БРАВО! Прилепска фирма донираше современа медицинска опрема за Одделот за неврологија во прилепската болница

Прилепската Општа болница со проширена дејност „Борка Талески“ доби нова донација од компанијата „Гаро Градба“, која обезбеди перфузиони пумпи и пациент-монитор за потребите на Одделот за неврологија.

Од болницата истакнуваат дека новата опрема ќе придонесе за уште поквалитетен и побезбеден третман на пациентите, особено во ургентната неврологија и интензивната нега, каде што прецизноста и брзата реакција се од клучно значење.

Перфузионите пумпи имаат значајна улога во секојдневната работа на одделот, особено при спроведување на интравенска тромболиза кај пациенти со акутен исхемичен мозочен удар. Со нивна помош лековите се администрираат прецизно и контролирано, што е од исклучителна важност за успешноста на третманот.

Истата опрема се користи и во Единицата за интензивна нега при Одделот за неврологија, каде се лекуваат пациенти со интрацеребрални крварења, хипертензивни кризи, шокови состојби и коматозни пациенти. Во вакви ситуации терапијата бара континуирано следење и внимателно дозирање на лековите.

Дополнително, донираниот пациент-монитор овозможува постојан увид во виталните параметри на пациентите, вклучувајќи крвен притисок, пулс, сатурација и други показатели важни за навремена медицинска интервенција.

Од Одделот за неврологија упатија искрена благодарност до компанијата „Гаро Градба“, нагласувајќи дека ова е втора донација од компанијата и уште една потврда дека поддршката на здравствениот систем може директно да придонесе за подобра грижа за пациентите.

„Оваа донација за нас значи поголема сигурност во критични моменти, а за пациентите – поквалитетна и побезбедна здравствена заштита“, велат од прилепската болница.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.