Унгарските пратеници се согласија со 40-процентно намалување на нивните плати, со цел да се намали притисокот врз јавните финансии и да се покаже политичка одговорност.
Одлуката беше донесена со акламација, односно за неа гласаа сите 189 присутни пратеници на седницата на Парламентот.
Од следниот месец основната бруто плата на унгарските народни избраници ќе изнесува 3.690 евра. Според владејачкото мнозинство, заштедите од мерката ќе ги покријат годишните трошоци за функционирање на Парламентот.
Со мерката се укинува и надоместокот за мобилни телефони, а се намалуваат и парламентарните додатоци за канцеларии, станови и персонал.
Новоизбраниот премиер Петер Маѓар ја поврза реформата со мерките за фискална дисциплина и борба против корупцијата во Унгарија.
Според Ференц Биро, раководител на независен антикорупциски орган, за време на 16-годишното владеење на Виктор Орбан, корупцијата ја чинела Унгарија најмалку 186 милијарди евра.
Крушево продолжува со реализација на повеќе капитални проекти насочени кон развој на туризмот, подобрување на инфраструктурата и унапредување на условите за живот на граѓаните. Ова го истакна градоначалникот Нико Чонески во гостување во Попладневната програма на Македонската радио-телевизија, осврнувајќи се на тековните активности и плановите за развој на општината во наредниот период.
Според Чонески, во моментов се работи на неколку значајни проекти кои треба дополнително да ја зацврстат позицијата на Крушево како препознатлива туристичка дестинација.
„Општина Крушево постојано вложува во своите туристички потенцијали. Веќе се започнати неколку проекти, како изградбата на две нови полетувалишта за параглајдерство. Во тек е и изградбата на дел од обиколница околу Крушево, која не само што ќе го растерети градот од тешки возила, туку ќе овозможи и поврзување со скијачките терени, каде во иднина планираме да изградиме поголем паркинг“, изјави Чонески.
Тој нагласи дека развојот на туризмот е еден од главните двигатели на локалната економија, при што бројот на домашни и странски посетители континуирано расте.
„Радува фактот што сè повеќе сме посетени од странски туристи, а тоа се должи на фактот што сме топ дестинација за параглајдерство. Во нашата општина се организираат натпревари од светски и европски ранг, но и бројни национални купови и првенства“, посочи градоначалникот.
Во однос на инфраструктурниот развој, Чонески истакна дека големо значење за Крушево ќе има реализацијата на патниот правец Кривогаштани-Крушево-Демир Хисар.
„Патот Кривогаштани-Крушево-Демир Хисар е влезен во програмата на Јавното претпријатие за државни патишта и се надеваме дека со неговата реализација значително ќе се олесни пристапот до Крушево и ќе се создадат подобри услови за развој на туризмот и локалната економија“, рече тој.
Градоначалникот се осврна и на урбанистичкиот развој на градот, нагласувајќи дека идните проекти ќе мора да го почитуваат историскиот и архитектонски идентитет на Крушево.
„Крушево е заштитена споменичка целина и мораме да бидеме внимателни. Нашата цел е да направиме симбиоза меѓу развојот на градот и зачувувањето на препознатливата архитектура која е дел од неговиот идентитет“, истакна Чонески.
Тој додаде дека постои сериозен интерес од приватни инвеститори за вложувања во туристичкиот сектор, а локалната самоуправа ќе продолжи да создава услови за реализација на нови инвестиции.
Како дел од визијата за наредните години, Чонески ги посочи проектите поврзани со водоснабдувањето, управувањето со отпадот, канализационите системи и решавањето на проблемот со дивата депонија.
„Јас Крушево го гледам како модерно планинско место, налик на познатите алпски туристички центри. За да го постигнеме тоа, потребна е заедничка работа на институциите, граѓаните и сите чинители во општеството“, порача градоначалникот на Крушево.
Прилепската Општа болница со проширена дејност „Борка Талески“ доби нова донација од компанијата „Гаро Градба“, која обезбеди перфузиони пумпи и пациент-монитор за потребите на Одделот за неврологија.
Од болницата истакнуваат дека новата опрема ќе придонесе за уште поквалитетен и побезбеден третман на пациентите, особено во ургентната неврологија и интензивната нега, каде што прецизноста и брзата реакција се од клучно значење.
