Прилеп добива уште едно современо решение благодарение на ентузијазмот, идеите и посветеноста на младите луѓе кои стојат зад граѓанската иницијатива „Мој Прилеп“.
Овојпат, во соработка со ЈП за ПУП, започнат е проект за следење на автобускиот превоз во живо, со кој граѓаните отсега ќе можат во реално време да проверуваат каде се наоѓа нивниот автобус и полесно да го организираат своето време.
Системот моментално е во тест-период, а од иницијативата ги повикуваат сите прилепчани да помогнат со свои забелешки, критики и предлози, со цел услугата да биде што покорисна и пофункционална за сите корисници.
За реализација на проектот голема поддршка дадоа и локални компании кои препознаа вредност во идејата. Благодарение на Karadzoski Dental Office и Onyx Bar Cafe, кои донираа GPS уреди за автобусите, проектот можеше да се реализира и да направи уште еден чекор кон помодерен и подобар Прилеп.
Но, ова е само еден дел од визијата на „Мој Прилеп“. Во завршна фаза е и нивната веб-страница, преку која граѓаните ќе можат да се информираат, да се вклучат, да споделуваат идеи и заеднички да предлагаат решенија за подобрување на секојдневието во градот.
Иницијативата покажува дека промените не мора секогаш да започнат од големи институции – понекогаш започнуваат од група граѓани кои имаат идеја, волја и желба да направат нешто подобро за својата заедница.
Сите прилепчани кои имаат идеи, знаење, време или можност да помогнат се добредојдени да бидат дел од оваа приказна.
























