дома блог страница 953

Бугарија ќе ги објави имињата на сите Македонци со бугарски пасош

Пратениците во бугарскиот Парламент во прво читање гласаа за измените во Законот за бугарско државјанство со кои јавно ќе биде објавен регистарот на сите лица кои имаат бугарски пасош.

Бугарскиот европарламентарец Андреј Ковачев, кој е познат по своите антимакедонски ставови, на својот фејсбук-профил веднаш ја поздрави оваа одлука на бугарските парламентарци.

„Церемонијата за добивање бугарско државјанство ќе биде свечена и јавна. Регистарот на сите приматели на бугарско државјанство станува јавен.

Со најновата измена јавно ќе бидат познати сите наши сонародници од Република Северна Македонија кои се стекнале со бугарско државјанство во последните 22 години врз основа на докажано бугарско потекло и декларација за бугарска самосвест. Така, овие над 120.000 македонски Бугари, меѓу кои има и многу поранешни и сегашни политичари, пратеници, министри, градоначалници, раководители на сектори, раководители на партии, сопственици на медиуми и телевизии, новинари, коментатори, како и нивните семејства ќе бидат јавно заштитени од омразата, говорот и дискриминацијата на македонските институции поради тоа што се чувствуваат Бугари. Оние кои се ‘принудени’ да се претворат во јавни бугаромразичи само за да го сокријат своето бугарско потекло и самосвест нема да имаат повеќе причина да го прават тоа.

Очекувам, по второто читање, брзо усвојување на измените на законот“, напиша Ковачев.

Со предложените измени за добивање на бугарско државјанство задолжително ќе биде познавањето на бугарскиот јазик. При поднесување барање за бугарско државјанство на основа на бугарско потекло, ќе се укине условот предок на апликантот да починал како бугарски државјанин. Лицето ќе треба да има чисто криминално досие и тоа не само во Република Бугарија, туку и во неговата земја на потекло, односно во земјата на живеење.

Ново е и дека ќе може да се поднесе барање за државјанство по однос на натурализација, а лицето ќе треба да поднесе молба за откажување од тековното државјанство. Исто така, се предлага да се скрати периодот за поднесување документи за ослободување од друго државјанство, како и да се унифицираат условите за стекнување бугарско државјанство при брак со бугарски државјанин, со воведување на услов за тригодишен период на вонбрачна заедница но кој нема да биде применлив доколку се покаже дека бракот е фиктивен. Во таков случај бугарското државјанство ќе биде одземено.

“Be Active Day 2023”: Во сабота заеднички тренинг на паркингот во хотел Кристал Палас

“Be Active” или “Биди Активен” e настан кој се одлужува во голем број европски држави и претставува продолжение на проектот и кампањата на Националниот ден на фитнес во Европа. Овој настан во суштина се поврзува со истата премиса: да се промовира забавата и важноста на физичката активност, менталната и социјалната благосостојба на луѓето. Кампањата се стреми да ја подигне свеста за потребата од физичка активност за секого, со посебен фокус на развивање на понудата за физички активности меѓу луѓето.

Секако, овој настан ќе биде одбележан и во Прилеп – на паркингот во хотелот Кристал Палас, односно пред фитнес центарот “Elite Gym”. Влезот е слободен!

На толку растење не знаевме што да им правиме на парите: Просечната плата во јули се намалила за 300 денари

Падна просечната плата. Државна стастиситка пресмета просек од 36.280 денари за месец јули. Оваа сума е за 300 денари пониска за разлика од јуни.

Намалување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Рударство и вадење на камен (7,9 отсто), Финансиски дејности и дејности на осигурување (5,3 отсто) и Објекти за сместување и сервисни дејности со храна (4,6 отсто).

Највисока просечна нето-плата во висина од 91.970 денари имало во секторот Компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности. Најниски просечни примања имале вработените во секторот Заштитни и истражни дејности, кои изнесувале 20.014 денари.

Изложбата “Псалми” на уметникот Венко Цветков, утре пред прилепчани

На 22.09.2023 г. /петок/ од 19.30 ч. во Ликовната галерија ќе биде отворена изложбата „Псалми“ од Венко Цветков од Штип. Изложбата се реализира со подршка на Министерството за култура и е во годишната програма за работа на Центарот.

Податоци за изложбата

Сликарството на Венко Цветков се базира на постмодерен синтетички ликовен слог при што зема примери од сликарството на германскиот сликар Сигмар Полке.

Синтезата ја структуира така што во визуелниот контекст вклучува елементи од средновековното македонско сликарство. Полето на неговиот интерес е концептот на христијанството во кое нема конфликт помеѓу популарната култура и духовното размислување. Делата на Цветков се повикуваат на иконографијата на православното сликарство како и псалмите од светото писмо, а тоа е интерпретирано во потполно нов духовен, односно мистичен начин вели м-р Матеј Мтетликовиќ, академски сликар.

Цветков со изложбата израснува во „праведник на формите отелотворени од библиската поетика“ и со својот раскошен талент создава предизвик за секој познавач на средновековната ликовна практика, видлива во социјативните насоки на неговата творечка визија. Тестамент за безвременската убавина на византоликите колоратури, изложбата на Венко Цветков самата по себе е стихувана панорама на визуелни парадигми инспирирани од мегапотентниот вруток на библиските епови – вели проф. д-р Елизабета Димитрова.

