Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Биљана Кузманоска на денешната прес-конференција посочи дека македонската економија бележи забрзан раст и дека најновите податоци покажуваат значително подобрување во однос на периодот на претходната власт.
Кузманоска на денешната прес-конференција посочи дека реалниот економски раст во второто тримесечје од 2026 година достигнал 4,3 отсто. Таа направи споредба со првиот квартал од 2024 година, кога растот, според неа, изнесувал 1,6 отсто.
„Од 1,6 проценти економски раст во време на СДС и ДУИ, денес Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ја доведе економијата до раст од 4,3 проценти“, изјави Кузманоска.
Таа нагласи дека, според неа, не е важен само процентот на раст, туку и неговата структура. Како позитивни показатели ги посочи инвестициите, кои во второто тримесечје реално се зголемиле за 16,5 отсто, како и извозот на стоки и услуги, кој пораснал за 10,4 отсто.
Кузманоска посочи и дека градежништвото бележи раст од 21,9 отсто, а раст, како што наведе, има и во преработувачката индустрија, трговијата, транспортот, угостителството и информациско-комуникацискиот сектор.
Според неа, овие показатели укажуваат на зголемена економска активност, поголем простор за инвестиции и можност за отворање нови работни места.
Пратеничката се осврна и на инфлацијата, посочувајќи дека паралелно со забрзувањето на економскиот раст, таа се намалува и во моментот изнесува 2,3 отсто.
Кузманоска порача дека целта е економскиот раст да се почувствува преку повисоки плати, нови работни места, поддршка за компаниите и подобар животен стандард.
Таа најави дека Владата ќе продолжи со поддршка на инвестициите и приватниот сектор, реализација на капитални проекти и создавање стабилно и предвидливо економско окружување.
„Од економија која растеше со 1,6 проценти на почетокот на 2024 година, денес имаме економија со раст од 4,3 проценти. Тоа е промената и тоа е трендот што мора да продолжи“, порача Кузманоска.
























