(Фото галерија) Мицкоски во Битола: Oгромни инвестиции во битолската клиничка болница

Премиерот Христијан Мицкоски при денешната посета на Клиничката болница во Битола изјави дека здравството останува еден од клучните приоритети на Владата, нагласувајќи дека за оваа година се издвоени рекордни повеќе од една милијарда евра за здравствениот сектор.

Тој оцени дека состојбата во здравството е резултат на долгогодишни проблеми кои, како што рече, не можат да се надминат преку ноќ, туку бараат време, финансиски средства и континуирана работа.

„Како Влада оваа година рекордно издвојуваме веќе повеќе од една милијарда евра за здравството и потребите на граѓаните за здравствени услуги“, истакна Мицкоски.

Премиерот ја пофали директорката и вработените во Клиничката болница во Битола за реализираните проекти, оценувајќи дека тие претставуваат почеток на поширок процес на модернизација на установата.

Според него, целта е постепено целосно обновување на болницата, со инвестиции во реконструкција, современа медицинска опрема и зајакнување на човечките ресурси, со цел да се подобрат здравствените услуги за пациентите.

Мицкоски им се заблагодари на здравствените работници, на Министерството за здравство и на Фондот за здравствено осигурување за досегашната соработка и трпение, нагласувајќи дека Владата ќе продолжи со истото темпо на инвестиции и во наредниот период.

Тој порача дека Владата останува определена за создавање современ здравствен систем кој ќе може да одговори на потребите на граѓаните, додавајќи дека јавноста и понатаму ќе може да ги следи проектите што се реализираат во здравството.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.