дома блог страница 1238

Подгответе се: Најавени поројни дождови и грмежи – темперетурите ќе бидат во опаѓање

Кон крајот на денот во западните и северните делови ќе има врнежи од дожд кои ќе продолжат и ќе се прошират преку ноќта, а локално ќе бидат поројни, проследени со појава на грмежи.

Ќе дува засилен, повремено силен ветер од јужен правец (на повеќе места со брзина над 60 км/ч).

Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 10, а максималната ќе достигне од 14 до 20 степени.

Во Скопје променливо облачно и релативно топло. Ќе дува засилен ветер од југоисточен правец. Во текот на ноќта ќе има врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 19 степени.

Под влијание на серија влажни бранови во текот на работната седмица ќе преовладува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд со променлив интензитет, а на повисоките планини ќе врне снег.

Дневната температура од понеделник ќе биде во опаѓање.

Нов сериозен играч на пазарот за тyтyн – Македонија добива нов откупувач

Тутунопроизводството се вбројува меѓу најбитните гранки во земјоделството што носи голем девизен прилив на државата и солидна заработка на тутунопроизводителите.

Оваа година поради помалото производство и напорите на Владата во преговорите со фирмите за да се зголемат цените со анекси пред почеток на откупот се доби релативно добра цена.

Дел од тутунарите кои меѓу првите го предадоа тутунот и на кои тутунот им беше проценет по пониска класа, сега бараат да им се исплати разлика во однос на цената која тие ја добиле и цената за прва класа, бидејќи поголем дел од тутунот во продолжение на откупната сезона беше откупуван во прва класа. Oд порталот “АГРОТИМ.МК” побараа одговор во однос на ова прашање од директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Јане Станкоски.

„Беспредметно е да се разговара во однос на тоа, бидејќи секоја година е иста ситуацијата и тутунарите го знаат тоа. Секоја година се почнува со одредена цена, се завршува со одредена цена, со пик во некој момент.
Откупувачот на тутун утврдува план за динамика на планираните количини за откуп на тутунот од тековната реколта по региони и по производители пред почетокот на откуп и по истиот тутунопроизводителите треба да се придржувааат. Откупувачот на тутун е должен, во реален временски период, да ги извести писмено производителите на тутун со кои склучил договор, за деновите на преземањето на тутунот, а доколку е спречен да го достави тутунот во определениот термин, откупувачот на тутун му определува друг термин. Меѓутоа најголем дел од тутунопроизводителите имаат склучено договор со повеќе откупувачи и самите одредуваат каде, кога и колкава количина од произведениот тутун ќе предадат на одредена компанија
, вели Станкоски.

Годината беше релативно успешна, откупот заврши, сега започнува новата реколта и веќе е во тек склучувањето на договори, а Станкоски како новост за годинава наведе дека уште една сериозна фирма ќе влезе во откуп на тутун. Тој нагласува дека влезот на уште една компанија откупувач многу ќе придонесе за уште поголема конкурентност на пазарот за тутун и зголемени откупни цени.

Периодот за договарање започнува од кога откупувачите ќе достават барање за мислење со предлог договор до Највисоката асоцијација на тутунопроизводителите, а законски најдоцна до 20 февруари.

Откупувачот на тутун е должен содржината на договорот јавно да ја објави најдоцна до 28 февруари во тековната година на огласна табла во седиштето на откупувачот на тутун и на локалната веб страница на откупувачот доколку истата постои.

Доколку највисоката ацоцијација даде негативно мислење потребно е сите засегнати страни, а во овој случај откупувачите со тутунопроизводителите да најдат заедничко решение за усогласување и надминување на проблемите. Бидејќи со неизнаоѓање на заедничко решение во догледен период може да дојде до намалување на заинтересираност за производство на тутун, а тогаш губат и двете страни.

На тутунопроизводителите останува да размислат, да донесат одлука и доколку сметаат, да ги потпишат договорите .
„Упатувам повик до тутунарите добро да ги разгледаат договорите, да размислат и нивна одлука е дали ќе ги потпишат или не“. Само потпишан договор од двете страни е легитимен договор. По потпишувањето на договорот Откупувачот е должен веднаш да ги внесе податоците во електронскиот систем (ИСЕТ) кој го води МЗШВ“, вели Станкоски.

