дома блог страница 41

Затоа Битола е Битола, имаат настан за секој повод! На Денот на независноста се одржа прекрасен музички настан на Пелистер (ФОТО)

На „Пелистер“ се одржа „HARVEST OF SOUND“, музички настан во организација на „PROJECT 7000“, со поддршка од Општина Битола и НП „Пелистер“.

Во уникатниот амбиент на Националниот парк, посетителите уживаа во целодневна музичка програма и настапите на „ SVABA“, „ Kee Ketz“, „ DUPER“ и „ ConTruDj“.

Oд пладне до зајдисонце, „Пелистер“ беше исполнет со музика, дружење и позитивна енергија, создавајќи поинакво и современо доживување за сите посетители.

Настанот се одржа на 8 септември, денот на кој ја одбележуваме 35-годишнината од независноста на Република Македонија, со симболична порака: „INDEPENDENT BY NATURE“.

Со вакви настани, „Пелистер“ продолжува да се афирмира како простор за култура, музика, туризам и современи содржини, а Битола како град кој создава и поддржува настани со потенцијал да привлечат посетители од земјата и странство.

Музичкиот настан го посетија и градоначалникот на Битола Тони Коњановски и претседателот на Советот Бојан Бојкоски.

Николоски: На Денот на независноста, охридскиот аеродром доби нов модерен лик- станува симбол на Охридскиот регион

За само две години успеавме аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид да добие нов современ лик, олицетворение на Охридскиот регион. После 56 години аеродромот се реконструира со што ги отвораме вратите за уште повеќе туристи и авиокомпании и бројките се над очекуваните, преку 240 илјади патници од почетокот на годината до сега, истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски на промоција на реконструираниот аеродром во Охрид.

“ Мислам дека нема поубав ден од Денот на независноста, 8-ми септември, за да се отвори еден навистина прекрасен објект. Еден објект којшто низ белата боја го доловува она што е најубаво за Охридското Езеро и за целиот Охридски регион. Навистина сум пресреќен што еве денеска, после напорна работа, успеваме да отвориме практично нов аеродром, односно успеваме да отвориме една терминална зграда заедно со помошни простории коишто значат многу, многу подобро искуство за патниците споредено со претходно. Ако последните големи интервенции овде се правени некаде во 1970-тата година, тогаш не е тешко да се пресмета дека точно 56 години Охридскиот аеродром во делот на терминалната зграда, во делот на полетување и на слетување беше во исти или слични услови. Тоа е од една страна долг временски период, но од друга страна па ја покажува посветеноста на оваа Влада која што работи само две години да ги менува работите. И како што ги менуваме работите насекаде низ државата, секако ги менуваме и тука” – истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Алекснадар Николоски,

Паралелно со аеродромот се работи и на инфраструктурата за да може да се заокружи една целина во развојот на овој регион, потенцира Николоски.

“Секако на овој практично нов аеродром многу ќе му помогне и новата инфраструктура. Знаете дека интензивно се гради автопатот Охрид-Кичево, веќе дел од до аеродромот е завршен, веќе може од Охрид до аеродромот да се стигне по автопат. Се стига до една убава клучка која што навистина е убаво хортикултурно уредена и на тој начин практично побрзо да се патува до Охридскиот аеродром. Знаете дека интензивно работиме на завршување на автопатот, најтешката делница ќе се отвори во следните месеци, очекувам во текот на првото полугодие од следната година да се отвори целиот автопат, а секако продолжуваме и на работа на останатите делници кои што треба да значат поврзување и со Скопје и со Скопскиот аеродром ”- истакна заменик претседателот на Владатa, Николоски.

Тој истакна дека бројките во ависообраќајот ги рушат сите рекорди. Преку 240 илјади патници на охридскиот аеродром до сега и очекувањата се дека вкупно оваа година ќе има околу 4 милиони патници. Заменик претседателот Николоски дополни дека реконструкцијата на аеродомрот има своја симболика.

