дома блог страница 143

“Блуз во душата” – приказна за една загубена љубов отпеана од прилепчанецот Игор Јагуриноски (ВИДЕО)

“Блуз во душата” e најновата песна на прилепчанецот Игор Јагуриноски. Станува збор за песна која отсликува вистинска приказна за еден загубена животна љубов, каде текстот, музиката, аранжманот се дело на Јагуриноски, а завршниот микс го направи Борче Шабаноски.

-Песната која ја напишав е вистинска приказна за еден мој пријател кој ја имал љубовта на својот живот во еден момент од животот, но ја изгубил засекогаш заради негови неверства и глупирања. Му останала само болката и каењето. Затоа е блуз. Песната е целосно мое дело, а како и на сите досегашни, дел од соло гитарите ги свири син ми Михаил, а завршниот микс го работи мојот долгогодишен музички другар Борче Шабаноски, вели Игор за своето најново музичко дело.

Слушнете ја во продолжение:

Maкедонец постигна хет-трик против тимот на Меси

Милан Илоски ги разгали срцата на Македонците низ целиот свет со феноменалниот настап против тимот на легендарниот Лионел Меси во американската МЛС-лига, и тоа со македонското знаме на дресот како уште една потврда за своето македонско потекло по татко, благодарејќи на што има и пасош на Македонија покрај тој на САД, кадешто е роден.

Напаѓачот на Филаделфија јунион запиша хет-трик, постигнувајќи ги сите три гола во првото полувреме, против шампионот од 2024 година, Интер Мајами, кој на крајот славеше со 6:4 пред своите навивачи во натпреварот со рекорден број погодоци (8) за едно полувреме во историјата на лигата.

Токму Илоски го отвори резултатот само по три кинути игра, а потоа двапати беше прецизен од белата точка – во 10. минута за 2:0, откако изнуди пенал, како и во осмата минута од судиското продолжение на првиот дел за 4:4.

За исклучителниот перформанс, зачинет со 7 упатени удари (5 во рамките на голот), најмногу од сите на теренот, 8/9 добиени дуели во одбраната и 3 украдени топки, 26-годишниот центарфор го доби признанието за играч на натпреварот со оценка 9,7!

Илоски сезонава постигна вкупно 8 гола и 1 асистенција на 19 одиграни меча, а лани јасно и гласно изрази желба да го облече дресот на фудбалската репрезентација на Македонија.

„Сите од страната на мојот татко се Македонци. Пораснав со моите баба и деде, кои ми зборуваа на македонски. Иако не зборувам толку добро, го разбирам јазикот доста добро и секогаш комуницирав со нив на македонски. Горд сум што сум од Македонија. Пораснав со тоа во домаќинството, со македонските вредности и со начинот на кој се справувавме. Тоа е голем дел од мојата личност“, изјави тогаш во интервјуто за РГ водено од македонскиот новинар Филип Мишов.

Пред нас e уште еден продолжен викенд – Останаа уште неколку до крајот на годината

Неработен ден за сите граѓани во Република Северна Македонија беше 25 мај, Св. Кирил и Методиј, бидејќи 24 мај се падна во недела, со што добивме споен викенд. Пред нас е уште еден продолжен викенд, за 29 мај, петок, Духовден.

Ова се сите неработни денови кои останаа до крајот на 2026.

За сите граѓани на РСМ

3 август (понеделник) – Ден на Републиката (бидејќи 2 август е во недела) (Продолжен викенд)
8 септември (вторник) – Ден на независноста
12 октомври (понеделник) – Ден на народното востание (бидејќи 11 октомври е во недела) (Продолжен викенд)
23 октомври (петок) – Ден на македонската револуционерна борба (Продолжен викенд)
8 декември (вторник) – Св. Климент Охридски

За граѓаните од православна вероисповед

Покрај државните празници, православните верници имаат дополнителни неработни денови кои исто така формираат продолжени викенди:

28 август (петок) – Успение на Пресвета Богородица (Голема Богородица) (Продолжен викенд)
За граѓаните од католичка вероисповед
1 ноември (недела) – Празникот на сите светци
25 декември (петок) – Божиќ, првиот ден на Божиќ

Новиот унгарски премиер: ЕУ прво да го прими Западен Балкан, па после Украина

Унгарскиот премиер изјави дека Европската Унија треба да ги прими земјите од Западен Балкан пред Украина, за да го зачува кредибилитетот во регионот.

ЕУ прво мора да ги исполни ветувањата дадени на земјите кои со години чекаат членство, пред да даде нови ветувања на другите кандидати.

„Прво треба да ги примиме земјите кои долго време се подготвуваат за членство, кои многу жртвувале, прифатиле бројни обврски и со години чекаат на ветениот влез во ЕУ“, кажа Маѓар во интервју за австриската агенција АПА.

