ВМРО-ДПМНЕ: Рекордни средства за пензионерите во 2027

Буџетот за 2027 година предвидува зголемени средства за пензии, социјална заштита, здравство и образование, со цел подобрување на животниот стандард и обезбедување поголема сигурност за граѓаните, оценуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата посочуваат дека за исплата на пензии во следната година се планирани рекордни 123,8 милијарди денари, односно 5,6 милијарди денари повеќе во споредба со 2026 година. За социјални надоместоци се предвидени 14,3 милијарди денари.

Здравството останува една од приоритетните области, при што во Буџетот за 2027 година се планирани 58,7 милијарди денари за здравствена заштита, што е зголемување за 2,8 милијарди денари во однос на претходната година.

За медицинска опрема се издвоени 198 милиони денари, што претставува зголемување од речиси 54 проценти. Од овие средства, 115 милиони денари се наменети за набавка на нови медицински возила, а 65 милиони денари за проектот за новите клинички центри во Скопје и Штип.

Во делот на образованието, според ВМРО-ДПМНЕ, се предвидува зголемување на средствата за подобрување на образовниот процес и ученичкиот и студентскиот стандард.

Средствата за основно образование се зголемуваат за 20 проценти и достигнуваат 2,4 милијарди денари, додека за средното образование се планирани 2,5 милијарди денари, што е раст од над 12 проценти.

За ученичкиот стандард се предвидени 696 милиони денари, а за студентскиот 1,9 милијарди денари.

Од партијата ги посочуваат и инвестициите во високообразовната инфраструктура, меѓу кои довршувањето на објектите на ФИНКИ и изградбата на нов објект за Факултетот за физичко образование, спорт и здравје.

Дополнително, за изградба, опремување и одржување на градинките во 2027 година се предвидени 83,2 милиони денари, што е зголемување од 380 проценти во споредба со 2026 година.

Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека проекциите во Буџетот за 2027 година ги одразуваат владините политики насочени кон поддршка на пензионерите, семејствата, пациентите, учениците и студентите, како и создавање подобри услови за живот и развој.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.