дома блог страница 1014

Кривични пријави за еден 19 и еден 22-годишник од Прилеп – Осомничени се дека продавале марихуана

ОВР Прилеп поднесе кривична пријава против М.И.(22) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 27.12.2022, полициски службеници извршиле преглед над лице од Прилеп, при што пронашле и одзеле марихуана, која претходно ја набавил од пријавениот.

Исто така, ОВР Прилеп поднесе кривична пријава против Д.Р.(19) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „овозможување на употреба на наркотични дроги и психотропни супстанци“. На 15.01.2023 во Прилеп, полициски службеници го затекнале пријавениот со уште две лица како користат марихуана, која претходно им ја продал пријавениот.

Наставниците тријат раце, паднаа потписи за зголемување на платите – еве за колку

Паднаа потписи и договори меѓу надлежните за покачување на платите на наставниците во основното и средното образование за 15%. Веста ја соопшти на социјалните мрежи Јаким Неделков, кој објави фотографии заедно со министерот за образование и наука Јетон Шаќири, како се ракуваат и како го потпишале договорот.

„Честито!!!! Септемвриските плати во основното и средното образование повисоки за 15 %.
Продолжуваме понатаму со потпишување на колективните договори за основно, средно и високо образование“, се наведува во објавата на Неделков.

Мицкоски се сретна со Јанкулоска: Неправдата никогаш не нè скршила

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска се сретна со Гордана Јанкулоска. Веста ја соопшти актуелниот претседател на опозициската партија на ФБ.

Средба силна колку Горде. Неправдата никогаш не нè скршила, напиша Мицкоски во описот на фотографијата.

Кратка хорор приказна од комплексот кај вештачкото езеро во Прилеп (Видео)

Расфрлан отпад на сите страни, преполни и испокршени корпи за отпадоци…. ова била сликата на која вчера наишле прилепчани кои рекреирале околу вештачкото езеро.

Прашањето е кој е виновен за ова, некултурата на поединци, или немањето мониторинг од страна на надлежните и недоволната ажурност на МВР да спречи вакви вандалски дејствија?

Прилепски директори се потпишаа на Декларација со амбасадата на САД: Вработените отсега ќе можат да пријават корупција

Три јавни претпријатија од Прилеп, ја потпишаа Декларацијата за антикорупциски практики во јавните претпријатија
На настанот кој се организира во Скопје, а по повод започнувањето на проектот „Поттикнување на овозможувачката средина за пријавување корупција во јавните претпријатија”, кој го реализира ИСИЕ и Амбасадата на САД, се изврши потпишувањето на Декларацијата за антикорупциски практики и политики во јавните претпријатија.

Декларацијата ја потпишаа 36 директори и овластени лица на јавни претпријатија, а на настанот беа презентирани главните наоди и ресурси подготвени преку проектот. Декларацијата ја потпишаа и директорите на трите јавни претпријатија од Прилеп, Рубинчо Абрашоски директор на ЈКП,, Комуналец’’- Прилеп, Игор Гулабоски директор на ЈКП ,,Водовод и канализација’’, и Зоран Јовески директор на ЈП за ПУП.

На настанот свое обраќање имаше и г-дин Ерик Мејер, Заменик шеф на мисијата на Амбасадата на САД во Скопје, како и професорите на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје и соработници на ИСИЕ: проф. д-р Мишо Докмановиќ и проф. д-р Дарко Спасевски, кои дадоа свој придонес и поттик да се создаде поволна средина и да им се овозможи на граѓаните и вработените во јавните претпријатија да пријавуваат корупција во јавните претпријатија.

Проектот „Поттикнување на овозможувачка средина за пријавување корупција во јавните претпријатија”, е финансиран од Амбасадата на САД.

За Пачешкоски се дискутирало и во Њујорк?

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, во рамките на работната посета на Њујорк се сретна со извршниот директор на Филип Морис, Јацек Олчак.

На состанокот е оценето дека Македонија се развива во држава со атрактивна клима за инвестирање, по интеграцијата во НАТО и отворените перспективи за полноправно членство во ЕУ во динамичен процес, што обезбедуваат еден од клучните услови на инвеститорите, стабилна и предвидлива инвестициска клима.