Откупувачот е должен по завршувањето на крајниот рок од склучувањето на договорите, a тоа е 31 март, до подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство одговорна за подрачјето на производство, во рок од десет работни дена, да достави список на сите склучени договори во електронска форма и по еден примерок од секој склучен договор.

„Земјоделците да не потпаѓаат на шпекулации. Инспекторатот, советодавните служби, АПРЗ, сите институции се отворени за соработка. Тука се институциите, нека повелат, нека прашаат, сè ќе им биде објаснето. Нека се интересираат за сè, а не да веруваат во сè што ќе слушнат и што ќе прочитаат по социјалните медиуми. Кој и да ни прати претставка за што и да е поврзано со нашата дејност ние излегуваме на терен и сме должни да постапиме по секој предмет. На веб-страницата имаме можност и за анонимни претставки така што секој може да ни се обрати.“, порача Станкоски.

Извор: Agrotim.mk

Нема кој не ги знае прилепските мечкари, но дали знаете зошто им се даваат пapи?

Тимот на најпознатата Фејсбук група “Патувања низ Македонијa” на одличен начин ја опишаа долгогодишната карневалска традиција во Прилеп и значењето на традиционалната маска Прилепски мечкари.

Текстот во продолжение е на Ангела Ризовска:

Прочка се празнува низ цела Македонија. Македонската традиција за Прочка е богата и разновидна. Како дел од таа традиција е и заедничката вечера во семејството на која се запокладува со сирење и јајца. Вечерата завршува со амкање јајца за децата (На урка за предење волна се закачува конец и на него јајцето и на децата им се амка јајцето пред устињата за да го фатат), што претставува детска радост и добро расположение.

А вистинската смисла на сето тоа е дека пред постот, на последното јадење, запостуваме и ја затвораме устата со бело јајце и потоа, на Велигден ја отвораме и замрсуваме со црвено јајце. Мрсењето завршува во Белата недела, со бело јајце и пак започнува со јајце, но црвено – велигденско, на Велигден.

Во Прилеп кај нас, уште од рано сабајлето се преправаат дечињата кој во народни носии, кои во други интересни маски и одат кај своите баби и дедовци и роднини, со што бабите им даваат по едно бело јајце и паричка за среќа.

Карневалот во Прилеп е долгогодишна традиција низ прилепските улици, и е доста успешен и прилично посетен. Обично е организиран во неколку дена со најразлични интересни маски, претстави, а она што е најважно тие неколку дена е радоста на најмалите. Да не ги заборавиме и мечкарите без кои карневалот и самиот празник не би имал смисла.

Традиционална маска заштитен знак за Прилеп е мечкарската. Мечкарските маски се направени од пресни кожи кои се врзуваат од рано наутро на студено место.

Суратите се од црна чоја, вепарски заби, а се користат и препарирани животни. После завршувањето на карневалот, прилепчани им плаќаат на “мечкарите“ за да си го откупат сопствениот живот. Касапите пак наредниот ден се собираат на касапски посен грав за да си ги “измијат” гревовите што ги направиле на прочка.

Ви препорачувам да го посетите карневалот во Прилеп, да ја видите нашата традиција и да си поминете незаборавно со многу шеги и убава прилепска скара. Па, кај нас викаат: Простете ако сум ви згрешил/а, и вас нека ви е простено и од мене и од Бога! За многу години и нека трае вечно убавата традиција!

За 1.500 евpa купиле автоматcки пиштол во Прилеп, ама ги фатиле на автопат (ФОТО)

Велешкото обвинителство отвори истрага и бара притвор за маж и жена од Скопје откако на автопатот во близина на Велес биле фатени со автоматски пиштол.

-На 23 февруари, за сума од 1.500 евра, осомничениот во Прилеп набавил автоматско оружје кое им е забрането на граѓаните – пиштол марка ‘шкорпион’ со една рамка без куршуми. Тој и го дал на осомничената која го ставила во својот ранец и со мотор се упатиле кон Скопје. На автопатот Велес-Градско ги застанале полициски службеници и при извршената проверка го откриле и одзеле пиштолот кој граѓаните не можат да го поседуваат со дозвола, велат од ОЈО Велес.

Истрагата против нив се води за кривичното дело неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи (член 396 од Кривичниот законик).

Притворот, пак, се бара бидејќи обвинителството тврди дека има опасност да избегаат, да влијаат врз вештаци или да го повторат делото.

