поради мене, спиеа пред болнички врати, болницата ѝм беше прв дом, сострадањето прв пријател а, неможноста да помогнат најголема болка!

И нема да должам во оваа објава, ќе биде вака краток и едноставен.

Ја добивме битката, но не и војната. Фронтот продолжува, закрепнувањето ќе биде долг процес, останаа трајни последици, но, најтешкиот дел заврши. Ќе се создава нов Димитар од корен, во нови услови, но најбитно – Здрав Димитар!

Позитива на денот: Неуморен пензиониран полицаец од Прилеп секојдневно се грижи за градската чистота

Во време кога сите очекуваме некој друг да направи промена, Трајкоски Николчe од Прилеп тивко и посветено покажува што значи вистинска грижа за заедницата.

Пензионираниот полицаец секојдневно, користејќи техничка вода, се грижи за чистотата на јавните површини и зеленилото околу зградите наспроти хотел „Липа“, со едноставна, но моќна цел – почист град и подобро место за живеење за сите.

Со својот пример, Трајкоски не само што ги чисти јавните површини, туку и потсетува дека урбаното живеење започнува од личната одговорност.

Да му оддадеме признание за неговата посветеност, труд и човечност!

ФОТО/ Фејсбук/ NASHE MAALO

Најстарата населба во Прилеп “Варош” го слави Голем или Источен петок: ЗА МНОГУ ГОДИНИ!

Жителите од најстарата прилепската населба Варош и манастирот Св. Архангел Михаил денеска широко ги отвораат портите.

Инаку празнувањето на Голем Петок е вековна традиција која започнува со литургија во утринските часови во манастирската црква, каде огромен број верници доаѓаат, ќе се помолат и ќе нацрпат од изворските води на манастирот, за кои се верува дека се лековити.

Варошани своите куќи на овој ден ги украсуваат со зелени гранчиња и чекаат гости.

Со овој празник, посветен на Пресвета Богородица, и’ се оддава признание на мајката Божја, поради тоа што непосредно по Велигден нема друг празник поврзан со нејзиното име.

Во некои места празникот е познат под името Богородица Балаклија. Поради тоа што Богородица му ги миела раните на Исус, на овој ден луѓето ги посетуваат изворите ги мијат лицето и очите, или три пати преку себе префрлаат вода од изворите. Поради тоа најчесто овој празник се празнува во црквите што се покрај извори.

На сите граѓани, а посебно на варошани им го честитаме празникот, со желби до година да пречекаат голем број гости.

За многу години!

Денеска е Голем Петок или Балаклија – и болните може да се излечат

Првиот петок по Велигден е Источен петок – Балаклија.

Имено, тој ден е посветен на Богородица, а уште и се вика Извор на лекувањето, па затоа верниците одат на најблискиот извор и се измиваат верувајќи дека ќе се излечат од разни болести.

Се слави во петокот на Светлата седмица. Во Цариград во V век, во близина на таканаречената „Златна Порта“ постоело место полно со кипариси и чинари, уште одамна посветено на Пресвета Богородица. Во шумичката постоел извор, исто така одамна познат како источник на чуда. Со текот на времето местото обраснало со грмушки, а водата исчезнала во калта. Само влажноста на земјиштето навестувала дека постои извор.

Еднаш војникот Лав Маркел минувајќи низ тоа место наишол на беспомошен патник, слеп човек кој го беше загубил патот не можејќи да се снајде. Лав му помогнал да се врати на патеката, и го одведел човекот, ослабен заради истоштеноста, под сенка да се одмори, а тој, пак, тргнал во потрага по вода за слепиот. Одеднаш слушнал глас кој му велел: „Лав, не барај вода некаде далеку. Таа е тука блиску.“ Лав, вчудоневиден од таинствениот глас, почнал да бара наоколу, но вода не можел да најде.

Додека стоел така, натажен и замислен, истиот глас повторно му се обратил: „Цару Лав! Појди во сенката на шумичката, нацрпи од водата што ќе ја најдеш таму и подај му од неа на жедниот. Стави му врз очите од калта во изворот. Тогаш ќе узнаеш Која сум Јас, Која е Таа што толку долго време го благословува ова место. Набргу ќе ти помогнам да подигнеш тука црква со Моето име и на сите што ќе притекнат овде и со вера ќе Ме повикаат ќе им бидат услишани молитвите и потполно ќе се исцелат од нивните болести“.

