дома блог страница 10

БРАВО! Четврта победа по ред во гости на младите кошаркари! Очекуваат помош од oпштината со ребалансот во петок

Mладинската екипа на прилепски Мега баскет продолжува да реди триумфи. Попладнево во Струга, дечките го совладаа и Црн Дрим, за четврта последователна победа. Крајниот резултат на семафорот денеска – 62:65, за ново победничко селфи после натпреварот.

Со ваква игра и со ваква пожртвуваност на теренот, нема да биде изненадување ако до година ги гледаме во повисок ранг на натпреварување, но има еден проблем, а тоа е помошта од општинските власти, која мора да биде поголема.

Браво дечки! Прилеп се гордее и верува во вас!

Драма на небото над Србија: Воени авиони пресретнаа патнички авион по тревога за експлозив

Силни детонации ги вознемирија жителите на повеќе градови во централна Србија откако српската воена авијација проби звучен ѕид при итна операција за пресретнување патнички авион.

Од Министерството за одбрана на Србија информираат дека реакцијата следувала по известување од Контролата на летање (SMATSA) за можна експлозивна направа во авион на „Виз ер“ кој сообраќал од Брисел кон Софија.

Борбените авиони го следеа патничкиот авион низ целата рута над српската територија до бугарската граница, обезбедувајќи го воздушниот простор пред да се вратат во базата Батајница.

Од ресорното министерство изразија жалење за вознемиреноста кај граѓаните во Крагуевац, Јагодина, Ќуприја и околните места, појаснувајќи дека детонациите биле последица на пробивањето на звучниот ѕид при максималната брзина со која авионите морале да реагираат.

Оваа интервенција доаѓа во време кога се регистрирани бранови од лажни дојави за експлозивни направи на европските аеродроми и летови.

Во текот на вчерашниот ден беа забележани закани на речиси 30 летови во Европа, меѓу кои и на летот на „Ер Србија“ за Букурешт, кои по проверката од надлежните служби се покажаа како неосновани.

Триумф на актерката Соња Михајлова: Награда за животно дело во Битола и Гран При во Токио за филмот „Сестра, брат и шахта“

По повод „4 Ноември“- Денот на ослободувањето на Битола во Центарот за култура се одржа свечената академија на која беа доделени четвртоноемвриските награди. Наградата за животно дело и беше доделена на истакната македонска актерка и доајенка на Народниот театар во Битола, Соња Михајлова.

„Актерката Соња Михајлова има големото достигнување од областа на културата и драмската уметност, работи со прецизна техника суптилен, емоционален актерски сензибилитет и моќна сценска естетика, сето тоа благодарение на нејзиниот професионализам, талент и креативност.

Во нејзината 42 годишна кариера во континуитет одигра значајни улоги во класичниот и современ драмски репертоар на битолската сцена и тоа повеќе од 30 години. Нејзиниот опус е валоризиран со истакнати признанија и награди меѓу кои и наградата за Животно дело МТФ “Војдан Чернодрински” како и бројни признанија и награди на Меѓународниот фестивал на Камерен театар „Ристо Шишков“ на ИФАД „Стоби“, „Охридско лето“, повеќекратни признанија за успешна личност од областа на културата за Битола. Основно образование и Гимназија ,,Јосип Броз – Тито” завршува во Битола. Високо образование: Факултет за драмски уметности – Скопје, класа на проф. Љубиша Георгиевски. Член на ансамблот на НУ Народен театар – Битола од 1984 до 2022 година. Реализира над 150 улоги на матична сцена, со бројни гостувања низ земјата и светот. Позначајни улоги за спомнување се претставите: „Куфер“, „Жиголо“ и „Едмонд“ со што влијае врз естетиката и стандардите на македонскиот театар. На филмските и телевизиските гледачи им е позната од „Бушавата Азбука“, „До балчак“, „Кајмак“, „Сестра, брат и шахта“ и други проекти. Паралелно со сценските остварувања, Михајлова дава пример за професионализам и менторска поддршка на помладите генерации, освојувајќи ја публиката и потикнувајќи го развојот на македонската култура како носителка на културни вредности и обележје на тетарската историја“, беше истакнато на доделувањето.

За наградата беше предложена од НУ ,,Народен Театар” – Битола, а истата и ја врачи градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски. Истиот ден филмот во кој ја игра главната улога, „Сестра, брат и шахта“ на режисерот Милчо Манчевски ја доби главната награда за најдобар филм Tokyo Grand Prix, наградата на гувернерот на Токио, на 39. Меѓународен филмски фестивал во Токио. Тоа е прв пат македонски филм да победи на фестивал од А-категорија после “Пред дождот” на Манчевски во Венеција во 1994.

