Ристески на отварањето на новата фабрика на “Винчини”, вредна 8,5мил. евра (ФОТО)

Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, денеска присуствуваше на свеченото пуштање во употреба на новата фабрика за кондиторски производи на компанијата Макпрогрес, во рамки на брендот Винчини.

Станува збор за инвестиција вредна 8,5 милиони евра, која ќе овозможи отворање на 40 нови работни места веднаш, како и дополнителни 40 вработувања во текот на наредната година.

Во рамки на посетата, Ристески заедно со премиерот Христијан Мицкоски и министерот за транспорт Александар Николоски оствариле работна средба со менаџерскиот тим на компанијата.

На состанокот се разговарало за актуелните економски состојби, извозните резултати на компанијата, тековните инвестициски активности, како и за идните развојни планови.

„Оваа инвестиција е одлична вест за Македонија, за Виница и за целиот регион. Таа носи нови можности за вработување, поттикнува локален економски развој и претставува доказ дека домашните компании продолжуваат да инвестираат и да се развиваат“, напиша Ристески.

Тој нагласи дека Владата останува посветена на креирање поволна деловна клима и обезбедување поддршка за компаниите кои инвестираат во економскиот раст и развој на државата.

Новата фабрика на „Винчини“ претставува една од позначајните инвестиции во источниот регион во последниот период и се очекува дополнително да го зајакне производствениот и извозниот капацитет на компанијата.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.