Kaролина Гочева доаѓа во Прилеп на вториот AirFlow Music Festival

По успешното прво издание, AirFlow Music Festival и ова лето се враќа на Спортскиот аеродром во Прилеп. На 28 и 29 август прилепчани и посетителите од целата држава ќе уживаат во два дена исполнети со одлична музика, дружење и незаборавна фестивалска атмосфера.

Организаторите денеска започнаа со објавување на изведувачите кои ќе настапат на второто издание на фестивалот, а првото име кое го открија е едно од најголемите на македонската музичка сцена – Каролина Гочева.

„Со огромна чест и задоволство го најавуваме првиот изведувач на овогодишниот AirFlow Music Festival – легендарната Каролина Гочева доаѓа во Прилеп! Подгответе се за емоции, хитови што ги знаеме сите и незаборавна вечер исполнета со многу дружење и музика“, порачаа организаторите на социјалните мрежи.

Минатогодишното дебитантско издание покажа дека Прилеп има капацитет за ваков современ музички фестивал. Освен одличната програма и големата посетеност, AirFlow остави силен впечаток и по својата хумана мисија, при што беа собрани 807.500 денари кои беа донирани за поддршка на повредените од трагичниот пожар во Кочани.

Хуманоста останува еден од главните белези на фестивалот и оваа година. Дел од средствата собрани од второто издание ќе бидат наменети за лекувањето на малиот Никодим Мидоски, односно за неговата терапија во Турција, со што секоја купена влезница ќе претставува и директна поддршка за оваа благородна цел.

Покрај богатата музичка програма, организаторите најавуваат и бројни дополнителни активности и изненадувања за посетителите, кои ќе бидат откривани во периодот што следува.

Доколку првото издание беше одличен почеток, второто најавува фестивал кој полека, но сигурно, прераснува во една од најубавите летни традиции во Прилеп – настан што ги спојува музиката, добрата атмосфера и хуманоста на едно место.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.