дома блог страница 342

Октомвриско изненадување за секоја регистрација и технички преглед во Авто Контрол Прилеп

Во месец октомври, со секоја извршена регистрација и технички преглед во Авто Контрол Прилеп, добивате подарок како знак на благодарност за вашата доверба.

Главната цел на најдобрата станица за технички преглед отсекогаш била – сигурност, доверба и квалитет за нашите клиенти. Затоа, секое возење треба да биде не само безбедно, туку и пријатно искуство за вас и вашите најблиски.

Посетете ги и дозволете им да се погрижат вашиот автомобил да биде исправен, а вие спокојни на патот.

Авто Контрол – вашиот сигурен партнер во сообраќајот!

СДС Прилеп распали за спортот и инфраструктурата во градот

Целосно е уништен спортот и спортската инфраструктура во Прилеп, реагираат од ОО СДСМ Прилеп. Тие обвинуваат дека целосно е уништен теренот со вештачка трева во типската населба, а потсетија и на ветувањето на министерот за спорт, за ставање во функција на Универзалната сала.

“Универзална служи само како паркинг за минибуси, а спортската сала ‘Македонија’ од СДСМ Прилеп е претворена во депонија и целосно руинирана”, велат од ОО СДСМ Прилеп.

Game Dev Rev 2025: Првата конференција посветена на развивање игри во Македонија ќе разабуди креативна револуција

Првата Game Dev Rev (GDR 2025) ќе влезе во историјата како прва конференција во Македонија целосно посветена на развивањето игри. Настанот ќе се одржи во Скопје на 16 октомври 2025 година и ќе ги обедини младите девелопери, искусните професионалци, инди студијата и лидерите во индустријата преку инспиративни говори, колаборација и иновација.

Нов почеток

GDR25 не се фокусира само на една единствена тема, туку на насока – Почетокот. Тој симболизира создавање, раѓање, каписла и револуција. Конференцијата има цел да отвори ново поглавје на македонската сцена за развивање игри. Како сеуште не доволно истражен предел на креативност и талент, Македонија има огромен потенцијал, а GDR25 е дизајнирана на студентите, младите креативци и професионалците, да им обезбеди мотивација, насоки, контакти, па дури и самодоверба за да се впуштат и напредуваат во индустрија за развивање игри.

Што да очекувате на GDR25

  • Врвни говорници и спикери: Светски лидери кои ја обликуваат иднината на игрите ќе одржат keynote предавања, fireside chat и Ask-me-Anything сесии.
  • Indie Zone Showcase: Повеќе од 30 инди студија ќе ги претстават своите проекти, нудејќи преглед на следниот бран на креативци.
  • Развој и имплементација на екосистемот: Панели и работилници посветени на продукција, раст на екосистемот и бизнисот на развивање игри.
  • Вмрежување и VIP настани: Специјално курирани случувања за поврзување и соработка меѓу „главните играчи“ во индустријата, партнерите и посетителите.
  • Заедница и култура: Од разновидна храна до голема забава, GDR25 ветува живописна мешавина од култура и дружење.

Билети и можности за партнерство

Билетите се веќе достапни во три категории:

  • Standard Pass – 20 €
  • VIP Pass – 60 €
  • Student Pass – 10 €

Дополнително, општествено одговорните компании имаат можност да купат студентски билети по намалена цена и да ги донираат на образовни институции. Со тоа не само што ја поддржуваат следната генерација на девелопери на игри, туку добиваат и статус – партнери на GDR25.

Платформа за раст и соработка

Конференцијата очекува 250–300 учесници низ различните траки и активности, создавајќи уникатно место за средба на локални и меѓународни девелопери. GDR 2025 е поддржана од Асоцијацијата на македонската индустрија за развивање на игри (MGI), независни студија, QA партнери, Министерството за култура и туризам на Република Македонија, како и организации посветени на развој на дигиталната креативност.

Приклучи се кон револуцијата

Game Dev Rev не е само конференција – тоа е почеток на движење што има цел да ја постави Македонија на глобалната мапа на развивање игри.

За повеќе информации и за купување билети посетете: www.gamedevrev.com

Контакт: [email protected]

Прилеп целосно “потона” во Автокоманда – пораз со разлика од 26 гола

Прилепчани се враќаат со тежок пораз од Скопје, откако во 5. коло од Супер машката лига загубија од Автокоманда со високи 21-47. Домашниот состав беше далеку подобар во текот на целиот меч, постигнувајќи двојно повеќе голови од гостите.

