дома блог страница 42

ОВА СЕ СИТЕ ДЕТАЛИ: Вратите на Градски се отвораат во 17 часот, еве што НЕ треба да носите на концертот на Дејвид Гета

Вратите на градскиот стадион во Скопје утре ќе бидат отворени во 17 часот за концерот на Дејвид Гета по повод 35 незавиност на Македонија.

Претставници од Министерството за внатрешни работи Авалон продукција денеска на прес-конференција апелираа до граѓаните да пристигнат навремено, да ги почитуваат насоките од полициските службеници.

-Безбедноста на сите присутни граѓани и самото непречено одвивање на настанот и одржувањето на поволен ред и мир се приоритет на МВР. Мерките се насочени кон превенцијата, односно создавање на услови за посетителите безбедно да пристигнат на самиот настан, да приссуствуваат на самиот настан и безбедно да се вратат во своите домови. Апелираме сите присустни да ги почитуваат насоките дадени од полициските службеници како и од редарската служба од агенциите за приватно обезбедување, изјави Билјана Сарагинова, началник на униформирана полиција при МВР.

Граѓаните кои ќе присуствуваат на утрешниот концерт да дојдат навремено и со себе да не носат предмети кои се забранети за внесување на вакви настани:

-огнено оружје,
-разни експлозивни материи,
-ладно оружје (ножеви, боксирачи, палки),
-стаклени шишиња, алкохолни пијалоци, лименки,

Од МВР апелираат да не се носат големи ранци или торби, бидејќи истите ќе бидат отстранети.

СВР Скопје за утрешниот концерт на Дејвид Гета има посебен план за физичко и сообраќајно обезбедување за музичкиот настан.

-Посебен режим на сообраќај ќе има кај приодите до арената „Тодор Проески“, на дел од булеварот „Илинден“ се со цел граѓаните непречено и навремено да пристигнат на настанот, истакна помошник началникот за општа безбедност при МВР, Љупчо Ѓурчевски.

Бобан Милошевски од Авалон продукција се надева дека без било какви проблеми ќе помине утрешниот настан како и сите претходни во рамки на одбележувањето на 35 години независност на Македонија.

Во однос на замената на картите за Дејвид Гета со алки, Милошевски вели дека тоа е неопходно бидејќи ако картите се чекираат ќе трае предолго.

-Замената на картите со алките треба да се сфати како една неминовност, за одржување на концертот во интерес на времето, појасни Милошевски.

Со концерот на Дејвид Гета на Градскиот стадион во Скопје се заокружува едномесечното одблежување на 35 години независност на Македонија.

Во четврток нова изведба на претставата “Црнила” на сцената „105“ во ЦК “Марко Цепенков”

Љубителите на театарот во Прилеп во четврток, 10 септември, ќе имаат можност да ја проследат претставата „Црнила“ од Коле Чашуле, во режија на Дејан Пројковски.

Претставата ќе се одигра со почеток во 20:00 часот на сцената „105“ во НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп.

„Црнила“ го обработува периодот околу смртта на Ѓорче Петров и состојбите во Внатрешната македонска револуционерна организација (ВМРО), прикажувајќи време на длабоки политички поделби, измешани морални вредности и силни надворешни влијанија кои водат кон атентатот врз Ѓорче Петров.

Во претставата настапуваат Сара Спиркоска во улогата на Неда, Бобан Алексоски како Иван, Катерија Чакмакоска-Клинческа и Марија Спиркоска Илијеска како Милкa, Александар Степанулески како Луков, Александар Тодески како Христов, Димитар Ѓорѓиевски како Фезлиев, Михајло Миленкоски како Методи, Илија Волчески како Младичот, како и Иво Ачански, Ангелина Тодеска, Давид Кочоски и Ива Малинческа во улогите на децата.

Претставата е можност за прилепската публика повторно да се сретне со едно од значајните дела на македонската драматургија, поставено низ режисерскиот потпис на Дејан Пројковски.