Лав поитал кон назначеното место, зел кал од изворот и ја ставил врз очите на слепиот, давајќи му и вода да се напие, и на овој веднаш му се вратил видот. Без водач тој пристигнал во Цариград, славејќи ја благодатта на Пресветата. Овој настан се случи за време на цар Маркијан (391-457).

Царот Маркијан го наследил Лав Маркел (457-473). Тој го запамтил јавувањето на Пресветата и наредил изворот да се исчисти од тињата; изградиле насип за да се оддели овој од другите извори во близината, а водата ја затвориле во голем тркалест камен базен, над кој изградиле црква посветена на Пресвета Богородица.

Царот Лав го нарекол изворот „Животодавен Извор“, зашто таму била објавена чудотворната благодат на Пресветата. Стотина години по Маркијан, владеел царот Јустинијан Велики (527-565), човек длабоко посветен на православната вера. Многу време тој страдал од водена болест, не наоѓајќи помош кај лекарите и сметајќи се себеси веќе за осуден на смрт.

Еднаш на полноќ тој слушнал глас: „Ти, цару, нема да оздравиш с? додека не се напиеш од Мојот извор.“ Царот не знаел за кој извор му зборувал гласот, та паднал во очајание. Тогаш, дента, Богородица му се јавила велејќи му: „Стани, цару, појди до Мојот извор и напиј се од него, па ќе бидеш здрав како порано.“ Болниот ја послушал Пресветата Владичица. Го нашол изворот, се напил од неговата вода и наскоро му се повратило здравјето.

Во близина на црквата изградена од Лав, благодарниот цар подигнал нова велелепна црква, каде што подоцна бил основан голем манастир. Во петнаесеттиот век царскиот град паднал во рацете на муслиманите. Прочуената црква на Животодавниот Извор била уништена, а градежниот материјал бил употребен за изградба на џамија на султанот Бајазит. Местото каде што порано стоела црквата било покриено со земја и кршен камен, така што и од самите нејзини темели немало трага.

Прекрасната околина била претворена во муслимански гробишта. Турската стража, поставена при урнатините на црквата, им забранувала на христијаните не само да се собираат на тоа место, туку дури и да пријдат таму. Со текот на времето забраната станала не толку строга и на христијаните им било дозволено да направат малечка црква на тоа место. Но, во 1821 г., и таа била урната, а самиот извор бил затрупан. И повторно христијаните ги расчистиле урнатините, го откопале изворот и повторно црпеле вода од него.

Дури и при овие остатоци од некогашното величествено свето здание, Пресветата, како и порано, со Својата благодат им помагала на оние што притекнувале при Неа. Подоцна, меѓу скршените парчиња кај еден од прозорите била пронајдена, веќе полураспадната од времето и влагата, плоча на која биле запишани 10 чуда што се беа случиле при Животодавниот Извор меѓу 1824 и 1829 година. За времето на владеењето на султанот Махмуд, православните добиле малку слобода за извршување на богослужбите.

Тие го искористиле ова да подигнат, по трет пат, црква над Животодавниот Извор. Во 1835 г., со големо велелепие, Вселенскиот патријарх Константин, во сослужение со 20 епископи и во присуство на мноштво верници, ја осветил црквата којшто и до ден денес стои. Во близина била изградена болница и прифатилиште за сиромашни.

Дури и муслиманите зборуваат со голема почит за Животодавниот Извор, како и за Богородица, Која преку него ја излева Својата благодатна моќ. „Голема меѓу жените Света Марија“, вака тие зборуваат за Пресветата Дева. Водата од Животодавниот Извор ја нарекуваат „вода на Светата Марија“. Невозможно е да се наведат сите чуда источени од Животодавниот Извор преку кои беше излеана благодат врз цареви, патријарси, врз големци како и врз обични луѓе. Силата на благодатта до денешен ден дејствува преку изворската вода. Таа сила лично ја имаат доживеано не само православни христијани, туку и католици, Ерменци, па дури и Турци.

