дома блог страница 96

Чкембари знаат како да шират позитивна енергија – На секое новороденче во Битола му купија дрес од Пелистер (ФОТО)

Навивачката група “Чкембари” започна една интересна акција во Новата година – на секое новородено бебе во Битола му купија фудбалски дрес од Пелистер.

-Во новата 2026 година – започнуваме нова акција, која ќе премине во традиција! Со огромна радост и гордост сакаме да споделиме дека сите новороденчиња на територијата на Битола во 2026 година добија подарок – дрес. Од најмала возраст ја негуваме љубовта, припадноста и зеленo-белата приказна која се пренесува од генерација на генерација. Затоа што не е само дрес – ова е идентитет, традиција и љубов кон Пелистер. Добредојдовте, најмали Пелистерци, Бистра, Петар, Леонид, Лука, Мила, Искра и Николија. Благодарност до Клинички Центар Битола и Болница Плодност за соработката – напишаа на ФБ страната “И моето дете ќе навива за Пелистер”

Ќе признаете, бебенцата изгледаат неодоливо!

Полицијата уапси двајца жители од Лажани, пукале со пиштоли на прослава

На 02.01.2026 околу 09:30 часот во с.Лажани, општина Долнени, полициски службеници од Полициското одделение Ропотово ги лишија од слобода М.С.(36) и С.Б.(29), двајцата од с.Лажани.

М.С. со возило „фиат хрома“ со прилепски регистарски ознаки и Б.С. со возило „мерцедес“ со германски национални ознаки биле дел од колона возила за семејна веселба и притоа од возилата испукале повеќе куршуми од огнено оружје.

Притоа, од М.С. се одземени гасен пиштол „Reaty Eagle“ со 40 куршуми калибар од 9мм, додека од Б.С. се одземени гасен пиштол „Walther“ со 12 куршуми калибар 9мм.

Известен е јавен обвинител и по целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.

Жив и здрав: Пронајден планинарот од Прилеп по кој се трагаше попладнево на Пелистер

Планинар од Прилеп кој претпладнево беше пријавен за изгубен на подрачјето на Националниот парк „Пелистер“ е пронајден, жив и здрав, и се наоѓа во населеното место Ниже Поле, изјави за МИА Иванчо Тошевски, директор на ЈУ Национален парк „Пелистер“.

Тошевски потврди дека планинарот најверојатно избрал друга патека на движење низ планината и пристигнал во селото Нижо Поле.

-Планинарот беше достапен на телефон во еден период, а потоа сигналот се изгуби. Пријавивме во СВР Битола и со екипа на ЈУ Национален парк „Пелистер“ се упативме на терен. Но, околу 15:50 часот информирани сме дека планинарот од Прилеп безбедно стигнал во населеното место Нижо Поле, потврди Тошевски МИА.

Денеска се празнува Светата маченичка Јулијана

Оваа славна девица и маченичка беше родена во Никомидија од родители незнабошци. Слушна од некого проповед на Евангелието и со сето срце се обрати кон Христа, па почна да живее совршено според заповедите Господови. Свршеник ѝ беше некој сенатор Елевсиј. За да го одврати од себе Јулијана му рече дека нема да може да појде за него ако тој не стане епарх на градот.

Му го предложи тоа мислејќи дека тој млад човек никогаш нема да може да го достигне таквиот висок чин. Но, Елевсиј се потруди, па со ласкање и мито го придоби чинот на никомидиски епарх. Тогаш Јулијана му откри дека е христијанка и дека не може со него да стапи во брак додека и тој не ја прими христијанската вера. На ова Елевсиј се огорчи и ја обвини кај татко ѝ. Јаростен, татко ѝ ја исмеа и ја изнатепа, а потоа му ја предаде на мачење на епархот.

Многу ја тепаа, па потоа ранета и искрвавена ја фрлија во затвор. Но, Господ во затворот ја исцели и таа се јави пред епархот сосема здрава. Овој потоа ја врза и ја фрли во вжарена печка, но огнот не се допре до неа. Кога го видоа тоа чудо мнозина поверуваа во Господ Исус Христос. Такви обратени имаше петстотини машки и сто и триесет од женскиот пол. Сите нив епархот ги осуди на смрт и нив ги убија со меч.

Нивните души се преселија во Рајот. Тогаш злобниот судија ја осуди на смрт со меч и света Јулијана. Таа излезе на губилиштето радосна со духот. Му се помоли на Бога и ја положи главата за отсекување. На денот на тоа убиство, душата на светителката отиде во Царството на вечната Христова светлина, во 304 година.

Возете внимателно, можни се одрони, предупредува АМСМ

Од АМСМ апелираат до возачите да бидат особено внимателни при управување со возилата. Се препорачува прилагодена брзина на движење, строго почитување на сообраќајната сигнализација и зголемена внимателност, особено на патиштата кои минуваат низ котлини, речни долини и клисури, каде постои можност од појава на одрони.

Како критични делници се издвојуваат патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево, каде возачите треба да бидат дополнително претпазливи поради конфигурацијата на теренот и можните нестабилности.

АМСМ потсетува дека внимателното возење и навременото прилагодување на условите на патот се клучни за безбедно патување, особено во зимски услови и при променливо време. Се препорачува редовно информирање за состојбата на патиштата пред поаѓање на пат.

Интензитетот на сообраќајот на патните правци надвор од градските средини е умерен, а сообраќајот се одвива без поголеми пречки. На граничните премини од македонска страна не се евидентираат подолги задржувања за влез и излез од државата, информираат надлежните служби.

