Крушево продолжува со реализација на повеќе капитални проекти насочени кон развој на туризмот, подобрување на инфраструктурата и унапредување на условите за живот на граѓаните. Ова го истакна градоначалникот Нико Чонески во гостување во Попладневната програма на Македонската радио-телевизија, осврнувајќи се на тековните активности и плановите за развој на општината во наредниот период.
Според Чонески, во моментов се работи на неколку значајни проекти кои треба дополнително да ја зацврстат позицијата на Крушево како препознатлива туристичка дестинација.
„Општина Крушево постојано вложува во своите туристички потенцијали. Веќе се започнати неколку проекти, како изградбата на две нови полетувалишта за параглајдерство. Во тек е и изградбата на дел од обиколница околу Крушево, која не само што ќе го растерети градот од тешки возила, туку ќе овозможи и поврзување со скијачките терени, каде во иднина планираме да изградиме поголем паркинг“, изјави Чонески.
Тој нагласи дека развојот на туризмот е еден од главните двигатели на локалната економија, при што бројот на домашни и странски посетители континуирано расте.
„Радува фактот што сè повеќе сме посетени од странски туристи, а тоа се должи на фактот што сме топ дестинација за параглајдерство. Во нашата општина се организираат натпревари од светски и европски ранг, но и бројни национални купови и првенства“, посочи градоначалникот.
Во однос на инфраструктурниот развој, Чонески истакна дека големо значење за Крушево ќе има реализацијата на патниот правец Кривогаштани-Крушево-Демир Хисар.
„Патот Кривогаштани-Крушево-Демир Хисар е влезен во програмата на Јавното претпријатие за државни патишта и се надеваме дека со неговата реализација значително ќе се олесни пристапот до Крушево и ќе се создадат подобри услови за развој на туризмот и локалната економија“, рече тој.
Градоначалникот се осврна и на урбанистичкиот развој на градот, нагласувајќи дека идните проекти ќе мора да го почитуваат историскиот и архитектонски идентитет на Крушево.
„Крушево е заштитена споменичка целина и мораме да бидеме внимателни. Нашата цел е да направиме симбиоза меѓу развојот на градот и зачувувањето на препознатливата архитектура која е дел од неговиот идентитет“, истакна Чонески.
Тој додаде дека постои сериозен интерес од приватни инвеститори за вложувања во туристичкиот сектор, а локалната самоуправа ќе продолжи да создава услови за реализација на нови инвестиции.
Како дел од визијата за наредните години, Чонески ги посочи проектите поврзани со водоснабдувањето, управувањето со отпадот, канализационите системи и решавањето на проблемот со дивата депонија.
„Јас Крушево го гледам како модерно планинско место, налик на познатите алпски туристички центри. За да го постигнеме тоа, потребна е заедничка работа на институциите, граѓаните и сите чинители во општеството“, порача градоначалникот на Крушево.
