„Црнила“ ќе се одигра на 10 септември 2026 година, со почеток во 20:00 часот, на сцена „105“ во НУЦК „Марко Цепенков“.

За резервација на билети: 076-442-378.

Коњановски: Битола се гради како никогаш досега, конкретни проекти, видливи резултати и јасна визија за иднината

Битола продолжува со реализација на низа капитални и инфраструктурни проекти, а според градоначалникот Тони Коњановски, во првата година од актуелниот мандат се реализирани и започнати проекти кои носат конкретни и видливи промени во градот и руралните средини.

Коњановски на денешната прес-конференција истакна дека Битола има најголем број одобрени проекти од двата владини повици финансирани преку унгарскиот кредит, односно вкупно 81 проект.

„Битола се гради како никогаш досега, се обновува и развива“, порача Коњановски, посочувајќи дека во изминатиот период се обновени и изградени над 10 километри патна инфраструктура во урбаниот и руралниот дел на општината.

Инвестиции се реализираат и во водоводната и канализациската мрежа, во должина од над три километри, додека во делот на спортската инфраструктура се реконструираат и градат 24 спортски и училишни терени, како и четири типски спортски сали.

Во исто време, според Коњановски, досега се обезбедени 220 нови паркинг-места, дел на простори кои претходно биле узурпирани, а дел како составен дел од новоизградените улици.

Посебен акцент е ставен и на инвестициите во детската заштита. Со адаптацијата и отворањето на градинката „Пчеличка“ обезбеден е простор за згрижување на 76 деца, додека градинката во Нова Битола, која треба да започне со работа до крајот на годината, ќе има капацитет за 153 деца. Паралелно се работи и на градинката во комплексот АРМ, со која се очекува дополнително да се намали листата на чекање за 246 деца.

Во образованието, Општина Битола работи на изградба на ново училиште во населбата Буковски Ливади. Проектот е проценет на над 31 милион денари, а училиштето ќе биде целосно опремено за реализација на воспитно-образовниот процес.

Во спортот продолжува и реконструкцијата на Центарот за спорт и рекреативни активности, поранешната боксерска сала. Проектот, поддржан од Владата, е вреден над 40 милиони денари, а по завршувањето Битола треба да добие спортска сала со површина од над 1.000 квадратни метри.

Коњановски најави и целосна реконструкција на Ќумурното игралиште во соработка со Фудбалската федерација на Македонија, како и изградба на нов спортски терен меѓу игралиштето и спортската сала „Боро Чурлевски“.

Во делот на велосипедската инфраструктура, по повеќе од пет километри велопатишта изградени во претходниот мандат, Општина Битола подготвува проекти за дополнителни 2,7 километри велопатеки.

Значајна инвестиција е предвидена и за поранешното кино „Партизан“. За изградба на нов мултинаменски објект се обезбедени 96 милиони денари, а просторот ќе може да се користи за кино и театар, но и за изложби и други мултимедијални настани.

Коњановски посочи дека културниот живот во Битола бележи раст, при што во изминатите 10 месеци на општинските манифестации присуствувале над 100.000 посетители. За културната програма, Општината во 2026 година обезбедува околу 45 милиони денари.

Во социјалната заштита, пак, за 2026 година се предвидени вкупно 14,6 милиони денари. Од нив, 1,5 милиони денари се наменети за поддршка на лицата со ретки болести за патни и други трошоци, а дополнителни средства се обезбедени за рехабилитација и стручна поддршка за лицата со попреченост и децата со попреченост. Предвидени се и 500.000 денари за адаптација на домовите на лица со попреченост.

Како еден од капиталните проекти е издвоена и новата противпожарна зграда во поранешната касарна. За објектот досега се инвестирани над 52 милиони денари, на парцела од 3.300 квадратни метри, со корисна површина од 1.600 квадратни метри. Втората фаза ќе се реализира преку грант од Министерството за одбрана на САД, во вредност од околу еден милион американски долари, со кој објектот треба да биде целосно адаптиран и енергетски ефикасен.

