Прилепските судиски ракометни легенди по 900 мечеви, денес свирнаа за последен пат

Спортски Прилеп и ракометна Македонија денеска упатуваат заслужен аплауз за две имиња кои оставија длабока трага во македонскиот ракомет. По цели 27 години посветеност, професионалност и повеќе од 900 отсудени натпревари, ракометните судии Рубинчо Седлоски и Горан Ангелески од Прилеп го означија крајот на својата богата судиска кариера.

Низ речиси три децении поминати на терените ширум Македонија, тие беа симбол на авторитет, фер-плеј и љубов кон спортот. Со свирежот на последниот натпревар, завршува едно значајно поглавје исполнето со безброј натпревари, емоции, предизвици и незаборавни моменти.

Во својата порака на благодарност, тие упатија искрена почит до ракометните клубови, играчите, тренерите, колегите судии и Ракометната федерација на Македонија за довербата и поддршката низ сите овие години. Посебна благодарност упатија и до своите семејства, кои биле нивната најголема сила и поддршка во текот на целата кариера.

„Ракометот ми даде многу – пријателства, искуства, емоции и незаборавни моменти. Ќе останам засекогаш посветен на овој спорт во кој ја оставив својата душа“, стои во емотивната порака на Рубинчо Седлоски.

Прилеп и македонскиот ракомет денес се поклонуваат пред две вистински судиски легенди.

Честитки за двајцата судии




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.