дома блог страница 1167

Битолчанец ќе лежи во затвор: Извршил една тешка кражба, а се обидел да ограби и црква

Денеска (15.06.2023) во Битола, полициски службеници од криминалистичката полиција при СВР Битола го лишиле од слобода Џ.А.(31) од Битола. Тој бил баран по централна потерница врз основа на судска наредба за издржување на казна затвор од една година и шест месеци за сторени кривични дела „тешка кражба“ по член 236 од кривичниот законик.

Исто така, тој бил баран и поради сомнение дека на 14.06 2023 се обидел да изврши „тешка кражба“во црква на ул.„Довлеџик“ во Битола.

Лицето ќе биде спроведено во Казнено – поправната установа Затвор Прилеп за издржување на казната – информираат од СВР Битола.

Учеа, беа упортни и покажаа резултати, а сега си добија и вработување: Витаминка вработи тројца ученици кои доаѓаат од профилот за дуално образование при СОУ “Ристе Ристески-Ричко”

Тројца кандидати од првата генерација ученици запишани на образовниот профил за дуално стручно образование по германски модел, добија вработување во Витаминка. Избрани се ученици кои на насоката Техничар за индустриска мехатроника, во СОУ “Ристе Ристески-Ричко” Прилеп, покажаа особен успех, интерес и иницијатива за работа во ова поле.

Со влегување во Витаминка тие го започнуваат својот професионален пат во услови што веќе им се познати и за кои што поседуваат почетни потребни квалификации.

Витаминка е поддржувач на процесот за имплементација на дуалното образование со цел примена на докажани и корисни практики во образованието и индустријата. Компанијата ги отвори вратите за учениците и преку моделот на практична работа ги оспособи во едуцирани технички кадри што се подготвени за пазарот на трудот. Во изминатите неколку години, почнувајќи од втора година, пет ученици од првата генерација беа вклучени во практична настава во компанијата. Во втората година од средното образование учениците доаѓаа осум часа во неделата на практична настава, додека во наредните две години учениците имаа по шеснаесет часови организирана практична настава поврзана со образовниот профил, реализирана од сертифицирани ментори. Учениците имаа уникатна можност да се запознаат со процесите на работа, практично да ги совладуваат наставните единици и активно да партиципираат во одредени активности кои што се од значење за нивното стручно оспособување. Во текот на учењето, компанијата обезбеди соодветен надоместок и други потребни услови за успешно спроведување на наставата.

Витаминка АД Прилеп продолжува активно да партиципира во програмата за дуално образование, обезбедувајќи практична настава и целосна поддршка уште на петнаесетина други ученици од профилот Техничар за индустриска мехатроника.

Маестрална приредба пред бројна публика: Дечињата и нивните наставничи од ООУ “Кочо Рацин”, на прекрасен начин ја завршија школската година (Фото галерија)

Со игра, песна и насмевки означен крајот на учебната година во подрачното училиште “Кочо Рацин”, кое се наоѓа во населбата “Рид”.

Учениците од прво, второ и четврто одделение, заедно со своите наставнички: Каролина Тренеска, Светлана Велкоска, Наташа Аризанкоска, Стојна Богеска, Јасна Костадиновска, Билјана С.Костадиновски и Емилија Мирческа Бошеска, ја завршија учебната година со прекрасна приредба.

Пред многубројната публика во училиштето се претставија со рецитации, лични творби, играње, глумење. Задоволни ученици, наставници, родители.

-Со нови сили се враќаме во училишните клупи од септември, за една нова и поуспешна учебна година. СРЕЌЕН ЛЕТЕН РАСПУСТ – им порачаа наставничките на своите ученици.



Од играчка плачка: Ја нападна најзгодната хрватска навивачка, па си го доби дебело од полицијата (ВИДЕО)

Најзгодната хрватска навивачка Ивана Кнол беше нападната од сонародник пред натпреварот меѓу Хрватска и Холандија (4-2) во Ротердам во Лигата на нации, па мораше да реагира и полицијата..

