До самиот крај на овој месец нашата територија ќе се наоѓа под влијание на јужно и на југозападно воздушно струење, како и на топла воздушна маса од југ. Токму ова ќе условува и понатаму да имаме невообичаено топло време за овој период од годината, а ќе биде спарно и мачно.
Во исто време од Сахара кон нашата територија ќе се врши транспорт на прашина и на песок.
Дестабилизирање на атмосферата има веќе денес доцна попладне кое ќе трае и во текот на ноќта кон четврток, како и во четврток кога ќе има повремени врнежи од дожд и тие локално ќе бидат поројни и проследени со појава на грмежи.
И во следниот период ќе дува јужен и југозападен ветер, и тој повремено ќе засилува на интензитет.
Наутро температурите ќе се спуштаат во интервалот од 8 до 16 степени, а преку ден тие ќе се искачуваат во интервалот помеѓу 20 и 27 степени.
Во Скопје и околината температурата ќе се искачува во интервалот помеѓу 23 и 25 степени.
Еве и какво време не очекува за време на викендот според УХМР.
Во петок времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот во северозападните и северните делови ќе има врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец.
Во сабота времето ќе биде Сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен правец.
Во недела времето ќе биде претежно сончево со слаб ветер од променлив правец.
Сите три дена ќе имаме високи температури од 27 степени, особено во сабота рекордни 28.
Во сабота, со почеток од 19:00ч. во киното “Мис Стон” во Прилеп, ќе гостува единствениот поп рок хор во Македонија – BITVOX. Едно поинакво уникатно музичко доживување кое вреди да се проследи.
ЗА BiTVoX
Почетокот на 2022 год., заситени од поспаноста во сите сфери, предизвикана од Ковид 19 пандемијата, битолските врвни музичари професорите Марина Коруновска и Александра Ристовска одлучуваат своите знаења, искуства и енергија да ги споделат, пренесат на млади и повозрасни ентузијасти и да ја живнат градската културно-музичка енергија преку создавање на поп-рок хор за возрасни, кој својата светлост на денот ќе ја види во март, 2022 година преку организирањето на две последователни аудиции, на кој ќе се пријават преку 40 љубители и ентузијасти за пеење, музицирање. Сите аматери со скромна или никаква музичка поткованост, но со огромно срце, љубов, основна музикалност и талент за хорско пеење и негување на поп-рок музиката. Така започнува да живее “Битвокс”, хорот кој е ентузијастички музички одговор на возрасните, на веќе постоечкиот, еминентен детски хор во Битола и подалеку “Ѕвончиња”. Името доаѓа по двемесечниот спој на енергиите на членовите, кои заеднички одлучија да направат уметнички превод на нивното мото: ГЛАСОТ НА БИТОЛА. Тоа останува и главното мото на овој хор – да ги шириме позитивните вибрации преку музика, работа од срце и сплотеност и во Битола, но и подалеку.
Средбите, пробите кои во почетокот се одвиваа со едно умерено темпо, два часа неделно, прераснаа во желба и потреба на членовите и четири часа неделата да учат, вежбаат, посебно кога се подготвуваат за важен настап.
Музичката подготовка се одвива на организирано-спонтан начин и се состои од:
-споделување и практикување на голем број техники за дишење,
-правилна поставеност на телото и вокалниот апарат за пеење,
-одржување на психо-физичката кондиција (која неизбежно е потребна за добра изведба),
– вежби за релаксација
– избор и подготовка на музички репертоар,
– правење соодветни, оригинални и адаптирани за хорот аранжмани,
За една година хорот ги оствари следниве успеси:
Учество на Оф програмата на фестивалот “Браќа Манаки”-Битола, 2022 година, на 23 август, пред Народниот Театар на градот, со публика од стотина луѓе, љубители на оваа музика, роднини и пријатели на изведувачите, кои дојдоа како најголема поддршка на првиот настап на хорот.
Покани за голем број настани, свечености во градот и околината кои поради новиот репертоар и новите членови на хорот се договорени за блиска иднина.
Статии во повеќе портали, медиуми, чие внимание го привлече хорот, поради необичноста и оригиналноста во изведбата на познати музички остварувања.