Михајлова игра и во најновата претстава на НУ Народен театар Битола чија премиера ќе биде на 10 и 11 ноември со наслов „Татко“ во режија на Благој Мицевски.

Битолчани сами го креираат Буџетот на општината – Се одржа втората форумска сесија

Жителите на Општина Битола повторно имаа можност на организираната втора форумска сесија со свои предлози да учествуваат во креирањето на Буџетот за 2027 година на Општина Битола.

Ваквите форуми не се обична јавна расправа, туку место каде граѓаните активно учествуваат во предлагањето решенија и утврдувањето приоритети. Со ова Општина Битола ја потврдува својата транспарентност и отчетност, преку отворена дебата за тоа како се планираат и трошат јавните средства.

Можеа да се слушнат многу предлози, меѓу кои за Старата чаршија, инвестиции во инфраструктурата, патна инфраструктура и чистење на канали во населени места во Општина Битола, санација на патот за Долно Оризари, патот во Поешево, како и потребата од отворање на Центар за средно образование на лица со попреченост.

Меѓу темите на дискусија и сообраќајната студија и подготовката на Генералниот урбанистички план, кој е во фаза на изработка.

Тенденцијата е да се направи буџет по мерка на граѓаните кој откако ќе ги помине сите административни фази ќе се најде на комисиска расправа, а потоа и на седница на Советот на Општина Битола.

Општина Битола петта година по ред го организира Буџетскиот форум за креирањето на Буџетот.

Младите гостуваат во Струга, а сениорите во недела го пречекуваат Црн Дрим – Двете прилепски екипи одат на четврта победа по ред!

Младинската екипа до 18 години на прилепски Мега баскет, утре, сабота (07.11.) гостуваат кај Црн Дрим во Струга.

Прилепчани се во серија од три последователни победи, а минатиот викенд забележаа огромна победа од +40 разлика над Љуботен.

Утрешниот натпревар е шанса дечките да продолжат со победничката серија.

Мега баскет У18 се натпреварува во Втората лига – ЗАПАД, и моментално е на второто место на табелата со само еден бод заостанување зад водечкиот ТИКВЕШ Голден Игл.

Нивните клубски колеги, оние кои играат за сениорскиот тим на Мега баскет, во недела (08.11.) со почеток од 12 часот, во салата во ООУ “Добре Јованоски”, го пречекуваат сениорскиот тим на Црн Дрим.

Како младите, така и сениорите се во серија од 3 последователни победи, а за да продолжат на победничките патеки, со сигурност ќе им треба и поддршка на трибината во “Добре”.

Дојдете да гледате добра кошарка и да ги бодриме нашите момци!

Важно известување за прилепчани кои имаа сметки во “АЛТА банка” АД Битола

Народната банка ги известува граѓаните од Прилеп, Охрид и Ресен, кои имаат платежна сметка во „АЛТА банка“ АД Битола, а не располагаат со платежна картичка, дека утре, сабота, 7 ноември, ќе биде организиран превоз од овие градови до филијалата на Банката во Битола и назад. На овој начин ќе им се овозможи полесно да пристапат до средствата на своите сметки и да подигнат готовина.

Враќањето до местото на живеење ќе биде откако сите клиенти на банката ќе си ги подигнат своите средства, објави 4news.mk

Распоредот и местата на поаѓање се следниве:

Прилеп: Плоштад „Методија Антонов-Ченто“ (пред „Реклами“), во 10 часот.

Во однос на останатите олеснувања попладнево Гувернерот Славевски го информираше и следното:

-Од понеделник, 9 ноември, ќе бидат отворени шалтерите и во Тетово и Струмица, на кои граѓаните што немаат платежни картички ќе можат да подигнат до 20.000 денари. На овој начин, клиентите од овие градови и околните населени места ќе можат да ги подигнат средствата без да патуваат до Битола.

-Исто така, од следната недела, неделниот лимит за подигање готовина и плаќања на продажни места со платежните картички на Банката се зголемува од 10.000 на 15.000 денари.

-Третото олеснување се однесува на сите идни нови приливи од плати, пензии и социјални трансфери, коишто доаѓаат од институции или фирми кои имаат сметки во други банки ̶ нив граѓаните ќе можат да ги повлечат во целост, без ограничување на износот. Во таа смисла, клиентите на Банката немаат потреба од отворање платежна сметка во друга банка, бидејќи ќе може да располагаат со пристигнатите приливи врз овие основи во целосен износ, со користење платежна картичка или подигање готовина преку отворените шалтери на Банката.