Вработен во прилепската болница физички нападат на работното место

На 15.04.2026 во 01:40 часот во ОВР Прилеп, кога Д.С.(34) од Прилеп пријавил дека на работното место во Општа болница “Борка Талески“- Прилеп бил физички нападнат од лицето кое е идентификано како О.Ѓ.

Се преземаат мерки за расчистување на настанот – информираат од СВР Битола.

НОВИ ПРАВИЛА ВО ГРЦИЈА: Што треба да носите во автомобил и колку треба да возите?

Две нови сообраќајни правила можат да им донесат главоболка на оние кои летово ќе патуваат во Грција. Со нов закон за сообраќај се ограничува брзината на возење од 30 километри на час во сите населени места, а се затегнуваат и правилата за тоа какви помагала за прва помош содржи возилото.

Казна од 30 евра следува за нецелосен или несоодветен комплет, напиша Прототема. Од 18 јуни возилата ќе мора да имаат пообемен сет кој е по стандардот DIN 13164:2022. Најлесно решение е купување готов комплет со оваа ознака.

Комплетот чини околу 31 евро, додека стариот чинел околу 3 евра.

Што е различно во новиот стандард?

Клучни се 16 нешта кои мора да бидат внатре во сетот:

-термо-ќебе за спречување хипотермија

-сет фластери во повеќе големини (вкупно 14 парчиња)

-стерилни завои во точно дефинирани димензии

-специјални облоги за изгореници

-компреси за рани

-еластични завои во две големини

-медицински ракавици

-заштитни маски

-влажни марамчиња за хигиена

-безбедносни ножици со заоблен врв

-упатство за прва помош со јасни пиктограми

Некои од овие материјали имаат рок на траење од 5 години, додека дел треба редовно да се заменува на секои две години, што значи и дополнителни трошоци за возачите.

Што уште мора да имате во автомобилот?

Покрај комплетот за прва помош, грчките прописи бараат и друга задолжителна опрема:

  • апарат за гаснење пожар
  • предупредувачки триаголник
  • рефлектирачки елек
  • резервна гума или сет за поправка
  • основни резервни сијалици (препорачано)

Кои се казните за брзо возење согласно новото ограничување?

Грчките медиуми во февруари пишуваа за воведување на ограничување на брзината во населени места на 30 километри на час.

Новост е и што законот предвидува и нови „паметни“ камери и дронови кои автоматски ги бележат прекршоците, а казните се испраќаат веднаш преку СМС или е-пошта.

„Мерките од новиот Закон за сообраќај веќе стапија во целосна сила и радикално го менуваат секојдневниот живот на возачите“, пишува Прототема со нагласок дека претходното ограничување изнесуваше 50км/час.

Овие зони ќе бидат воведени во речиси сите станбени населби, во близина на училишта, паркови и тесни градски улици.

Според новиот закон, казната за надминување на брзината до 20 км/час изнесува 150 евра со одземање на возачката дозвола на 20 дена.

Ако се работи за надминување од 20 до 30 км/час следува казна од 350 евра и одземање на дозволата на 60 дена.

За поголеми надминувања на брзината казните се 750 евра со одземање на дозволата на 90 дена.

а екстремни прекршоци (на пример, возење со над 200 км/ч на автопат или двојно надминување на брзината во град), казната може да достигне и до 2.000 евра, со трајно одземање на дозволата во некои случаи.

Кои други казни се променети со новиот закон?

Казната за користење мобилен телефон е зголемена од околу 100 евра на почетни 350 евра, со можност да достигне до 4.000 евра при предизвикување несреќа.

Најзначајната промена во новиот грчки сообраќаен закон (ΚΟΚ) за летото 2026 година е преминот од фиксни и поблаги казни кон строго степенуван систем на рецидивизам, каде што секој повторен прекршок драстично ја зголемува казната.

Исто така се укинува попустот од 50% за брзо плаќање, што значи дека секој прекршок веднаш се евидентира во централен систем без можност за намалување на износот.