“ Прво, симболиката која што ја има реконструкцијата на аеродромот. Второ, едни прекрасни мозаици коишто ве поканувам сите да ги видите, коишто се реплика на мозаиците кои што се наоѓаат низ стариот град на Охрид, низ Варош, но главно се наоѓаат кај Плаошник и навистина се прекрасно реставрирани. Сакам да се заблагодарам на сите коишто работеа, на сите институции од културата и на сите оние коишто работеа на реставрација. И третата работа, имаме една прекрасна реплика на фреските од катедралната црква Св.Софија, така што овој аеродром покрај аеродром е и еден мал музеј којшто го претставува регионот и се надевам дека сите коишто ќе патуваат оттука ќе уживаат” – додаде Николоски.

Министерството за култура не го поддржа јубилејното 15-то издание на PRILEP JAZZ WEEKEND

Љубителите на џез музиката од Прилеп и Македонија наскоро ќе имаат уште една причина за радост – Prilep Jazz Weekend годинава го одбележува своето јубилејно 15-то издание.

Организаторите преку социјалните мрежи информираа дека од денеска започнуваат со објавување на деталите за најновото издание на фестивалот, па љубителите на џезот се повикуваат внимателно да ги следат официјалните профили на Prilep Jazz Weekend во периодот што следува.

Она што организаторите особено го издвојуваат е фактот дека оваа година фестивалот не добил поддршка од Министерството за култура, иако станува збор за јубилејно, 15-то издание на еден од препознатливите фестивали на современата музичка сцена во Прилеп.

Сепак, фестивалот продолжува.

Од Prilep Jazz Weekend упатуваат благодарност до Општина Прилеп и Прилепска Пиварница, кои со својата поддршка помогнале да се реализира овогодинешното јубилејно издание.

„Оваа година ќе го одбележиме јубилејното петнаесетто (15) издание на фестивалот, а за тоа да го направиме ни помогнаа Општина Прилеп и Прилепска Пиварница, за што од срце им благодариме“, порачаа организаторите.

15 години Prilep Jazz Weekend значат 15 години посветеност на џезот, музиката и создавањето културна сцена во Прилеп.

Деталите за програмата, изведувачите и датумите на одржување допрва ќе бидат објавувани, а љубителите на џез музиката можат да ги следат официјалните профили на Prilep Jazz Weekend за сите новитети поврзани со јубилејното издание.

Битолчанец херој на плажата во Олимпијада: Михаил Николовски спаси тричлено семејство од разбрануваното море

Фото/Фејсбук/Бабам Битола / Babam Bitola

Вистинска драма денеска се одвивала на плажата во Олимпијада, Грција, откако силните бранови однеле тричлено семејство од Бугарија.

Во моментите кога ситуацијата станала критична, а жената панично повикувала за помош, без да размислува за сопствената безбедност, во разбрануваното море влегол битолчанецот Михаил Николовски.

Според сведоштвото на неговото семејство, Михаил најпрво успеал да ја извлече жената, потоа детето, а на крајот и таткото. Со огромна храброст и пожртвуваност, тој успеал да го спаси целото тричлено семејство.

По спасувањето, присутните на плажата го поздравиле Михаил со силен аплауз, во знак на благодарност и восхит за неговата храброст.

Особено силна е симболиката што овој хуман и храбар чин се случил токму на 8 Септември – Денот на независноста на Македонија.

Затоа што човечноста не познава граници, националност или јазик.

Битола денес може да биде горда на својот сограѓанин Михаил Николовски – човек кој во најкритичниот момент не се двоумел да помогне и со својата храброст покажал дека понекогаш еден човек може да направи огромна разлика.

Браво, Михаил!

