дома блог страница 1013

Тешка сообраќајка на патот Кавадарци-Прилеп кај “Дреновска спирка”, четири лица се повредени

Синоќа на регионалниот пат Кавадарци-Прилеп, кај место викано „Дреновска спирка“, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „БМВ“ со охридски регистарски таблички, управувано од Д.С.(44) од с.Долно Лакочереј, охридско и патничко возило „Фиат уно“ со велешки регистарски таблички, управувано од К.А.(53) од с.Дреново, кавадаречко.

Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот К.А., додека со телесни повреди се здобиле возачот Д.С., сопатникот во неговото возило З.А.(46) од с.Велгошти, охридско и сопатничката во возилото „фиат“, Ж.Б.(44) од с.Ваташа, кавадаречко, констатирани во болницата во Кавадарци.

Увид на местото на несреќата извршила екипа од ОВР Кавадарци.

Двајца битолчани и тројца прилепчани фатени заедно како пушат марихуана

На 22.09.2023 во 18.10 часот на ул.„Прилепски бранители“ во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп ги лишиле од слобода В.Г.(37) од Битола, И.Ѓ.(37) од Битола, Б.С.(21) од Прилеп, В.А.(21) од Прилеп и Ф.З.(19) од Прилеп бидејќи биле затекнати како користат марихуана, односно дека И.Ѓ. им овозможува на останатите лица да користат марихуана.

По документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок – информираат од ОВР Прилеп.

Лавовите на Велески вечерва со победа од минимум десет гола разлика

Ракометарите на РК Прилеп вечерва со почеток од 18:30ч, во спортската сала на СОУ “Ристе Ристески-Ричко”, го играат третиот натпревар од ракометната Супер лига.

По победата над Бутел во првото коло и поразот на гостувањето кај Пролет, во Прилеп вечерва гостува екипата на Вардар од Неготино.

Неготинчани имаат два порази од првите два натпревари, а како аутсајдери влегуваат и во вечерашниот натпревар во Прилеп.

Ракометните вљубеници очекуваат висока победа од избраниците на Боби Мојсов, кои предводени од капитенот Филип Велески, имаат императив да запишат полн плен на табелата.

Брука! Прилепчанец крадел од учениците во спортска сала во основно училиште

На 22.09.2023 во 23.00 часот на ул.„Јане Сандански“ во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп го лишиле од слобода Е.А.(38) од Прилеп. Тој бил затекнат при извршување кражба во соблекувална на спортска сала на основно училиште.

Кај него биле пронајдени одземените предмети и биле вратени на сопствениците.

Лицето било приведено во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Ангелов: ВМРО-ДПМНЕ на чело со Мицкоски ќе излезе уште посилно по преписките со Груевски

„Систематските напади од Груевски врз Мицкоски ќе доживеат фијаско, а ВМРО ДПМНЕ со Мицкоски на чело, од нив ќе излезе уште посилно“, пишува во својата анализа на Фејсбук, директорот на ЦУК и лидер на политичката партија „Достоинство“, Стојанче Ангелов.

Ангелов со статус насловен „Со пуканки и пиво“ вели дека ги анализира преписките меѓу Груевски и Мицкоски, а дека водејќи се од своето искуство и „ВМРО за Македонија“ од се ова бенефет ќе има само раководството на чело со Христијан Мицкоски, а членството „ќе се збие“.

Неговиот статус го пренесуваме во продолжение:

СО ПУКАНКИ И ПИВО

Внимателно ги следам случувањата на македонската политичка сцена. Во некои од нив и самиот непосредно учествувам. И како креатор на политики, но повеќе како аналитичар или коментатор во честите јавни настапи.

Моја проценка е дека вербалното и пишано амнестирање и величење на носителот на Режимот Никола Груевски како авторитет кој ќе помогне да поминат уставните измени и со тоа Македонија ќе продолжи по нејзиниот европски пат, од страна на некои од перјаниците на владејачката гарнитура, ќе резултира со дополнително збивање на и онака густо збиените редови на ВМРО ДПМНЕ.

Систематските напади од Груевски врз Мицкоски ќе доживеат фијаско, а ВМРО ДПМНЕ со Мицкоски на чело, од нив ќе излезе уште посилно.
Ова го зборувам особено поучен од моето лично политичко искуство кога заедно со иконата на ВМРО-то, војводата Љубчо Георгиевски како и братот Љубе Бошкоски со нашата предизборна коалиција “ВМРО за Македонија” во 2016-та тргнавме во директна политичка пресметка со тогашниот лидер на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски. Битка во која бевме прегазени од ВМРО ДПМНЕ и која на изборите во декември 2016-тата ја загубивме со освоени 25.500 гласови кои не беа доволни за пратеник од нашата коалиција.

