дома блог страница 40

Бојан Велевски ги собра на едно место и изнасмеа сите генерации крушевчани

Празничната вечер во Крушево по повод 8 Септември – Денот на независноста на Република Македонија, помина во знакот на смеата, добрата атмосфера и позитивната енергија.

На плоштадот „Никола Мартиноски“, крушевчани и бројните гости кои празникот го поминаа во градот, уживаа во Stand Up Comedy Night со познатиот македонски стендап комичар Бојан Велевски.

Велевски со својот препознатлив хумор успеа да ја освои публиката и да ги насмее сите генерации. Од најмладите до повозрасните, присутните уживаа во комичната програма, која беше исполнета со интересни ситуации, секојдневни теми и многу смеа.

Настанот беше организиран од Општина Крушево, која и оваа година понуди содржина со која празничниот ден беше заокружен со забава и добро расположение.

Крушево уште еднаш покажа дека празниците се најубави кога се споделуваат заедно – со семејството, пријателите и со многу насмевки.

STUDIO3 – три години посветеност на јогата, заедницата и личниот раст во Прилеп

Пред три години, STUDIO3 ја започна својата приказна како прво студио за Аштанга и Power Yoga во Прилеп. Денес, студиото одбележува три години успешна работа – период исполнет со редовни практики, едукација, инспиративни настани и создавање на заедница која секојдневно расте.

100+ луѓе денес ја избираат јогата со STUDIO3 – редовни и задоволни практиканти кои низ движењето, дисциплината и континуитетот градат сила, мобилност и подобар однос кон себе.

Во срцето на оваа приказна стои Ивона Крстеска – сопственик и инструктор на STUDIO3. Покрај својата посветеност на јогата, Ивона е магистер архитект, а токму спојот на архитектонската прецизност и јога филозофијата создава уникатен пристап кон движењето, дисциплината и просторот во кој се практикува.

STUDIO3 низ овие три години останува доследен на својата визија: да понуди квалитетни часови по Аштанга и Power Yoga, достапни за сите кои сакаат да изградат сила, мобилност и внатрешен баланс.

Континуираниот развој е дел од идентитетот на студиото. Ивона редовно посетува работилници во Македонија и странство, учејќи од реномирани инструктори, најново со успешно учествона Аштанга работилницата со легендарната Kino MacGregor во Виена – знаење што ќе се пренесува и на учениците во Прилеп.

Покрај редовните часови, STUDIO3 успешно организираше и бесплатни утрински викенд практики на отворено, создавајќи можност јогата да стане достапна за пошироката локална заедница и да се практикува во природа.

Викенд програмата е збогатена и со Breathwork сесии во соработка со @vesna.gino, каде преку свесно дишење учесниците добиваат простор за длабока релаксација, ослободување од стресот и лична трансформација.

Следува: Ohrid Retreat | 18–20 септември

Следната станица на STUDIO3 е Ohrid Retreat – тридневно искуство покрај Охридското Езеро, исполнето со јога, breathwork, медитација, природа и време посветено на себе. Ретритот е наменет и за почетници и за искусни практиканти кои сакаат да се оддалечат од секојдневието и да ја продлабочат својата практика.

Повеќе информации и пријавување се достапни на линкот.

https://www.instagram.com/p/DaS-NVECu2p/?stkn=dGxoMWtianViczhx

Три години STUDIO3 се повеќе од јубилеј – тие се приказна за визија, континуирано учење и заедница изградена врз доверба, дисциплина и љубов кон јогата.

Изложбата „Линија, форма и простор“ од уметникот Филип Перески, во петок пред прилепчани

На 11-ти Септември 2026г. / петок/ од 19.00ч. во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата „Линија, форма и простор“ од уметникот Филип Перески. Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам.

Податоци за изложбата “ЛИНИЈА, ФОРМА И ПРОСТОР”

Академскиот уметник Филип Перески ликовно ги истражува бескрајните можности и начини со коишто инвентивно ги реконтекстуализира – линијата врз дводимензионалната површина на сликарското платно и формата во тродимензионалниот простор.

Неговото сликарство се одликува со спонтани искривени линии коишто асоцираат на органски и динамични облици. Во апстрактно-асоцијативните композиции доминира активниот однос и слободната креативна игра меѓу ликовните елементи во просторот: контраст и градација на линијата и бојата.

