дома блог страница 364

Eдноставно е! Дајте им на битолчани да ги организираат сите натпревари на Македонија – ваква атмосфера нема никаде! (ВИДЕО)

Екипата на Еурофарм Пелистер во рамки на третото коло од плеј-оф разигрувањето во Супер лигата, триумфираше над Алкалоид со 30:28 и го задржа првото место на табелата.

Битолчани со сигурна игра итаат кон нова шампионска титула, но до крајот на првенството има уште 7 кола. Она што по којзнае кој пат остави впечаток беше громогласната атмосфера во спортската сала “Боро Чурлевски”, каде битолската публика приреди нов спектакл.

Едноставно е, дајте им на битолчани да ги организираат сите натпревари на националните селекции…. Резултатите со ваква атмосфера ќе бидат неминовни…

Во Гимназијата “Јосип Броз Тито” во Битола се одржува Државно првенство во кошарка (Фото галерија)

Федерацијата на училишен спорт на Македонија за учебната 2024/2025 година, организацијата на Државното првенство кошарка машки од средните училишта, ја додели на Општинскиот сојуз на училишен спорт на Битола.

Целокупната агенда на државниот настан, планот и програмата на Државното првенство ја презеде СОУ Гимназија ,,Јосип Броз Тито,, – Битола и Стручниот актив по спорт и спортски активности.

На настанот учествуваат: СОУ ,,Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија, СОУ ,,Др. Ибрахим Темо“ од Струга, СОУ Гимназија ,,Јосип Броз Тито“ од Скопје и СОУ Гимназија ,,Јосип Броз Тито“ од Битола.

Поздравни обраќања пред почетокот на настанот имаа директорката на СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито”, Лидија Споа и градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.

Преку програмата за млади и спорт, Општина Битола издвојува значајна поддршка на активностите на Сојузот на училишен спорт на Битола, а годинава поддршката е во износ од 1.500.000 денари.

“Сите идеали на овој свет, не вредат колку солзите на едно дете”: Советничка на ВМРО-ДПМНЕ во Кочани низ солзи, поднесе оставка – Болни сте по функции! (ВИДЕО)

Советничка на ВМРО-ДПМНЕ во Кочани, Кристина Атанасова-Арсова низ солзи си поднесе оставка од функцијата за време на изборот на в.д. градоначалник во Кочани.

-Ќе побарам прошка и извинување на сите граѓани кои дадоа глас за мене како дел од советничката листа, затоа што не успеав да реализирам многу работи бидејќи тие работи не беа приоритет за градоначалникот и раководството. Истите водени од своите суети, понесени од моќта на функциите, се грижеа само за своите интереси, истакна денеска советничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Кочани.

Советот денеска бира в.д градоначалник.

-Јас во оваа прилика сакам да ја доставам мојата оставка за советник до претседателот на Советот, Ова е страшно недостојно и понижувачки за мене и за сите кои ме гласале. Оние кои не ме знаат можат да ме критикуваат, а оние кои ме знаат ќе знаат зошто го правам тоа.

Јас во иднина ќе се посветам на моето дете кое е повредено и на сите деца кои се повредени. Сите идеали на овој свет не вредат колку солзите на едно дете, истакна советничката.

-На денешната седница каде имаме два кандидати за в.д градоначалник, за едниот кој се кажува како обичен човек, притоа заборава дека сите сме обични, за тој кој својот кредибилитет го гради само преку медиумски ситни реклами, човек кој не одговори на прашање заошто како советник сите овие години не се сетил да се запраша за правилностите или неправилностите во дискотеката, а тоа е веројатно затоа што му годела забавата во тој објект после користењето на забранети супстанци. За другиот заедно со своите блиски другарчиња, понесен од влијанието на позицијата тргнува по освојување на функционерска позиција притоа со физички напади, човекот кој не го гласаше Буџетот за 2025, а сега сака да раководи со него. Во оваа прилика сакам да ја доставам мојата оставка како советник“ – вели Атанасова Арсова.