Oсмани им се обрати на Русите: Итно да се повлечете од територијата на Украина

На една година од руската инвазија врз Украина, министерот за надворешни работи Бујар Османи се обрати пред Советот за безбедност на Обединетите нации на отворената дебата за Украина на тема „Зајакнување на одговорноста и правдата за прекршување на меѓународното право“.

Оваа отворена дебата доаѓа по вчерашната 11-та Специјална итна седница на Генералното собрание на ОН, каде Претседавачот Османи исто така имаше свое обраќање. На седницата на ОН беше усвоена Резолуцијата за праведен и траен мир во Украина. Во тој контекст, пред Советот за безбедност Османи истакна дека Северна Македонија ја поддржува оваа резолуција и е меѓу нејзините главни ко-спонзори. За зачувување на мирот и безбедноста, рече тој, потребна е максимална акција за придржување кон меѓународното право и меѓународното хуманитарно право.

Тој во своето обраќање уште еднаш се осврна на нашата поддршка за суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Украина, во нејзините меѓународно признати граници. Ја обвини Русија за постојаните напади во урбаните области, оставајќи ги цивилите и градовите без пристап до основни човечки потреби.

„Досегашните истраги во повеќето нападнати градови во Украина водат до заклучок дека се извршени воени злосторства и злосторства против човештвото“, рече Османи, споменувајќи и извршена сексуална злоупотреба и насилство врз жени и девојчиња, што е сериозно кршење на меѓународните човекови права и меѓународното хуманитарно право.

„Сторителите на овие злосторства мора да одговараат и да бидат изведени пред лицето на правдата“, потенцираше Османи. Тој нагласи дека како Претседавач со ОБСЕ сака да стави акцент на Московскиот механизам на ОБСЕ како важен извор, со цел да се утврдат фактите за можните воени злосторства и злосторствата против човештвото. Ова е, рече Османи, со цел извршените злосторства да се презентираат пред релевантните механизми за одговорност, како и пред меѓународните судови или трибунали.

„Го делиме ставот дека Меѓународниот кривичен суд е составен дел од мултилатералната архитектура која го поддржува владеењето на правото. Таа е централна институција во борбата против неказнивоста и потрагата по правда“, рече Османи во своето обраќање.

Тој додаде дека целосно ја поддржува истрагата што ја започна Обвинителот на Меѓународниот кривичен суд и ги поздрави и привремените мерки на Меѓународниот суд на правдата со кои ѝ се наложува на Русија веднаш да ги прекине воените операции.

Османи повика и на целосно искористување на постоечките механизми за човекови права како клучни за поддршка на процесите на одговорност, зборувајќи тука за Советот за човекови права. Овој Совет, согласно своите специјални процедури, треба да ги истражи повредите и злоупотребите на човековите права и поврзаните злосторства во контекст на руската војна против Украина.

На крајот на своето обраќање, Османи ја повика Руската Федерација да ја прекине војната и го повтори барањето за итен прекин на воената агресија врз Украина, како и за целосно и итно повлекување на нејзините сили од територијата на Украина.

„Мора да го вратиме мирот и мора да надвладее одговорноста! Тие што направиле злосторства мора да бидат изведени пред лицето на правдата“, заклучи Османи.

Ќе стигне ли за живот сега? Минималната плата од месец март ќе биде 20.175 денари

Зголемувањето на минималната плата ќе биде за 12,55 отсто, односно истата од месец март ќе изнесува 20.175 денари. Ова значи дека граѓаните добиваат повисоки плати за над 2000 денар, соопшти денеска Министерството за труд и социјална политика.

Според МТСП, со измените на законот за минимална плата, донесени во март 2022 година, се воспостави нова методологија, која е системско решение и кое значи постојан раст на минималната плата.

Секоја година во месец март минималната плата се усогласува согласно податоците од Државниот завод за статистика, и тоа 50% од порастот на трошоците за живот и 50% од порастот на просечната плата од измината година.

-Од 2017 година имаме континуирано зголемување на минималната плата и тоа во 2017/2018 година на 12,000 ден, во 2019 година на 12,507 ден, во 2020 на 14,500 денари, во 2021 на 15,194 ден. Во март 2022 година минималната плата достигна 18,000 денари за разлика од 2016 кога минималната плата изнесуваше 10.080 денари. Во март месец 2023 година минималната плата достигнува 20.175 денари, што е за над 10.000 денари повеќе. Носиме системски решенија, од кои граѓаните имаат директни придобивки, велат од МТСП.