Уништени уште две прекрасни дрвја, реагираат граѓаните, “Комуналец” и oпштината спијат

И понатаму се уништува зеленилото во Прилеп, овојпат кај новата автобуска станица, целосно се уништени крошните на две дрвца. Граѓаните упорно реагираат на секоја ваква појава на социјалните мрежи, а за најновите уништени дрвца не е познато дали се “кастрени” од надлежните, или некој самоиницијативно одлучил да ги осакати….

Мицкоски и Николоски на пуштање во употреба на реконструираниот аеродром во Охрид

Во Охрид денеска ќе биде пуштен во употреба реконструираниот дел на Охридскиот аеродром.

На отворањето ќе присуствуваат Серкан Каптан, извршен директор на ТАВ Аеродроми, премиерот Христијан Мицкоски и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

Реконструкцијата опфати проширување на патничкиот терминал за 30 до 40 проценти, проширување на капацитетот на шалтерите за патници и багаж за 100 метри квадратни, проширување на зоната за безбедносна контрола на патници и багаж, проширување на административната зграда од 290 м2 на 700 м2, нов ресторан-кафетерија за вработените, нови канцеларии за Граничната полиција, Царинската управа и паркинг за вработените.

Македонија одбележува 35 години независност – Честит празник Македонци!

На 8 септември 1991 година, граѓаните на Македонија на историскиот референдум со убедливо „за“ ја потврдија волјата за суверена и самостојна држава. Референдумското изјаснување претставуваше пресвртница со која започна процесот на создавање независна македонска држава и воспоставување сопствени институции, дипломатска мрежа, безбедносен систем и економски политики.

Три и пол децении подоцна, 35 години независност сведочат за долг и турбулентен пат исполнет со политички пресврти, безбедносни предизвици, тешки компромиси и борба за меѓународна афирмација. Од мирното осамостојување и членството во Обединетите нации, преку конфликтот во 2001 година и Преспанскиот договор, до членството во НАТО, историјата на независната држава е приказна за градење институции, зачувување на стабилноста и остварување на стратешките цели.

Повеќе активности се предвидени денеска за одбележување на 35-годишнината од осамостојувањето.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во 8:30 ќе положи цвеќе на вечното почивалиште на првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров, на вечното почивалиште на претседателот Борис Трајковски и на вечното почивалиште на првиот претседател на Владата, Никола Кљусев. Предвидено е цвеќе да положат и делегации на Собранието, Владата, Генералштабот на Армијата, верските заедници, како и претставници на институции, дипломатскиот кор и на политичките партии.

Во 11:00 часот во Вила Водно ќе се одржи церемонија на доделување Орден „8 Септември“, на која претседателката Сиљановска Давкова ќе им додели ордени на Јордан Плевнеш и Раде Сиљан и постхумно на Џеват Гега, Мето Јовановски и Глигор Чемерски.

Премиерот Христијан Мицкоски по повод одбележувањето на 35-годишнината од независноста ќе биде домаќин и ќе има свое обраќање на свеченоста под мотото „Силно светнал ден!“. Свеченоста ќе се одржи на платото пред Владата со почеток во 14:00 часот.

Националниот археолошки музеј – Скопје организира свечен музејски настан „35 години – 35 предмети – 35 приказни“ по повод 35 години независност.

-Преку 35 внимателно одбрани предмети и нивните приказни, заедно ќе се потсетиме на богатото културно и историско наследство што сведочи за илјадници години историја на овие простори – стои во најавата за настанот, кој ќе се одржи во 15:00 часот во Националниот археолошки музеј – Скопје.

Концертот на светски познатиот диџеј и продуцент на хаус-музика Давид Гета што ќе се одржи вечерва во Скопје е финале на сите настани во рамки на манфестацијата „35 години незавосност на Македонија“, исполента со повеќе активностите и културните манифестации под мотото за 35 години независност во периодот од август до септември низ повеќе општини во државата, вклучувајќи го спектаклот „Силно светнал ден“ и ликовни колони.

