Во Прилеп одбележан Денот на сообраќајната култура: Апел за поголема безбедност и одговорност во сообраќајот (ФОТО)

Во Прилеп денеска беше одбележан Денот на сообраќајната култура, со низа активности насочени кон подигнување на свеста и одговорноста кај сите учесници во сообраќајот. Настанот беше организиран од Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот – Прилеп, со поддршка од Станицата за технички преглед „Авто Контрол“, учениците од сообраќајната струка при СОУ „Ристе Ристески – Ричко“ и Министерството за внатрешни работи.

Преку едукативни активности и пораки до граѓаните беше испратен силен апел за поголема безбедност на патиштата, почитување на сообраќајните правила и одговорно учество во сообраќајот.

Од „Авто Контрол“ истакнаа дека како компанија која секојдневно работи во областа на безбедноста во сообраќајот, со гордост поддржуваат вакви иницијативи кои придонесуваат за создавање повисока сообраќајна култура и побезбедна средина за сите граѓани.

Годинава посебен акцент беше ставен на безбедноста на мотоциклистите, како и на важноста од носење заштитна кацига.

„Почитувај ги сообраќајните правила, намали брзина, биди внимателен и одговорен и секогаш носи кацига – вози безбедно“, порачаа организаторите.

Од настанот беше испратена и заедничка порака дека само со поголема свест, одговорност и почитување на правилата може да се создаде побезбеден сообраќај за сите учесници на патиштата.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.