Во Новата година прилепчани ќе плаќаат за 33,9% повисоки сметки за вода – така одлучила Регулаторна комисија

Aко досегашната практика беше Регулаторна комисија да им даде можност на јавните претпријатија од колку до колку проценти да ја поскапат водата за пиење, овојпат комисијата на прилепски Водовод му наложи да ја зголеми цената за 33,9%.

Па така прилепчани во Новата година ќе плаќаат за толкав процент поскапи сметки за вода, ова денеска на прес конференција го соопшти директорот на ЈКП Водовод и канализација Прилеп, Игор Гулабоски.

“Ова знаеме дека ќе биде удар за граѓаните, но е оправдан во овој случај, затоа што ова јавно претпријатие се соочи со големи финансиски проблеми, не по наша вина, туку по вина на светската криза која беше насекаде, не само во Македонија, и едноставно Регулаторна мораше да реагира на начин како што реагираше. За една сметка за физички лица цената да биде покачена за 33,9%, или на една сметка граѓанинот после одлуката на Советот ќе плаќа приближно плус 190 денари на една просечна сметка за вода”, истакна Гулабоски.

Исто така, на последниот состанок во Регулаторна, било договорено цената на водата да се корегира еднаш годишно, наместо како досега тоа да се прави на секои 3 години. Тоа според Гулабоски не мора да значи дека секоја година ќе се зголемува цената, туку би можело веќе наредната Регулаторна да ја намали цената, а претпријатието тоа да го прифати.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.