Со хоризонталното протегнување и вертикалното извишување, брзите градации и збиената густина на линиите, уметникот изразува енергична динамичност и хаотичност во слободните отворени композиции. Имено, преку репетиција на експресивните контрастни и збиени линии, тој дополнително креира длабочина во асиметричните композиции.

Во скулптурата, Перески ја искривува и раскршува линијата создавајќи минималистички геометриски форми со „полна“ маса и мрежно испреплетени „празни“ колоритни интервенции.Ослободувајќи ја композицијата од геометриска строгост, автентичниот ликовен јазик на академскиот уметник Филип Перески спонтано еволуира и се развива во апстрактно-асоцијативен израз – м-р Викторија Димеска, историчар на уметност.

Податоци за уметникот:

Филип Перески
Роден 1990 во Прилеп, Македонија.
Дипломира 2013 год. на Факултетот за ликовни уметности во
Скопје на катедра за ликовна педагогија, насока вајарствово класата на професор Станко Павлески. Моментално живее и работи како наставник по ликовно образование во Прилеп.

Самостојни изложби

2026 Прилеп, „Линија, форма и простор“, НУЦК Марко Цепенков
2025 Скопје, „Линеарна Хармонија“, Младински Културен Центар (МКЦ)
2025 Скопје, „Линиски одрази“, Културно Информативен Центар (КИЦ)
2023 Прилеп, „Линеарно обликување“, НУЦК Марко Цепенков
2014 Прилеп, „Фактурални завиткувања“, НУЦК Марко Цепенков

Групни изложби

2025 Прилеп, ДЛУП “Слоеви“, Кафе галерија Лувр
2025 Прилеп, ДЛУП Годишна изложба, НУЦК Марко Цепенков
2025 Прилеп, „Доминанта“, НУЦК Марко Цепенков
2025 Прилеп, „Прилепските вајари творци како феникси – III Генерација“, НУ Завод и Музеј
2024 Прилеп, ДЛУП Годишна изложба, НУЦК Марко Цепенков
2024 Прилеп, „Современата уметност како инспирација за идните генерации“, НУ Завод и Музеј
2024 Прилеп, „Алегорични фрагменти“, НУЦК Марко Цепенков
2023 Прилеп, „Под нулата“, НУЦК Марко Цепенков
2023 Куманово, “Скулптури на новото време“, НУЦК Трајко Прокопиев
2022 Прилеп, „Уметниците во музеите – музеите со уметниците“, НУ Завод и Музеј
2022 Прилеп, ДЛУП Годишна изложба, НУЦК Марко Цепенков
2021 Прилеп, ДЛУП Годишна изложба, НУЦК Марко Цепенков
2020 Прилеп, ДЛУП Годишна изложба, НУЦК Марко Цепенков
2019 Прилеп, „Скулптури на новото време“, НУЦК Марко Цепенков
2019 Куманово, “Скулптури на новото време“, НУЦК Трајко Прокопиев
2018 Прилеп, „Изложба на ликовни автори“,
2016 Прилеп, ДЛУП ,,Бела ноќ“, НУЦК Марко Цепенков
2014 Прилеп, „5 години ДЛУП“, НУЦК Марко Цепенков
2013 Прилеп, Годишна изложба ДЛУП, НУЦК Марко Цепенков
2010 Скопје, Арт Институт – “Loading…“ , Стар геолошки завод

Ликовни колонии

2023 Прилеп, Ликовна колонија „Марко Цепенков – ДРЕН“
2022 Прилеп, Ликовна колонија „Марко Цепенков – ДРЕН“
2020 Прилеп, Меѓународен скулпторски симпозиум „Мермер“
2013 Прилеп, Камена колонија „Прилепски кринови“

Битолскиот театар со „Едмонд“ гостува на 34. МФКТ „Ристо Шишков“ во Струмица

Театарска сезона Народниот театар Битола ја започна со богат репертоар, а следуваат и гостувања по реномирани фестивали. Првото од нив е на 11 септември, кога претставата „Едмонд“ ќе биде изведена во рамките на 34. издание на Меѓународниот фестивал за камерен театар „Ристо Шишков“, кој се одржува во Струмица од 8 до 13 септември 2026 година.

Шест фестивалски вечери, извонредни камерни претстави, врвни актерски остварувања и незаборавни театарски мигови ќе одбележат уште една фестивалска приказна посветена на актерот и неговата уметност. Претставата е работена по делото на Дејвид Мемет, во режија на Оливер Мицевски.