Покани за државни и светски натпревари, каде хорот ќе го претставува не само градот Битола , туку и С.Македонија.
Настап по повод “40 години Рек” – Битола
Учество на “Зимска приказна 2023”
Зголемен интерес за членување во хорот.
Роденденските концерти кои поради големиот интерес во два термини се одржаа (8.4.2023 год. и 11.4.2023 год.) во КИЦ Офицерски дом – Битола.
Настап на Дистриктната конференција 2023 – “ Imagine Rotary”
Со оглед на едногодишното постоење, хорот “Битвокс” донесе нов бран на надеж меѓу сите генерации во градот. Негување и промоција на популарната музика од сите ери, преку обработки на евергрини, познати музички нумери на светски изведувачи, но пред сé, во секој наврат, негување и оживување на квалитетната македонска музика.
Непишаното правило во хорот е, при секоја етапа од создавање на репертоарот да има по една поп-рок песна од битолски изведувач. На тој начин покрај негувањето на различностите и величење на квалитетот на светската музика ( од англиско јазично наречје, српско, хрватско, германско, италијанско, шпанско), примарно е негувањето и овековечување на македонската и битолска музика, преку оригинални аранжмани кои повторно ќе не потсетат колку е убава нашата музика, нашиот певлив јазик.
Oвaa недела на 29 октомври почнува зимското сметање на времето, при што стрелките се поместуваат еден час наназад. Иако многумина сметаат дека ова „зимско – летно“ сметање е штетно по здравјето и веќе со години се залагаат тоа да се укине, во многу земји сѐ уште е актуелно.
Според лекари и стручњаци, постојат одредени здравствени проблеми поврзани со промената на времето. Имено, истражувањата покажуваат дека тоа ги нарушува природните циклуси на спиење на телото, што може да влијае на психо-физичкото здравје.
Според клиниката „Мајо“, на пр., човечкиот мозок има „биолошки часовник“, наречен и „деноноќен ритам“, којшто работи на 24-часовен циклус. Без разлика дали станува збор за дополнителен час или губење еден час сон, тоа го изместува циклусот на спиење и може на некои луѓе да им го наруши или отежни нормалниот распоред. Имено, нарушениот сон може да доведе до поголема опасност од срцеви болести, сметаат стручњаците.
Губењето на еден час сон во пролетните временски промени е поврзано со зголемување на срцевите и мозочните удари. Испитување од Убиверзитетот Харвард го проучува влијанието на помалку сон врз срцевите заболувања кај глувците. Откриено е дека по 16 недели, кај глувците со нарушен циклус на спиење се развиле поголеми артериски плаки во споредба со глувците со нормално спиење.
Глувците лишени од сон, исто така, имале двојно повеќе циркулирачки нивоа бели крвни зрнца и помали количини хипокретин, хормон битен во регулирањето на спиењето и будноста.
Истражувањата покажаа и зголемување на сообраќајните несреќи во постудените месеци бидејќи возачите се прилагодуваат на времето.
Исто така, важно е да се истакне дека зголемените часови на темнина може да резултираат со лошо расположение кај многумина, како и замор, болки во мускулите и ослабени коски поради недостаток на витамин Д којшто се добива од Сончевата светлина. Некои луѓе доживуваат сезонско афективно нарушување како резултат на пократките денови. Симптомите на ова нарушување вклучуваат постојано лошо расположение, губење на задоволство или интерес за нормални дневни активности, раздразливост, чувство на очај и спиење подолго од вообичаеното.
Велосипедскиот клуб & сервис “Илинден” и оваа сезона докажа дека прилепскиот велосипедизам е на самиот врв во Макеоднија.
На крајот од натпреварите за 2023 год. во дисциплините во РОАД и МТБ, младите илинденци од Прилеп се на самиот врв во ранг листите.
Андреј Маџоски е шампион во МТБ, а заврши втор на ранг листата во категорија на РОАД за јуниори, додека пак Константин Костоски по четврти пат е шампион во РОАД за кадети.
Прилепскиот клуб е вице шампион во екипна конкуренција.
Тренерот на прилепските велосипедисти, Драган Димитријоски упатува благодарност до сите кои на било кој начин го помогнаа нивниот успех и ветува нови, уште поголеми успеси во иднина.