Кристина Атанасова – Арсова, беше советник во советот на Општина Кочани, а претходно и директор на штипскиот Дом на култура „Ацо Шопов“.

Советникот Венко Крстевски, избран за в.д. градоначалник на Кочани

Советникот Венко Крстевски денеска е избран за в.д градоначалник на Општина Кочани. Кандидатурата на Крстевски со девет гласа беше подржана од советниците на СДСМ, а воздржано гласаше советничката од Левица. Членовите на Советот од ВМРО-ДПМНЕ својата поддршка му ја додадоа на нивниот координатор Гоце Марков.

Гласањето се одвиваше во два круг, при што во првиот според законските одредби се избира в.д градоначалник од вкупниот број членови на Советот – 19. Во поединечното гласање и двајцата кандидати добија по осум гласа, имајќи предвид дека советничката Кристина Атанасова Арсова од ВМРО-ДПМНЕ претходно си поднесе оставка и не гласаше. Поради тоа се премина на втор круг гласање кога изборот се прави со просто мнозинство од присутните советници. На повтореното поединечно гласање советникот Крстевски доби девет гласа, а неговиот противкандидат Мрков доби осум гласа.

По изборот за в.д градоначалникот, Крстевски се заблагодари за поддршката и нагласи дека во наредните шест месеци до локалните избори ќе работи на рехабилитација на градот по големата трагедија и поефикасно функционирање на институциите.

Членовите на Советот на Општина Кочани денеска избираа в. д градоначалник бидејќи градоначалникот Љупчо Папазов поднесе оставка и е еден од осомничените за пожарот во дискотеката „Пулс“ во кој загинаа 61 лице, а повеќе од 200 се повредени.

На 62. седница на Советот на Кочани кандидатура за в.д градоначалник поднесоа советникот Венко Крстевски, избран од група избирачи, додека од ВМРО-ДПМНЕ беше предложен координаторот на советничката група Гоце Марков. Кандидатите за в.д. градоначалник имаа кратки образложенија на своите кандидатури, по што на седницата беа изнесени низа лични дискредитации и навреди за и меѓу предложените кандидати. Поради тоа претседателот на Советот Лазо Митев даде едночасовна пауза, по која се гласаше за предлозите.

На седницата оставка поднесе советничката од ВМРО-ДПМНЕ Кристина Атанасова Арсова. Образложи дека неприфаќа вакво политичко препукување особено што и самата е засегната бидејќи нејзиното дете е едно од повредените во пожарот во дискотеката Пулс.

Прес-конференција одржаа и советниците на СДСМ, кои искажана подготвеност да не делуваат политички во следниот период. Ќе дадат поддршка на в.д градоначалникот и нема да истакнуваат свои предлози за раководители на општинските институции и претпријатија.

Пред оставката на Атанасова Арсова, во Советот на Општина Кочани имаше 19 членови, од кои девет се од ВМРО-ДПМНЕ, осум од СДСМ, еден независен и еден од Левица.

Николоски во посета на Обединетите Арапски Емирати: Ги прошируваме можностите за соработка и инвестиции во инфраструктурата

Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски е дел од високата делегација предводена од претседателот на Владата, Христијан Мицкоски каде заедно со други владини претставници се во работна посета на Обединетите Арапски Емирати. Во рамки на посетата предвидени се низа економски средби со претставници на државни инвестициони фондови и бизнис комори.

На својот фејсбук профил, вицепремиерот Николоски напиша:

-Деновиве сум дел од високата делегација предводена од Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски во Обединетите Арапски Емирати каде што се предвидени бројни средби и тематски состаноци.

Планирани се повеќе средби на повеќе теми меѓу кои можностите за економска соработка, потенцијалните инвестиции и можни инфраструктурни проекти. Официјалната посета на Обединетите Арапски Емирати е на покана од Неговото Височество Шеикот Мухамед Бин Зајед Ал-Нахјан, претседател на ОАЕ и владетел на Емиратот Абу Даби.