Коњановски истакна и дека со поддршка на Владата продолжува изградбата на булеварскиот влез во Битола, оценувајќи дека градот одамна има потреба од ваква инфраструктура.

Според него, развојот на Битола не треба да се сведува на дневна политика, туку на долгорочна стратегија, проектна документација и работа на терен.

„Решението е во конкретни проекти и многу работа“, порача Коњановски, додавајќи дека пред Битола остануваат уште бројни предизвици поврзани со инфраструктурата, урбанистичкото планирање и повеќегодишното недоволно инвестирање.

Градоначалникот посочи дека Општина Битола продолжува со реализација на проектите со цел создавање поуреден и поквалитетен град за живеење, во период кога градот се подготвува и за одржувањето на фестивалот „Браќа Манаки“ и одбележувањето на 35-годишнината од независноста на Македонија.

Прилепчанка ја ДРМА говорницата во ВМРО-ДПМНЕ (ВИДЕО)

Во следните години Македонија треба да врати близу 8 милијарди евра преземени во периодот на власта на СДС и ДУИ, каде завршија парите никој не знае – истакна во денешната прес конференција, пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Билјана Кузманоска.

Прес конференцијата на Кузманоска во целост ја пренесуваме во продолжение:

Кога СДС зборува за задолжувањето, мора да се потсетиме на еден многу важен факт.

Во следните неколку години Македонија треба да врати близу 8 милијарди евра преземени во периодот на власта на СДС и ДУИ.

Долговите што денес и во следните години треба да ги враќа Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ не се создадени вчера.

Само оваа година се враќаат околу 1,5 милијарди евра.

Во 2027 година треба да се вратат уште 1,5 милијарди евра, во 2028 година околу 1,9 милијарди, во 2029 година околу 1,3 милијарди, а во 2030 година уште 1,4 милијарди евра.

Тоа се близу 8 милијарди евра, долгови кои ги остави СДС, а не знаеме на што ги потрошија.

Не може седум години да управувате со државата, да ја задолжувате и да преземате финансиски обврски, а потоа од опозиција да се однесувате дека долгот го направил некој друг.

Почитувани граѓани, кога Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ја презеде одговорноста во јуни 2024 година, јавниот долг беше над 60 проценти од БДП.

Денес јавниот долг изнесува 58,8 проценти од БДП.

Од една страна ги враќаме долговите што сме ги наследиле, а од друга страна јавниот долг како процент од БДП е понизок од нивото што го затекнавме.

Паралелно, македонската економија денес бележи раст од 4,3 проценти.

Кога СДС следниот пат ќе зборува за јавниот долг, нека одговори за што ја задолжија државата 4,5 милијарди евра за само 7 години?

За јахта, стан во Дубаи или пак акции во индиска авиокомпанија?

Не сме исти. Разликата е евидентна.

Нема спас! Дизелот пак над 100ка по полноќ, поскапуваат и бензините

Од ноќеска на полноќ цените на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 3 денари, а на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) за 6 денари за литар, одлучи Регулаторната комисија за енергетика.

Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемува за 8 денари за литар, на Мазутот М-1 НС за 1,591 денари за килограм и сега ќе изнесува 46,001 денари за килограм.

Новата цена на ЕУРОСУПЕР БС – 95 ќе изнесува 97,00 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС – 98 ќе се продава за 99, ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) за 101 денар, Екстра лесното 1 (ЕЛ-1) за 105 денари за литар, а Мазут М-1 НС за 46,001 денари за килограм.

Николоски: Градежништвото има историски највисок раст од 22 %, сигнал дека капиталните проекти се работат со засилена динамика

Во второто тромесечје од 2026 година градежништвото бележи раст од речиси 22 % споредено со истиот период минатата година.