Концертот на Давид Гета ќе се одржи на Националната арена „Тоше Проески“ во Скопје. Според најавите, Гета ќе настапи со продукцијата The Monolith Stadium Show.

Во рамки на прославата за 35 години независност на Македонија, на 1 септември во Скопје концерт одржа и светски познатиот тенор Хосе Карерас заедно со македонски музички ѕвезди и Македонската филхармонија, а на 4 септември се одржа мултимедијалниот сценски спектакл „Силно светнал ден“, кој го заокружи своето патување во државата со настап на повеќе од 120 артисти. Карванот „Силно светнал ден“ почна од Охрид на 9 август и посети 12 града во земјата. Во неговата реализација учествуваа познати македонски музички изведувачи и актери.

Музичката програма во чест на 35 години независност на Македонија е подготвена од „Авалон продукција“ во соработка со Владата.

Економскиот Факултет во Прилеп со 121 слободно место пред вториот уписен рок

Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола во вториот уписен рок кој почнува на 9 септември ќе може да запише 1288 бруцоши, од нив 523 редовни, 424 студенти со партиципација во студирањето и 341 кандидат кои ќе се определат за категоријата вонредно студирање.

Најмногу слободни места има на Техничкиот факултет каде се огласени 269 места за сите насоки, а најмалку за насоките мехатроника и инженерство за заштита на животната и работната средина, каде во првиот уписен рок беше евидентиран забележителен интерес за студирање.

Втор уписен рок ќе биде организиран во сите универзитетски единици со седиште во Битола.

Од УКЛО, воедно, потврдуваат дека на Факултетот за информатички комуникациски технологии ФИКТ слободни се 174 места, на Педагошки факултет 190, на Факултетот за биотехнички науки слободни се 66 и на Ветеринарен факултет има најмалку слободни места, вкупно 15.

На 9, 10 и 11 септември втор уписен рок ќе се реализира и на факултетите, членки на УКЛО, лоцирани во Скопје, Кичево, Велес, Прилеп и во Охрид. На Факултетот за безбедност во Скопје слободни се уште 66 места, на Правен факултет во Кичево 59, Технолошко-технички факултет во Велес 92, Економски факултет во Прилеп 121 и на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид може да се запишат уште 148 студенти во сите категории за студирање.

Втор уписен рок ќе биде организиран и на Високата медицинска школа во Битола каде има уште 88 индекси за студенти кои во новата академска година ќе студираат на прв циклус студии.

Дојдете, дегустирајте и купете – најдоброто од македонските органски и домашни производи во сабота на платото кај Саат Кулата во Прилеп

Традицијата, домашните вкусови, локалните производители и приказните на руралните жени, ќе се сретнат во срцето на Прилеп, кај Градскиот Саат.

На 12 септември, платото кај Градскиот Саат во Прилеп ќе се претвори во вистинска мала ризница на домашни вкусови, традиција и производи од цела Македонија. Станува збор за традиционалниот настан „МЛЕКО 2026“, во организација на “Slow Food”, кој се одржува по осми пат, а по петти пат Прилеп е домаќин на истиот.

Оваа година настанот се одржува под мотото „Корени и трпеза – Руралната жена денес“, ставајќи го во центарот вниманието на жената од руралните средини, нејзиниот труд, знаење и огромниот придонес во зачувувањето на традиционалното производство и домашната храна.

Руралната жена е еден од столбовите на животот на село. Таа е дел од секојдневната грижа за семејството, но и активен учесник во земјоделството, сточарството и производството на храна. Со своите раце и знаење таа ги зачувува старите рецепти, традиционалните начини на производство и вредностите кои со генерации се пренесуваат од едно на друго поколение.

Нејзината приказна е приказна за работа, истрајност, љубов кон земјата и почит кон традицијата, но и за современата жена која денес се обидува да создаде егзистенција, да го развива семејниот бизнис и да придонесува за локалната економија.

Од утро па сè до попладневните часови (10-16ч), платото кај Градскиот Саат ќе биде исполнето со мириси, вкусови и приказни.