За евентуалното членство на Украина во ЕУ, Маѓар кажа дека земјата е сè уште многу далеку од прием и процени дека тоа нема да се случи барем во следните десет години. Потсети дека сите земји-кандидатки мора да поминат низ истите процедури и да ги исполнат истите услови за членство.

Повторно среќата во Кривогаштани – Добитник на 30.000 евра

По автомобил од грепка минатата недела, сега и џек пот вреден 30.000 евра од ВЛТ Државна лотарија…. Кривогаштани важи за среќна општина.

Не е познат добитникот на оваа премија, но како и да е, нека ги троши за убаво!

Витаминка му подари на Прилеп СЕРЕНАДА која ќе одекнува со години – Музичко уживање во изведба на Александар, Дац и Блага Петреска (Видео)

Песна исполнета со емоција, спомени и љубов кон градот, во изведба на Блага Петреска, Дац и Александар Митевски.

Прилеп и прилепчани добија прекрасна СЕРЕНАДА која ќе одекнува со години.

Музиката и аранжманот се дело на Александар Митевски, а текстот на Огнен Неделковски и Александар Митевски.

Посебна вредност на проектот му дава и поддршката од “Витаминка”, која по повод 70 години постоење му подари на Прилеп музичка посвета каква што заслужува – топла, достоинствена и искрена.

Уживајте во продолжение:

Не треба само да се фалиш колку те бива, пријави се! Стартува пријавувањето за традиционалниот таблаџиски турнир во Прилеп

Почитувани ТАБЛАЏИИ од Прилеп и цела Македонија коцката е фрлена, Здружението на граѓани за табла од Прилеп “Ебаго Таблаџии” и кафетерија MyPlace Prilep, со поддршка од Општина Прилеп и големиот дел на поддржувачи од приватниот сектор од Прилеп, имаат чест и задоволство да Ви го најават НАЈГОЛЕМИОТ и веќе традиционален турнир во табла во Прилеп кој ќе се одржи на: 6 и 7 Јуни 2026 година (сабота и недела) со почеток од 10:00 часот.

На турнирот ќе има вредни награди за сите четвртфиналисти како и парични награди за:

Прво место – парична награда
Второ место – парична награда
Трето место – парична награда

Пријавувањето ќе трае од 25 Мај до 4 Јуни 2026, натпреварувачите можат да се пријавуваат секој ден во кафетерија @MyPleace Prilep(Бизнис Центар-Прилеп) од 09:00 часот до 24:00часот, потребно е име, презиме и обавезно контакт телефон.

Сите учесници ќе бидат известени преку СМС порака или исконтактирани телефонски на 5 Јуни за од колку часот играат на 6 Јуни (сабота).

Котизација т.е. учество на турнирот е 400 денари, која се уплаќа одма со самото пријавување на натпреварувачот.

ПРАВИЛА НА ТУРНИРОТ

📝Дуелот пред да започне и натпреварувачите фрлаат секој по една коцка и поголемата коцка има право да одбери со кои пулови ќе игра и од која страна ќе почнат

📝Фрлањето на коцките ќе биде од рака

📝 Коцките ќе се фрлаат во едната половина од таблата

📝 Коцката на пул ќе се важи

📝 Во текот на една партијата едниот на другиот натпреварувач ќе можи да му ги пресечи заровите најмногу 3 пати

📝 Дуплите на втората партија ќе важат после првото фрлајне т.е. од втора рака

📝 Ќе се игра до пет добиени(обична еден поен, марс два поени)

📝 Полуфиналината и големото финале ќе се играат до 7 поени(обична еден поен, марс два поени)

📝 Натпреварувачите ќе бидат поделини во групи од 5 или 7 натпреварувачи во зависност од пријавените, и за тоа дали ќе одат првите двајца или првите тројца ќе зависи исто така од бројот на пријавени

📝 Доколку некој од учесниците се откажи на две, три изиграни утакмици, неговите резултати ќе се поништат за да биди фер спрема оние со кои не изиграл

📝 Доколку оригиназаторот сети или пак некој од учесниците му ја дава на противникот утакмицата за да оди понатаму следува дисквалификација на двајцата

📝 Во случај на ист број на вториот, третиот и четвртиот првин ќе одлучува поен разликата, ако е иста поен разликата ќе одлучува меѓусебниот дуел, во краен случај ќе се направи мини табала измеѓу тројцата

📝 За секоја друга спорна ситуација ќе одлучи организаторот

Организаторите упатуваат благодарност до спонзорите и медиумските покровители на турнирот, а Маркукуле веќе и традиционално со задоволство го покрива овој одличен настан за дружење, натпревар и релаксација.