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска, одговарајќи на новинарско прашање, истакна дека се работи за исклучително висок раст кој не е феномен само за второто тромесечие оваа година, туку е континуитет уште од минатата година.

Николоски посочи дека како Влада, базата ја поставиле во 2024 година, ги поставиле проектите и од 2025 година гледаме силен раст во градежнитвото.

-Секој квартал е далеку над она што било просек претходно. Ова е историски највисок квартал, вкупно завршени работи се околу 242 милиони евра за само три месеци споредено со истиот период минатата година, растот е околу 22 проценти. Навистина градежништвото станува основен двигател на економијата, нагласи Николоски.

Вицепремиерот најави реализација на уште проекти.

Прилепските планинари од „Козјак“ го освоија Пиз Бое, еден од најимпресивните врвови на италијанските Доломити (Фото галерија)

Уште еден голем планинарски предизвик успешно е зад прилепските планинари од Планинарско спортското друштво „Козјак“, кои продолжуваат да ги поместуваат сопствените граници и да ги освојуваат најубавите планински предели во Европа.

На 5 септември 2026 година, екипата на „Козјак“ успешно го искачи Пиз Бое, висок 3.153 метри надморска височина, еден од најпознатите и најимпресивни врвови во италијанските Доломити.

Искачувањето било исполнето со предизвици, но и со моменти кои уште долго ќе останат во сеќавањето на прилепските планинари. Прекрасните планински пејзажи, дружењето, тимскиот дух и позитивната енергија биле составен дел од оваа планинарска авантура.

Пиз Бое се наоѓа во масивот Села, во срцето на Доломитите, а неговото искачување претставува сериозен планинарски предизвик кој бара добра физичка подготвеност, издржливост и почит кон планината.

За членовите на „Козјак“, сепак, секој освоен врв е многу повеќе од само бројка и надморска височина. Тоа е ново искуство, ново пријателство, нова приказна и уште еден доказ дека со посветеност, истрајност и љубов кон планината можат да се освојат и најголемите предизвици.

„Козјак“ уште еднаш го претстави Прилеп на едно од најубавите европски планинарски подрачја, испраќајќи порака дека за вистинските планинари границите постојат само за да бидат поместени.

Честитки до целата екипа на Планинарско спортско друштво „Козјак“ за успешното искачување на Пиз Бое и за уште една прекрасна планинарска приказна!

Николоски: За три дена Градскиот воз превезе околу 1.500 патници, интересот е голем и очекуваме да надмине бројка од преку 100.000 патници за брзо време

Градскиот воз во Скопје за само три дена од стартот превезе околу 1.500 патници, а првичните анализи покажуваат дека интересот кај граѓаните е добар и се очекува бројката во периодот што следи значително да расте. Плановите предвидуваат проширување на железничкиот сообраќај со уште две линии, со кои повеќе приградски населби ќе бидат поврзани со Новата железничка станица, истакна во вечерашното гостување во ТВ Сител, заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски.

-Првичните анализи се добри, за три дена имаше некаде околу 1.500 патници. Јас очекувам дека таа бројка ќе расте, дека за многу брзо време ќе надминеме и 100.000 патници. Нашата проценка е дека околу 200.000 жители се опфатени со правата линија од градскиот воз, изјави заменик претседателот Николоски.

Според него, веќе се работи на проектирањето на уште две траси, кои треба да го прошират опфатот на градскиот воз и да поврзат поголем број населени места со Скопје.

Првата планирана траса треба да се движи од Новата железничка станица преку Автокоманда, Маџари, Ченто и Илинден до Агино Село. Втората би го поврзувала северозападниот дел од градот, односно Нова железничка станица преку Бутел, Скопје Север, Волково и Ѓорче Петров до Сарај.

Со реализацијата на овие две линии, како што посочи министерот, би се создала железничка мрежа која ќе ги поврзе трите делови на градот и приградските населби кои гравитираат кон Скопје со Новата железничка станица.

