Кривогаштани синоќа живееше во ритамот на традицијата, музиката и добрата атмосфера!
Пред исполнет плоштад и бројни посетители од Кривогаштани и соседните општини, фестивалската програма понуди содржини за сите генерации. Најмладите уживаа во детската програма „Магијата на пиперките“, додека на изложбените штандови беа претставени локални производи, преработки од пиперка и традиционални специјалитети подготвени по автентични рецепти.
Музичкиот дел од програмата го збогатија Пајак, Мелос Бенд, Татјана Стефановска, Кико и Тикса Бенд, DJ Tammy, К.У.Д. „Илинден“ Кривогаштани и најмладите членови на ЈОУДГ „Весело Штркче“. Водителка на фестивалот беше Михаела Аџиоска.
„Фестивалот на пиперката“ има за цел да ја промовира пиперката како еден од најпрепознатливите симболи на Кривогаштани, но и да го истакне трудот на локалните земјоделци и производители.
Организаторите упатија благодарност до ЛАГ „Агро Лидер“, генералниот спонзор „Кривогаштани Промет“ со брендот „Гурмано“, „Прилепска пиварница“, „Евора Комерц“, како и до сите спонзори, поддржувачи, локални производители, изведувачи и служби кои придонесоа за успешната реализација на фестивалот.
Со богата програма, голема посетеност и позитивна атмосфера, Кривогаштани уште еднаш покажа дека „Фестивалот на пиперката“ прераснува во препознатлива манифестација за општината и регионот.

























































