дома блог страница 323

Мицкоски до Зејд: Слобода на говор е да кажам дека мојата земја е Македонија

Премиерот Христијан Мицкоски денеска од собраниската говорница повтори дека Македонија е неговата земја и дека секогаш ќе биде, и дека почитувајќи го државниот интерес кога давал заклетва ја кажал придавката Северна.

– Не можете вие мене да ми кажете како јас да ја нарекувам мојата земја и што да кажувам. Мојата земја сум кажал дека е Македонија и ќе биде Македонија. Во интерес токму на оној државен интерес и слично кога давав заклетва ја спомнавме придавката за да не дојде до некои други компликации. Инаку нема да слушнете поинаку, барем додека јас сум премиер, рече Мицкоски на пленарната седница на опозициски прашања.

Тој одговараше на прашање на пратеникот Скендер Реџепи Зејд, кој зборуваше за употребата на уставното име во контекст на евроинтеграциите, но и за скандалот со Соравија и други.

– Дали го почитувам Уставот? Да, го почитувам Уставот, и токму при заклетвата кога ја давав како мандатар на Владата ја спомнав придавката дека го почитувам Уставот, а на оваа говорница можам и согласно Уставот да си кажувам она коешто мислам дека можам да го кажам и тоа е слобода на говор, рече Мицкоски.

Прашањето на Реџепи, Мицкоски го гледа во контекст на претстојните локални избори.

– Јас сум збунет со вашето обраќање денеска освен што видов дека сте жестоко мотивиран за кампањата која што ќе почне и претпоставувам дека го почитувате она добро е да се учествува не да се победи. И се надевам дека ќе постигнете исклучително квалитетен резултат, рече Мицкоски.

Во контекст на делот кога пратеникот Реџепи ја спомнува приватизацијата од 90-тите, Мицкоски рече дека таа за неа е криминална приватизација.

-Еве јас ви кажувам не како Македонец. Да е криминална приватизација. И тоа можам да ви го кажам. Но, исто така дали можам нешто да сторам по тоа прашање што се случило пред 30 и неколку години, не можам и затоа оставете ја таа фолклор реторика на страна, видете што можете да направите, рече премиерот Мицкоски.

Праша што направиле тие додека биле во Владата од 2002 година по прашањето на приватизацијата во Македонија.

-Јас нема да се обраќам ниту на Македонци, Албанци, Срби, Турци, Роми, Власи, на никому, јас го гледам тоа како процес, не како етничка работа. Еве вие го гледате како етничка работа. Што направи по тоа прашање ДУИ во изминативе 22 години додека беше влада. Имаше министри за правда, за економија, за финансии, за надворешни, за одбрана, дури и премиер имаше. Што направи по тоа прашање. Ништо, нула. Туку се уортачи со истите тие и како резултат на тој ортаклук играа фудбалчиња не за да се разодонуваат или да се растегнуваат во канцелариите од напорната работа, туку како резултат на тој ортаклук се случи фудбалчето како резултат на тој ортаклук со тие што направија таква приватизација се случи Соравиа, се случија инстант фирми за јаглен коишто преку ноќ стануваа милионери, се случи сватовски возен парк од милиони евра каде што се возеа мерцедес автомобили…, рече Мицкоски.

Што се однесува до Соравиа, рече тој, претпоставува дека на следната седница во Парламентот пратеникот ќе каже дека тоа била некоја детска игра.

-Детето си заиграло и решило оп трговски да си купи, рече Мицкоски.

Притвор за игумен и други пет лица уапсени за продажба на икони и реликвии во Грција

Мерка притвор им е одредена на игуменот на грчкиот манастир Успение на Пресвета Богородица на Пелопонез, на неговиот помошник и на уште четрири други лица кои во понеделникот беа уапсени за поседување и продажба на икони и антички предмети, јави дописничката на МИА од Атина.

Уапсените вчера дадоа исказ пред јавен обвинител, сослушување што траеше над 12 часа во судот во Коринт, по што на сите им беше одреден притвор, по покренатото кривично дело за формирање, раководење и членство во криминална организација проневера, непријавување на културно наследство, како и поседување и тргување со реликвии и антиквитети.