Перфузионите пумпи имаат значајна улога во секојдневната работа на одделот, особено при спроведување на интравенска тромболиза кај пациенти со акутен исхемичен мозочен удар. Со нивна помош лековите се администрираат прецизно и контролирано, што е од исклучителна важност за успешноста на третманот.
Истата опрема се користи и во Единицата за интензивна нега при Одделот за неврологија, каде се лекуваат пациенти со интрацеребрални крварења, хипертензивни кризи, шокови состојби и коматозни пациенти. Во вакви ситуации терапијата бара континуирано следење и внимателно дозирање на лековите.
Дополнително, донираниот пациент-монитор овозможува постојан увид во виталните параметри на пациентите, вклучувајќи крвен притисок, пулс, сатурација и други показатели важни за навремена медицинска интервенција.
Од Одделот за неврологија упатија искрена благодарност до компанијата „Гаро Градба“, нагласувајќи дека ова е втора донација од компанијата и уште една потврда дека поддршката на здравствениот систем може директно да придонесе за подобра грижа за пациентите.
„Оваа донација за нас значи поголема сигурност во критични моменти, а за пациентите – поквалитетна и побезбедна здравствена заштита“, велат од прилепската болница.
Женската фудбалска репрезентација го игра одлучувачкиот натпревар во европската зона квалификации за Светското првенство. Битола и стадионот „Петар Милошевски“ ќе бидат терен на натпревар кој може да стане историски.
По пет одиграни натпревари, Македонија се наоѓа на третата позиција во групата со шест освоени бода. На врвот е Унгарија со 13 бодови, пред Азербејџан кој има девет. Победа може да ни донесе историски резултат и продолжување на надежите во овој квалификациски циклус.
Утре со почеток во 19:00 се игра клучниот квалификациски натпревар помеѓу женските репрезентации на Македонија и Азербејџан.
Поддршката на нашите девојки им е повеќе од потребна! Влезот на натпреварот е слободен.
Големите количини на дожд кои попладнево паднаа во Битола предизвикаа проблеми во нормалното функционирање во делови од градот. Веднаш на терен излегоа екипи на ЈП „Нискоградба“ Битола при што интеренираа и интервенираат на следните места:
– населба „Стрелиште“ на улицата „8 септемрври“ кај бензинската станица на „Лук оил“,
– населба Карпош-Кланица на потегот кој излегува на улицата „Железничка“,
– на улицата „Железничка“ на потегот кај „Император“
– населба „Стрчин“ на реката Курделес
– улица „Патризанска“ пред Медицина на трудот,
– Горно Оризари улица „Крте Нале“ одводниот канал, Раштански порој
– улица „Бурса“.
– улица „Цар Самоил“.
Исто така екипи на „Нискоградба“ ќе интервенираат на улицата која води кон село Раштани, а имаше и помали интервеници во „Бадембалари“, населбата „Баир“, на улицата „Широка“ каде решетките не можеа да ја соберат водата од ридот, потоа на улицата „Васко Карангелевски“ на стариот Курделес кој излегува на улицата „Смилевски конгрес“.
Екипи на „Нискоградба“ ќе интервенираат и на патот за Брусник и Лавци – стои во соопштението од Општина Битола.
Три спрема еден е предноста на објективниот рејтинг на ВМРО-ДПМНЕ пред СДСМ и ДУИ во очите на партиски неопределените граѓани. Тоа го покажуваат сумираните податоци од три анкети, што ги изнесе претседателот на партијата Христијан Мицкоски денеска.
Сумирано од три анкети, за ВМРО-ДПМНЕ се определиле 25,2 отсто од партиски неопределените граѓани, додека кај оние што се определиле како партиски симпатизери или членови, бројката е само малку помала од 42 отсто. За СДСМ поддршка даваат 8,6 отсто од неопределените, додека во таборот на партиски профилираните, поддршката изнесува 14,4 отсто.
Во случајот на ДУИ, станува збор за поддршка 8,1% наспроти 13,6% кај оние со партиска приипадност. Кај Вреди е 6,8 отсто наспроти 11,4%.
Што се однесува до другите партии од македонскиот политички блок, следува Левица со 6,2% наспроти 10,4%. По нив е ЗНАМ со поддршка од 2,3 проценти од неопределените, и 3,85 проценти поддршка од партиските членови или симпатизери.
Во однос на другите партии, бројките се следниве: 2,5% наспроти 4,2%. Како што информираше Мицкоски, од вкупно анкетираните, дури 59,7% биле партиски определени.