Разговарано е за значајните инвестиции на компанијата Филип Морис во Тутунскиот комбинат АД Прилеп, во рамки на стратешкото партнерство на светски познатата компанија и комбинатот, при што е формирана заедничката компанија Филип Морис Тутунски Комбинат АД Прилеп (ФМТКП).

Истакнато е значењето на зголемените инвестиции на Филип Морис во модернизацијата на производството во Комбинатот, со што е отпочнато производство на зголемен број брендови од портфолиото на Филип Морис Интернешнл.

При тоа, од јули годинава е започнат и извоз на брендовите коишто покрај во земјава, сега се пласираат и во Ерменија, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Србија, а се очекува проширување на извозот и во Европската Унија.

На состанокот е разговарано и за планираните нови инвестиции во фотоволтаици. И е истакнато значењето на споделените знаења и експертизи. Со сето тоа, добивките на компанијата Филип Морис Тутунски Комбинат АД Прилеп се зголемуваат и конкретно се четирикратно зголемени во однос на 2019 и 2020 година.

Премиерот Ковачевски се заблагодари за придонесот на Филип Морис Интернешнл во развојот на една од најстарите компании во нашата држава, Тутунски комбинат АД Прилеп, којашто годинава одбележува голем јубилеј – 150 години постоење.

„Успешната работа на Филип Морис Тутунски Комбинат АД Прилеп е значајна придобивка и во развојот на македонската економија и силна порака до странските инвеститори за поволната инвестициска клима во нашата држава“, оцени премиерот Ковачевски.

На средбата е разговарано и околу можности за натамошно унапредување на соработката, соопшти Владата.

Бугарија ќе ги објави имињата на сите Македонци со бугарски пасош

Пратениците во бугарскиот Парламент во прво читање гласаа за измените во Законот за бугарско државјанство со кои јавно ќе биде објавен регистарот на сите лица кои имаат бугарски пасош.

Бугарскиот европарламентарец Андреј Ковачев, кој е познат по своите антимакедонски ставови, на својот фејсбук-профил веднаш ја поздрави оваа одлука на бугарските парламентарци.

„Церемонијата за добивање бугарско државјанство ќе биде свечена и јавна. Регистарот на сите приматели на бугарско државјанство станува јавен.

Со најновата измена јавно ќе бидат познати сите наши сонародници од Република Северна Македонија кои се стекнале со бугарско државјанство во последните 22 години врз основа на докажано бугарско потекло и декларација за бугарска самосвест. Така, овие над 120.000 македонски Бугари, меѓу кои има и многу поранешни и сегашни политичари, пратеници, министри, градоначалници, раководители на сектори, раководители на партии, сопственици на медиуми и телевизии, новинари, коментатори, како и нивните семејства ќе бидат јавно заштитени од омразата, говорот и дискриминацијата на македонските институции поради тоа што се чувствуваат Бугари. Оние кои се ‘принудени’ да се претворат во јавни бугаромразичи само за да го сокријат своето бугарско потекло и самосвест нема да имаат повеќе причина да го прават тоа.

Очекувам, по второто читање, брзо усвојување на измените на законот“, напиша Ковачев.

Со предложените измени за добивање на бугарско државјанство задолжително ќе биде познавањето на бугарскиот јазик. При поднесување барање за бугарско државјанство на основа на бугарско потекло, ќе се укине условот предок на апликантот да починал како бугарски државјанин. Лицето ќе треба да има чисто криминално досие и тоа не само во Република Бугарија, туку и во неговата земја на потекло, односно во земјата на живеење.

Ново е и дека ќе може да се поднесе барање за државјанство по однос на натурализација, а лицето ќе треба да поднесе молба за откажување од тековното државјанство. Исто така, се предлага да се скрати периодот за поднесување документи за ослободување од друго државјанство, како и да се унифицираат условите за стекнување бугарско државјанство при брак со бугарски државјанин, со воведување на услов за тригодишен период на вонбрачна заедница но кој нема да биде применлив доколку се покаже дека бракот е фиктивен. Во таков случај бугарското државјанство ќе биде одземено.

