дома блог страница 34

Поднесен предлог закон: Се предлага зголемување на помошта за новороденчиња: 18.450 денари за прво, 36.900 за второ и 52.275 денари за трето дете

Во Собранието е доставен предлог за измени и дополнувања на Законот за заштита на децата, со кој се предвидува значително зголемување на еднократната парична помош за новороденчиња.

Предлогот е поднесен од независниот пратеник Миле Цеков, кој во Собранието влезе како претставник на ЗНАМ, а подоцна ја напушти партијата.

Со предложените измени, еднократната помош за првородено дете би се зголемила од сегашните 5.000 на 18.450 денари, додека за второ новороденче наместо 20.000 денари би се исплаќале 36.900 денари.

Како новина, се предлага воведување еднократна парична помош од 52.275 денари за близнаци, како и за трето и секое наредно новородено дете.

Во образложението на предлог-законот се наведува дека измените имаат цел да обезбедат поголема материјална поддршка за семејствата во услови на зголемени животни трошоци и повисоки издатоци поврзани со раѓањето и одгледувањето деца.

Според предлагачот, повисоките износи треба да помогнат во намалување на финансискиот товар за родителите и да овозможат подобро покривање на основните потреби на новороденчињата во периодот по раѓањето.

Со предлогот се проширува и опфатот на еднократната помош, со вклучување на семејствата со близнаци, трето и секое следно дете.

За предвидените измени да стапат во сила, предлог-законот треба да ја помине собраниската процедура.

„Пинокио“ на на Битолскиот театар го отвора театарскиот фестивал за деца „Силјан Штркот“ во Прилеп

Седмото издание на театарскиот фестивал за деца „Силјан Штркот“, ќе се одржи од 18 до 25 септември 2026 година во Прилеп.

Претставата „Пинокио“ во изведба на НУ Народен театар – Битола, на 18 септември во 12:00 часот ќе го отвори фестивалот.

Посетете ја претставата заедно со вашите најмали и дозволете му на Пинокио да ве потсети дека секоја голема приказна започнува со детската фантазија. Се работи за приказна што и по повеќе од еден век нè потсетува дека патот до тоа да станеш „вистински“ минува низ искушенија, грешки и храброст. Детската претстава не е само забава. Таа е првото место каде што детето учи да препознава чувства, да поставува прашања, да разликува добро од лошо, да верува, да сонува и да ја користи својата фантазија.

А кога родителот е покрај него во таа приказна, доживувањето станува уште повредно. Заедно се смеете, заедно се чудите, заедно навивате за храброста и заедно разговарате за она што сте го виделе.

Затоа, одвојте два часа од секојдневието и подарете му на вашето дете нешто што ќе го памети – театар.

„Пинокио“ од Карло Колоди, во режија на Деан Дамјановски, е приказна за растењето, изборите, искреноста, љубовта и патот кон тоа да станеме подобри. Главниот лик го игра Никола Стефанов, а во останатите улоги се: Валентина Грамосли, Марјан Георгиевски, Јулијана Мирчевска, Маја Андоновска Илијевски, Катерина Аневска Дранговска, Александар Димитровски, како и децата од Театарска школа „Бабец“: Ана Анѓелевска, Стефан Доневски, Матеа Василевска, Лина Трампевска, Николина Јанкоска, Ана Марија Каранфиловска, Војдан Мавровски, Николај Илијевски, Марија Јовев, Андријана Мемет, Каја Крстевска.

Композитор е Марјан Неќак, сценографијата е на Сергеј Светозарев, костимографијата на Андреј Ѓоргиевски, изработка на маски Сара Милевска, ментор на театарската школа Бабец Јулијана Мирчевска.

Фестивалот има за цел да им го овозможи на децата нивното прво театарско доживување и да ја развие нивната имагинација и љубов кон културата уште од најрана возраст. Истиот е во организација на Здружението Мал Театар од Прилеп, со поддршка и покровителство на Општина Прилеп, Министерството за култура и туризам, како и во соработка со Центарот за култура „Марко Цепенков“, каде што се играат најголемиот дел од претставите.

Браво! Директорка за пример, љубител на кошарката! Сменети голем дел од рефлекторите, утре преостанатите три

Oткако Маркукуле објави за проблемите со осветлувањето во спортската сала во ООУ “Добре Јованоски”, стигна експресна реакција од раководството на училиштето.