Денес на пресконференција одржана од Комисијата за одбележување значајни настани, личности и празници, беше презентирана Одлуката за доделување на награди и признанија по повод „3-ти Ноември“ – Денот на ослободувањето на Прилеп.
Наградата за животно дело, по повод „3-ти Ноември“ – Денот на ослободувањето на Прилеп, се доделува на:
• Академик д-р Валентин Мирчески- особен придонес во природно-математички и биотехнички науки
• Примариус специјалист д-р Благоја Дамески- особен придонес во медицината и опшественото живеење
• Диме Попоски- особен придонес во музиката, режијата и филмот
Награди -плакети по повод „3-ти Ноември“ -Денот на ослободувањето на Прилеп се доделуваат на:
• The Hounds – петнаесетгодишен развој на субкултурата во Македонија
• GENTHERM – опшествено одговорна компанија
• Младинска екипа на ФК Победа – афирмација на спортот во Европа
• Територијална противпожарна единица Прилеп – натчовечки напори за зашитита на населението и околината
• Технобен Нова Прилеп – развивање на современи треднови во индустријата
• Слаткарница ,,Шар”- 60 години јубилеј
• ПЗУ Медика Д-р Пецко Десоски Прилеп – хуманитарно работење во својата дејност
• Група верни пријатели на манастирот Трескавец – помагање и одржување на духовната врска
• Пчеларско здружение ,,Братство” – 70 години јубилеј
Награди -дипломи по повод „3-ти Ноември“ – Денот на ослободувањето на Прилеп, им се доделуваат на:
• Петар Мирчески – бронзен медал на хемиска олимпијада
• Наде Караџоска – истражувачка дејност во сите области на библиотекарството
• Теодора Димеска – женски репрезентативец на Македонија во џудо
• Татјана Иваноска – посветено работење со млади уметници
• Хари Сековски – хуманитарец од дијаспората
• Еплизабета Настеска – совесно работење во службата
Во 2022 година Општина Прилеп заедно со ЈКП „Комуналец“ исплатиле над 100.000 евра како оштета кон граѓните за каснување од кучиња скитници. Заедно со сите трошоци во просек, по лице, од каснување од куче се исплаќале по 1.000. Иако уште не е пресметано, слична сума се очекува да се исплати и оваа година. Но од Општината се сомневаат дали сите овие каснување се реални и затоа побарале од надлежните да се испитаат случаите.
„Лично покажавме загриженост за големата сума по пријавени лица каснати од кучиња и методологијата како се докажува и верификува веродостојноста на повреденото лице. Со оглед на големиот број на пријавени, сигурно дека постои простор за сомневање. Некои општини едноставно со спогодба ја договараат висината на штетата во материјални средства“, – рече градоначалникот Јовчески.
Дури и ако кучето било претходно заловено, вакциниртано и има маркица доколку касни некого казната повторно ја плаќа ЈКП „Комуналец“. Но и тие се сомневаат во овие големи бројки на пријавени граѓани.
„Доставивме барање до ПС Прилеп при секоја пријава на каснат граѓанин да не известат каде се случило, нашите служби поскоро да излезат за да ние утврдиме дали тоа е куче скитник или има сопственик“, изјави Рубин Абрашоски, директор на ЈКП „Комуналец“.
Инаку денеска Прилеп доби современо возило за заловување на кучиња преку Бирото за рамномерен регионален развој, вредно 2,4 милиони денари. Тоа има 10 боксови и предноста што за разлика од порано е тоа што сега наеднаш ќе може да се заловуваат по повеќе кучиња, кои потоа се носат во стационарот на Комуналец, од каде апелираат граѓаните да не ги пуштаат животните на улица. Наплив на кучиња скитници во Прилеп имало особено во пазарните денови, среда и сабота, кога несовесни граѓани ги носеле тука е од соседните општини.
-Конечно реализиран проектот за настава со современи услови во нашето училиште. Направени се сите училници за второ и трето одделение. Секој ученик има право да учи во современи и напредни училници, да има квалитетно образование, а воедно да се чувствува како дома – напиша на Фејсбук директорот на ООУ “Климент Охридски”, Ахил Јаков.