Од вторник замрзнување на цената на лебот: Eве колку ќе чини

Во вторник ќе се замрзне цената на лебот и нема да биде над 33 денари и за белиот и полубелиот леб. Ова е само прв чекор од производите наведени во одлуката на Владата.

Ќе следат и нови одлуки за замрзнување на цените. Се прават анализи за тестенините и тие средства ќе се користат за укинување на некои давачки, изјави на денешната прес-конференција Министерот за економија Крешник Бектеши.

Цените, како што појасни Бектеши, нема да се зголемат по завршување на мерката, освен ако се зголемат цените на суровините и тогаш може да има нагло покачување на цената.

Апасиев: Премиерот Таче на седница во Собрание и’ дофрли на пратеничката Бети дека е „ружна“

Лидерот на Левица, Димитар Апасиев преку социјалната мрежа Фејсбук, тврди дека претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, на собраниска седница, од место и дофрлил на пратеничката Бети, дека жената на премиерот била убава, а Бети била „ружна“.

„Премиерот Таче, на собраниска седница, од место и дофрли на пратеничката Бети: „Жена ми барем е убава, а ти си РУЖНА“.

Ајмо, Хелсиншки, фемини, џинџер-еквалити и остала соросписка боранија… Три, два, еден – позор, сад“, стои во објавата на Апасиев на ФБ.

Средното економско училиште од Прилеп ја одбележа 79 годишнината од смртта на нивниот патрон – народниот херој Кузман Јосифоски – Питу

.

Средното економско училиште од Прилеп ја одбележа 79 годишнината од смртта на нивниот патрон – народниот херој Кузман Јосифоски – Питу

Прилепчанецот кој ги носи најголемите заслуги за организирањето на НОБ и антифашистичкото движење во Република Македонија.

Тој е иницијаторот и главен организатор на Првото заседание на АСНОМ, како и автор на неговите државотворни документи. Роден е во Прилеп на 23 јуни 1915 година, а загинал во Скопје на 25 февруари 1944 година, убиен од бугарски војник.

Бил прогласен за народен херој на 2 август 1945, како еден од првите борци кои го добиле тоа одликување.

Со полагање свежо цвеќе пред споменикот на Кузман Јосифоски-Питу во центарот на Прилеп, како и пред неговите спомен бисти во истоименото училиште и Могилата на непобедените денеска беше одбележана годишнината од загинувањето на народниот херој, а во Народниот театар „Војдан Чернодрински“ се одржа свечена академија по повод патрон празникот на СОЕПТУ „Кузман Јосифоски-Питу“.

Со изложбата на рачно изработени маски започна карневалот “Прочка 2023”: Овие ученици ги имаа најдобрите изработки (Фото галерија)

Со традиционалната изложба на маски во Центарот за култура „Марко Цепенков“ денес започна карневалската магија која ќе кулминира в недела со централното дефиле за Прочка 2023.

Учениците од прилепските основни и средни училишта поддржани од нивните ментори, се претставија со повеќе од 500 рачно изработени маски, а најдобрите во секоја категорија беа наградени.

Категорија 6 -7 одделение: 1. Матеј Тодоров – О.О.У. Блаже Конески, 2. Иле Наумоски – О.О.У. Добре Јованоски, 3. Марија Талеска – О.О.У. Климент Охридски

Категорија 8 – 9 одделение: 1. Михаела Јованоска – О.О.У. Пере Тошев-Канатларци, 2. Сара Блажеска – О.О.У. Кире Гаврилоски, 3. Евгенија Димитриовска – О.О.У. Гоце Делчев

Категорија Средни училишта: 1. Андреј Бошески С.О.У. Ѓорче Петров, 2. Даниел Главчев С.О.У. Ѓорче Петров, 3. Димитар Талески С.О.У. Ѓорче Петров

Специјална награда: Учениците од второ 2 од О.О.У. Климент Охридски

ГРАН ПРИ: Изабела Талевска – О.О.У. Кирил и Методи с. Подмол

Маските ги оценуваше стручна комисија во состав: Методи Исков, Маја Најдовска и Анита Сотироска