Директорката Панде Николоска, веднаш изнајде начин да се променат најголем дел од прегорените рефлектори и да се санира оштетувањето на дел од неонките, кои висеа и претставуваа опасност, како за учениците, така и за спортистите кои ја користат оваа сала за натпревари и тренинзи.

Апелот пристигна од родители на кошаркари од младинската екипа на Мега Баскет, кои ги следеле тренинзите и забележале дека нивните деца можат многу лесно да бидат повредени од некоја од неонките во салата.

Сега сето тоа е санирано! Секоја чест за директорката на училиштето, која покажа дека води грижа за учениците, но и спортистите, за нивното здравје, како и за условите за спортување во салата.

ВЛТ НАВИВА: ВАРДАР ПРОТИВ НАНТ, НОВ ЕВРОПСКИ ПРЕДИЗВИК ЗА „ЦРВЕНО-ЦРНИТЕ“

По враќањето во елитното европско натпреварување, РК Вардар 1961 продолжува со големите предизвици во Лигата на шампионите. „Црвено-црните“ вечерва, од 18:45 часот, во СЦ „Јане Сандански“ го пречекуваат францускиот Нант во натпревар од 2. коло.

По петгодишната пауза од Лигата на шампионите, секој европски натпревар за Вардар носи посебна енергија. Кога се игра пред домашната публика, „Јане Сандански“ повторно станува место каде што ракометот, емоцијата и навивачката страст се спојуваат во едно.

Нант е сериозен европски противник, но Вардар низ својата историја повеќепати покажал дека на домашен терен знае да одигра големи натпревари. Поддршката од трибините ќе биде важен дел од атмосферата во која „црвено-црните“ ќе го бараат патот до нов европски успех.

Како партнер и силен поддржувач на клубот, Видеолотарија Касинос Австрија и овојпат е со Вардар, со поддршка за тимот во новата европска сезона.

Пред големиот ракометен дуел, Вардар подготвува вистински спектакл и за своите навивачи. Два часа пред почетокот на натпреварот, од 16:45 часот, на платото пред СЦ „Јане Сандански“ ќе биде отворена голема црвено-црна фан-зона за сите љубители на Вардар. Посебно место во фан-зоната ќе имаат двата трофеи од Лигата на шампионите, освоени од Вардар во 2017 и 2019 година. Пехарите ќе бидат изложени за навивачите, кои ќе имаат можност да се фотографираат со највредните трофеи во историјата на клубот.

И тимот на ВЛТ ќе биде тука, заедно со вардаровите навивачи.

Компанијата WIK донираше 25 детски креветчиња за најмалите пациенти во прилепската болница

Компанијата WIK продолжува со својата хумана мисија и поддршка на здравствените установи, овојпат со донација од 25 детски креветчиња за најмалите пациенти во прилепската болница.

Од болницата упатија благодарност до компанијата за донацијата, истакнувајќи дека ваквата поддршка придонесува кон создавање подобри услови за лекување и престој на децата.

Ова не е прва донација од WIK за прилепската болница. Минатата година компанијата донираше и апарат за видео ЕЕГ, со што повторно покажа дека грижата за најмладите и унапредувањето на здравствената заштита се дел од нејзината општествена одговорност.

„Од срце благодариме на компанијата WIK за донацијата на 25 детски креветчиња за нашите најмали пациенти. Минатата година, WIK ни донираше и апарат за видео ЕЕГ, а и оваа година повторно ја покажува својата хуманост и грижа за децата“, посочија од прилепската болница.

Со ваквите донации се создаваат подобри услови за најмалите пациенти, а поддршката од општествено одговорните компании претставува значаен придонес во унапредувањето на болничката грижа.

Заедно се прават големи дела за малите херои.

„Glue“ – нова хумана приказна од Прилеп: Со „Конкурент Party“ започнува поддршката за лицата со малигни заболувања

Во Прилеп започнува да се гради една нова хумана приказна, поттикната од желбата лицата со малигни заболувања и нивните семејства да не се чувствуваат сами во периодот кога им е најпотребна поддршка. Станува збор за организацијата „Glue“, чија цел е да придонесе кон поквалитетен живот на овие лица, преку помош, информации, достапни услуги и полесно справување со предизвиците што ги носи болеста.

