дома блог страница 1089

ВРЕДЕН НАГРАДЕН ФОНД, награди и трофеи за најдобар играч, голман и стрелец: Пријавете екипа за “Лажани Футсал Куп”

Oд први јуни во Лажани ќе се одржи голем турнир во мал фудбал, за кој пријавувањето е веќе во тек.

Заинтересираните екипи ќе можат да го регистрираат своето учество најдоцна до 31.05. до 15:00 часот, а котизацијата по екипа изнесува 3.000 денари.

Наградниот фонд на турнирот е навистина богат, па првопласираната екипа ќе добие награда од 1.000евра, за второ место се предвидени 600евра, а за трето 400евра.

Покрај тоа трите најдобри екипи ќе добијат трофеи и медали за своето учество.

Организаторите се погрижиле да набават и оригинални трофеи за најдобриот играч, стрелец и голман на турнирот.

Заинтересираните екипи своето учество можат да го пријават на еден од следните телефонски броеви:

Белмин Кујовиќ – 071-968-552

Адмир Угљанин – 070-374-805

Есмин Колашинац – 071-659-645

Следете ги сите новости за турнирот на следната Фејсбук фан страна: Lazani Futsal Cup

Училиштата ни се празнат: Големо намалување на бројот на ученици за една година

На крајот на учебната 2021/2022 година, бројот на учениците во редовните основни училишта изнесувал 184 910, што претставува намалување за 0.6 % во однос на претходната учебна година, соопшти Државниот завод за статистика.

Во редовните средни училишта, бројот на учениците на крајот на учебната 2021/2022 година изнесува 69 378, што е намалување за 2.5 % во однос на претходната учебна година.

Фуриозните ИЛИНДЕНЦИ од Прилеп викендов одлични на “Трофеј Охрид”: Koнстантин Костоски и со дефект на тркалото го освои првото место (ФОТО)

Велосипедскиот клуб “Илинден” од Прилеп со победа ја започна новата сезона во роад конкуренција. Викендов се возеше Куп на Македонија “Трофеј Охрид”, a ИЛИНДЕНЦИТЕ од Прилеп одново беа неприкосновени.

Константин Костоски – фуриозно стигна до првата победа во кадетска конкуренција. За потенцирање е тоа дека Константин во еден момент имаше и дефект на предното тркало, но сепак успеа да се избори за првата позиција.

Андреј Маџоски го освои второто место во конкуренција на јуниори, а прва трка возеше Ребека Јанкоска, која беше одлична, ако се има предвид дека доживеа и повреда при пад од велосипедот.

За потенцирање е и осмото освоено место од Младен Петрески, кој оваа трка ја извози болен.

Што ќе понуди второто издание на адреналинскиот фестивал SAMOKOV XTREME? Eдинствена можност да уживате во недопрената природа на Поречието

Соопштение од Гоце Бојкоски, извршен директор на Здружението на граѓани, “Форум за авангарда креативност-ФАК”

Форум за авангардна креативност-ФАК, е здружение на граѓани кое повеќе од 20 години работи во областа на културата и уметноста, во насока на промоција на културниот идентитет препознатлив во меѓународни рамки. Насочен кон заштитата на културното наследство, како и кон подобрување на условите на граѓаните за квалитетен живот, Форум за авангардна креативност реализираше повеќе значајни проекти во областа културата и културниот туризам. Исто така мотивирани од трендовите на авантуристичкиот туризам, ФАК организира и помага во организација на традиционални меѓународни аутдор настани на полето на активниот туризам во повеќе региони низ Република Македонија.

На 3 и 4 јуни 2023г во Самоков и Белица (Општина Македонски брод) во организација на Општина Македонски брод и здруженијата: Форум за Авангардна Креативност, Вело Че и САМОКОВ ЕСТРЕМ, втор пат ќе се одржи фестивалот на отворено SAMOKOV XTREME на кој очекуваме да земат учество повеќе од 500 спортисти и љубители на природата.

