Прилепчанец ја предводи Македонија на Европско првенство во Белград, на клупата седи и Филип Миркуловски

Македонската кадетска ракометна репрезентација од денеска го започнува настапот на Европското првенство во Белград, кое ќе трае до 9 август. На шампионатот ќе настапат 24 најдобри европски селекции, а Македонија ќе се обиде да остави силен впечаток во исклучително тешката конкуренција.

Нашите кадети се дел од групата со селекциите на Словенија, Франција и Шведска, а првиот натпревар го играат денеска против Словенија.

На клупата на Македонија е прилепчанецот Горан Кузманоски, кој како селектор ќе ја предводи репрезентацијата на ова големо натпреварување. Во стручниот штаб се и неговиот асистент Митко Стоилов, како и легендарниот Филип Миркуловски.

Интересно е што токму Кузманоски, Стоилов и Миркуловски беа дел од најуспешната генерација на македонскиот младински ракомет. Тие настапуваа за репрезентацијата која во 2002 година го освои четвртото место на Европското првенство во Полска – најголемиот успех во историјата на машкиот младински ракомет.

Ова ќе биде четврти настап на Македонија на Европско првенство за кадети од осамостојувањето на државата, а надежите се дека новата генерација, предводена од прилепчанецот Горан Кузманоски, ќе успее да испише нова убава страница во историјата на македонскиот ракомет.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.