Tрамп потврди: САД ја нападна Венецуела, претседателот Мадуро и неговата сопруга се заробени и изнесени од државата

Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека Соединетите Американски Држави спровеле успешна воена операција врз Венецуела, при што претседателот Николас Мадуро и неговата сопруга се заробени. Трамп преку својата социјална мрежа потврди дека лидерот на Венецуела веќе е изнесен од земјата.

Според наводите на американскиот претседател, во акцијата биле вклучени и органите за спроведување на законот, иако засега не се откриваат детали за тоа кои конкретни агенции учествувале во нападот. Мадуро во САД се соочува со обвиненија за наркотероризам уште од 2020 година.

Повеќе информации се очекуваат во текот на денот на најавеното обраќање на Трамп.

„Соединетите Американски Држави успешно спроведоа голем напад врз Венецуела и нејзиниот лидер. Николас Мадуро и неговата сопруга се заробени и однесени од земјата“, објави Трамп на социјалната мрежа Truth Social.

Прекрасна фотографија: Градоначалникот на Кавадарци и првороденото бебенце во Новата година

Првото бебе во Новата година во општата болница во Кавадарци е женско!

Бебето и мајката во текот на вчерашниот ден ги посети градоначалникот на општината, Митко Јанчев, кој им донесе пригодни подароци и им посака искрени честитки за добро здравје, љубов, спокојство, а на најмалата жителка на Кавадарци, желби за среќно детство.

Одлични вести за вљубениците во снегот и зимските уживања – Започнаа скијачките авантури на Михајлово (ФОТО)

По успешното отворање минатата година, ски-патеката „Македонија“ во Михајлово повторно започнува со работа и од денеска официјално ја отвори новата зимска сезона!

Патеката ќе функционира до 19:00 часот, а по потреба и до доцните вечерни часови.

Денешниот ден беше прв ден од сезоната, и веќе имаше вљубеници во снегот и зимските спортови.

Ова е втора зима по ред како Михајлово станува вистински зимски центар за сите генерации, место каде што снегот, радоста и дружењето се спојуваат во едно незаборавно искуство.

Подгответе ја зимската опрема, повикајте ја дружината и уживајте во вистинската зимска атмосфера!

Се врати заедништвото и слогата во Кичево – По спектакуларниот дочек на Новата година, нов празник за очи и душа

Новогодишните радости во Кичево продолжуваат со божиќните празнувања и традиции – градот пулсира во ритмот на древните македонски црковно-народни традиции!

Како и во изминатите години, така и во оваа 2026 година во Кичево ќе се организира традиционалното одење по „Бадниково дрво“, со благослов на Кичевското архиерејско намесништво при храмот „Св. Ап. Петар и Павле“ – Кичево. За оваа цел веќе им е упатен повик на кичевчани дека тргнувањето ќе биде од 10 часот на самиот ден „Бадник“ – во вторник, на 6 јануари од пред соборниот храм „Св.Петар и Павле“ во Кичево.

„Секој со добра мисла и чиста душа е добредојден да се придружи кон традиционалниот настан и поворката. Да нѐ благослови Бог, да сме побројни и за многу години, вечна традиција!“ – се нагласува во повикот.

На Бадник, во вторник во градскиот соборен храм „Свети апостоли Петар и Павле“ во Кичево со почеток во 17 часот ќе се отслужи празнична вечерна богослужба, на која ќе чиноначалствува Неговото Високопреосвештенство, митрополитот Дебарско-кичевски господин Георгиј. По оваа богослужба ќе се делат бадниковите гранчиња.

„Со благослов од Кичевското архиерејско намесништво се покануваат сите православни верници од Кичево и околината со молитвено срце да земат учество во ова свеченa вечерна богослужба во радост, мир и духовно единство. Нека Бадниковата вечер биде време на благослов, љубов и заедништво за секој дом!“ – рекоа од ова намесништво.

А еве каква беше атмосферата на кичевскиот плоштад за новогодишната ноќ:

Николоски: Граѓаните да очекуваат промени во правосудството во 2026 година

Решавање на катастрофалните состојби во судството и Обвинителството преку промени е она што треба да очекуваат граѓаните и што треба да се случи во 2026 година, истакна во интервјуто за ТВ Алфа, вицепремиерот Александар Николоски.

-Конечно ќе има промена во Обвинителството, веќе има в.д. Јавен обвинител и веќе има транспарентен оглас за пријавување за нов Јавен обвинител, кој што се надевам со многу поголема енергија ќе влезе во целата работа, рече Николоски.

Како позитивна работа вицепремиерот ги потенцираше состојбите во царината, каде изминатата година државата генерирала 100 милиони евра дополнителен приход, што е доказ дека работите се променети.

-Тоа значи дека тие 100 милиони се краделе и исчезнувале, сега треба да се среди судството и Обвинителството, потенцираше потпретседателот на владата.

Во однос на правосудниот систем, Николоски спомена класични примери, како пример за работата на судовите и обвинителствата во државата.

-Пред 8 месеци завршена изградбата на браната Конско кај Гевгелија, заради една одлука која што ја чекаме од гевгелискиот суд околу прашање за експропријација, доцниме 8 месеци. Било каква да е одлуката, независно дали ќе биде во корист на странката или во корист на државата, никој не сугерира како да го решат проблемот, еве апелирам да одлучат. Во Управен суд имате предмети кои што стојат од 2022, тоа се човечки судбини. Бракоразводна парница трае од година до година и пол, катастрофа. Тоа се стресови за семејства, за деца, за роднини. Значи во една катастрофална состојба е судството, а со него и Обвинителството, заклучи Николоски.