“Be Active Day 2023”: Во сабота заеднички тренинг на паркингот во хотел Кристал Палас

“Be Active” или “Биди Активен” e настан кој се одлужува во голем број европски држави и претставува продолжение на проектот и кампањата на Националниот ден на фитнес во Европа. Овој настан во суштина се поврзува со истата премиса: да се промовира забавата и важноста на физичката активност, менталната и социјалната благосостојба на луѓето. Кампањата се стреми да ја подигне свеста за потребата од физичка активност за секого, со посебен фокус на развивање на понудата за физички активности меѓу луѓето.

Секако, овој настан ќе биде одбележан и во Прилеп – на паркингот во хотелот Кристал Палас, односно пред фитнес центарот “Elite Gym”. Влезот е слободен!

На толку растење не знаевме што да им правиме на парите: Просечната плата во јули се намалила за 300 денари

Падна просечната плата. Државна стастиситка пресмета просек од 36.280 денари за месец јули. Оваа сума е за 300 денари пониска за разлика од јуни.

Намалување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Рударство и вадење на камен (7,9 отсто), Финансиски дејности и дејности на осигурување (5,3 отсто) и Објекти за сместување и сервисни дејности со храна (4,6 отсто).

Највисока просечна нето-плата во висина од 91.970 денари имало во секторот Компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности. Најниски просечни примања имале вработените во секторот Заштитни и истражни дејности, кои изнесувале 20.014 денари.

Изложбата “Псалми” на уметникот Венко Цветков, утре пред прилепчани

На 22.09.2023 г. /петок/ од 19.30 ч. во Ликовната галерија ќе биде отворена изложбата „Псалми“ од Венко Цветков од Штип. Изложбата се реализира со подршка на Министерството за култура и е во годишната програма за работа на Центарот.

Податоци за изложбата

Сликарството на Венко Цветков се базира на постмодерен синтетички ликовен слог при што зема примери од сликарството на германскиот сликар Сигмар Полке.

Синтезата ја структуира така што во визуелниот контекст вклучува елементи од средновековното македонско сликарство. Полето на неговиот интерес е концептот на христијанството во кое нема конфликт помеѓу популарната култура и духовното размислување. Делата на Цветков се повикуваат на иконографијата на православното сликарство како и псалмите од светото писмо, а тоа е интерпретирано во потполно нов духовен, односно мистичен начин вели м-р Матеј Мтетликовиќ, академски сликар.

Цветков со изложбата израснува во „праведник на формите отелотворени од библиската поетика“ и со својот раскошен талент создава предизвик за секој познавач на средновековната ликовна практика, видлива во социјативните насоки на неговата творечка визија. Тестамент за безвременската убавина на византоликите колоратури, изложбата на Венко Цветков самата по себе е стихувана панорама на визуелни парадигми инспирирани од мегапотентниот вруток на библиските епови – вели проф. д-р Елизабета Димитрова.

Творечкиот опус на Венко Цветков е изразито контемплативен. Диши со умереност, промисленост и предаденост на текот на времето, што заедно говорат што има авторот да ни каже. Таа порака е опуштена и од неа произлегува насоченост кон творештвото и творецот, со тоа што не воодушевува и не обзема – вели проф.д-р Милан јазбец, поранешен амбасадор на Словенија во Македонија.

Податоци за авторот

Венко Цветков роден во Штип. Завршил Виша педагошка академија во Скопје во 1976 година кај проф. Спасе Куноски. Дипломира на Академијата за ликовни уметности во Љубљана во 1984 година кај. проф. Киар Мешко. По завршувањето на студиите во Љубљана се враќа во Македонија и работи како реставратор на средновековно сликарство и истовремено активно твори во областа на современото сликарство.По 2007 година работи како професор во СУ „Лазар Личеноски“ од каде во 2022 година заминува во пензија. Покрај самостојното ументичко творештво интензивно работи и на отсликување на православни храмови во Македонија