Визијата на организацијата е да создаде систем на поддршка кој ќе ги опфати различните потреби на пациентите – од моментот на дознавање на дијагнозата, па сè до почетокот и текот на понатамошното лекување.

За почеток, активностите ќе се одвиваат во Прилеп, каде што е предвидено отворање на посебно катче за поддршка на лицата со малигни заболувања. Идејата е на едно место да се обезбедат различни лекови, препарати и други средства што пациентите често ги бараат во различни градови и држави, а кои не секогаш им се лесно достапни.

Покрај тоа, организацијата планира да обезбеди и психолошка поддршка преку група психолози, како и советување за исхрана со помош на нутриционисти. Предвидена е и помош при организирање превоз до Скопје, како и обезбедување информации и поддршка за пациентите полесно да се снајдат во процесот на лекување и да ги остварат потребните контакти со здравствените установи и онколозите.

Во рамките на катчето се планира да има и перики, турбани и различни помагала што би им биле потребни на лицата кои се соочуваат со последиците од лекувањето.

Од организацијата посочуваат дека лековите и услугите ќе бидат бесплатни за лицата кои не можат самостојно да си ги дозволат, а средствата за нивно обезбедување ќе се собираат преку хуманитарни забави и други настани.

Првата хуманитарна забава на 19 септември во „Империја“

Почетокот на оваа иницијатива е предвиден за 19 септември 2026 година (сабота), кога во ресторанот „Империја“, на патот Прилеп–Македонски Брод, кај Новоселани, ќе се одржи првата хуманитарна забава во организација на „Glue“.

Настанот е замислен како прво издание на „Конкурент Party – Glue org.“, со кој се испраќа порака дека и покрај конкуренцијата, локалните бизниси можат заеднички да се забавуваат, да се дружат и да придонесат за една хумана цел.

На првата забава се поканети управителите и персоналот од маалските кафулиња во Прилеп, но добредојдени се и сите хумани луѓе кои сакаат да бидат дел од оваа иницијатива.

За музичкиот дел ќе се погрижи Викторија Ефтимова со нејзиниот бенд, додека за гастрономското искуство ќе биде задолжен кетерингот „Мерак“. По забавата е предвиден и after party со DJ, чие име организаторите го чуваат како изненадување.

📅 Датум: 19.09.2026 (сабота)
🕗 Почеток: 20:00 часот
📍 Локација: Ресторан „Империја“, патот Прилеп–Македонски Брод, кај Новоселани
🎟️ Карта: 1.000 денари
🍽️ Во цената: Храна и еден аперитив
📞 Резервации: 075 357 992

На менито на кетерингот „Мерак“ се предвидени Цезар и шопска салата, похована даска со кашкавал, пирошки, пилешки прсти и зденки, ребро во рерна, кременадли во BBQ сос, пилешко во сос и десерт.

Организаторите најавуваат дека ова е само почеток на низа хуманитарни забави, но и културно-уметнички собири, преку кои ќе се обезбедуваат средства за функционирање на организацијата и помош за лицата на кои им е најпотребна.

На 19 септември, во ресторанот „Империја“, не се поставуваат само темелите на една организација, туку и на една заедничка идеја – дека со добра организација, солидарност и човечност, можеме да направиме многу за оние кои се соочуваат со тешки животни предизвици.

“На 15-ти септември по еден вработен во секое семејство”, рече Црвенковски еднаш од Прилеп – Се сеќаваме на една од најголемите политички лаги

Денес е еден од “најславните” датуми во историјата на Македонија, за жал граѓаните го паметат по најголемите лаги во историјата на независна Македонија.

Еве како тогашниот лидер на СДСМ, а подоцна и Претседател на државата, Бранко Црвенковски, со огромни ветувања ги убедуваше прилепчани и сите во државата дека од 15-ти септември нема да има ниту едно семејство без еден вработен.

Во позадина на сцената стои и поранешниот премиер на државата, Зоран Заев.

Работна посета на заменик-министерот Ристески на Република Словенија – фокус на трудот и трудовата мобилност

Во рамки на посетата, заедно со претставници од повеќе институции ќе се реализираат работни средби со високи претставници од релевантните институции во Република Словенија во однос на законската рамка, институционалните практики и примената на правото на Европската Унија во областа на трудот, миграцијата и трудовата мобилност.