„Едмонд“ го следи вртоглавото / спирално патување на бизнисменот Едмонд Бурк и неговите кошмарни 48 часа во њујоршкото подземје, каде што барајќи возбуда и среќа, од баналноста на неговата канцеларија и монотон семеен живот завршува како убиец и подоцна како затвореник, најверојатно осуден на доживотен затвор. Богат со многу параболи, референци на Хамлет и Библијата, прошаран со несекојдневно брутален јазик и агресивни сцени, главното прашање коешто ЕДМОНД го отвора е прашањето на слободата. Што е слободата всушност? Дали потрагата по слобода прави всушност, незабележително да станеме робови на својата (потрага по) слобода. Дали откажувањето / лимитирањето на своите желби го олеснува патот кон слободата? Не случајно, мотото на ЕДМОНД е : “Внимавај што посакуваш.” Иронично, Едмонд изјавува дека е конечно слободен и среќен дури на крајот, по сите перипетии, во затвор, со крајно лимитирана слобода на движење … Во времето во коешто живееме, каде што многу лесно може да имаме се, кога се ни е достапно, кога нашето “силување” на слободата не направи најнесреќни луѓе во историјата на човештвото, ЕДМОНД на Дејвид Мемет е повеќе од потребен како можност за рефлексија на сите нас, да се запрашаме кои сме, каде одиме и какви сакаме да бидемe.

Ликот на Едмонд го игра Огнен Дранговски, а покрај него во претставата се и: Валентина Грамосли, Соња Михајлова, Марјан Георгиевски, Ана Грамосли, Борче Ѓаковски, Александар Стефановски, Филип Мирчевски, Викторија Степановска-Јанкуловска и Маја Андоновска-Илијевски. Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата на Благој Мицевски, а музиката на Марјан Неќак.

Францускиот претседател Макрон бара забрана за социјалните мрежи во цела ЕУ за лица под 15 години

Францускиот претседател Емануел Макрон ја повика претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, да иницира изготвување европски закон со кој ќе им се забрани на лицата под 15 години пристап до социјалните медиуми.

Во писмото, Макрон побара мерки за „заштита на сите деца во Европската Унија“, нагласувајќи дека смета на „експертизата и активното учество“ на службите на Европската комисија во ова прашање.

Францускиот претседател оцени дека постојните правила повеќе не се доволни и дека е потребно да се воспостави единствено решение што ќе се применува во сите земји-членки на ЕУ.

Денес е Св. Фануриј, кој помага во исполнување на желбите, замесете лепче од 9 состојки за среќа

Великомаченикот Свети Фануриј Светата Црква го прославува на 27 август / 9 септември, а најмногу се слави во Македонија, Мисир, Родос и на островот Крит. Во XIV-век, при ископување околу градските ѕидови бил пронајден стариот храм и прекрасна икона, на која бил претставен Св. Фануриј како млад војник „многу страдален за Христос“. Во едната рака држел крст, а во другата-запалена свеќа. Тогаш Митрополитот Нил од Родос (1355 – 1369) го обновил храмот на Светителот. Во него ја поставил иконата на Св. Фануриј за луѓето да му се поклонуваат и да му оддаваат почит. Митрополитот напишал и посебна богослужба за Светителот. Во Мисир постои предание дека „неговата мајка била тешка грешница, која ни тој не можел да ја поправи“ (м. Тадеј, 84). Тој честопати го молел Бога за нејзино спасение. Свети маченик Фануриј настрадал заради верата во Христа. Бил каменуван од страна на назнабошците. Умирал тажен со очите подигнати кон небото. Од неговите очи течеле потоци од солзи, зашто неговата мајка не ја запазила Божјата заповед. Доживувајќи најголеми болки, крварејќи од ударите на острите и тешки камења, со разгорено срце, ја воздигнал душата кон Господа и од дното на срцето повикал кон Бога: „Заради овие мои маки за Тебе помогни им Господи на сите оние кои ќе ти се молат за спасението на Фануриевата грешна мајка“ (м. Тадиј, 84). Христијаните во Мисир го молат Бога со молитвата: „Спаси ја господи мајката на Св. Фануриј и помогни ми мене грешниот”.
ми мене грешниот“.

Според народното верување, на овој ден се замесува фанурија, лепче или колач од 9 состојки (не смеат да се ни помалку ни повеќе), за среќа.

За фанурија постојат бројни рецепти. Некои месат класично лепче со семиња, други благ колач.

