По подолг период на пауза, од среда (13 мај) повторно ќе започне со работа сточниот пазар во Кривогаштани, информација која ја соопшти градоначалникот на Општина Кривогаштани, Игор Каравилоски.
Со повторното отворање на пазарот, сточарите од Кривогаштани и околните населени места повторно ќе добијат организирано место за продажба и откуп на добиток, нешто што подолг период недостасуваше во регионот.
„Од среда повторно се отвора сточниот пазар во Кривогаштани, со што се создаваат нови можности за развој на локалното сточарство и зајакнување на економската активност во регионот“, напиша Каравилоски во својата објава на социјалните мрежи.
Тој додава дека ова претставува значаен чекор за поддршка на земјоделците и сточарите, како и за поттикнување на трговијата и соработката помеѓу луѓето кои егзистираат од сточарството.
Рестартирањето на сточниот пазар се очекува позитивно да влијае врз локалната економија, но и да ја олесни работата на сточарите кои повторно ќе имаат можност својата стока да ја пласираат на организиран пазар.
