На „МЛЕКО 2026“ ќе бидат присутни голем број изложувачи на органски и традиционални производи од цела Македонија, производители на млечни производи, мед и пчелни производи, вино, месо и месни производи, природна козметика, како и рачно изработени занаетчиски производи.

Посетителите ќе имаат можност да поразговараат со производители на млеко и млечни производи од цела Македонија. Ќе се дегустираат различни сирења и млечни специјалитети, подготвени од домашни производители. Ќе се претстават и бројни локални производи кои совршено се надополнуваат со млечните специјалитети.

Но, покрај вкусовите, посетителите ќе имаат можност да ги слушнат и вистинските приказни за животот во руралните средини, за предизвиците и радостите на сточарството и за луѓето кои секојдневно се борат да ја зачуваат традицијата и да создадат иднина од неа.

„МЛЕКО“ веќе е препознатливо како настан кој ги спојува вкусовите, приказните, традицијата и музиката, создавајќи атмосфера во која посетителите не се само публика, туку дел од целата приказна.

Во изминатите години, платото пред Саат кулата беше исполнето со стотици прилепчани кои доаѓаа да дегустираат, да се дружат, да уживаат во убавото време и староградската песна, но и да си понесат нешто од богатата понуда на домашните производители.

И оваа година пораката е едноставна: “Да ги чуваме корените. Да ја почитуваме трпезата. Да го вреднуваме трудот на руралната жена. И да ја поддржиме иднината на нашето сточарство и домашно производство”.

Во сабота (12.09.) дојдете кај Градскиот Саат и верувајте ќе има што да видите, пробате, почувствувате!

Ристески: Контролирани 600 продажни места, училишната кошничка ги дава посакуваните резултати

Околу 40 инспекциски тимови од 25 август наваму ги контролираат цените на училишниот прибор, кои со одлуката на Владата до 30 септември треба да бидат намалени за 10, односно 15 проценти од цените што важеле на 1 јуни, како дел од т.н. „училишна кошничка“. Досега не се констатирани некои посериозни отстапувања кај исконтролираните пунктови, чиј вкупен број изнесува 600, уверува заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески.

„Редовно сме во дослух со Државниот пазарен инспекторат и, од она што го имаме како информација од директорот на ДПИ, укажува на тоа дека контроли се направени скоро насекаде, во сите пунктови каде што се продава училишен прибор. Не се пронајдени некои поголеми пропусти, освен што на почетокот со воблерите. Меѓутоа, после укажувањата и опомената, се исправени тие грешки, така што нема да оставиме простор да се изигрува оваа одлука… Онаму каде што ќе бидат пронајдени одредени пропусти, тогаш ќе следуваат и соодветни казни од страна на ДПИ“, изјави Марјан Ристески, заменик-министер за економија и труд.

Ваквите владини одлуки за заштита на стандардот на граѓаните, особено во овие есенски месеци кога и семејните трошоци се значително поголеми, позитивно се рефлектираат и врз инфлацијата во земјава.

„Со квартален раст на БДП од 4,3 проценти, кој е четврти по висина во Европа. Исто така, со ниска инфлација од 2,3 проценти, измерена во текот на минатиот месец во однос на јули од претходната година, со пораст на индустриското производство, со многу капитални инвестиции, со 18.000 нови отворени работни места во Македонија и со голем број други показатели… Македонија покажува и докажува дека оваа Влада има капацитет да се справува со вакви светски економски кризи и колку може повеќе да го штити животниот стандард и кревката економија во Македонија“, посочува Ристески.

Училишната кошничка е само еден мал дел во заштитата на животниот стандард. А одличните други параметри што ги имаме како држава во овој тежок период на светска економска и енергетска криза укажуваат на една исправна економска политика од страна на Владата на Р. Македонија, потенцира Ристески.

Kаролина Дурло за: “АЛФА ТВ”