дома блог страница 1046

(ФОТО) Кратко траеше радоста: Еверцето во “Точила” таман го реновираа, повторно оштетено и нефункционално

По нецел месец од целосното обновување на езерцето во населбата Точила, направени се големи оштетувања од несовесни граѓани. Езерцето е испразнето за да се направат неопходните поправки на подот каде е појавен исцедок, но и sидовите кои намерно се оштетени – информираат од ЈКП Комуналец Прилеп.

Според информациите, оштетувањата се направени од млади луѓе, а по неопходните поправки езерцето ќе биде повторно наполнето со техничка вода.

Се замолуваат граѓаните од населбата Точила; секоја девијантна појава да ја пријавуваат, со цел да се зачуваат градските добра – стои во соопштението од Комуналец.

Народниот правобранител контра Владата: Граѓаните кои имаат важечка лична карта не треба да плаќаат за нова, тоа треба да се плати од државниот буџет

Граѓаните се колатерална штета на непромислените одлуки на власта, поради кои сега мораат повторно да плаќаат за нови лични документи, иако актуелните им се важечки.

Народниот правобранител Насер Зибери, за Алфа ТВ вели дека граѓаните кои имаат важечка лична карта, не треба да плаќаат за нова само поради новото уставно име, туку тоа треба да се плати од државниот буџет.

-Како обврска што ја наметнува државата, поседувањето на личната карта, а како резултат на одлука на државата, да се променат личните карти, во тој случај логично е, граѓаните да не бидат изложени на трошоци, зошто таа обврска се наметнува не по нивна вина, не поради истек на исправата, туку како резулатат на одлука на владата, на собранието, односно, државата. И од тие причини сметам дека граѓаните треба да бидат поштедени од еден ваков трошок“ – Реагира Зибери.

Целиот текст овде.

Врвен ракомет со европски шмек викендов во Прилеп (ВИДЕО)

Во Прилеп викендов се одржува Меѓународниот ракометен турнир во чест на Миле Нешкоски, кој оваа година за прв пат ќе трае 4 дена, од 25-28 август.

Списокот на учесници e комплетиран, а покрај домаќинот РК Прилеп, од домашните екипи ќе учествуваат: Мулти Есенс, Пролет, Скопје, Еурофарм Пелистер 2 и Струга.

Редовен учесник на турнирот е и екипата на РК Дубочица од Србија, а она што ќе биде интересно да се види и што ќе му даде посебен европски шмек на турнирот, е учеството на финската екипа Кокс – екипа која е редовен учесник во еврокуповите во изминатите години.

Осмото издание на меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“ ќе биде отворено со дуел меѓу екипите на Еурофарм Пелистер 2 и Пролет.

Натпреварите ќе се играат во салата при СОУ „Ристе Ристески – Ричко“ во Прилеп. Влезот за сите љубители ќе биде бесплатен.

Мицкоски: На следните избори ВМРО-ДПМНЕ ќе оствари историски резултат, ќе дојде крај на овие политичари

Македонскиот народ денеска е исправен можеби пред најголемиот егзистенцијален предизвик, а тоа е да се избори за себе и за својата Македонија. Дали тоа ќе го направиме? Да! Ќе се избориме сите заедно, затоа што ја чувствувам поддршката на народот каде и да одам низ Македонија. Во таа борба има многу предизвици, и од внатре и од надвор. Многумина ќе дојдат до вас, ќе ви ја стегнат раката и ќе ве погледаат во очи и ќе ви кажат се што сакате да слушнете. Но, внимавајте истите тие кои што ќе ви кажат се што сакате да слушнете, позади завесата се договараат со нивните стопани. Кои се нивните стопани? Сите тие кои што не сакаат овој народ да успее и оваа држава да успее“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски синоќа од Кичево.

Тој нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ кога и да се случат изборите повторно ќе оствари историски резултат како тој што беше на локалните избори. И тогаш ќе дојде крајот на оваа ненародна власт, но и крај на нивните мали мизерни политички кариери.

„Македонија со ум се брани. Секој кој што мисли дека со сила може да ја одбрани Македонија, се лаже. Ние треба да бидеме најмалку двојно поумни од сите останати, со добра и јасна стратегија. Сите тие кои што заведуваа со силни говори и јака реторика дека овој град бил наш, Македонија до таму, таму ќе го правиме следниот Конгрес, завршија како уценети мали просечни бизнисмени“, појасни Мицкоски.

Тој додаде дека треба утре чесно да се води Македонија. Нема време за бизнисмени во политика. Нема веќе тоа да го има. Секој оној којшто мисли дека во политиката ќе биде бизнисмен се лаже. Со ВМРО-ДПМНЕ на власт нема тоа да го има.