На фестивалот, учесниците ќе можат да се претстават во следните спортски категории, и тоа :
– возење со теренски возила ( џипови)
– возење со мотокрос
– возење со АТВ возила
– возење со МТБ велосипеди
– планинарска тура

Покрај спортскиот дел на фестивалот,предвидена е и културно-забавна програма со учество на естрадните артисти Елена Јовческа и Дарко Билбиловски со нивните бендови, кои ќе настапат во саботата на 03ти јуни во кампот на фудбалскиот стадион и учество на реномиран DJ кој ќе ги забавува присутните за време од двата дена кога ќе се реализира настанот.

Главната цел на проектот е развојот на туризмот во Поречкиот регион и поставување на Македонија на мапата на атрактивни дестинации за алтернативен туризам.

Очекуваме успешно организиран настан, кој ќе биде голем адут во иднина за организирање на поголеми интернационално посетени настани, со цел промовирање на поречкиот регион и Македонски брод.

Ова се информациите за спортските дисциплини кои ќе ги содржи фестивалот на отворено SAMOKOV XTREME :

Велосипедска тура
Велосипедската тура е во организација на Здружението ВЕЛО ЧЕ и годинава ќе се одржи по љубилеен петти пат. Базата и стартот на вело турата ќе бидат во ресторанот Чифлик во с.Белица.

На учесниците ќе им бидат понудени две велосипедски тури, и тоа :
Мала Тура – GREEN TOUR … која се вози по течението на река Треска…со освежување во с.Црешнево ;
Голема Тура – EPIC TOUR … која се вози до Фојник каде велосипедистите ќе ги чека пункт за освежување;

Планинарската тура со должина од околу 15км ќе се одвива по следната релација : Старт од кампот во Самоков – с.Ковач – с.Бенче- враќање во Самоков.

Сакаме да напоменеме дека при реализацијата на велосипедската и планинарската тура ќе бидат ангажирани искусни планински и велосипедски водичи со големо искуство на настани од ваков тип.

Турите со теренски возила, АТВ возила и мотокрос ќе се возат двата дена(сабота и недела) на релација:

Сабота 03 јуни 2023г
Самоков – Добра вода – с.Бенче – Самоков

Недела 04 јуни 2023г
Самоков – с.Рамне – с.Брест – Фојник планина – с.Требовље – Самоков.

Професорот Трајковски: “Стручните лица знаат дека автопат Прилеп-Битола не е исплатлив, но молчат како мулиња”

Професорот Дејан Трајковски од Техничкиот факултет во Битола, на својот Фејсбук профил, направи кратка анализа за потребата од изградба на автопатска делница Прилеп – Битола.

-Видот на пат и бројот на сообраќајни ленти зависи од повеќе фактори, меѓу кои најважни се бројот на население на дадено подрачје, просечниот годишен дневен сообраќај (ПГДС) односно фреквенцијата на возила, проектираниот раст на обемот на сообраќајот, (не)постоењето на алтернативен пат, како и важноста на даден пат за економијата на една земја.

Меѓутоа, како генерално правило, минимален ПГДС од најмалку 20.000 до 30.000 возила најчесто се цитира како праг на исплатливоста за изградба на автопат со 2х3 сообраќајни ленти.

Прагот на исплатливост за експресен пат со 2х2 ленти изнесува околу 10.000 до 15.000 возила на ден, во комбинација со останатите фактори. Доколку безбедноста е важен фактор (како на пример патиштата преку Плетвар, Буково или Стража), може да се гради експресен пат дури и при помала дневна фреквенција.

Патот Битола-Прилеп е далеку под овие бројки, односно ПГДС изнесува под 5.000 возила на ден (поточно 4.884 возила на ден, измерено во 2017 година). Освен тоа, теренот е рамен и видливоста е одлична, па ни безбедноста не диктира потреба од „фул“ автопат со 2х3 ленти.

За споредба, на автопатот Београд-Ниш, на наплатната станица Бубањ Поток, ПГДС изнесува околу 44.000 возила на ден! Сиот сообраќај од Белград кон Бугарија, Турција, Македонија и Грција мора да помине таму, па дури и 2х3 ленти понекогаш се малку, би можело да има и 2х4 сообраќајни ленти.