Во рамки на престојот ќе бидат посетени и реализирани средби со високи претставници на Министерството за економија, труд и спорт, Агенцијата за вработување на Словенија, Министерството за внатрешни и јавни работи, како и Канцеларијата за поддршка и интеграција на мигранти, каде ќе се презентираат искуствата на Република Словенија во примената на релевантното законодавство на Европската Унија и практичното спроведување на политиките во оваа област.

Целта на студиската посета е размена на искуства кои ќе дадат придонес во унапредувањето на политиките и институционалната рамка во областа на трудот и трудовата мобилност, во согласност со европските стандарди.

Студиската посета е организирана од страна на Меѓународната организација за миграции (ИОМ), во рамки на проектите „Искористување на потенцијалот на дијаспората за напредување во пристапувањето кон Европската Унија и мобилноста на работната сила во Западен Балкан“ и „Регионалната програма за управување со миграцијата (RMGP) – фокус на Западен Балкан и Република Турција“.

Мицкоски со владина делегација во САД: Планирани средби на високо ниво, со државници и финансиски институции

Премиерот Христијан Мицкоски денеска, со владина делегација заминува во посета на Соединетите Американски Држави (САД). Предвидено е да има средби во Сенатот, Конгресот и Стејт департментот, со претставници на финансиската институција DFC, со државници и со влијателни тинк-тенк организации.

Мицкоски ќе престојува во Вашингтон, но ќе учествува и на годинешното собрание на Обединетите нации во Њујорк. Како што информира синоќа, засега нема во план средба со бугарската делегација.

– Во Њујорк, на маргините на годинешното Генерално собрание на ОН, ќе се сретнам со голем број државници. Имаме веќе потврдени средби. Во принцип се ориентиравме на соседството, се разбира, тука е оној прием, нормално, од страна на претседателот на Соединетите Американски Држави. Ќе се обидеме да имаме билатерални средби и со земји од Заливот, каде што цениме дека треба да градиме добри и солидни партнерски врски. Инаку, што се однесува на состанок со бугарската делегација, до овој момент немаме во план таква средба, напомена премиерот.

Во врска со средбата на лидери од Западен Балкан што за време на генералните собранија вообичаено ја организира делегацијата на Европската Унија во Њујорк, Мицкоски, за условите на Бугарија за промена на Уставот и за позицијата на Македонија за гаранциите повтори дека оваа Влада води јасна политика без да прави какви било естрадни потези.

-Ние ставовите не ги менуваме инстант или преку ноќ, зашто кога градиме став, тоа е процес што долго трае. Антиципираме сè што можеме во тој момент, така што нашите ставови се повеќеслојни, не се ставови што ад-хок ги градиме, па по потреба ги менуваме. Не правиме такви естрадни потези, водиме јасна политика која нуди гаранции на подолг рок. Тоа е стратегијата што ја има оваа Влада. Инаку, таков, да, состанок е потврден. Кој ќе присуствува – во зависност од нивото – дали јас или министерот за надворешни работи, доколку е шефови на држави или претседатели на влади, се разбира дека ќе бидам јас, доколку нивото е на ниво на министри за надворешни работи, тогаш министерот за надворешни работи ќе биде, рече Мицкоски.

Најди работнци, продај недвижност, изнајми простор…. Контактирај не’ и твојот оглас ќе биде со загарантиран успех

Барате работници? Сакате да продадете недвижност? Имате простор што сакате да го издадете? Маркукуле ви помага полесно да стигнете до вистинските луѓе!

Вашиот оглас може да стигне до голема и активна публика!

🔹 Најдете работници – огласете ја вашата потреба од работен кадар,

🔹 Продадете недвижност – стан, куќа, земјиште или друг имот,

🔹 Издајте простор – деловен или станбен простор под кирија,

🔹 Купете, продадете или изнајмете – објавете што барате или што нудите.

Зошто да огласувате преку Маркукуле?

Затоа што вашиот оглас заслужува да стигне до што е можно повеќе потенцијални заинтересирани. Со голема и активна публика, Маркукуле ви овозможува брзо и едноставно да ја претставите вашата понуда или потреба пред луѓето.

Најлесно, најбрзо, до голема публика!

Вашиот оглас може да биде првиот чекор до нов работник, купувач, закупец или успешен договор.

📩 Огласите испраќајте ги на [email protected] или во порака на нашата Фејсбук фан страна: Маркукуле.мк

Побарајте нè да се договориме!

🤝 Маркукуле – вашиот портал, ваш партнер!