Балканскиот Ерусалим подготвен за најлудата ноќ: Еве каква музичка програма нуди Охрид за Новогодишната ноќ

Петар Нечовски, Татјана Стефаноска, Ѓоко Танески, Ефто Пупиноски, Миле Кузманоски и Диџеите Багзи и Јана Slayy ќе настапат на Охридскиот плоштад за дочекот на Новата 2023 година.

Градоначалникот Кирил Пецаков денеска на прес-конференција информираше дека Новогодишната програма ќе почне на 31 декември, напладне со настап на хорот при КУД „Гердан”, а од 13 до 15 часот ќе се одржи новогодишна театарска претстава „Дружината на Дедо Мраз” и мјузиклот „Трите прасиња”. Новогодишната програма, додаде, ќе продолжи на 1 јануари точно напладне со настап на Марија Савеска и групата „Камелеон” на градскиот Плоштад и проектот „И повторно Евергрин”, кој ќе го изведат Лидија Кочоска, Влатко Груевски и Андреа Наунов.

-Очекуваме бројни туристи од земјава и странство и она што можам да ветам е весел и незаборавен дочек за 2023 година на градскиот Плоштад во Охрид. Ги поканувам сите сограѓани и добронамерници да бидат дел од оваа убава новогодишна забава во нашиот прекрасен град, рече градоначалникот.

Општината, додаде, ќе се погрижи и за организација на забавниот дел за Богојавленските празници.

-Она што во моментов е потврдено е дека по чинот на осветувањето и фрлањето на светиот крст во езерските води на 19 јануари на плоштадот „Св. Климент Охридски” ќе настапи групата „Чалгија SOUND SYSTEM”, истакна Пецаков.

Останатите детали, нагласи, ќе бидат соопштени по одржување состанок на Координативното тело, кое се организира за оваа најмасовна црковно-културна манифестација во земјава.

За Новогодишните и Богојавленските празници од буџетот на Општина Охрид се издвоени два милиони денари.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.