ЈКП “Комуналец” Прилеп ги подучуваше колегите од Ѓорче, Гази Баба и Илинден како се работи

Општините Гази Баба, Ѓорче Петров, Илинден и Струмица денеска од Прилеп, црпеа добри практики за управување со отпад на локално ниво и воспоставување на систем за примарна и секундарна селекција на отпад

Денес, во просториите на ЈКП „Комуналец“ – Прилеп, се одржа работна средба посветена на размена на искуства и добри практики во управувањето со отпадот на локално ниво, со посебен акцент на воспоставувањето и функционирањето на системот за примарна селекција на отпад во Општина Прилеп.

На средбата присуствуваа претставници од општините и јавните комунални претпријатија од општините Гази Баба, Ѓорче Петров, Илинден и Струмица, кои имаа можност одблизу да се запознаат со искуствата на ЈКП „Комуналец“ – Прилеп, во воспоставувањето и спроведувањето на примарната селекција на отпад.

Преку презентации, дебати и отворени разговори беа споделени практични искуства, предизвици и решенија поврзани со организацијата на системот, начинот на селекција, собирањето на селектираниот отпад, како и придобивките од неговото правилно управување.

Беше посетено и собирното место за одлагање на електричен и електронски отпад, како и просторот наменет за собирање и складирање на стакло. Преку овие посети беа презентирани практичните решенија за одделно собирање на различни видови отпад и нивното правилно управување.

Посебен дел од посетата беше посветен на фабриката за селекција на отпад, каде што беа презентирани процесите на селекција и подготовка на отпадот за понатамошно рециклирање и искористување. Учесниците имаа можност да се запознаат со досегашните резултати, практичните искуства и придобивките од воспоставениот систем во Општина Прилеп.
На работната средба се разговараше и за идните активности и планови во областа на управувањето со отпадот, особено за подготвената проектна документација за идната изградба на компостара, како и за планирањето на плац за рециклирање на градежен отпад. Овие проекти се дел од заложбите за воспоставување интегриран и одржлив систем за управување со различни видови отпад на локално ниво.

Особено внимание беше посветено на успешноста на воспоставениот систем за примарна селекција во Општина Прилеп, кој претставува значаен чекор кон поефикасно управување со отпадот, зголемување на количините на селектиран и рециклирачки отпад и создавање почиста и поздрава животна средина.

Размената на искуства меѓу локалните самоуправи и јавните комунални претпријатија претставува значаен придонес во унапредувањето на системите за управување со отпад и создава можности за примена на успешни практики и во други општини.

Средбата и посетата на капацитетите на ЈКП „Комуналец“ – Прилеп ја потврдија важноста од меѓуопштинската соработка, споделувањето знаења и искуства и заедничкото дејствување во насока на воспоставување современи, ефикасни и одржливи системи за управување со отпад.

Со ваквите активности се создаваат услови за понатамошно унапредување на примарната селекција, развој на нови инфраструктурни решенија за постапување со отпадот и подигнување на свеста кај граѓаните за значењето на селектирањето, рециклирањето и правилното постапување со отпадот.

Студиската посета беше организирана од Центарот за климатски промени.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.