Творечкиот опус на Венко Цветков е изразито контемплативен. Диши со умереност, промисленост и предаденост на текот на времето, што заедно говорат што има авторот да ни каже. Таа порака е опуштена и од неа произлегува насоченост кон творештвото и творецот, со тоа што не воодушевува и не обзема – вели проф.д-р Милан јазбец, поранешен амбасадор на Словенија во Македонија.

Податоци за авторот

Венко Цветков роден во Штип. Завршил Виша педагошка академија во Скопје во 1976 година кај проф. Спасе Куноски. Дипломира на Академијата за ликовни уметности во Љубљана во 1984 година кај. проф. Киар Мешко. По завршувањето на студиите во Љубљана се враќа во Македонија и работи како реставратор на средновековно сликарство и истовремено активно твори во областа на современото сликарство.По 2007 година работи како професор во СУ „Лазар Личеноски“ од каде во 2022 година заминува во пензија. Покрај самостојното ументичко творештво интензивно работи и на отсликување на православни храмови во Македонија

Teшка сообрќајка на влезот од Битола: Товарно возило удри во 72-годишна баба

На 20.09.2023 во 10.29 часот во СВР Битола било пријавено дека на крстосница од ул.„8 Септември“, ул.„Филип Втори Македонски“, ул.„Прилепска“, ул.„Македонски Гемиџии“ и ул.„Новачки пат“ во Битола, товарно возило „ман“ со битолски регистарски ознаки, управувано од Б.В.(63) од с.Ношпал, општина Могила, удрило во пешакот М.В.(72) од Битола.

Притоа, М.В. се здобила со тешки телесни повреди, констатирани во Клиничка болница Битола. Увид на местото на несреќата извршила увидна екипа на СВР Битола – информираат од СВР Битола.

Удри на живот народе! Од СДСМ се пофалија – “Ги намаливме цените на 500 производи за 10%”

Со конкретни мерки и политики СДСМ го штити стандардот на граѓаните. Цените на над 500 прехранбени производи, во 25 категории се веќе намалени, истакна на денешната прес-конференција Лолита Ристова од СДСМ.

„Поевтинуваат лебот, млекото, јајцата, брашното, месото, оризот, сирењето, кашкавалот и многу други прехранбени производи.

Воведена е „гарантирана цена” со што за стотици најкористени производи цената се намалува за 10% во однос на цената по којашто се продавале на 1 август.

Кај дел од производите кај кои што е забележано енормно зголемување ќе има намалување на цените од 30% до 40%.

Согласно најавите, очекувано е понатаму и намалување на цените на пијалоците. Неколку наши домашни производители доброволно се вклучуваат во поддршка на мерката за „гарантирана цена“ со намалување на цените од минимум 10%“, соопшти Ристова.

Со оваа мерка, како што вели, е обезбеден пристап до поповолни цени на прехранбените производи кои им се најпотребни на граѓаните.

Ова, според неа, е конкретна мерка во насока да се заштити стандардот на граѓаните и има широк опфат. Дополнително ќе влијае и на намалување на инфлацијата.

(ФОТО) Стотици луѓе на едно место: Прилепчани уживаа во празничниот ден во црквата во Штавица

Православните христијани денеска го празнуваат големиот празник Рожденство на мајката Божја Пресвета Богородица. Празнувањето на ваквите големи празници има посебна традиција во Прилеп и прилепско и е од огрoмно значење за граѓаните.

Највесело како и секоја година беше во истоимената црква во прилепско Штавица, каде и оваа година голем број верници го посетија храмот, се помолија за здравје и среќа, а потоа уживаа во убавото време и музичката програма.

Управата на црквата се погрижи храмот да изгледа беспрекорно чисто и средено. Се служеше и ручек, а верниците ги посети и градоначалникот на општина Прилеп, Борче Јовчески.

Нека е за многу години, а до в година повесели и уште побројни!

Поранешниот премиер со поддршка за Христијан Мицкоски

Нема да кажам нешто ново дека на Македонија и на ВМРО ДПМНЕ силата е во единството. Но во овие моменти чувствувам обврска уште еднаш да го апострофирам зборот единство, кој доминирал во моите многубројни средби и контакти со членовите и симпатизерите на ВМРО ДПМНЕ насекаде низ татковината. На земјата и партијата им е потребен секој квалитетен и чесен човек кој сака да помогне во нејзината обнова. Во насока на јакнење на капацитетот на партијата да се справува со идните предизвици, ВМРО ДПМНЕ и Претседателот Христијан Мицковски ја имаат мојата лична подршка, напиша на Фејсбук поранешниот технички премиер Емил Димитриев.

Промоција на збирката поезија “Генерации” од Јасмина Колеска Кузманоска во Прилеп

На 28.09.2023г., во градската библиотека “Борка Талески” во Прилеп, со почеток од 18ч, ќе се одржи промоција на збирката “Генерации” од авторката Јасмина Колеска Кузманоска.

Ова е втора нејзина збирка поезија во која се опишани четири генерации.

Маката како се работело на нива, обичаите, љубовта кон родниот крај и семејството, која продолжува да живее и денес – е тематиката која се обработува во нејзините поетски дела.

Промотор на книгата е Блага Тутеска, а рецензент Марија Мантова.

Притвор за дилер од Битола: Го фатиле со три ќеси марихуана

На 20.09.2023 во Битола, полициски службеници од СВР Битола го лишиле од слобода Г.Д.(33) од Битола. При претрес во неговиот дом, извршен со наредба од Основен суд Битола, биле пронајдени и одземени три ќеси, односно околу половина килограм марихуана.

Лицето било приведено во полициска станица Битола, по што било предадено на судија на претходна постапка, кој му определил мерка притвор.