дома блог страница 348

20-годишно момче од Битола возело со 148км/ч на место каде е дозволено двојно помалку

На 24.09.2025 на патот Охрид-Ресен, кај место викано „Рибник”, полициски службеници од ОВР Ресен го лишија од слобода Д.В.(20) од Битола. При контрола со радар во сообраќајот, полициските службеници констатирале дека тој управувал возило „фолксваген“со битолски регистарски ознаки со брзина од 148 километри на час на место што брзината со сообраќаен знак е ограничена на 70 километри на час.

Тој е задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе следува пријава по член 297-а од Кривичниот законик – ,,безобѕирно управување со моторно возило“.

Прилеп ќе има нова енергија во Советот: Претставена советничката листа на “Движење Знам За Наша Македонија”

Движењето “ЗНАМ за наша Македонија” со сопствена советничка листа ќе настапи на престојните локални избори во Прилеп. Листата е составена од луѓе со интегритет, луѓе професионалци од различни општествени профили, луѓе кои секој ќе ги препознае и кои можат да гарантираат заложба за развој на градот во годините кои следат.

Носителка на листата е Мирјана Стеваноска, искусна адвокатка со над дваесет години професионално искуство, позната по својот придонес во урбанизмот. Таа и целиот тим се решени да донесат позитивни промени, да создадат поубав и посреќен Прилеп и да постават нови стандарди во локалната власт.

Советничката листа е официјално презентирана од претседателот на Движење Знам За Наша Македонија – Прилеп, Емил Јанески, кој го истакнува значењето на тимот и нивната посветеност кон граѓаните на Прилеп, а ние ја споделуваме целосната презентација со јавноста.

Кандидатите од листата се искрени, одговорни и посветени на интересите на граѓаните. Тие се подготвени да носат одлуки и да ги движат процесите напред, со цел да обезбедат реални решенија за Прилеп.

Од Движењето “ЗНАМ за наша Македонија” повикуваат граѓаните да го поддржат тимот кој ќе гарантира подобар Прилеп.

Крушево домаќин на настан по повод Светскиот ден на туризмот: „Одржлива трансформација во туризмот“

По повод Светскиот ден на туризмот, кој традиционално се одбележува на 27 септември, Министерството за култура и туризам в сабота организира настан во Крушево, на тема: „Одржлива трансформација во туризмот“.

Настанот има цел да поттикне дијалог и размена на искуства меѓу професионалците од туристичкиот сектор, локалните заедници и институциите, со фокус на добра практика и иновативни решенија кои придонесуваат за одржлив развој во туризмот.

Во рамките на програмата ќе се одржи панел-дискусија со учество на претставници од туризмот и носители на иницијативи за одржлив туризам. Ќе бидат презентирани конкретни примери на успешни приказни, како и идеи за подобрување на туристичката понуда на национално и на локално ниво.

Покрај дискусиите, посетителите ќе имаат можност да уживаат и во богата програма, која вклучува: презентација на традиционални занаети, дегустација на крушевски специјалитети, активности на отворено – јавање коњи, велосипедизам и кајакарење по езерото.

Министерството за култура и туризам ги поканува медиумите, туристичките професионалци, локалните чинители и сите заинтересирани граѓани да присуствуваат и да бидат дел од овој настан, насочен кон унапредување на поодржлив, поконкурентен и инклузивен туристички сектор во Македонија.

Николоски: Брзата пруга ќе биде економски најзначајниот проект за цела Југоисточна Европа

Изградбата на брзата пруга во Македонија ќе биде најзначаен инфраструктурен проект за цела Југоисточна Европа, ќе донесе огромен економски бенефит и регионот и значително ќе го намали времето на патување од Скопје до Солун и до Атина, истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски.