Полицијата реагирала по поплаките од навивачката, која се пожалила дека е физички нападната, а видео од инцидентот се појави на социјалните мрежи.

„Додека давав интервју, дојде пијан навивач и почна да ме навредува, а потоа и да ме напаѓа. Потоа пристигна полицијата, која интервенираше“, кажа Кнол.

Вработените во УЈП ќе протестираат два часа дневно – не се задоволни од платите

Почнувајќи од денеска, секој нареден ден од 10 до 12 часот вработените во УЈП ќе протестираат и нема да ги извршуваат работните обврски. Како што пишува Телма, веќе се влезени во постапка за организирање на генерален штрајк.

Вработените во УЈП и во вторникот излегоа на предупредувачки протест пред Министерството за финансии. Побараа средба со првиот финансиер, Фатмир Бесими, но тој не ги прими. Според него, се подготвува општ колективен договор и во овој период Финансии не може да преговара за поединечни случаи.

Вработените тврдат дека претходно со Бесими постигнале договор, но од непознати причини тој сѐ уште не е потпишан.

Тврдат дека во преговорите тие дури и се откажале од некои свои права. Документот го пратиле до финансии, но е нејасно е зошто Бесими не го потпишува.

Предупредија дека ако не исполни договреното ќе бидат приморани да одат на генерален штрајк со целонса блокада на нивната работа, а тоа ќе значи колапс за целата држава.

Нивниот револт порасна откако министерството за финансии, под чија надлежност се и тие, ги зголеми платите за 30%, но само за вработените во финансии.

За утре, протест најавија и од Царинската Управа. И тие бараат зголемување на платите и рекоа дека доколку не се слушне нивното барање, ќе се радикализираат, па дури и ќе затворат дел од граничните премини.

„My name is Medeja“, „Несфатената цивилизација“ и „Елегија во пет здива“ вечерва на фестивалот во Прилеп

Три претстави од кои две на национални театри и една од независната сцена ќе бидат на програмата на претпоследниот ден на 57. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Народниот театар од Битола со претставата „My name is Medeja“ ќе гостува во 19.30 часот на сцената на Центарот за култура „Марко Цепенков“. Од 22 часот, на сцената на прилепскиот театар ќе настапат актерите од Народниот театар од Охрид со претставата „Несфатената цивилизација“ во режија на Софија Ристевска-Петрушева.

Веднаш по претставата ќе следуваат тркалезни маси за двете претстави од официјалната програма.

Еден час подоцна, во Центарот за култура ќе следува изведбата на „Елегија во пет здива“ во режија на Филип Петковски, копродукција со театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес.

Со презентацијата на сработеното од едукативните работилници, денес ќе заврши програмата „Чернодрински за деца“, поддржана од Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ во соработка со Театарскиот фестивал за деца „Силјан Штркот“. Ќе се претстават учениците од ООУ „Кочо Рацин“ – Прилеп –
Антониј Кузманоски, Славица Кузманоска, Марија Ангелеска и Тамара Силјаноска, под менторство на наставничката Габриела Стојаноска-Станоеска.

Во 11 часот е закажана промоцијата на монографијата посветена на авторот во фокус – Коле Чашуле – „Чашуле: Приказничарот“ на Ана Стојаноска. За книгата ќе зборува проф. д-р Јелена Лужина.

„My name is MEDEJA“ на авторот Милан Рамшак Марковиќ е во режија на Себастијан Хорват. Играат: Илина Чоревска, Огнен Дранговски, Катерина Аневска-Дранговска, Викторија Степановска-Јанкуловска, Јулијана Мирчевска-Мавровска, Иван Јерчиќ, Здравко Стојмиров, Соња Михајлова, Васко Мавровски, Сандра Грибовска-Илиевска, Анастазиа Христовска, Никола Стефанов и Кристијан Танчевски.

Во претставата „Несфатената цивилизација“ од Добри Војников, во режија на Софија Ристeвска-Петрушева, играат: Горан Стојаноски – Коста, Стрезо Стаматовски, Павел Маслов – Анка, Филип Кипровски – Димитраки, Никола Тодороски и Ивица Цонев – Мариче.