Иако се шеташе со “ножеви забиени во грб” од неговиот претходник Љубчо Георгиевски, Никола Груевски победуваше на сите избори и се одржа на власт повеќе од 10 години. Груевски победи дури и во декември 2016-та после сите објавени “бомби”, коалиции и револуции.
Ваквата цврстина на врвот на ВМРО ДПМНЕ, но и на СДСМ, доаѓа од повеќе причини кои детално ќе ги елаборирам во некој друг текст. Во глобала се работи за два типа на интерес или очекувања. Првиот Македонија, а вториот личен. Или двата измешани заедно. А можеби и по обратен редослед. Можеби и без вториот од обратниот редослед.

Кога во СДСМ би се случила слична внатрешна битка резултатот би бил ист како во мојата проценка за ВМРО ДПМНЕ., пишува Ангелов.

Леринско, воденско, костурско, Вера Љубојна го опеа македонското синоќа во Прилеп (ВИДЕО)

Домот на културата “Марко Цепенков” во Прилеп синоќа беше домаќин на одличен концерт кој го приреди “Љубојна”.

На малата сцена, публиката уживаше во уште еден извонреден настап на нашиот најпознат етно-музички состав, кој одново ги освои срцата на сите присутни.

Повеќе од 20 години „Љубојна“ работи на проекти што се засноваат на истражувања на македонската музика и култура. Таа стои зад повеќе проекти, перформанси, прави музика за филмови и од 2002 година од кога е основана, групата настапува со разновидни мултимедијални претстави и концерти во светот.

Досега имаат објавено девет албуми, меѓу кои „Песна за мојата песна“, кој е направен според истоимената поема на Петре М. Андреевски, албумот „Ljubojna in life“, албумот „Ljubojna Brass Fantasy“, снимен со голем лимен дувачки оркестар и претставува оживување на беломорската музика од егејскиот дел на Македонија.

„Љубојна“ има одржано бројни концерти низ Македонија и во странство, Торонто, Њујорк, Москва, Истанбул, Венеција, Рим, Париз, Марсеј, Солун, Кан, Германија, Словенија…

Во продолжение дел од атмосферата на синоќешниот концерт:

Зачестени пожарите во Пелагонија поради намерно палење на стрништа – СВР Битола апелира, сторителите ќе бидат строго казнети

Во последните денови на подрачјето на СВР Битола настанаа неколку пожари на отворен простор како последица од намерно запалени стрништа.
СВР Битола апелира до граѓаните на подрачјето на СВР Битола:

– да не се пали оган на отворен простор;
– да не се палат стрништа, земјоделски и други површини;
– да не се пали отпад и друг горлив материјал;
– да не се фрлаат отпушоци од цигари и догорчиња.

Доколку забележат пожар на отворен простор граѓаните најбрзо што може да го пријават во надлежните институции. Потсетуваме и дека непочитувањето на законите ќе биде санкционирано и соодветно ќе бидат казнети сите кои ја загрозуваат безбедноста на граѓаните – стои во апелот упатен од СВР Битола.

Мицкоски одново дециден: Нема да има уставните измени, ниту еден пратеник од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа

Со пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата сме апсолутно истомисленици. Никогаш јас не сум сакал да наметнам таков тип на авторитет, па сега некого да контролирам, управувам и така натаму, ниту пак некогаш додека сум претседател тоа ќе се случи. Ние овој став кој што го имаме како ВМРО-ДПМНЕ и како коалиција е заеднички став и тој е принципиелен став и ние веруваме во тој став дека е исправен, бидејќи до сега веќе 15 месеци не добивме аргумент со кој што нашиот став ќе биде, да кажам, демантиран па ние ќе мора да го менуваме. Така што, кога ме прашувате дали сме истомисленици, да сме истомисленици со 44 пратеници кои што се дел од пратеничката група на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју на телевизија Алсат М.

Мицкоски посочи дека иако целта на оската е носење на уставни измени под бугарски диктат, тоа нема да се случи и тие нема да поминат, со тоа само ние како македонски граѓани губиме време.