-Со градскиот воз граѓаните ќе можат да ја избегнат градската гужва и преку точни временски интервали на пристигнување да го планираат своето време. Во моментов ја користиме рутата која што некогаш постоела, да ги вратиме во живот и на тој начин да приградските населби ги добилижиме до центарот. Проектирањето завршува до крајот на месец октомври, после тоа одиме со тендерирање и очекуваме во зависност од временските услови да започне да се работи во декември или јануари. Ако овде успеавме да ја завршиме градбата за 10 месеци, таму оставаме 12 месеци, така што почетокот на 2028 година ќе имаме оперативни уште две линии на градскиот воз, додаде вицепремиерот Николоски.

Одговарајќи на прашањето зошто во актуелната мрежа нема траса до Скопскиот аеродром, Николоски појасни дека до аеродромот во моментов нема пруга, но дека поврзувањето е предвидено во рамки проектот „Брза пруга“.

-До Скопскиот аеродром во моментов нема пруга, но тоа е дел од еден друг проект, а тоа е “Брзата пруга”. Идејата е со 160км/ч од центарот на Скопје да се патува до аеродромот, што сериозно ќе го скрати времето на патување. Планирано е ова да е првата отсечка која што ќе се изгради во проектот “Брза пруга”, објасни министерот за транспорт, Александар Николоски.

Препознатлив е по прекрасните настапи, а сега има нова мисија: Александар Здравков преку Gitarino создава нови музички таленти во Прилеп

Музиката не се учи само преку ноти и техника. Таа се чувствува, се живее и се претвора во начин на изразување. Токму со таква идеја е создадено Gitarino – приватното музичко училиште во Прилеп, каде што најмладите имаат можност да ги развиваат своите таленти, да стекнуваат нови знаења и, пред сè, да ја градат љубовта кон музиката.

Зад оваа приказна стои музичарот Александар Здравков, кој по сопственото долгогодишно искуство во музиката одлучил своето знаење да им го пренесува на новите генерации.

„Од секогаш сум имал желба да работам со млади, талентирани деца на кои ќе можам да им ги пренесувам моите знаења од областа на музиката. Идејата за основање на Gitarino дојде од љубовта кон музиката и шансата да ги пренесувам своите знаења на нови, млади, талентирани музичари“, вели Александар.

Gitarino веќе две години успешно функционира во Прилеп, а училиштето постепено го проширува својот обем и понудата. Она што започнало со неколку ученици денес прераснува во место каде што сè поголем број деца ја откриваат убавината на музиката.

Во Gitarino моментално се изучуваат гитара, пијано, бас-гитара и соло пеење, а дел од наставата се и музичката теорија и солфежот.

Наставата е наменета за деца од 6 години па нагоре, а часовите во моментов се индивидуални. Токму индивидуалниот пристап е една од карактеристиките по кои Gitarino сака да се издвојува.

„Секое дете е различно и на различен начин учи и сфаќа. И секое дете има различни интереси кога е музиката во прашање и тоа е нешто што треба да се почитува. Затоа индивидуалниот пристап е најбитен“, објаснува Александар.

Еден час во Gitarino трае 40 минути и е внимателно структуриран така што учениците постепено ги совладуваат техничките аспекти, но истовремено имаат можност стекнатото знаење веднаш да го применат во практика.

На почетокот од часот најчесто се работат технички вежби, а потоа следува практичниот дел – свирењето песни.

За Александар, токму спојот меѓу теоријата и практиката е особено важен.

„Техниката што се учи мора да се примени во свирење на песни. За нас тоа е најбитно – да има спој меѓу теоријата и праксата, односно најдобро е теоријата да може да се примени“, вели тој.

Но, можеби најголемиот предизвик во работата со најмладите не е самата техника, туку начинот на кој знаењето ќе им биде пренесено.