Во рамки на посетата ќе оствариме средба со претседателот на ОАЕ воедно и владетел на Емиратот Абу Даби, Н.В. Шеикот Мухамед Бин Зајед Ал-Нахјани и со Н.В. Шеикот Мохамед бин Рашид Ал Мактум, потпретседател и премиер на ОАЕ, и владетел на Емиратот Дубаи, како и повеќе државни инвестициони фондови на Емиратот Абу Даби и стопански комори, објави вицепремиерот Николоски.

Двајца од кочанската трагедија се во критична состојба, една пациентка била двапати реанимирана

Министерот за здравство, Арбен Таравари информира дека од вкупно 57 пациенти од кочанската трагедија кои се лекуваат во Скопје и странство, само двајца се во критична состојба. Сите други пациенти се екстубирани и некои се на рехабилитација.

Една пациентка која што двапати беше реанимирана, денеска е на Пластична хирургија и е во многу подобра состојба. Почна да се движи. Добар пример за пациент кој што беше многу тежок, а наскоро ќе продолжи со лекување дома, кажа Таравари на денешната прес-конференција.

Министерот очекувал над 50 пациенти кои што би требало подолгорочно да се третираат. Во Литванија еден пациент ќе остане уште еден месец, со цел негова целосна рехабилитација.

 

Изложбата „Арте (фициелни) факти во проширена реалност“ од уметницата Марија Трпеска, во среда пред прилепчани

На 16 април 2025 /среда/ од 18.00 часот во Ликовната галерија на ЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата „Арте(фициелни)факти во проширена реалност“ од уметницата Марија Трпеска. Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам во програмата за 2025 година.

За проектот:

Проектот „Арте(фициелни)факти во проширена реалност“се фокусира на Ромите и ромската култура, стереотипите поврзани за Ромите и колку се тие прифатени и видливи во општеството како рамноправни граѓани во нашата држава. Работејќи со нив, она што можев да го искусам е дека иако можеби кај нас со закон се утврдени нивните права како етничка заедница, сеуште секојдневно се жртви на дискриминација, расизам, говор на омраза и повреда на човечкото достоинство не добивајќи еднаков третман во општеството во однос на останатите етнички заедници коишто живеат во нашата држава.Оваа отфрленост и нееднаквост може да се забележат во различни аспекти од нивниот живот, вклучувајќи го пристапот до образование, здравство, вработување и социјални услуги. Еден од најголемите предизвици е токму нивната невидливост и маргинализација во општеството, што дополнително ги комплицира нивните обиди за интеграција и еднаков третман. Имајќи го во предвид фактот дека ромската заедница има само нематеријално културно наследство, проектот почна да се развива комплексно и ми го отвори главното прашање за тоа како да се создаде продукција која ќе зборува за афирмација и прифаќање на различноста на Ромите како заедница, без обид за „еманципација“ или реобликување на наративите за нивната не толку наклонета судбина низ историјата и нивниот рецентен живот; како да се создаде  поинаква реалност од онаа што претставува стереотип за Ромите и нивниот начин на живеење.

Од етички аспект, истражувањето е водено од принципите на репрезентативна правда, односно правото на заедниците да бидат претставени на начин што ја рефлектира нивната реалност и нивните перспективи. Во процесот на собирање податоци и создавање на дигитални артефакти, главен приоритет беше да се избегне екплоатација на заедницата или сензационализирање на нејзините предизвици. Наместо тоа, се избра пристап кој ја нагласува агендата на поединците и заедницата – нивната историја, нивната борба за права и нивните креативни можности.