-„Несфатената цивилизација“ е претстава за припадноста, честа, етиката и моралот. Претстава за културолошкиот и социолошкиот идентитет на човекот. Претстава за глобализацијата и традицијата, како и за ефектите од нив врз целокупното општествено живеење. „Несфатената цивилизација“ е комедија, што преминува во гротеска и иронија, и што прави детална и болна дисекција на нашата целокупна колективна свест – вели режисерката.

,,Елегија во пет здива” е танц-театар базиран по мотиви од избрана поезија од Радован Павловски, Петре М. Андреевски, Михаил Ренџов, Ацо Шопов и Никола Маџиров.

Актерите/танчерите во претставата ги користат сопствените тела како субјект и како медиум за отелотворување на дадена емоционална состојба. Претставата е во режија и кореографија на Филип Петковски, а играат Васил Зафирчев, Симона Димковска, Наталија Теодосиева и Адријана Данчевска. Проекот на Петковски е копродукција со Театарот „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ од Велес.

Синоќа пред прилепчани беа изведени претставата „Балконот“ на Албанскиот театар и „Женска гардероба“ на Театар Комедија.

Вчера продолжија разговорите на тркалезните маси на фестивалот. Се разговараше со екипата на „Циркус Пирандело“.
Пирандело е врвот во литературата. Пирандело знае да те фрли во оган. Вештачката сценска интелигенција се раѓа на сцената…. Мора да сакаш и да го цениш тоа што го работиш. Правењето театар е како „лупење на кромид“. Треба да направиш тим и да уживаш во „гинењето“ – рече режисерот Трифуновски на тркалезната маса посветена на неговата претстава.

Според актерот Стојан Велков Трн има лесен бран кој ја фати публиката.

-Не е целосна импровизација туку е различна секаде. И сите актери бевме насочени кон радоста на играта – рече Велков и истакна дека во Прилеп имале одлична публика.
Гостинот од Штипскиот театар, Ефтим Трајчов истакна дека претставата и режисерот ги обработуваат сите општествени теми.

-Имав лик кој го збогатив. Со вештачката интелигенција тој ја брка емоцијата, но таа доаѓа до израз пред смртта. Процесот имаше максимална слобода – рече Трајчов.
Велков дополни дека претставата знае да биде прифатена, ндека некои ја оценуват како чудна, различна , но најмногу им се допаѓа на младите.

Актерката Ангелина Тренчова – Ангелова го искажа задоволството од слободата што им ја дал режисерот и особено ја истакна реакцијата на публиката.

Следуваше разговор и за претставата „Човек перница“ на Турскиот театар.

Специфичната претстава предизвика големо внимание кај публиката, која и на тркалезната маса сподели одушевувања за младите турски актери. Модераторката Јована Ѓорѓиовска го отвори прашањето – каде е радоста да се игра текст кој толку отворено зборува за насилството.

-Радоста беше само кога првпат го читав текстот. Помислив, има комични моменти, па првиот впечаток ми беше дека играме комедија. Ама, не беше така. Напротив. Режисерката Сибел Абдиу ни дозволи голема слобода во креацијата на улогите. Целиот концепт дозволи креативност. Кога некој ме праша за што станува збор, јас реков: Семејна драма е. Речиси секој носи детски трауми. Но, како да си помогнеме, а да не одиме на терапија? – рече актерот Јеткин Сезаир.
Тие објаснија дека претставата почнале да ја работат пред ковид-пандемијата.

-Првпат кога работев на претставата имав 23 години. Бев среќен и некои работи не ми беа јасни. Поинаку беше кога улогата ја толкував на 23, а друго е сега, кога имам 27 години – вели актерот Хакан Даци.
За Бурак Рахман малиот ограничен простор бил предизвик.

Дин Ибрахим изјави дека ликот на Микаил му оставил неизбришлив белег и во умот и во срцето.