„Дефинитивно најголемиот предизвик е да го пренесеш знаењето на таков начин да пробуди интерес кај ученикот и тој интерес да му остане и на наредните часови“, вели Александар.

А токму напредокот на децата е она што му носи најголемо задоволство како професор.

„Кога гледам како децата напредуваат и го работат нештото со љубов. За мене како професор, нема поголема радост.“

Кога станува збор за музичкиот талент кај децата, Александар смета дека не постои едноставно правило.

Кај некои деца талентот се забележува веднаш, додека кај други потребно е повеќе време за да дојде до израз. Но, без оглед на талентот, трудот и посветеноста остануваат неопходни.

„Лично сметам дека талентот е основа, но без работа ништо не може да се постигне. Мислам дека двете работи се подеднакво битни.“

Токму затоа во Gitarino се гради однос во кој и ученикот и родителите треба да имаат трпение. Музичките вештини не се стекнуваат преку ноќ, но секој мал чекор напред е важен.

„И најмалиот напредок е напредок, така што горди сме на секој ученик кој направил чекор и напредок, макар и најмал.“

Една од главните идеи на Gitarino е децата да не го доживуваат музичкото образование како уште една обврска, туку како нешто во кое уживаат.

„Пред сè сакам децата да го доживуваат Gitarino не како обврска, туку како место каде што со задоволство доаѓаат да се дружат и да учат музика“, вели Александар.

А покрај техниката, нотите и инструментите, најважното нешто што сака да им го пренесе на своите ученици е – љубовта кон музиката.

„Прво е љубов кон музиката и инструментот. Тоа е за мене најважното нешто. Потоа креативноста, дисциплината и така натаму. Ама секогаш на прво место е љубовта кон музиката.“

Во периодот што следува, плановите се Gitarino да продолжи да расте и да го зголемува бројот на ученици, но и постепено да ја проширува својата понуда.

Од училиштето најавуваат можност за воведување и на нови музички инструменти кои поретко се изучуваат во другите музички училишта.

Во иднина се очекува и можност учениците да добијат прилика јавно да го презентираат своето знаење и напредок преку организирани настапи.

За Александар, неговото лично музичко искуство е дополнителна вредност која сака да им ја пренесе на учениците.

„Јас сметам дека најдоброто школо во животот е искуството во некоја област. Ништо не може да те научи како искуството, така што се трудам покрај техничките работи од музиката да им пренесам на учениците искуство што ќе им помогне многу во нивниот развој.“

Токму тоа е и суштината на Gitarino – не само да се научи како се свири на гитара, пијано или бас-гитара, или како се пее, туку преку музиката децата да развиваат креативност, дисциплина, самодоверба и сопствен начин на изразување.

А пораката на Александар до родителите кои размислуваат дали нивното дете да започне да изучува инструмент е едноставна:

„На секој родител што размислува дали неговото дете да започне со изучување на инструмент би му препорачал да не се двоуми и да го запише своето дете, затоа што музиката е најголема магија и нема поубава работа од тоа детето да научи да се изразува креативно преку музиката и на тој начин да го користи своето време.“

Gitarino ги отвора вратите за сите млади кои сакаат да го запознаат светот на музиката.

„Ве очекуваме заедно да навлеземе во магичниот свет кој се вика Музика.“

Лишен од слобода пироман од Македонски Брод, предизвикал пожар во село Брезница

-На 05.09.2026 полициски службеници од ОВР Македонски Брод го лишија од слобода М.Т.(38) од Македонски Брод, постапувајќи по пријава дека на 05.09.2026 околу 10:00 часот предизвикал пожар во с.Брезница, Македонски Брод, така што од искрење на бензински тример за косење, во близина на неговата куќа во с.Брезница, настанал пожар кој се проширил кон соседните имоти. Повредени лица нема, а пожарот е изгаснат од екипа од ЈП „Национални шуми“ и локалното население.

По документирање на настанот ќе следува соодветна пријава, информираат од МВР.