дома блог страница 375

Денеска е Благовец: Честит именден Благоја, Блаже, Блага, Благица…

Празникот Свето Благовештение се вбројува во постојаните празници и секогаш е на 7 април според новиот, (или на 25 март според стариот) календар. Меѓу народот повеќе е познат како Благовец, Благоец, Блошчојне…

Се смета за тежок празник поради што тогаш не се работи. Некои дури го сметаат за голем празник како Велигден поради што се вели: „Благовец, прв ден Велигден“. Тогаш се оди на именден кај оние што имаат име Благоја, Блаже, Благојка, Благица…

Свето Благовештение е празник на Пресвета Богородица, а со тоа е и денот на мајките, затоа што Богородица е заштитничка на сите мајки кои зачнале и станале мајки.

Тоа е ден на мајката која дала нов живот. Тогаш децата и благодарат на мајката, ја гушкаат и и даваат дарови во знак на љубов, почит и внимание. Мајките, пак, ги благословуваат децата и тие да имаат свои рожби и радости.

Така што првото нешто што треба да го направите тоа утро- бакнете ја мајка ви!

На овој ден се покажува особена сострадалност и помош кон сирачињата, кон бедните и кон унесреќените.

Оние кои сакаат да имаат деца да одат во црквите и манастирите, кај иконите посветени на Благовештение и да се помолат.

Според народните верувања овој ден е благ, па и раната не боли, па затоа на малите деца им ги дупат ушите за обетки. Се верувало дека Благовештение жените не треба да се чешлаат.

Со Благовец е поврзано и доаѓањето на птиците преселници, штркот, ластовицата, кукавицата, пупунецот, славејот и др. Се верува дека тие ќе дојдат на овој ден дури и да врне снег.

Девојките од БК “7-ми Мај” Прилеп маестрални! Се насмевнува одбрана на шампионската титула (ФОТО)

Вчера во Радовиш, се одржа Државното првенство за борачи и борачки до 20 години, натпревар од кој БК “7-ми Мај” од Прилеп се врати со одлични резултати и најверојатно ќе ја одбрани шампионската титула во женска конкуренција.

Поединечно девојките ги постигнаа следните резултати:

До 50 кг.

1.Марија Велјаноска – 7 Мај
2.Кристина Цветаноска – 7 Мај
3.Викторија Стојаноска – 7 Мај

До 53 кг.

1.Ангела Трајкоска – 7 Мај

До 55 кг.

1.Деспина Богоеска – 7 Мај

До 57 кг.

1.Викторија Спасовска – Киро Ристов
2.Оливера Мицеска – 7 Мај

До 62 кг.

1.Тамара Цветкоска – 7 Мај

СУПЕР ЕЛМАС! Македонскиот дијамант блеска во дресот на Торино – нов погодок денеска (ВИДЕО)

Елиф Елмас игра во одлична форма по враќањето во Калчото, денеска ја затресе мрежата на Верона и стигна до погодокот број 4 на осум натпревари во дресот на Торино.

Македонецот попладнево прекрасно погоди со лева од врвот на шеснаесетникот и им донесе бод на „биковите“.

Кошарката во Прилеп пропаѓа – бизнисмените немо гледаат, а народот жеден за спорт

Со само 6 победи и 14 порази, кошаркарите на Мега Баскет влегуваат во завршните две кола од Втората кошаркарска лига. По поразот денеска против Охрид на домашен терен (70:77), неизвесен е опстанокот на прилепската екипа во ова второ по ранг натпреварување.

Ако пред една година Мега Баскет играше плеј-оф за влез во Прва лига, сега ќе треба добро да се намачат за да останат во Втора, особено ако се земе во предвид дека во последните две кола прилепчани играат против водечките две екипи на табелата, прво против Маџари на гости, а потоа и против Ангели дома.

Табелата е следна:

Со оглед дека последните две екипи испаѓаат во Трета лига, прилепчани ќе имаат тешка задача да се одржат на десеттото место, со оглед на тоа тоа дека нивниот директен конкурент за опстанок, Навико Академија ФМП, во наредното коло игра против последниот Работнички 2018.

Како една од главните причини за резултатите сезонава, се спомнува слабата поддршка од бизнис секторот. Клубот кубури со средства и со услови за работа. Потребни се финансии за поголеми засилувања, потребно е итно враќање во употреба на Универзалната сала во Прилеп, ако сакаме кошарката да има континуитет, ако не тогаш најдобро да се навикнеме прилепските екипи да играат во општински лиги…

Денеска роденден слави eдна од најпознатите македонски естрадни уметници на сите времиња – прилепчанката Блага Петреска

Блага Петреска е родена на 6 април 1947 година во Прилеп. Завршила нижо музичко училиште во Прилеп, средно музичко училиште и Виша педагошка академија во Скопје. Три години работела како наставник во нижото музичко училиште во Прилеп, а три и пол децении како член на хорот при операта на Македонскиот народен театар во Скопје.

Ја играла насловната улога во драмата „Коштана“ заедно со Петре Прличко.

Првите снимки како изведувач ги направила со оркестарот на Кочо Петровски.

За РТБ, а подоцна за повеќе македонски издавачки куќи снимила голем број плочи, ЦД и други носачи на звук со разни оркестари и групи. Има снимено и дуети со Гоце Арнаудов Пеам да не заплачам, и со Ефто Пупиновски Песна може се, Зоро моја Зорице и Кај ме залуди Калино.