Проектот „За сите засегнати: Арте(фициелни)факти во проширена реалност“ е резултат на мултидисциплинарен пристап кој ги комбинира дигиталните технологии, уметничката практика и општествено ангажираната истражувачка методологија. Истражувањето се потпира на концептот на културно мапирање, каде што симболите, наративите и дигиталните артефакти се користат за да се постават нови културни обележја на мапата на јавната меморија. Во овој процес, методологијата вклучува анализа на постоечките стереотипи и репрезентации за Ромите, но и активно создавање на нови прикази кои ја преиспитуваат оваа реалност. Мотивацијата за ова истражување произлегува од потребата за преосмислување на сликата за ромската заедница, која честопати е сведена на маргинални или негативни претстави. Наместо да се прифати постојниот статус кво, проектот има за цел да отвори нов простор за размислување и перцепција – преку проширена реалност, дигитални медиуми и автономни платформи кои го надминуваат традиционалниот галериски и институционален простор. На овој начин, тој создава нови точки на видливост за заедницата и нејзините членови, во контекст кој не е контролирано дефиниран од надворешни факторивели уметницата.

Поставката ја сочинуваат видеа, фотографии и објекти, реализирани со соработници и ко-автори на проектот кои ја доловуваат проширената реалност која не е стереотип за Ромите и ромската заедница, напротив, уметничката продукција ќе се обиде да ја претстави онаа страна на заедницата на која многу малку и се обраќа внимание: успесите, заложбите, изминатиот пат во борба со системот и надежта за подобро утре.

Марија Трпеска дипломирала на ФЛУ Скопје во 2017 година отсек ликовна педагогија со сликарство. Во моментот е на постдипломски студии на ФЛУ Скопје – отсек сликарство. Нејзината уметничка работа има интердисциплинарен карактер. Третира социјални теми и преку нејзините дела дава на значаење на личности или групи кои се поврзани со уметноста, потенцирајќи ја нивната уникатност, важност и улога во општеството. Добитник е на наградата „Четирите мајстори на модернизмот“ во 2017 година.

ИГОР СТЕФАНОВСКИ ИЏЕ СО ПОБЕДА ЈА ЗАПОЧНА НОВАТА СЕЗОНА ВО ФИА ЕВРОПСКИОТ ШАМПИОНАТ НА РИДСКИ ПАТЕКИ

Летечкиот Македонец, Игор Стефановски Иџе во новиот ФИА Европскиот шампионат на ридски патеки (еHC) стартуваше со победа и тоа во тешки временски услови. Изминатиов викенд во Франција на патеката Сан Жар Ду Гард стартуваше новиот ФИА Европскиот шампионат на ридски патеки, кој годинава има 11 трки.

„Првата трка заврши. Не беше онака како што очекувавме. Ова е една од најтешки трки која сум ја возел досега. Врнежливото време и маглата создаваат невозможни услови за возење. Ова се гладијаторски трки. Возите со голема брзина, а видливоста е мала. Во мојата група сум прв, но не можам да се радувам, затоа што моите најголеми конкуренти имаат стравотни излетувања и ги искршија своите возила. И јас имав мало излетување, но за среќа не го повредив возилото многу. По моето возење организаторот одлучи да ја прекине трката, поради лошите временски услови. Ние завршивме први, но ова е трка која посакувам да не се повтори“ изјави Стефановски.

Стефановски и годинава се трка со автомобилскиот ѕвер од Ферари 488 B8, специјално дизајниран за овие патеки. Стефановски е победник во Европскиот шампионат на ридски патеки, во група 1.

Тимот на Видеолотарија Касинос Австрија му честита за оваа неверојатна трка. И во следните 10 трки од ФИА Европскиот шампионат на ридски патеки (еHC), ќе бидеме дел од неговиот тим. Ние сме горди што повеќе од една деценија заедно навиваме за Иџе и Македонија.

Филмот „Црно семе“ во Кино ,,Браќа Манаки” Битола по повод истоимената премиера во Битолски театар

Културен и информативен центар – Битола се вклучува во кампањата за промоција на премиерата на претставата “Црно семе” во продукција на НУ Народен Театар Битола и за таа цел на 14 и 15 април со почеток во 19 часот во Кино Браќа Манаки Битола ќе го проектира истоимениот култен македонски филм работен според сценарио на Ташко Георгиевски и Кирил Ценевски “Црно семе”.

