Иако моментално сум физички отсутен, сакам да ве уверам дека континуирано ја следам ситуацијата со големиот пожар кој ја зафати областа Мариово. Имаме целосна координација со Општинскиот кризен штаб и со сите надлежни институции и екипи кои неуморно, деноноќно се борат со огнената стихија. Мојата посета во моментов во Шведска заедно со градоначалникот на Битола, претставници од Општинската администрација и ЈКП Комуналец, каде што имаме прилика да добиеме конкретни сознанија и примери за да ги подобриме услугите во Општината и Комуналните претпријатија, во рамките на проектот ,,Одржливо управување со отпадот на локално ниво”, беше претходно планирана и пред воопшто да почнат огнените стихии во нашата општина – напиша на својата ФБ страна, градоначалникот на општина Прилеп, Борче Јовчески.
Во продолжение во целост го пренесуваме неговото обраќање на социјалните мрежи:
Пламените јазици досега опожарија површина од над 10.000 хектари, со линија на зафатеност од над 20 километри.
На терен активно се ангажирани противпожарните единици, Армијата на Република Македонија, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, воздушната поддршка, МВР, Национални шуми, медицинските екипи, Црвен крст, месното население и доброволни противпожарни здруженија. Благодарение на нивната работа, ситуацијата е под контрола и досега не дозволивме пожарот да зафати населени места или објекти.
Сите Вие сте нашите ХЕРОИ!
Според најновите податоци од мерната станица на Центарот за јавно здравје, квалитетот на амбиенталниот воздух е во рамките на нормалата. Континуирано сум во комуникација со директорот на Центарот за јавно здравје, и за секоја евентуална промена или препорака, навремено ќе бидете известени.
Сакам да ве уверам дека сите расположливи ресурси се максимално ангажирани и нема простор за шпекулации или создавање непотребна паника. Остануваме посветени на заштитата на нашите сограѓани и на спречувањето на понатамошно ширење на пожарот.