“Ние после долг временски период разговараме со Грција за поврзување, за економија, за бизнис, за она што го прави животот. Брзата пруга колку што е бенефит за Македонија, многу повеќе е од бенефит за Грција, особено што целосно ќе ги отвори пред се солунското и атинското пристаниште кон Централна Европа. Изградба на брза пруга на која што карго возовите ќе возат со 120км/ч, во само првата година откако ќе се изгради од сегашни 12 милиони евра колку што имаат приход двете железнички македонски претпријатија, ќе оди на 120 милиони. Истото ќе важи и за грчките пристаништа, што целосно ќе ја промени економијата во целиот овој регион”, рече Николоски.

Вицепремиерот информираше дека грчките власите се согласни, следната година почнат да градат двоколосечна пруга по примерот на Македонија од Солун до Гевгелија, а директорите на железничките претпријатија на двете земји веќе ги усогласуваат техничките детали.

“Тоа ќе значи дека од Скопје до Солун ќе се патува за 1 час и 20 минути, а до Атина за не повеќе од 4 часа и мислам дека тоа целосно ќе го смени начинот на живот на овој дел од Европа. Така што брзата пруга ќе стане најзначаен економски-инфраструктурен проект за цела Југоисточна Европа”, истакна заменик претседателот на Владата, Александар Николоски.

Внимавајте! Од денеска казни за пешаците, возачите на велосипеди и тротинети ако не ги почитуваат овие правила

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата известува дека од 26 септември 2025 година започнува примената на измените и дополнувањата на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, кои се усвоени со цел да се унапреди безбедноста на најранливите категории на учесници во сообраќајот и да се намали бројот на случени сообраќајни незгоди како последица на невнимателно однесување во сообраќајот.

Новите законски решенија се воведуваат во насока на елиминирање на одредени навики кај пешаците и возачите од определени категории возила, меѓу кои ги издвојуваме:

•„Пешакот е должен кога се движи по коловоз под услови утврдени со овој закон или кога преминува преку коловозот и велосипедската патека или велосипедската лента, да се движи и преминува внимателно, без притоа да користи електронски уреди, како што се слушалки во двете уши, мобилен телефон, таблет, смарт часовник или друг вид електронски уред со кој би му се намалило вниманието додека го преминува коловозот и велосипедската патека или велосипедската лента“.

•„Возачот на велосипед, велосипед со помошен мотор, мопед, мотоцикл, трицикл, лесен четирицикл и четирицикл, за време на управувањето со возилото не смее да користи електронски уреди, како што се слушалки во двете уши, мобилен телефон, таблет, смарт часовник или друг вид електронски уред, со кој би му се намалила можноста за реагирање и сигурно управување со возилото, освен специјализираните уреди за комуникација кои се вградени во заштитните шлемови“.

•„Возачот на електричен тротинет за време на управувањето со возилото не смее да користи електронски уреди, како што се слушалки во двете уши, мобилен телефон, таблет, смарт часовник или друг вид на електронски уред со кој би му се намалила стабилноста и можноста за реагирање и сигурно управување со возилото, освен специјализираните уреди за комуникација кои се вградени во заштитните шлемови“.

Ова подразбира поставување нови стандарди за одговорно однесување во сообраќајот, при што, пешаците, велосипедистети, возачите на електрични тротинети и останатите учесници во сообраќајот предвидени со законското решение, се обврзуваат да учествуваат во сообраќајот без да користат електронски уреди кои им го одвлекуваат вниманието.

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата нагласува дека целта на ваквите законски измени е созадвање на услови за поголема безбедност, намалување на ризиците и заштита на човечките животи.

Во таа насока, Советот упатува апел до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи бидејќи Безбедноста на патиштата е заедничка одговорност, на сите нас.

На Крстовден во прилепско Чумово: Управата на манастирот во изградба Св. Василиј Острошки ги кани сите верници

Во прилепското село Чумово во тек е изградба на манастир кој ќе го носи името на Св. Василиј Острошки. Управата прави надчовечки напори и успева да ја турка оваа убава идеја, а се со цел на прилепчани да им подари уште едно свето место во убава природа.

На 27.09. (сабота), ден кога православните христијани го слават празникот Воздвижение на Чесниот и Животворен Крст Господов – Крстовден., управата на овој манастир во изградба ги поканува верниците, да присуствуваат на света служба, што ќе се одржи во 10:30часот.