Инаку, исплатите на клиентите досега се одвиваат според утврдениот распоред. Како што знаете, од вчера започна исплатата на средствата на граѓаните коишто немаат платежни картички. Исплатата продолжува и во следните денови. Филијалата во Битола работи во две смени, а ќе работи и во сабота, 7 ноември. Исплатата на средствата на корисниците на социјална помош започна од денеска. Денес, во експозитурата во Битола беа услужени околу 660 клиенти. Просечниот повлечен износ по клиент вчера беше околу 19 илјади денари, а денес околу 16 илјади денари, што е очекувано поради пониските износи на социјални трансфери.

„АЛТА банка“ АД Битола продолжува да работи, не е во стечај и не ѝ е одземена дозволата за работа. Администрацијата е привремена мерка, која се применува до промена на сопственоста. Состојбата во Банката е добра, таа е ликвидна и висококапитализирана, со солиден квалитет на кредитното портфолио.

Средствата на клиентите остануваат на нивните сметки. Привремените ограничувања се однесуваат на начинот на располагање со средствата и се воведени со цел да се зачува ликвидноста на Банката и да се заштитат интересите на сите штедачи.

Народната банка континуирано ја следи состојбата и ги приспособува мерките во согласност со нејзиниот развој, при што приоритет останува уредното опслужување на граѓаните и заштитата на интересите на клиентите на Банката.

Народната банка ги повикува граѓаните да ги следат информациите објавени преку официјалните канали на информирање на Народната банка.

Две лица со остар предмет ограбиле старица во нејзиниот дом во Прилеп

-На 05.11.2026 во 04:30 часот во ОВР Прилеп, 84-годишна прилепчанка пријавила дека во нејзиниот дом во Прилеп, две лица со закани од остар предмет и одзеле пари.

Се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот – информираат од СВР Битола.

Сериозна инвестиција во комуналните услуги: Крушево со три нови камиони за отпад и дополнителна механизација

Општина Крушево продолжува со инвестициите во подобрување на комуналните услуги и одржувањето на јавната хигиена, со нова механизација која ќе ги зајакне капацитетите на ЈП „Комуна“.

Како што информира градоначалникот на Општина Крушево, Нико Чонески, за потребите на јавното претпријатие се набавени три нови специјализирани камиони за собирање отпад, преку проектот „Набавка на опрема за собирање и трансфер станици во Пелагонискиот плански регион“, со поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање.

Покрај камионите, набавен е и нов мини ровокопач-натоварувач со комплетна опрема, преку проект реализиран во соработка со Пелагонискиот плански регион и Министерството за локална самоуправа – Биро за регионален развој.

Со оваа механизација значително се зајакнуваат техничките капацитети на ЈП „Комуна“, што треба да придонесе за поефикасно собирање и транспорт на отпадот, подобро одржување на јавната чистота и поквалитетни комунални услуги за жителите на Крушево.

„Посветено работиме за Крушево, со конкретни чекори, инвестиции и подобрување на условите за живот на сите наши сограѓани“, порачува градоначалникот Чонески.

Шок! Директорот потврди, водата од јануари 2027 поскапува за безмалку 30%, ЈКП е во долг од 40 милиони денари, ништо од најавените кривични за криминал

Водата во Прилеп од Нова година ќе поскапи за безмалку 30 проценти, а ЈКП „Водовод и канализација“ се соочува со сериозни финансиски проблеми и долгови од околу 40 милиони денари. Ова го потврди директорот на претпријатието Ѓоко Јочкоски, образложувајќи дека корекцијата на цената е неопходна за да може претпријатието нормално да функционира, да ги сервисира обврските и да ги подобри услугите кон граѓаните.

Според Јочкоски, новите цени се утврдени врз основа на законските препораки и пресметките на претпријатието, при што, како што тврди, предложените износи се минимално пониски од просечните препорачани цени.

„Водовод и канализација мора да пристапи согласно Законот кон утврдување на цените на водните услуги. Така ќе можеме да функционираме непречено, да ги подобриме услугите кон корисниците и да не ги оптовариме граѓаните со екстремно зголемување на цената на водата“, истакна Јочкоски.

Тој предупреди дека доколку не се направи корекција на цените, претпријатието може да се соочи со нефункционалност, посочувајќи дека без доволно средства нема да може да ги подмирува ниту основните трошоци, како горивото за службените возила, што директно би влијаело врз интервенциите при дефекти на водоводната мрежа. Дополнително, значително биле зголемени и цените на репроматеријалите.

Според презентираните податоци, просечната препорачана цена за водоснабдување изнесува 51,4 денари за метар кубен, за одведување отпадни води 7,41 денар, а за третман на отпадни води 27,13 денари. Претпријатието предлага цени од 51,4 денари за водоснабдување, 7,4 денари за одведување и 26,9 денари за третман на отпадните води.

Но, покрај најавеното поскапување, сериозен проблем претставува и финансиската состојба на претпријатието.