Додаде дека како тој и партијата упорно се трудеа да им објаснат на власта дека оваа нивна политика на форсирање на една тема која што ќе заврши во бездна и нема да успее, а на сметка на тоа уривање на државата во секоја пора, полна со криминал и корупција, не е добра политика и затоа им понудија многу решенија во минатото, кои за жал ги одбија.

-Нема да се случат уставните измени, ни еден пратеник од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа и тоа се виде на седницата на 18 август, кога 44 пратеници кои гласаа против дневниот ред. Тоа јасно покажува дека немаат двотретинско мнозинство, затоа што ако беа сигурни дека имаат макар и еден, тие ќе одеа до крај на таа собраниска седница, претпоставувам ќе пропаднеше и после тоа хорски ќе бараа оставка на Христијан Мицкоски. И Мицкоски е проблем, затоа што тој не се договара со политички криминалци и разно разни кланови, ниту за политички амнестии, ниту за политички криминали, ниту за тендери затоа што имаме принципиелен став, истакна Мицкоски.

Македонија е најбитна, посочи Мицкоски и таа е пред и над се, додавајќи дека уставните измени се нај небитниот и нај понижувачкиот дел за Македонија.

-Тие се најпонижувачкиот дел за Македонија и мислам дека тоа што не ги гласаме тие уставни измени и мислиме добро на Македонија, затоа што ако се случеше такво нешто, тогаш ќе беше лошо за Македонија. Бидејќи ги слушате пораките кои што доаѓаат од Софија, па дури и од денешната ново избрана евро комесарка која што јасно кажа кои се обврските на Македонија кои што се содржани и во протоколите, а во протоколите богами се содржани озбилни обврски кои што имаат јасна цел. А, тоа е асимилација на македонскиот народ, рече Мицкоски.

Од недела надлежните апелираат на внимателност: Не очекуваат грмежи, дождови и локално невреме

Под влијание на влажен бран в недела на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, локално и во форма на невреме. Пороен дожд и грмежи ќе има и в понеделник. Повеќе врнежи во овие два дена ќе има во западните делови, каде што локално се очекува да наврнат над 30 л/м2.

Потоа времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди и со слаб локален дожд. Температурата ќе опадне неколку степени.

Во Скопската Котлина в недела попладне ќе има пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за краткотрајно невреме. Потоа ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди и малку посвежо.

Во случај на појава на електрични празнења се препорачува поголема внимателност, да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја.

Драги родители, донесете ги утре вашите деца на ова место во Прилеп и трасирајте ја на вистински начин нивната иднина

Тимот на ⋮ИВЕЦ доаѓа во Прилеп! На 23.09.2023год. (сабота) со почеток од 12:00 часот, во пица бар Академи организираме средба со сите кои сакаат да го запознаат нашиот тим, нашите предавачи и обуките за деца кои ги нуди едукативниот центар.

Во дигиталната ера што брзо се развива, подготовката на вашите деца за иднината значи стекнување со основните вештини во областа на информатичката технологија. Како што технологијата станува се’ повеќе интегрирана во нашиот секојдневен живот, владеењето на ИТ повеќе не е опција, туку неопходност. Токму затоа нашиот центар подготви различни обуки кои ќе им помогнат на идните генерации да се стекнат со најбараните технолошки вештини.

⋮ИВЕЦ обуките за деца се внимателно дизајнирани да го направат учењето забавно и едукативно, погодни за различни возрасни групи, почнувајќи од девет години.

Нашите искусни и посветени инструктори создаваат стимулативна средина за учење каде што децата можат да ја истражат својата креативност и способности за решавање проблеми. Преку практични активности и проекти, децата не само што ги учат основите на програмирањето, туку развиваат и вештини за критичко размислување што добро ќе им служи во секое поле во нивниот живот.

Дозволете вашите деца да поминат незаборавна школска годинa стекнувајќи се со квалитетни ИТ знаења и вештини и вистински пријателства. Нашиот едукативен центар е тука за да ги поддржи младите генерации да ги стекнат неопходните технолошки вештини, осигурувајќи дека тие се добро подготвени за можностите и предизвиците на дигиталната ера.

Дојдете во сабота во пица бар Академи за да дознаете повеќе за нашите обуки, распореди и детали за запишување. Заедно, можеме да ги поттикнеме и создадеме идните технолошки лидери.

Можности, Успеси, Напредок, Квалитет, Знаење, Креативност, Дружење со ⋮ИВЕЦ.

Се гледаме во сабота во градот под Марковите кули!