Од друга страна, на делот од автопатот од Бујановац до границата со Македонија автопатот изгледа речиси празен, со ПГДС од околу 6.000 возила на ден. Сепак, Србија решила да изгради автопат и таму, само за да го комплетира коридорот кон Грција.

За сé постојат изградени критериуми и емпириски правила, но лошо е кога ќе се замеша политиката и ќе ги „кратко спои“ сите критериуми – како и за многу други прашања во земјава.

Кај нас има стручни лица што го знаат ова многу подетално од мене, но сепак решиле да молчат како мулиња и да гледаат како земјата заглавува во должничко ропство. Зошто?

Oбјавена програмата за 57. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“

Девет претстави во официјална, седум од независна продукција, две од придружна програма и една дипломска претстава ќе бидат дел од програмата на 57. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, што годинава ќе се одржи од 9 до 16 јуни. Програмата денеска во Прилеп ја соопшти Ана Стојаноска, директорка и селектор на фестивалот, кој годинава се одржува под мотото „Враќање дома“. Фестивалот ќе биде отворен со претставата „Инферно“ на Театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес, која е селектирана во официјалната програма.Српско народно позориште од Нови Сад ќе го затвори фестивалот на 16 јуни со претставата „Последниот балкански вампир“ по текст на Дејан Дуковски, во режија на Александар Поповски.

Пред да и’ биде соопштена на јавноста, програмата на фестивалот беше соопштена пред Собранието на фестивалот, на кој беше прифатена без забелешки.

Од 52 одгледани претстави низ целата земја, во периодот од 22 септември 2022 до 10 мај 2023, Стојаноска програмата ја конципираше во четири различни програми: Официјална селекција, ОФФ актива, Независна продукција што игра македонски автори и Видеопрограма.

„Театар: радоста на играта или пркосот на креацијата“ е насловот на концептот што ги обединува избраните претстави.
-Понудената слика низ македонските театарски институции покажа неколку важни елементи со кои се соочува денес театарот кај нас. Сликата не е унисона, ниту покажува дека постои сериозна стратегија што треба да е денес театарски идентитет. Најпоразително е тоа што нема интерес за поставување домашни драми. Предизвикот да се селектира програмата за ова издание на фестивалот беше огромен, затоа што сметав дека на најстариот и најзначајниот македонски театарски фестивал треба да се покаже денешната актуелна театарска практика низ еден сериозен концепт. Концепт што ќе ни покаже каде сме и до каде сме и концепт кој треба да нѐ замисли и сериозно да ја наметне потребата да создаваме подобар театар. Во суштина, она што доминира во овој мој избор е креативноста на актерската игра, автентичните режисерски естетики и интересот кон драмската и не само драмска продукција на познатите автори, т.н класици. Добро е што некои од тие класични дела се актуелизирани и контекстуализирани, што мислам дека е важно да се покаже – рече Стојаноска.

Ова се селектираните претстави за 57. МТФ „Војдан Чернодрински“

Официјална програма:

„Чудна случка со кучето во ноќта“ од Сајмон Стивенс, во режија на Зоја Бузалковска, продукција на Драмски театар – Скопје, премиера: 29.12.2021г.

„Бесачи“ од Мартин Мекдона, во режија на Јавор Грдев, продукција на Македонскиот народен театар – Скопје, премиерна обнова: 21.2.2023г.

„Инферно“ според Данте Алигери, во режија на Дејан Пројковски, продукција на НУЦК Театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ – Велес, премиера: 29.10.2022г.

„Мистерија Буфо“ според Дарио Фо, во режија на Андреј Цветановски, продукција на Народен театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, премиера: 16.11.2022г.

„Мy name is Medeјa“ според Еврипид, драматизација на Милан Рамшак Марковиќ, во режија на Себастијан Хорват, продукција на Народен театар – Битола, премиера: 27.09.2022г.

„Три сестри“ од Антон П.Чехов, во режија на Кендрим Ријани, продукција на Албански театар – Скопје, премиера: 27.10.2022г.