Битола живее со животните приказни на Доне, Христо, Парис, Марко, со тешката судбина на нашите Македонци од Егејска Македонија.

Дејството е лоцирано во времето на Граѓанската војна во Грција (1946) кога припадници на кралската грчка војска, во чиј состав влегуваат и Македонците од Егејска Македонија, под обвинение дека се комунисти и непријатели на кралска Грција, се казнуваат со упатување во логор на пуст остров. Поради своите убедувања и етничкото потекло, некои од нив ги совладуваат сите тешкотии, задржувајќи го своето човечко достоинство. Други, пак, не успеваат во тоа, и наместо очекуваниот спас, доживуваат целосен морален пад.

Од многубројните домашни и меѓународни награди за филмот, најзначајна е Златната арена во Пула. Во филмот нема музика, иако за истиот ја направил композиторот Илија Пејовски.

Конечното решение било на одјавната шпица да оди песната ‘Со маки сум се родила’. На една затворена проекција пред премиерата, Ценевски забележал дека некој во публиката пролеал солзи и децидно побарал да се исфрли музиката. Рекол ‘Не сакам да се плаче на мојот филм’. Така ‘Црно семе’ остана без ниту една нота. Музиката во ‘Црно семе’ ја правеа птиците, брановите и тишината“.

Филмот е снимен во 1971, а во 2019 кинотеката на Македонија ги прикажа четирите играни долгометражни филмови на режисерот Ценевски кои дигитално ги реставрираше и ги објави во комплет на ДВД. Ценевски беше првиот добитник и на наградата „Големата ѕвезда на македонскиот филм“, награда што ја воспостави Друштвото на филмските работници и ја доделува на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола.

Во филмот играат: Дарко Дамески, Ацо Јовановски, Ристо Шишков, Мите Грозданов, Ненад Милосављевиќ, Воја Мириќ, Павле Вуисиќ, Вукан Диневски.

Влезниците во киното Браќа Манаки се бесплатни.

Премиерата на претставата „Црно семе“ во Битолскиот театар е на 16 -ти април и е целосно распродадена.

Повисоки плати за сите вработени во образованието за 12 проценти, во еден мандат зголемување ќе има од 46% до 60 %

СДС и ДУИ го девалвираа и уништија образованието изминатите 7 години. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ работи за да воспостави напреден воспитно-образовен систем, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

„Образованието е еден од клучните столбови на државата и има клучна улога во обликувањето на поединецот. Владата предводена од ВМРО ДПМНЕ креира национална образовна стратегија креирана со општ консензус. Владата предводена од ВМРО ДПМНЕ се грижи за сите вработени во образованието и ги покачи платите за 12 проценти“, потенцираа од партијата.

„Просветните работници и сите вработени во образованието добија покачување од 12 проценти. Првото покачување од 5 проценти го добија со септемвриската плата исплатена во октомври минатата година. А второто покачување од 7 проценти го добија со мартовската плата, исплатена во април.

Вработените во образованието ќе добијат од 46 до 60 проценти повисоки плати во еден мандат.

Историско зголемување на платите во образованието. Најмалку 46% до 60 проценти поголеми примања во следните четири години ќе добијат вработените во основното и средно образование.

Октомвриската плата исплатена минатата година беше повисока за пет проценти, потоа со мартовската плата 2025-та, која беше исплатена во април 2025-та седум проценти дополнително зголемување, а од март 2026-та ќе има дополнително покачување меѓу 7,5 и 10 проценти во зависност од состојбата на буџетот, март 2027-ма повторно помеѓу 7,5 и 10 проценти и март 2028-ма помеѓу 10 и 12,5 проценти.

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ работи на сеопфатно подобрување на образовната структура“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ со активни политики работи на задржување на младите и реализирање на нивниот потенцијал во Македонија, потрнцираат од партијата.