ЈКП „Водовод и канализација“ во моментов има долгови од околу 40 милиони денари, од кои 12 милиони денари се кон ЈП „Студенчица“, а останатите кон други добавувачи и доверители.

„Не е добра финансиската состојба. Станува збор за наследени обврски кон добавувачи кои полека се трудиме да ги сервисираме и да ги намалуваме. Кон Студенчица се 12 милиони денари, а вкупно се 40-тина милиони денари“, изјави Јочкоски.

Тој призна дека поради незадоволителната финансиска состојба претпријатието во моментов нема можност да инвестира во реконструкција на водоводната мрежа. Притоа, не беше даден конкретен одговор како претпријатието се довело во ситуација да има вакви високи долгови.

Дополнителен проблем се огромните загуби на вода, кои според податоците изнесуваат дури 53 проценти. Од вкупните загуби, околу 20 проценти отпаѓаат на населбата Тризла и нејзината околина.

Како главни причини се посочуваат застарената водоводна мрежа, за чија целосна замена остануваат уште околу 140 километри цевководи, но и дивите приклучоци, кражбите на вода и несовесното трошење.

Јочкоски посочи дека постојната законска регулатива не дозволува исклучување на корисниците на начин на кој тоа се применува кај кражбата на електрична енергија, поради што побара законски измени и построги санкции.

„Доколку се примени истата регулатива како за кражба на струја и за кражба на вода, каде кражбата на електрична енергија се смета за кривично дело, ве уверувам дека многу од корисниците кои на диво се вклучиле сами ќе се исклучат заради можноста од законска регулатива и казни“, додаде директорот.
Покрај финансиските и инфраструктурните проблеми, Прилеп се соочува и со намалување на количините вода што пристигнуваат од регионалниот водоснабдителен систем „Студенчица“.

Според Јочкоски, дотокот е намален за околу 40 литри во секунда, па во моментов до Прилеп пристигнуваат само 180 литри во секунда од Студенчица, дополнети со околу 25 литри во секунда од старите градски извори. За нормално снабдување, според неговите проценки, потребни се уште околу 40 литри во секунда.

Поради тоа, претпријатието веќе подготвува активирање на алтернативните бунарски постројки.

„Имаме бунарски постројки кои се дополнителни и ќе ги ставиме во функција доколку има потреба од нив. Се работи за бунарското поле Бегова Ливада, а сега работиме и на полето Кешовица – Орушица, така што имаме уште алтернативи. Студенчица е основен извор за град Прилеп, а бунарите се интервентни и може годишно да се употребуваат два до три месеци“, истакна Јочкоски.

Според него, сите бунари заедно имаат капацитет од околу 170 до 180 литри во секунда, но нивното истовремено активирање би претставувало значително оптоварување за водоводниот систем.

Известување од прилепските црковни храмови за престојниот голем христијански празник – Митровден

ИЗВЕСТУВАЊЕ ОД ПРИЛЕПСКИТЕ ЦРКОВНИ ХРАМОВИ ПО ПОВОД СЛАВАТА СВЕТИ ВЕЛИКОМАЧЕНИК ДИМИТРИЈ (МИТРОВДЕН):

Лепчињата ќе се креваат (прережуваат) во слава и чест на светителот, исклучиво во црквите, и тоа:

САБОТА 07.11.

-СВЕТО БЛАГОВЕШТЕНИЕ (СТАРА ЦРКВА) – од 07.00 до 17.00 часот.
-СВЕТО ПРЕОБРАЖЕНИЕ (ГРЧКА) од 15.30 до 17.00 часот.
-СВЕТИ ПАНТЕЛЕЈМОН (БОЛНИЦА) од 11.00 до 13.00 часот.
-СВЕТИ КОНСТАНТИН И ЕЛЕНА (ТИПСКИ) од 11.00 до 13.00 часот.
-СВЕТИ КИРИЛ И МЕТОДИЈ (ПАРАКЛИС) – цел ден од 07.00 до 17.00 часот.
-СВЕТИ КИРИЛ И МЕТОДИЈ (ПАРАКЛИС) – цел ден од 07.00 до 17.00 часот.
-СВЕТА ПЕТКА (ТОЧИЛА) – цел ден од 07:00 до 17.00 часот.

НЕДЕЛА 08.11.

-утрото во СВЕТО БЛАГОВЕШТЕНИЕ (СТАРА ЦРКВА)
-утрото во СВЕТИ КИРИЛ И МЕТОДИЈ (ПАРАКЛИС) и СВЕТА ПЕТКА (ТОЧИЛА) по завршувањето на богослужбата.

Нека светот великомаченик Димитриј Солунски се застапува за нас пред Господа, за да бидат примени нашите молитви и благодаренија. Напомош и за многу години на сите кои ја празнуваат оваа слава.