„Несфатената цивилизација“ од Добри Војников, во режија на Софија Ристовска, Народен театар – Охрид, премиера: 10.04.2023г.

„Роња, ќерката на ограбувачот“ од Астрид Линдгрен, во режија на Јакуб Максимов, Театар за деца и младинци – Скопје, премиера: 23.12.2022г.

„Женска гардероба“ од Арношт Голдфлам, во режија на Наташа Поплавска, Театар Комедија – Скопје, премиера: 26.10.2022г.

Придружна програма:

„Човек перница“ од Мартин Мекдона, во режија на Сибел Абдиу, продукција на Турски театар – Скопје, премиерна обнова: 15.02.2023г.

„Циркус Пирандело“ според драми од Луиџи Пирандело, адаптација и режија на Бојан Трифуновски, продукција на Народен театар „Антон Панов“ – Струмица, премиера: 20.10.2022г.

Независна продукција што игра домашни автори

„Елегија во пет здива“ автор и режисер Филип Петковски, премиера: 13.06.2022г.

„Заминувања“ – колективно авторство, режија на Драгана Гунин, независна продукција во соработка со Мировна продукција, премиера: 29.12.2022г.

„Срам“ од Ангела Стојановска, режија на Милош Б.Андоновски, Продукција на „Тииит! Инк“, премиера: 03.12.2021г.

„Скопјани“ според раскази на Оливера Ќорверзировска и колективно авторство на актерската екипа, режија на Милош Б.Андоновски, премиера: 13.11.2022г.

„Глум(и)ци“ колективно авторство и режија, продукција на „Артопија“, премиера: 26.12.2021г.

„Подготвено“ според поезија и проза на Ѓоко Здравески, раскази на Елизабета Баковска, поезија на Блаже Конески и адаптација на сцена од „Трите високи жени“ од Едвард Олби, режија на Дејан Спасовиќ, продукција на „РКЦ РАКАТРАК“, премиера: 16.11.2021г.

„Are you crazy? (Улаф сте?)“ автор и режисер Јован Ристовски, продукција на „АТО Центар за современа уметност и култура“ – Битола, премиера: 13.06.2023г.

Глобалната слика на денешната театарска практика покажува дека не постои сериозна репертоарна политика, ниту концепт во кој се развива една театарска институција, истакна во своето образложение на програмата.

-Сметам дека главните создавачи на македонската театарска практика треба повеќе да се фокусираат на домашните драми, на актуелната театарска естетика и пред сѐ, секој режисер и директор на театар да го има предвид ансамблот со кој ја создава претставата. Од избраните претстави евидентно е дека недостига претстава работена според драма на македонски автор. За жал, тековната продукција понуди малку претстави од македонска драма, но затоа како уметнички директор го иницирав откупот на драми од македонски автори и повикот за претстави од независната продукција што игра македонски автори.

На прес-конференцијата беа соопштени и имињата на добитниците на наградата за животно дело на фестивалот. Годинава тоа се актерите Петар Темелковски и Петар Мирчевски.

Стојаноска исто така ја најави програмата „Автор во фокус“, што прв пат се воведува на фестивалот. Годинава тоа ќе биде Коле Чашуле (1921-2009), драмски автор, писател, есеист, општествен деец.

Исто така, од денес е достапна и редизајнираната веб-страница на фестивалот www.mtf.com.mk, која ќе биде основа за информирање на публиката за 57. издание на фестивалот.

Стојаноска истакна дека тркалезните маси ќе бидат многу важен сегмент од ова издание на „Војдан Чернодрински“ и дека учесниците на фестивалот ќе можат да остануваат во Прилеп, толку колку што ќе можат.

“Про Бокс Македонија” зеде учество на 75-то Генерално собрание на Европската Боксерска Унија во Малта

Во саботата на 13 мај 2023 година во Малта се одржа јубилејното 75-то Генерално Собрание на Европската Боксерска Унија.

На Собранието присуствуваа двајца делегати од “Про Бокс Македонија”, секретарот Дарко Чатлески и претседателката Весна Чатлеска.