РК Прилеп продолжува со засилувањата за новата сезона, а нов член на тимот е Андреј Стојановски, македонски ракометар кој настапува на позицијата лев бек и доаѓа од редовите на РК Тинекс Пролет.
Роден на 21 август 2004 година, Стојановски е производ на младинската школа на Пролет и важи за еден од најперспективните млади македонски ракометари на својата позиција.
Покрај настапите во домашната Суперлига, Андреј има и репрезентативно искуство во младинските селекции на Македонија, вклучувајќи го и настапот на Светското младинско првенство во Полска.
-Сигурни сме дека неговата енергија, борбеност и желба за напредок ќе донесат дополнителен квалитет во нашиот тим и ќе бидат значаен придонес во остварувањето на клупските цели. Му посакуваме добро здравје, успешна сезона и многу победи со РК Прилеп – стои во соопштението од РК Прилеп.
Во салата на ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“ во Прилеп се одигра финалниот натпревар од плејофот на Супер лигата на Македонија во пинг-понг за мажи, во кој екипата на Крива Паланка славеше над Младост 96 Прилеп со 4:1 и по третпат по ред ја освои шампионската титула.
Гостинскиот состав ја потврди доминацијата во македонскиот пинг-понг, завршувајќи ја сезоната без ниту еден пораз. Крива Паланка забележа максимален учинок од 20 натпревари и 20 победи, со што заслужено го подигна шампионскиот пехар токму во Прилеп.
За Младост 96 настапија Антонио Стомнароски, Андреј Лашкоски и Ѓорѓе Борчиќ. Единствениот поен за прилепчани го освои Борчиќ, кој беше подобар од Ѓорѓе Петровиќ.
И покрај поразот во финалето, прилепскиот состав може да биде задоволен од сезоната, која ја заврши на второто место во државата со биланс од 17 победи и 5 порази на вкупно 22 натпревари.
Младост 96 е клуб предводен од претседателот Марјан Матракоски и потпретседателот Златко Рикалоски, а дел од екипата е и актуелниот директор на ЈКП Водовод и канализација, Ѓоко Јочкоски, кој има двојна улога на играч и тренер, како Нико Доага од Крушево и Петар Костовски од Штип.
По завршувањето на финалниот натпревар, шампионскиот пехар на новиот првак му го врачи токму претседателот на Младост 96, Марјан Матракоски, по што Крива Паланка го прослави новиот шампионски успех и третата последователна титула во македонскиот пинг-понг.
Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, денеска присуствуваше на свеченото пуштање во употреба на новата фабрика за кондиторски производи на компанијата Макпрогрес, во рамки на брендот Винчини.
Станува збор за инвестиција вредна 8,5 милиони евра, која ќе овозможи отворање на 40 нови работни места веднаш, како и дополнителни 40 вработувања во текот на наредната година.
Во рамки на посетата, Ристески заедно со премиерот Христијан Мицкоски и министерот за транспорт Александар Николоски оствариле работна средба со менаџерскиот тим на компанијата.
На состанокот се разговарало за актуелните економски состојби, извозните резултати на компанијата, тековните инвестициски активности, како и за идните развојни планови.
„Оваа инвестиција е одлична вест за Македонија, за Виница и за целиот регион. Таа носи нови можности за вработување, поттикнува локален економски развој и претставува доказ дека домашните компании продолжуваат да инвестираат и да се развиваат“, напиша Ристески.
Тој нагласи дека Владата останува посветена на креирање поволна деловна клима и обезбедување поддршка за компаниите кои инвестираат во економскиот раст и развој на државата.
Новата фабрика на „Винчини“ претставува една од позначајните инвестиции во источниот регион во последниот период и се очекува дополнително да го зајакне производствениот и извозниот капацитет на компанијата.
Во саботата на 06.06.2026 година се одржа последното коло од Опнен Балкан Купот во Античкиот театар во Охрид, во организација на Македонската Боксерска Федерација и боксерскиот клуб “Алексо Огненовски”.
Боксерки клуб “АС” од Прилепучествуваше со тројца боксери и ги постигнаа следните резултати:
-Мартин Трајкоски го победи Лазар Митич од Србија 5:0
-Валентин Стризлоски со W.O издвојува победа против Димитрије Амиџич од Бк Професионалац Србија,
-Државниот шампион Давид Карапеев со ТКО во првата рунда го го победи Марис Мусович ос Бк Бело Поље Црна Гора.
Честитки за прилепските боксери и желби за уште поголеми успеси во иднина!