Лице за контакт: Васко Ац Милан Смилески ☎️ 078-328-233

Двајца владици за Денот на сесловенските просветители служеа литургија во Прилеп

На денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј, во храмот „Свети Кирил и Методиј“ (Параклис) во Прилеп беше отслужена Света Божествена Литургија на која чиноначалствуваше Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение со Митрополитот Австралиско-Новозеландски г. Никола, како и повеќе свештенослужители од Преспанско-пелагониската епархија.

На литургијата присуствуваа голем број верници, кои заеднички го одбележаа празникот посветен на светите браќа Кирил и Методиј – основоположници на словенската писменост, просвета и духовност.

Во духот на празникот беше упатена порака за зачувување на духовните и културните вредности, како и за почитување на делото на сесловенските просветители, чие наследство има големо значење за македонскиот народ и словенските народи воопшто.

Во Офицерски во Битола, свечено отворено 45. издание на “Малиот Битолски Монмартр” (ФОТО)

Во Офицерскиот дом во Битола во присуство на голем број гости, свечено беше отворен Малиот Битолски Монмартр. Организаторот детското ликовно студио „Св.Кирил и Методиј“ им посака добредојде на учесниците на годинашната колонија, а поздравен говор во име на Општина Битола имаше заменик градоначалничката Марина Крстиќ.

„Голема е честа и задоволството што вечерва сум овде со вас, на овој важен и единствен настан во Македонија, каде фокусот се младите уметници, односно децата. Мислам дека нема поуспешна приказна која е создадена, а трае толку многу години, односно децении, благодарение на творецот на детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“ и Малиот Битолски Монмартр почитуваниот Коста Хаџи-Aнтоновски, чија мисија и дело продолжува да пулсира и во годините од кога тој веќе не е меѓу нас.

Задоволство е што во име на градоначалникот Тони Коњановски и Општина Битола, вечерва јас ја имам честа да Ве поздравам и да Ви посакам топло добредојде во Битола, градот кој секогаш изобилува со инспиративност, преку својата карактеристична архитектура, културно-историските споменици и културните настани.

Општината искрено им се заблагодарува на луѓето кои со голема посветеност го продолжуваат делото на Коста Хаџи-Aнтоновски и Ви благодарам на сите Вас, кои во следните денови, преку колоритност и уметност, ќе ја пренесете убавината на Битола од Старата чаршија, преку Широк сокак до Офицерскиот дом на вашите творби“ рече Крстиќ.
На свеченото отворање се обратија и амбасадорките на Народна Република Кина и на Словачка.

На 45-то издание на Светската детска ликовна колонија „Мал Битолски Монмартр“ присутни се 18 делегации од 15 држави од светот, а на овогодинешниот конкурс на 44-то издание на Светската детска ликовна изложба „Битола“ пристигнаа 850 пратки од 85 држави, односно 85.000 цртежи.

Врачена беше Гран при наградата на ликовното атеље „Артино“ од Белград, Србија, а наградата за животно дело за Хенри Лау од Хонгконг ( НР Кина ).

17 годишната битолчанка Ана Полизовска е првата учесничка од Македонија која за прв пат во изминатите 45 години е прогласена за најдобар учесник на колонијата. Таа е членка на детското ликовно студио од својата 7 година.
Над 100 учесници пет дена ќе творат во Битола во Старата чаршија, Широк Сокак и Офицерскиот дом и по еден работен ден ќе имаат во Охрид и манастирот „Св. Јован Бигорски“, при што се очекува да изработат над 700 ликовни дела.

Битолчанец пресретнал девојка која се враќала од матура, ја затворил во автомобил и брутално ја претепал

Основното јавно обвинителство Битола поведе постапка против 40-годишен битолчанец за кого постои основано сомнение дека сторил кривично дело – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, како и Противправно лишување од слобода според член 140 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот, на 23 мај во раните утрински часови, противправно ја затворил, ја држел затворена и телесно ја повредил 18-годишната девојка со која биле во блиски лични односи. Додека оштетената се враќала од матурската прослава, ја пресретнал со автомобилот. Таа влегла внатре, по што осомничениот почнал да вози, и го зел мобилниот телефон и не и дозволувал да замине.

Оштетената го молела да ја пушти да излезе и кога запреле на една локација се обидела да го напушти возилото, но осомничениот тргнал по неа и започнал да ја удира. Ја внел повторно во автомобилот и продолжил да ја удира и со тупаници, предизвикувајќи и телесна повреда и крварење од носот. Девојката успеала да се ослободи и со случаен минувач да побара помош.

Имајќи ја предвид опасноста од бегство, фактот дека осомничениот и претходно се јавува како сторител на насилство и други кривични дела, како и особено насилничкиот и контролирачки порив кон младата жртва на што укажува начинот на извршување на делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола достави предлог за определување мерка притвор.