-Сето време контактирав со режисерката за тоа како инфантилноста, тоа детското на ликот да го претставам. Почнав да истражувам. Тешко беше, но беше голем предизвик. Ликот бил злоупотребуван, запоставуван – вели Ибрахим.
Ана Стојаноска, уметнички директор на МТФ „Војдан Чернодрински“ објасни дека се одлучила да ја селектира оваа претстава на фестивалот, зашто „мислата ми беше дека публиката во Прилеп треба да види што можат младите актери. Иницијативата да се направи ваква претстава среде репертоар е своевиден став“.

Апсење во Прилеп: Кај 32-годишен прилепчанец пронајдена марихуана

На 14.06.2023 на ул.„Дабнички завој“ во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп го лишиле од слобода Н.Р.(32) од Прилеп затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана.

По документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок – информираат од ОВР Прилеп.

Откако граѓаните реагираа преку Маркукуле, Комуналец утрово ги залови коњите кои пасеа низ типската населба во Прилеп

Деновиве повеќе граѓани реагираа до Маркукуле дека коњи и магариња пуштени пасат низ типската населба во Прилеп. Тие побараа надлежните да ги заловат животните, затоа што истите предизвикуваат опасност во сообраќајот и слободното движење. Утрово од ЈКП Комуналец информираат дека животните се заловени.

-Отстранети од јавна површина домашните животни кои деновиве се пуштаа на испаша во типската населба. Истите се згрижени од страна на ,, Комуналец’’.

И покрај што Инспекторатот при Локалната самоуправа направи напори да ги пронајде сопствениците на неконтролираното испуштање на домашни животни во Типската населба и со Записник да им наложи да не ги испуштаат повеќе на јавна површина, Тие и во текот на денешниот ден не се одзваа.

Утрово, Инспектоиратот издаде налог до јавното претпријатие, домашните животни, во случајов коњи, да ги отстрани од јавно прометните површини од Типската населба.

Воедно, се информираат сопствениците на домашните животни – коњи, дека најнапред треба да се обратат во Инспекторатот при Локалната самоуправа, а по издадденото Решение од нивна страна, ќе можат домашните животни да си ги земат од платото на ЈКП,, Комуналец’’- Прилеп, на ул ,, Трајко Николоски’’, бб – пишуваат од јавното претпријатие.

“Ќе те чекам во Шведска”, “Ајде, дојди сега”: Ибрахимовиќ и Арнаутовиќ се караат на српски – хит видео кое го обиколи Балканот

Пред гостувањето на Шведска во Австрија во 4. коло од квалификциите за Европското првенство во 2024 на 20 јуни, шведската телевизија „Виаплеј“ пушти една интересно видео во кое се расправаат Златан Ибрахимовиќ и Марко Арнаутовиќ, секако на српски јазик.

Прво австрискиот репрезентативец Арнаутовиќ дава изјава, по што доаѓа ред на шведскиот репрезентативец Ибрахимовиќ, кој му префрла дека ќе го „чека во Шведска“.

Арнаутовиќ му враќа: „Ајде, дојди сега“, но Златан додава: „Тука си дома, тука ти се пријателите, ќе те пуштам“.

Денеска се празнува Св. Еразмо Охридски

Еразмо Охридски, овој светител беше родум од Антиохија, а живееше за време на царевите Диоклецијан и Максимијан.

Се подвизуваше на Ливанската планина, а во Охрид дојде веќе како епископ за да го проповеда Евангелието. Во тоа време Охрид се уште беше пагански град. Тука со молитва го воскресна синот на некој си Анастас, кој потоа се крсти. Поради неговата проповед многумина поверуваа во Христа, па во Охрид тогаш пропаднаа скоро сите идолски жртвеници. Заради тоа светителот беше изведен пред суд од страна на Максимијан и затворен.

Но, ангел го ослободи од затворот, како некогаш апостолот Петар. Потоа свети Еразмо за некое време замина во Кампања, а најпосле се повлече во градот Хермелија. Тука во мир го предаде својот дух на Бога во 303 година.