Тимот на Кирил Лазаров уште од самиот старт ја контролираше играта и веќе на полувреме создаде недостижна разлика (23:10). Во второто полувреме продолжија со агресивен напад и стигнаа до убедлива конечна победа со 47 постигнати погодоци.

Најрасположен стрелец за скопскиот клуб беше Емилијан Ѓорѓовски со 8 гола, а значаен придонес дадоа и Ненад Костески и Михаил Ивановски, кои постигнаа по 6.

Во редовите на Прилеп, најдобри реализатори беа Денис Шабановиќ и Божидар Лековиќ со по 4 голови, додека Пеце Рајатаоски и Филип Адамчески завршија со по 3.

Во наредното коло Прилеп ја пречекува Струга, натпревар на кој за прилепчани триумфот ќе биде императив.

Полицијата во Прилеп трага по две исчезнати лица

На 01.10.2025 во 02:00 часот во ОВР-Прилеп, С.С.(65) од Прилеп пријави дека нејзиниот син Ш.С.(34) се оддалечил од семејниот дом во Прилеп.

На 30.09.2025 во ОВР Прилеп, Ф.Е.(45) од Прилеп пријавил дека неговата малолетна ќерка на 29.09.2025 се оддалечила од домот. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето – информираат од МВР.

Важно известување за сите студенти – Аплицирајте до 5. октомври

Министерството за образование и наука (МОН) ги известува сите студенти дека периодот за конкурирање за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година започнува денес и ќе трае до 5 октомври 2025 година.

Право на субвенционирана исхрана имаат сите редовни студенти на прв циклус студии со месечен приход понизок од минималната нето плата, како и студентите запишани на постдипломски и интегрирани студии на државните и приватните универзитети во земјата.

Студентите кои ги исполнуваат барањата, а досега не поднеле барање, можат да го сторат тоа електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk.

Условите и критериумите за стекнување на правото на субвенциониран студентски оброк се достапни на следниот линк: https://mon.gov.mk/mk-MK/konkursi-i-stipendii/konkursi-mon/javen-povik-za-ostvaruvanje-na-pravoto-na-subvencioniran-studentski-obrok-za-akademskata-20252026-godina. Студентите на кои им е прекинато правото, а веруваат дека сѐ уште ги исполнуваат условите, можат повторно да аплицираат.

„Овој рок е исто така отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови“, објави МОН. За помош при аплицирањето, студентите можат да се обратат преку е-пошта: [email protected].

„Поради законска регулатива за засилена автентикација при бесконтактни плаќања на ПОС терминали, студентите ќе треба да го внесат ПИН кодот за трансакциите да бидат успешни. Шпаркасе Банка објави две важни известувања во врска со оваа новина и поддршка за студентите:

https://www.sparkasse.mk/mk/soopshtenija/2025/01/16/Izvestuvanje-za-upotreba-na-PIN-pri-plakanja

https://www.sparkasse.mk/mk/soopshtenija/2025/01/14/Izvestuvanje-za-korisnici-na-subvencioniran-obrok“, наведува МОН.

Николоски: ДУИ уште сонува дека може да ги диктира политичките услови во Македонија, а ќе остане во длабока опозиција

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски на синоќешниот митинг во Кавадарци во рамки на кампањата за локалните избори меѓу другото се осврна и на актуелните политички теми. Николоски говореше за како што ги нарече црните и очајни коалиции.

„Доаѓајќи накај Кавадарци забележав дека се интензивира црната негативна кампања од нашите политички опоненти коишто се здружија со својата немоќ, се здружија свесни дека народот не ги сака и не ги почитува. Ова не се први избори на кои излегуваме, но можам да ви кажам дека вака рано, ваква црна кампања до сега не се случила, што само говори за очајот од една страна на СДСМ, која што нема никаков концепт и воопшто не се реформира и не ги учи грешките од минатото и од минатогодишниот пораз. Од друга страна ДУИ која што се уште сонува дека може да ги диктира политичките услови во Македонија, а во суштина се длабока опозиција и ќе останат длабока опозиција после овие избори. И од трета страна Левица, која целосно се изгуби во една негатива и црна кампања, оние коишто се претставуваа себеси за најголеми патриоти, сега се слуги на ДУИ и на Али Ахмети, оние кои што се претставуваа за скромни, плачат четири, пет дена пари колку да земеле од државата. И сега трите обединето водат црна кампања“, кажа Николоски.

Николоски ги повика граѓаните да не подлегнат на нивната црна кампања и народот да не се демотивира, затоа што како што вели „не сме сите исти“. Тој посочи дека за да ставиме точка на таа црна и очајна коалиција на СДСМ-ДУИ и Левица на 19 октомври масовно треба да се на гласање.

