Прилеп доби фестивал со кој може да се гордее.
Второто издание на AirFlow Music Festival, кое изминатите два дена се одржа на Спортскиот аеродром кај Мало Коњари, покажа дека со ентузијазам, добра организација и многу енергија, и во Прилеп може да се создаде голем музички настан кој по својата организација и атмосфера може да се мери со многу познати фестивали.
Одличната локација, огромниот и рамен простор, впечатливата сцена, професионалното озвучување, добрата осветленост и целокупната продукција создадоа фестивалска атмосфера каква што досега ретко сме имале можност да видиме во Прилеп.
Она што особено заслужува пофалба е организацијата. Посетителите имаа обезбеден превоз, соодветно обезбедување, јасна организација на просторот, храна и пијалаци по пристапни цени, а целиот фестивал помина во одлична атмосфера и безбедни услови.
И музичката програма беше приказна сама за себе.
Првата фестивалска вечер донесе настапи на домашни музички имиња, но и светски познати електронски артисти, меѓу кои MĪMĪ x FY и Rafael Cerato, со што AirFlow покажа дека има амбиција да понуди програма која ги надминува локалните рамки.
А втората вечер кулминираше со настапот на Каролина Гочева.
Македонското девојче од Битола приреди концерт за паметење, а бројната публика во еден глас ги пееше нејзините најголеми хитови. Енергијата од сцената се пренесе меѓу илјадниците посетители и покажа дека AirFlow може да биде место каде што различни генерации заедно уживаат во квалитетна музика.
Посебна приказна беше и Sky Show, кој дополнително го збогати визуелното доживување и ја искористи уникатноста на локацијата.
Но, зад целиот овој фестивал стои нешто уште поважно – идејата и ентузијазмот на неколку млади прилепчани кои решија да создадат нешто поинакво.
И успеаја.
AirFlow веќе не изгледа само како уште еден фестивал во календарот на настани. Со второто издание покажа потенцијал да прерасне во прилепски, а во иднина и македонски фестивалски бренд, кој би можел да привлече посетители не само од градот и околината, туку и од цела Македонија и соседните земји.
А токму тоа му недостасуваше на Прилеп – голем музички настан кој ќе го стави градот на фестивалската мапа.
Затоа, за AirFlow Music Festival и за луѓето кои стојат зад него – честитки!
Неколку ентузијасти покажаа дека не се потребни големи зборови, туку визија, работа, храброст и желба да се направи нешто големо.
AirFlow можеби започна како идеја на неколкумина, но по ова издание има потенцијал да стане бренд на целиот Прилеп.
И најважно од сè – докажа дека и Прилеп може да организира фестивал за кој ќе се зборува и надвор од градот.

