Законот беше излагасан уште во 2025 година, но стапува на сила летово.

(ФОТО) “Бончејца” под опсада, влезовите на зградите потенцијални тоалети

Со доаѓањето на пролетта во Прилеп доаѓаат и дивите продавачи на земјоделски производи, прво со расад, а потоа и со се’ и со пиперки, домати, компири…

Најчесто се присутни во населбата “Бончејца”, околу железничката пруга, а ќе ги има и низ целиот град. Проблемот трае со години и никако да се реши. Пазарџиите реагираат на нелојалната конкуренција, граѓаните реагираат на чистотата и условите во кои продаваат овие така наречени “прематари”.

Во изминатите години имаше и протести на прилепските пазарџии, кои уредно си плаќаат закупнина за тезги на градскиот пазар секој месец.

Сега реакции пристигнаа од граѓаните кои живеат во зградите во населбата “Бончејца”, кои се жалат дека влезовите во нивните станбени објекти често се и јавни тоалети, па бараат надлежните ако не можат друго, барем да им обезбедат подвижни тоалети на овие луѓе на соодветна локација.

Секако, борбата за живот и егзистенција ги приморала овие луѓе лебот да го бараат по други градови и да спијат под отворено небо, често и со целото семејство. Затоа апел до надлежните, да се најде соодветно решение, со цел тие да не претставуваат нелојална конкуренција на пазарџиите, да бидат лоцирани на соодветна локација, да имаат минимални услови за одржување хигиена и секако да платат соодветен надоместок за користење на просторот.

Николоски го потврди тоа што Maркукуле го најави: Повратен билет со симболична цена Прилеп – Битола 150 денари

Во Пелагонија се случува инфраструктурен бум, автопатот Прилеп – Битола ќе го завршиме пред рокот, работиме на обиколница Прилеп, но и на други крупни инфраструктурни решенија – истакна при денешната средба со претставници од Регионалните Стопански комори на Прилеп и Битола, заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски.

-Следната пролет ќе можеме да возиме по првите километри автопат на потегот од Прилеп до Битола, а целиот автопат да се заврши пред рокот со што ќе имаме комплетно автопатско решение од Прилеп до Битола, рече Николоски.

Вицепремиерот ја потврди информацијата на Маркукуле, дека од од месец јуни Македонски железници ќе пушти во сообраќај дополнителни линии, или еден вид градски воз помеѓу Прилеп и Битола, а со цел да се олесни комуникацијата помеѓу двата пелагониски центри додека се гради автопатот.

-Како резултат на отежнатиот сообраќај на регионалниот пат воведуваме градски воз меѓу Прилеп и Битола со цел да се олесни комуникацијата меѓу општините. За таа цел работиме заедно со двете железнички претпријатија, МЖ Инфраструктура и МЖ Транспорт и некаде во месец Јуни најдоцна да го пуштиме новиот градски воз кој што би оперирал на линија Прилеп-Битола-Жабени, додаде заменик претседателот на Владата.

Тој најави и дополнителни проекти за развој на Пелагонискиот регион, а со тоа и на бизнисот.

-Сакам да најавам уште три проекти, еден е обиколница на градот Прилеп, со цел товарните возила да ги извадиме надвор од градот, вториот проект е топловодот, односно парното за градот Битола и третиот проект е гасификацијата, потенцираше Николоски.

Инаку, според информациите на Маркукуле, од јуни од Прилеп до Битола и обратно ќе сообраќаат по 4 возови дневно, а цената на билтетот ќе биде симбилични 150 ден. за повратна карта.

Kривична за 24-годишен разбојник од Прилеп – Во неколку дена ограбил повеќе свои сограѓани

-ОВР Прилеп поднесе кривична пријава против С.А.(24) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „разбојништво“, „тешка кражба на дрзок начин“ и „кражба“. На 12.04.2026, пријавениот со употреба на физичка сила од малолетник одзел платежна картичка на неговиот татко и мобилен телефон. На 09.04.2026 од женско лице одзел чанта со пари, а на 11.04.2026 во аптека од вработената одзел мобилен телефон – информираат од МВР.