-Од страна на Боксерската Асоциација на Малта состанокот беше организиран на високо ниво. Присуствуваа 38 членки од Европа. Главна точка на состанокот беше потпишувањето на договор помеѓу сите федерации и асоциации члеки на Е.Б.У за лиценцирање, издавање дозволи за професионални борби, времетраење на суспензиите на боксерите, нови правила за боксерски ракавици за борби итн. – информираат од “Про Бокс”.

-Претседателот на Е.Б.У Господинот Петар Штуцки потенцираше дека задолжително да се почитуваат минималните стандарди на лекарските прегледи на боксерите, бидејќи најважно е здравјето и заштитата на боксерите. Додека пак за локалните судии напомена дека треба да судат фер и професионално. За промотер на годината беше избран Еди Херн. Турција, Молдавија и Албанија беа изгласани за нови привремени членки на Е.Б.У. Во текот на оваа година договоривме да организираме професионална боксерска манифестација во Прилеп помеѓу Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора. На крајот со свечена вечера се прослави 75 годишнината на Европската Боксерска Унија. Од страна на Е.Б.У ни беше доделена плакета а претседателот Петар Штуцки изрази задоволство за работата на Про Бокс Македонија – истакна претседателката на “Про Бокс Македонија”, Весна Чатлески.

Лидери во регионот: Пред 520 делегати прикажани практичните примени на лапароскопската микроинвазивна хирургија на Болница Плодност

На 5-тиот конгрес на МАГО (Македонска асоцијација на гинеколози и акушери на Македонија), кој се одржа во Охрид од 11.05 до 14.05.2023, нашите гинеколози и акушери учествуваа со 8 теми од областа на гинекологијата и акушерството. На конгресот беа присутни 520 делегати.

Прим. д-р Таше Трпчевски имаше предавања за новините во примената на лапароскопската микроинвазивна хирургија во Македонија – наши искуства.

„На овој конгрес сите присутни имаа можност да видат дека ние сме лидери во Македонија во примената на напреднатата лапароскопска хирургија. Со ова потврдивме дека науката нѐ движи нас, а ние ја движиме науката“, истакна д-р Трпчевски.

Викендов најбрзо се возело во Прилеп: Во акциска на СВР Битола најголем број казнети возачи од Прилеп

Вчера (14.05.2023) во периодот од 16.00 до 22.00 часот на територијата на СВР Битола спроведена e засилена акциска контрола за санкционирање на возачи кои управуваaт возило со брзина поголема од пропишаната, при што санкционирани се 97 возачи од кои (31-Прилеп, 19-Битола, 28 Ресен, 6-Демир Хисар, 13- Македонски Брод).

Од вкупно 97 возачи 58 возачи ја пречекориле брзината во населено место, а 38 надвор од населено место. На сите прекршители изготвени им се соодветни поднесоци.

Засилените акциски сообраќајни контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот и заедно да придонесеме за посигурни патишта.

Денеска е летен Атанасовден: Честит именден Атанас, Атанасија, Тане, Насте, Борче…

Светецот Атанасиј се нарекува борец за вистинското православие. Црквата одбележува два датуми врзани со неговото име, 31-ви јануари како зимски и 15-ти мај како летен празник. Св.Атанасиј е заштитник на многу домови и семејства, а како именден го прославуваат: Атанас, Атанасија, Тане, Насте, Борче…

Свети Атанасиј бил роден во Александрија, во 296 година. Уште како мал покажувал голема љубов за Бога. Едно време минал во пустина заедно со свети Антониј Велики. По враќањето во Александрија, станал архиѓакон во александриската црква. Учествувал на Првиот вселенски собор и се истакнал со познавање на Светото писмо и со говорништвото. Веднаш по Првиот вселенски собир на барање на народот од страна на епископите бил поставен за архиепископ на александриската црква каде што останал долго време.

Четири пати бил протеруван во прогонство, за време на различни цареви кои се плашеле од неговите проповеди и влијание. Во прогонство минал цели дваесет години. Се упокоил 373 година.

На денешен ден се празнува пренесувањето на неговите мошти, како и чудата што се случуваа над нив.