Голем број од проектите во ова основно училиште се реализираат со помош од општествено одговорни компании, а овој пат директорот упати благодарност до компанијата КДС Кабелнет, со чија несебична донација се модернизираа овие училници.
Со доаѓањето на постудените денови, неопходнo е да се заменат летните гуми со зимски, а законот вели дека тоа мора да се направи најдоцна до 15 ноември.
Автомобилот и неговото одржување е се поскапо, па многу луѓе се трудат да заштедат пари. Секако, безбедноста е на прво место, а многу возачи одговорно ја следат препораката 4х4х4, што значи дека возилото мора да има четири идентични гуми кои мора да се менуваат на секои четири години, а тие (без разлика на староста) да имаат минимум 4 милиметри шари.
Меѓутоа, како што индустријата за гуми напредуваше многу во последните години, Автомото сојузот на Словенија (AMZS) ја промени својата препорака и сега го продолжува периодот на безбедно користење на 6 до 8 години. Секако, менувањето гуми не може да се одложува на неодредено време, бидејќи гумите постари од 10 години губат флексибилност и со тоа држат поради хемиските промени поради стареење, пишува N1 Словенија.
Правилниот притисок во гумите е клучен
Правилниот притисок во гумите е директно поврзан со својствата на гумата при возење. Важно е да ги следите препораките на производителот, кои обично можете да ги најдете на налепницата на столбот на вратата од возачката страна или на капачето на резервоарот за гориво.
Исто така, пред патувањето, кога планирате дополнително да го оптоварите автомобилот, важно е да го поправите притисокот во гумите.
Зимски гуми во зима и летни гуми во лето
Покрај изгледот и длабочината на шарата, зимските и летните гуми се разликуваат и по составот на самата гума. Зимските гуми се помеки при пониски температури, а производителите на пневматици советуваат да се постават на температури пониски од 7 Целзиусови степени.
Накратко, дури и најлошите зимски гуми се подобри од новите летни гуми кога се вози на ниски температури.
Жител на село Пласница бил нападнат од мечка меѓу селата Пласница и Ораоец, општина Македонски Брод.
Како што раскажува 76 годишниот жител на Пласница, мечката го нападнала кога утрината околу 8:30 часот заминал да бере дренки.
-Седнав и одеднаш на мене дојде, ме турна. Ме легна на земја и јас се заштитив со раката. Со заби ме фати кај ребрата и јас викнав „помош, помош“. Ме пушти брзо и си отиде. Останав здрвен, исплашев многу, крв ми течеше. Има многу мечки оваа година. Имам 76 години, досега ова се нема случено, толку многу мечки како последниве години. Лошо ми е многу, не можев да спијам. Викам во сонот, раскажува Минче Рамчески.
Ловец кој прв му помогнал на повредениот човек, вели дека мечки има многу оваа година и постојано ги сретнуваат. Ги среќаваат во близина на самите села.
-Бевме на лов и слушнавме како некој бара помош и спомнува мечка. Испукавме неколку пати со пушките, се спуштивме надолу и го сретнавме човекот. Беше пребледен, не знаеше да ни објасни што се случило. Искрварен беше, не можеше ништо да ни каже, само повторуваше „мечката ме изеде“. Го однесовме во болница, раскажува Раим Рамчески, ловец кој му помогнал на нападнатиот човек.
Во петок на 27 октомври се празнува Преподобна Параскева-Петковден. Во народот позната како света Петка.
Родена е кон крајот на деветиот или пак на почетокот на десетиот век во градот Епифат кој што се наоѓа помеѓу градот Силимвије и Цариград, на ден петок па и отаму доаѓа и нејзиното име Параскева што во превод од грчкиот јазик значи петок.
Ова е еден од празниците што нашиот народ најмногу ги прославува, а познат е и како Петковден. Се празнува во секој крај.
Секаде има свои обичаи, но сите носат вино, лепче и пченица во црква.
Во народните верувања се вели дека на овој ден не се работат тешки рачни работи, посебно жените не треба да месат леб и да перат, зошто се верува дека ќе им трнат рацете цела година.