Секој денар под контрола, 100% дигитализација, сигурна куќа за жртви од семејно нaсилство… ЗНАМ со радикална програма за ПРИЛЕП

По успехот на минатогодишните парламентарни избори, Движењето ЗНАМ за наша Македонија, на престојните локални избори настапува со свои кандидатски листи за советници во најголем дел од општините во државата, а во Прилеп велат дека ја имаат една од најкомпетитивните листи, составена од луѓе со интегритет, луѓе кои се блиски за обичниот човек, со знаење и голем број идеи за подобар град.

Носител на листата е адвокатката Мирјана Стеваноска – личност со богат интелектуален бекраунд.

Од ЗНАМ веруваат во успех на нивната советничка листа и ветуваат дека ќе бидат партнер, но и коректор на идниот градоначалник. Имаат што да им понудат на прилепчани, а најважни приоритети во нивната програма се:

Македонија во бело руво! Падна првиот снег (ВИДЕО)

Паѓа првиот снег на Попова Шапка за оваа сезона. Од видео камерите на Шапка може да се види дека планината е обелена и покриена со првиот слој снег.

Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) за денеска издаде потрокалов метеоаларм поради очекувани обилни врнежи од дожд.

„Ќе има обилни врнежи од дожд, на повеќе места над 30 литри на квадратен метар, а локално и над 50 литри на квадрат. На планините врнежите ќе преминат во снег и ќе се формира значителна снежна покривка“, соопшти УХМР.

Најмногу снег се очекува на повисоките планини на северозапад. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец.

Денеска најстудено ќе биде во Мавроро, со утринска температура од 1 степен, и дневна до само 3 степени. Најтопло ќе биде во Гевгелија, со дневна температура до 13 степени.

Поради продор на постудена воздушна маса од север и засилен северен ветер, утре на планините врнежите ќе преминуваат во снег, а поради натамошно спуштање на студен воздух, во петок ќе има услови да преминуваат во снег и на некои од повисоките места.

На повисоките планини ќе се формира значителна снежна покривка.

Од сабота времето ќе биде стабилно со ниски утрински температури кои ќе одат и во минус, а дневните ќе бидат во пораст.

Како и да е, есента веќе ја најавува зимата.

Маркови Кули, Прилеп, ѕвездено небо, панорама кон градот и претстава или концерт – Може ли ова да биде реалност?

Прилеп е културно срце на Македонија, град со горд театарски дух, а неговите жители заслужуваат богата и разновидна културна понуда. Нашиот вечен симбол, Марковите Кули, претставуваат една од најубавите природни сценографии што може да се замисли. Затоа, ќе го искористиме овој величествен амбиент за да создадеме нова културна традиција и знаменитост која ќе го збогати животот во градот – стои во еден од проектите на кандидатот за градоначалник за општина Прилеп Жарко Бошкоски, кој на престојните локални избори е поддржан од коалицијата „Искуство за успех“ формирана од политичките партии ЛДП, ГРОМ, Интегра и ПЦЕР.

Станува збор за еден прекрасен проект кој би донесол нова културна димензија во Прилеп. Ако се земе во предвид дека најстарата населба “Варош” веќе има еден мал амфитеатар, кој за жал речиси воопшто не се користи, оваа идеја добро би се вклопила за негово осовременување, или би можело да се реализира нов објект на друга локација во подножјето на Марковите Кули, некаде каде вљубениците во културата би уживале во концерти, претстави и разни други случувања под ѕвездено небо и со прекрасна панорама кон градот.

-Планираме изведба на летна сцена, односно амфитеатар на отворено, во подножјето на Марковите Кули. Оваа сцена ќе биде дизајнирана со почит кон природата, користејќи локални материјали како камен и дрво за да се вклопи во пејзажот. Со капацитет од околу 500 седишта, ќе биде опремена со модерна светлосна и звучна техника, овозможувајќи изведба на најразновидни настани. Тука, во текот на летните месеци, ќе се организираат театарски претстави од репертоарот на нашиот театар „Војдан Чернодрински“, концерти на класична и современа музика, поетски читања, филмски проекции и фолклорни фестивали. Овој проект ќе му даде нова димензија на културниот живот во Прилеп. Тој нема да биде само сцена за професионалци; просторот ќе биде достапен и за локалните културни здруженија, училиштата и младинските организации за нивните настани и приредби. Ќе создадеме магично место каде што уметноста и историјата ќе се спојат под ѕвезденото небо, кое ќе стане нова точка на гордост за прилепчани и атракција која ќе привлекува посетители од целата земја – стои во описот на планираниот проект на Бошкоски.