Добитничка е на следниве награди:

-Награда на “Фолк Фест Валандово” за песната “Заљуби се” 1-награда од публиката (1987)
-Награда на фестивалот “Цветници” за песната Песната може се заедно со Ефто Пупиновски со прва награда од жири-комисијата (1992)
-Награда од жири за пената “Колку чини тагата” на Фестивалот “Филиграни” (2008)
-Награда за животно дело 3-ноември (2010)
-Награда “Гран при” на фестивалот “Филиграни” (2016)
-Награда за животно дело на фестивалот “Тумба фест” Куманово (2021)
-Награда за трајни вредности на фестивалот “Прилеп фест” (2022)
-Награда за трајни вредности на фестивалот “Фолк Фест Валандово” (2022)
-Награда за животно дело Златна бубамара на популарноста (2023)

Еден од најтешките настапи во кариерата: „Ако утре ме нема“ од ДНК во изведба на Андријана Јаневска (ВИДЕО)

„Ако утре ме нема“ од ДНК во изведба на Андријана Јаневска заедно со Битолскиот камерен оркестар и Благојче Трајковски на кларинет.

-Еден од најтешките настапи во мојата кариера… Ако утре ме нема од ДНК ја изведов во придружба на Битолскиот камерен оркестар и Благојче Трајковски на кларинет, пиишува на социјалната мрежа на Фејсбук познатата македонска пејачка и универзитетски професор Андријана Јаневска.

75-годишен прилепчанец со автомобил удрил во свој сограѓанин на велосипед

-На 05.04.2025 година во 12.00 часот во Полициската станица Прилеп, било пријавено дека на улицата „Андон Слабејко“ во Прилеп, патничко возило „Опел“ со прилепски регистарски ознаки управувано од О.Ѓ.(75) удрило во велосипед управуван од М.Т.(50), инаку двајцата од Прилеп.

Во несреќата велосипедистот се здобил со тешки телесни повреди констатирани во Градската болница Прилеп.

Извршен бил увид од увидна екипа од ОВР Прилеп – информираат од ОВР Прилеп.

(Фото галерија) Настан полн со љубов и позитивна енергија: Во прифатилиштето “Хачико” во Битола одбележан Светскиот ден на бездомни животни

Вчера, во организација на прифатилиштето „Хачико“ кое го стопанисува ЈП Комуналец Битола, беше одбележан Светскиот ден на бездомните животни со топол и полн со љубов настан. Под ведро небо и во весела атмосфера, се собраа голем број активисти, волонтери и љубители на животните заедно со насмеани ученици и средношколци.

Младите имаа прекрасна можност да се запознаат и дружат со дел од милите штитеници на прифатилиштете кои ја почувствуваа грижата и топлината на човечкото срце кај нас во прифатилиштето. Освен игра и гушкање, учениците одблиску дознаа што значи да се биде активист и волонтер, и колку малите дела на добрина можат да направат голема разлика во животот на овие животни.

-Овие моменти нè потсетија дека секое животно заслужува љубов, топол дом и сигурност. Дури и една прошетка, насмевка или гушкање може да значи свет за нив. Ве охрабруваме сите што чувствувате љубов кон животните да се приклучите – како волонтери, донатори или едноставно со поддршка и споделување на приказните на овие мали херои. Заедно можеме да направиме многу за нив, чекор по чекор, шепа по шепа.
Упатуваме голема благодарност до сите кои го поддржаа овој настан
– велат од прифатилиштето “Хачико”.

Ветераните на “11-ти Октомври” Прилеп со триумф ја стартуваа сезоната

Денеска во Гевгелија започна втората одбојкарска сезона во ветеранска конкуренција. Оваа година лигата брои осум екипи, а Прилеп има свој претставник во екипата на “11 Октомври ветерани”.

На денешниот прв натпревар нашата екипа забележа триумф против екипата – домаќин Гевгелија со 2:0 (25:19, 25:20) во сетови, и со тоа ги освои првите бодови годинава.

Прилепската екипа настапи во следниот состав: Жарко Илиески, Теодор Ангелески, Зоран Пилоски, Димитар Стрезоски, Мартин Наумоски и Гоце Бурнески.

Второто коло е на програмата за седум дена во Струмица, каде што нашата екипа повторно ќе игра со домаќините. Потсетуваме, минатата година 11 Октомври ветерани играше на фајнал-фор турнирот.

Пронајден цел арсенал оружје во домот: Уапсено лице од прилепско, чиј син пукаше и се снимаше (ФОТО/ВИДЕО)

-На 05.04.2025 врз основа на споделен видеозапис на социјалната мрежа Facebook, а поради постоење на основи за сомнение за сторено кривично дело по член 288 и 396 од КЗ на РСМ, полициски службеници од ОВР Прилеп во содејство со полициски службеници од СВР Битола извршија претрес во с.Црнилиште Општина Долнени, во домот на Џ.Ќ.(51).

При претресот пронајдени се три парчиња оружје кои ги поседува со дозвола и тоа, полуавтоматска ловна пушка, репетирачки карабин и полуавтоматски пиштол, како и 395 куршуми различен калибар, 17 парчиња ловен патрон и еден ресивер поврзан на видеонадзор инсталиран во домот.

Пронајдените предмети се одземени поради сомнение за извршено кривично дело по член 288 од КЗ. Утврдено е дека лицето оружјето го поседувал со дозвола и истото привремено е одземено по што ќе следи постапка за одземање на дозволата за оружје. Џ. Ќ. е лишен од слобода, а се преземаат мерки за пронаоѓање на неговиот син А.Ќ. и за расчистување на случајот – информираат од МВР.