peculiar attraction of solitude..


фотографија – Шлакески Маринко –
„ЛОРА“ (2013) – Шлакески Маринко (драмски текст – извадок)

(Мала соба во полумрак. Во едниот агол стара дрвена комода, врз неа голем резбарен часовник. До комодата тоалетна маса со огледало и фиоки. На спротивната страна тркалезна маса прекриена со кадифена црвена покривка; до неа седи Лора облечена во пижама и наметка, со распуштена коса и со траги од долга несоница. Се слушаат отчукувања од часовникот. Со главата потпрена на маса, Лора отсутно гледа во подот)

ЛОРА: (уморно) Беше вчера.. или можеби денот пред тоа.. Врнеше.. и го слушав, исто како сега.. Спиев.. всушност не.. Не спиев, само сонував без да спијам. Како што сонувам секогаш кога не спијам. А не можам да спијам, бидејќи слушам.. отчукува.. секоја минута, секој миг.. Секогаш точно и секогаш навреме.. Можам точно да знам кога прави пауза.. голема.. мала.. пауза. Само во едно негово свртување можам да го сместам целото мое живеење, секоја моја трага која останува по мене.. Постојано со таа негова студена точност.. и брои.. Бројам и јас со него..

(се исправа на столицата)

Пред некој ден излегов во дворот и го оставив таму.. сам, таму да брои. Се вратив, помислив ќе можам да спијам.. да ги средам на миг моите мисли, да појдат секоја на своето место. Наместо тоа, кога се вратив, тој беше тука! На истото ова место! Мислев не е јаве, сигурно било сон. Но не беше. Дури ми се чинеше како сега да брои уште појасно.. и уште посилно.. Ја отворив вратата, излегов во дворот, мислев некој го донел назад.. но.. (се преиспитува) Сигурно имало некој кој го вратил назад, мислејќи сум го заборавила во дворот. Сакав и јас да мислам дека е така, но.. надвор немаше никој. Потрчав на улица, мислев ќе видам некого и ќе му кажам дека, да, јас го оставив часовникот во дворот за да можам да поспијам, да се одморам.. Но и дека ќе го вратам пак назад во мојата соба.. Мене само ми треба малку време.. за себе.. тоа ќе им кажев, бидејќи тоа негово отчукување.. броење.. тој негов студен метален звук.. Не сака да ми даде мир.. а сама не можам да го имам..




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.