Ракометната икона на Прилеп: “Соберете сили, исплатете плати и спасете го клубот, Прилеп е болен за ракомет”

Ракометот во Прилеп се соочува со најтешките мигови во своето постоење. РК Прилеп, клубот кој пред некоја година обезбеди излез во Европа е пред испаѓање во понизок ранг на натпреварување. На клубот му претстои бараж натпревар за опстанок во ракометната елита. Поради овие случувања, на Фејсбук се јави Боро Шокоски, поранешен долгогодишен играч на “Тутунски Комбинат”.

“Наслов на ова што сакам да го напишам не можев да смислам ама поводот ме испровоцира. Неодамна Самсоненко објави дека се повлекува од Вардар. Наводно не може финансиски да го издржи целиот товар наречен Вардар. Завладеа голема тага во држатавава. Играчите добијаа исписница, а некој си пронајдоа и нови клубови додека скопјани и сите Македонци скратени во задоволството да гледаат врвен ракомет.

Експресно во неколку дена се собраа сите моќници од Скопје заедно со Самсоненко и види ОПП се скрои буџет од 3 милиони евра. Зошто? Затоа што Вардар е бренд, Европски шампион, затоа што дава поттик на многу деца да тренираат ракомет, да имаат свои идоли и да се создаваат нови играчи. Браво и секоја чест за Вардар, само напред… Е сега малку да се вратиме локално. Победа, уште еден бренд ќе отпадни од прва лига и многу ми е жал. За неа нема да пишувам, а и пожелувам брзо враќање таму каде што и е местото, на врвот од македонскиот фудбал. Ќе напишам неколку збора за РК Прилеп т.е. таму каде што ме боли најповеќе забот.

После може 20 годишно активно играње за “Тут-Ком” не можам да останам пасивен и да гледам од страна како се распаѓа клубот што ме оформи како личност, не само мене туку една плеада поранешни и сегашни играчи. Играчи кои со успех го носеле дресот на репрезентацијата и освојувале првенства и пехари.

Нема да спомнам ниедо име, а не има безброј. Ќе го изгубиме клубот заради неисплатени плати, лошо менаџирање со клубот и лоша распределба на буџетот на клубот. Се одбра најлошата опција за клубот. Да не се даде плата и во оган да се втурнат голобради момчиња. Момчиња физички недоразвиени кои што се принудени да играат со сениори за да не се казни клубот. (Фала богу што немаше до сега посериозна повреда).

На табелата го заземаме претпоследното место и неизбежен ни е бараж. Кога Вардар можеше експресно да формира буџет од 3 милиони за наредната сезона и ние како град можеме експресно да се собереме и да спасиме тоа што може да се спаси. Бренд кој што бил вицешампион на Македонија и освојувач на купот. Драги господа мои соиграчи, оправдајте ја улогата што ви ја доделиле во клубот. Има уште една шанса. Шанса која не треба да се пропушти.

Соберете сили, обезбедете плата за играчите и тренерите. Вашето оправдување беше дека заради изборите не можат да легнат парите на сметка и дека треба да се чека мај. Ете го и мај, баражот ни е единствена шанса да останеме таму каде што ни е местото. Прилеп како град е болен за ракомет. Да не дозволиме ракомет во прва лига. Враќањето во елитата е тежок и напорен пат. Спортски поздрав!”, напиша Шокоски на својот Фејсбук профил.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.