„Денеска додека ова го зборувам, ние сме соочени пред историски епохален предизвик. Денеска Европа, светот прави стратегија како да го скрши ВМРО-ДПМНЕ и овие 44 да изгласаат предавнички уставни измени во Парламентот скроени по бугарски диктат“, укажа Мицкоски.

Тој ги повика сите граѓани за да се обединат околу ВМРО-ДПМНЕ.

„Мора да се обединиме, да застанеме околу заедничката цел, а тоа е огромна победа на следните избори, силни реформи и Македонија онаква каква што сите ние си ја сакаме, и децата дома да ни останат“, порача Мицкоски.

Тој укажа дека е потребна победа на ВМРО-ДПМНЕ и формирање на Влада без уцени.

„Денеска ВМРО-ДПМНЕ ја има честа да го брани и одбрани можеби еден од најмалубројните народи во Европа, тоа е македонскиот народ. И колку да ви кажуваат било какви романтични предлози и идеи дека ќе направиме вака и така, верувајте тие ве мамат“, нагласи Мицкоски.

Мицкоски вечерва порача дека мисијата на ВМРО-ДПМНЕ е да се вратат младите дома во Македонија, и оваа земја да стане земја каде што ќе владеат законите и ќе се создаваат реформи за доброто на граѓаните.

„Иднина која што ќе ги донесе децата дома, овде заедно со нивните родители. Да нема повеќе мајки, сестри, баби кои што тажат по своето чедо, по својот брат, по своето внуче. Туку да се радуваат дека тие се вратиле дома, во својот роден крај, онаму каде што најмногу тежи каменот. Тоа е нашата мисија“, истакна Мицкоски.

Ламбе ја запеа “Заветна” на Големото Езеро на Пелистер (ВИДЕО)

Пејачот Ламбе Алабаковски на Големо Езеро на Пелистер ја запеа прекрасната македонска песна „Заветна“.

Ја препеаја многу македонски пејачи, а како звучи кога пее Ламбе, слушнете во продолжение:

ВИДЕО: bitolanews.mk

Замина уште една музичка легенда: Почина италијанскиот пејач Тото Кутуњо

Италијанскиот пејач, музичар и текстописец Тото Кутуњо почина на 80-годишна возраст, јавуваат италијанските медиуми.

Починал во болницата во Милано каде бил хоспитализиран.

Веста за италијанската агенција Анса ја потврдил неговиот менаџер Данило Манкузо, кој објаснил дека „по долго боледување, состојбата на пејачот се влошила во последните месеци“.

Кутуњо победи на бројни натпревари и фестивали низ Италија, а победи и на Евровизија во 1990 година во Загреб со песната Insieme.

На познатиот фестивал во Санремо учествувал 13 пати, првпат во 1976 година, со групата „Албатрос“, кога го освоил третото место.

Соло кариерата ја започна во 1978 година.

Тој го освои Санремо во 1980 година со песната Соло нои, а шест пати го зазема второто место.

55-годишен скопјанец уапсен на Железничка станица : Додека патувал допирал по телото малолетно девојче од Прилеп

На 21.08.2023 во 10.00 часот на Железничка станица Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп го лишиле од слобода М.Т.(55) од Скопје. Тој се сомничи дека во патнички воз допирал по телото малолетничка од Прилеп.

Тој бил задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава – информираат од МВР.

Концерт на тројца пијанисти во Прилеп

На 25 август 2023/ петок/ од 20.00 часот во ЦК „Марко Цепенков“ ќе се одржи концертот „30 прсти“, на кој ќе се претстават пијанистите Весна Ангелова, Марија Вршкова и Петар Макариевски.

Програма:

Ј.Крас – Свита – „Детски души“

– Чисти

– Наивни

– Мистериозни

Р. Рамазанов – Свита

– Салса Ритам

– Мала Рапсодија

– Пролетно расположениe

Б.Иин – „АлисиОС“

Д.Темков – „ Y to my gti turbo pride

Пијано трио „30 прсти“

Марија Вршкова, од Битола, дипломирала на ФМУ во Скопје со највисока оценка на универзитет „cum lauda“ во класата на проф. Т. Светиев, каде и ги завршува магистерските студии по пијано. Добитник е на повеќе награди во поранешна Југославија, а најзначајна и е нагрдата Трети ноември на меѓународниот натпревар на млади пијанисти во Рим. Учествувала на бројни семинари по пијано и камерна музика, а неколку пати е единствен претставник на Македонија во Светскиот младински оркестар. Вршкова има посебен афинитет кон современата музика, совладувајќи ги најновите пијанистички техники. Реализирала преку 50 светки премиерни изведби на солистички и камерни дела, не само од македонски туку и од странски автори. Настапувала во голем број земји, а е дел од меѓународни музички манифестации. Моментно работи како вонреден професор на ФМУ Скопје.