Еден од рецептите за фанурија, можете да го пробате уште денес:

Потребни состојки:

350g брашно
250ml кисела вода (или Фанта)
250ml сок од портокал (и рендана кора од портокалот)
150g суво грозје
120g шеќер
1 филџанче масло
1 лажиче цимет
1 прашок за печиво
150g ореви

Начин на подготовка:

Сите состојки се ставаат во длабок сад и од нив се замесува колачот. Тестото се остава да постои малку, па се премачкува со вода или масло. Се пече на 200 степени околу 30 минути (или додека да биде готов и добие убава боја).

Aкциска на полицијата на подрачјето на СВР Битола – 52 казни за возачи на моторцикли, 25 за тротинети

На 07.09.2026 во периодот од 16:00 до 22:00 часот на подрачјето на СВР Битола е спроведена акциска контрола за санкционирање на прекршоците што ги прават возачите на мопеди и електрични тротинети.

За време на контролата преземени се 52 мерки против возачи на мопеди и мотоцикли, од кои 33 за некористење на заштитен шлем – кацига, четири за возење под дејство на алкохол, пет за необновена полиса за осигурување, еден за измината важност на сообраќајната дозвола и девет останати прекршоци.

Исто така, за време на акциската контрола преземени се 25 мерки против лица кои управувале електрични тротинети. Од нив 17 за некористење кацига и рефлектирачки елек навечер, две за управвуање по несоодветна површина, една против лице кое не наполнило 18 години и пет останати прекршоци.

При контролата откриени се и осум кривични дела по член 297-а од Кривичниот законик и одземени се осум моторни возила.

Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај.

50.000 луѓе на едно место! Дејвид Гета приреди шоу за паметење (ВИДЕО)

Скопје синоќа беше центарот на светската електронска музика. Околу 50.000 посетители се собраа на Националната арена „Тодор Проески“ за концертот на светската DJ-ѕвезда David Guetta, во спектакл кој се претвори во една од најмасовните музички вечери во поновата историја на земјата.

Арената беше преполна, а публиката ги исполни трибините и теренот, претворајќи го стадионот во огромна концертна сцена. Концертот беше распродаден, а организаторите уште пред настанот најавија дека се очекува бројката на посетители да надмине 50.000.

Гета на сцената пристигна со своето спектакуларно „The Monolith“ шоу, со моќен звук, ласери, пиротехнички ефекти, визуелизации и огромна продукција. Илјадници раце беа кренати во воздух, додека публиката ги пееше и танцуваше на најголемите хитови на францускиот DJ.

Пред настапот на Гета, атмосферата ја загреаја македонското DJ-трио Sempre и DJ Nikifor, по што околу 23 часот на сцената се појави главната ѕвезда на вечерта.

Концертот беше организиран како завршница на програмата по повод 35 години независност, а официјалната програма го потврдува настапот на David Guetta во Скопје на 8 септември како распродаден настан.

Со околу 50.000 луѓе на едно место, Скопје синоќа испрати спектакуларна слика – Националната арена „Тодор Проески“ беше преплавена со светла, музика и илјадници посетители, а настапот на Гета остави силен печат на прославата на јубилејот од независноста.

Скопје играше до доцна во ноќта – со десетици илјади луѓе и David Guetta зад пултот.

ИЗВОР: “КУРИР”

Удрил во пешак, па избегал од местото – Прилепчанец заврши во болница

-На 07.09.2026 во 03:50 часот во ОВР Прилеп било пријавено дека на бул.„Гоце Делчев” во Прилеп, патничко возило удрило во пешакот Н.Т.(72) од Прилеп, по што возачот со возилото го напуштил местото. Во несреќата, пешакот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Општа болница Прилеп. Увид на местото извршила екипа од ОВР Прилеп и се преземаат мерки за расчистување на случајот, информираат од МВР.

Прилепчанец возел пијан на патот Прилеп-Битола, па излетал од патот

-На 07.09.2026 во 10:30 часот во ОВР Прилеп е пријавено дека на патот Прилеп-Битола, во с.Тополчани, патничко возило „ауди“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од Т.Н.(48) од Прилеп, излетало од патот. Во несреќата, Т.Н. се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во болницата во Прилеп. При преземање мерки и вршење увид било констатирано дека Т.Н. го управувал возилото под дејство на алкохол, односно било констатирано присуство на 1,74 промили алкохол во крвта. Известен е јавен обвинител и по целосно документирање на случајот ќе следува соосветна пријава, информираат од МВР.