По литургијата ќе следи водокрст и прережување на светиот леб.

Сите добронамерни христијани се добредојдени да земат учество во овој свет празник. Посетете го и помогнете ја изградбата на овој нов свет храм.

Крушево пред историска победа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата

Во пресрет на локалните избори, се појасно станува дека во Крушево ќе има промена во градоначалничката фотелја. Причините крушевчани и жителите на општината, се погласно ги истакнуваат.

Велат дека 8 години Крушево тоне и дека ни еден владин проект не е реализиран, младите не се враќаат, хигиената и водоснабдувањето се очајни…туристите стравуваат за својот живот од кучињата скитници.

Во следните 4 години Крушево ќе ја има поддршката од Владата и таа општина ќе биде една од оние со најголем напредок.

Целта според владеачката партија е Крушево да прерасне во вистински туристички центар, кој ќе биде посетуван во текот на целата година.

Ако се гледа пошироката слика, бенефит од еден таков развој на градот ќе има целиот Пелагониски регион.

Инаку кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за престојните локални избори е бизнисменот, Нико Чонески, човек со визија, ценет помеѓу своите сограѓани и човек кој е достоен за предизвикот да го препороди највисокиот град на Балканот.

Од СДСМ трет мандат ќе брка Томе Христоски.

(Фото галерија) Време е за најубавото ILLY и МАЧА вкусовите во “ШИШАМ БАР” Ѓогдере

Магично катче каде што стилот се сретнува со врвните вкусови – локал кој му внесе свежина и поинаков дух на градот. Тука кафето не е само утрински ритуал или обичен пијалок во друштво, туку вистинска уметност и искуство што инспирира.

Тоа е „ШИШАМ БАР“ – место кое за кусо време се издигна во омилен избор на сите генерации. За оние кои сè уште не биле, локалот е сместен во населбата „Ѓоргдере“, веднаш до Градската река и во близина на мостот „Табана“.

Во исклучително урбан амбиент, украсен со вкусно избрани детали, тука се приготвуваат можеби најдобрите вкусови на кафе. Љубезен персонал ќе ве послужи од менито со богата понуда на вкусови, кафе кое изгледа како уметничко дело, што ќе ви биде буквално криво да го промешате.

Денеска ве каниме да ги испробате популарните matcha пијалоци во три неодоливи вкусови – јагода, банана и класично матча лате. Совршено освежување за вас и вашите најблиски.

А за љубителите на кафето – тука е најдоброто illy кафе, причина плус зошто ова катче е омилено место за дружење, релаксација и уживање во добра атмосфера.

Тимот на “ШИШАМ БАР” ве очекува!

Утре ОТЧЕТ на Јовчески во собраниска сала – Ќе се презентира што сработија локалната и советот во изминатите 4 години

Утре, петок (26.09.) со почеток од 18:00часот во собраниската сала на општина Прилеп, градоначалникот Борче Јовчески ќе го презентира отчетот за сработеното во изминатите 4 години.

-Четири години исполнети со труд, проекти и посветеност, чесно и достоинствено, за Прилеп – стои во поканата од Јовчески до граѓаните кои сакаат да слушнат што сработила локалната самоуправа во четиригодишниот мандат.

Eден битолчанец и двајца прилепчани го предизвикале пожарот кој вчера цел ден го гушеше Прилеп

Полицијата ги фати сторителите кои вчера попладне запалиле дива депонија во населбата Тризла во Прилеп, а потоа огнот се прошири на голема површина.

-На 25.09.2025 во 10:30 часот во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп ги лишија од слобода Ф.М.(38) од Битола, М.С.(56) и А.Н.(23), двајцата од Прилеп. Тие се сомничат дека на 24.09.2025 во населба Тризла во Прилеп намерно предизвикале пожар на дива депонија.

Пожарот бил локализиран од екипа на Територијалната против пожарна единица Прилеп. По документирање на настанот, против нив ќе следува соодветна кривична пријава – стои во соопштението од МВР.