Весна Ангелова Христов, дипломира на ФМУ Скопје во класата на проф. Борис Романов. Магистрирала на интепретација на пијано на ФМУ под менторство на реномираната пијанистка Рита Кинка. Добитник е на бројни државни и меѓународни награди. Била учесник на меѓународни мастер класи кај познати пијано педагози, настапува како солист и камерен музичар низ Македонија. Бугарија, Хрватска, Франција, Германија, Чешка, САД….  Настапувала на бројни музички фестивали во земјата и во странство. Повеќе пати настапува со Македонската филхармонија. Нејзиниот афинитет кон камерната музика ја води кон оформување на пијано трио и пијано дуо, а најчесто настапувала со виолинисти, поддржувајќи млади музичари. Моментно работи како професор по пијано и камерна музика во ДМБУЦ„Илија Николоски – Луј“ во Скопје.

Петар Макариевски, во 2001 година дипломирал на ФМУ Скопје во класата на проф. Јасминка Чакар.Од 2001 до 2003 посетува магистерски студии во Софија, а од 2011 година добива асистентско место на Државниот универзитет во Атланта, САД и паралелно завршува магистерски студии кај проф. Серѓо Гало.  Додека престојува во САД активно реализира концерти и работи како хонорарен пијано соработник на универзитетот.  Макариевски настапува и во Македонија и со Макеоднската филхармонија. Во 2005 г. со Весна Ангелова го формираат камерното дуо пијано. Работел на повеќе места, а од 2019 година е уметнички соработник пијанист на ФДУ во Скопје.

Од утре попладне локална нестабилност со пороен дожд, грмежи и силен ветер

УХМР најавува дека и натаму продолжува периодот на многу топло време со активно жолто ниво на опасност од висока температура. Но, од утре во попладневните часови наместа ќе има појава на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.

Локално процесите ќе имаат форма на невреме со интензивен пороен дожд, електрични празнења, силен ветер и појава на град.

Според УХМР, краткотрајно постабилно ќе биде во петок.

Во случај на појава на електрични празнења се препорачува поголема внимателност, да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја.

Николоски: Власта нема поддршка од народот, затоа ајде на брзи предвремени избори

Вчера три заклучоци на состанокот на Извршниот комитет. Прво беше благодарност до пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата затоа што сите пратеници останаа доследни и истрајни на ставот кој што заеднички го донесовме, а тоа е дека не можеме да прифатиме уставни измени, а тоа беше потврдено во петокот при изгласување на дневниот ред, вели Александар Николоски пратеник и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ во денешното гостување во емисијата Клик Плус на ТВ21, по вчерашната седница на Извршниот комитет на партијата.

Николоски истакна дека донеле заклучок на седницата и барање до Џафери веднаш да се стави точката за уставни измени на гласање, а не да се одлага, бидејќи владата на СДС И ДУИ сама ја закажала седницата на 18 август, се со цел да се види волјата на пратениците.

-Второ работа која што ја побаравме е да не се одлага гласањето за уставните измени, односно веднаш да се стави во Собрание и да не се одлага овој процес затоа што на крајот на денот 18 август како термин за условно кажано, изгласување или неизгласување беше определено од власта. Тие самите ја закажаа седницата без да консултираат никого и без да прашат, така што ако самите ја ставиле на 18 август, фер е да се стави на гласање за да се види јасно волјата на пратениците, потенцираше тој.

Потпретседателот Николоски нагласи дека имајќи во предвид дека владата не може да го испорача она кое што го ветила а тоа се почеток на преговори со Европската унија најлогично е да се распушти собранието и да се оди на брзи предвремени парламентарни избори, додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да се откаже од техничката влада.

-И третата работа имајќи во предвид дека власта нема двотретинско мнозинство за уставни измени, а целокупната приказна околу власта, ако сакате и силување на демократијата која се случи после локалните избори, за која што многу сум зборувале, беше околу некаков почеток на преговорите со ЕУ. Очигледно власта не може да испорача и имајќи во предвид дека не може да испорача, најлогично е да се оди на брзи предвремени избори кои што ние повикуваме да се случат час поскоро, да се распушти собранието и во законски предвидениот род од 50 до 50 дена да одиме на предвремени парламентарни избори. При што и ние сме спремни и ние да направиме отстапка а тоа е да се откажеме од таканаречената Пржинска или техничка влада. Односно ВМРО-ДПМНЕ доброволно се откажува од двајца министри и тројца заменици министри од таа техничка влада за спроведување на избори, дециден е Николоски.