Како што објави МИА во понеделникот, игуменот и неговиот помошник биле уапсени додека се обидувале да продадат десетина византиски икони и две евангелија за 200.000 евра на полицаец кој се претставил како купувач.

Кај уапсените биле пронајдени и запленети 263 монети, 14 икони, две евангелија и верска книга од 18 век, две ловџиски пушки, 262 ловџиски патрони и 12.810 евра.

Манастир Успение на Пресвета Богородица, познат и како манастир Мега Спилео (Голема пештера) се наоѓа во Калаврита, во северниот дел од Пелопонез, изграден на отворот на голема пештера, а старите традиции го припишуваат основањето на манастирот на солунските браќа монаси Симеон и Теодор и го поврзуваат со чудесното наоѓање на познатата икона на Пресвета Богородица во пештерата во 362 година.

FacebookTwitterCopy LinkShare

Исповед на екс пратеникот Димовски што ќе го потресе системот, ја повика и владеачката партија да расчисти со уценувачите за Преспанскиот договор (ВИДЕО)

Илија Димовски, член на владејачката партија, прв пат на ТВ откри дека бил уценуван за да гласа за Преспанскиот договор за промена на уставот.

Тој бара да се истражат незаконските активности на службите и обвинителството во тој период.

“Оваа власт има апсолутна одговорност да расчисти и со тие дилеми, околу улогата на службите, околу улогата и на дел од судскиот и на дел од обвинителскиот систем, заради тоа што, тоа е на крај на краиштата спрега која што треба да влијае на политичките процеси, на овој, или на оној начин”, истакна Димовски.

Понатаму екс пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека и тој лично, како и 7-8 други пратеници биле под уцена да гласааат за промена на името.

„Јас бев уценуван. Време е да се откријат и незаконските активности на службите и обвинителството кои ги уценувале пратениците за да гласаат за Преспанскиот договор“ – рече Димовски

Витаминка на Digiton Conference 2025 во Белград (Фото)

На овогодинешната Digiton Conference 2025 – регионална конференција која е фокусирана на Microsoft Dynamics и Power Platform технологиите, тимот на Витаминка беше дел од креирањето и планирањето на новите трендови во интеграцијата на вештачката интелигенција во ЕРП системот на Microsoft D365. Настанот, одржан во зградата на Microsoft во Белград, беше организиран од страна на Axapta Masters во соработка со Axapta Learning Center.

Тимот на Витаминка, составен од Васко Наумоски – ИТ Менаџер, Бранимир Димков – Шеф во финансии, Филип Кузманоски и Јане Мачески – ИТ Администратори, ја имаше огромната можност да сподели искуства со регионални експерти – лидери во градењето на иднината на ЕРП системите.

Љутков од Крушево: „Нашата цел е јасна – да го заштитиме и обновиме Македониумот, тој е симбол на македонскиот идентитет”

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, заедно со стручните екипи од НУ Завод и Музеј – Прилеп, денес оствари теренска посета на споменикот „Македониум“ во Крушево – еден од најзначајните културни симболи на македонската историја.

Реконструкцијата на споменикот започна уште во 2014 година, кога беа реализирани низа значајни активности – санација на потпорни ѕидови, обнова на фасади, антикорозивна заштита, реконзервација на архитектонски елементи, како и внатрешни конзерваторски зафати и истражувања. Но, во 2017 година, сите активности беа прекинати, скелето беше симнато, а објектот остана незаштитен, со што последиците од таа негрижа се очигледни и денес.

Минатата година Министерството, во координација со Заводот и Музеј – Прилеп, подготви проект за интервентна заштита на објектот во вредност од 2,5 милиони денари, чија реализација ќе започне во текот на оваа година. Паралелно се работи и на подготовка на сеопфатен проект за целосна реконструкција и конзервација на споменичниот комплекс, кој се очекува да биде финализиран до средината на 2026 година. По изработката на документацијата и обезбедувањето на сите потребни дозволи, ќе отпочне реализацијата на овој капитален зафат.

„Нашата цел е јасна – да го заштитиме и обновиме ‘Македониумот’. Тој не е само архитектонски објект, туку симбол на македонскиот идентитет, историја и борба. Како Влада и како Министерство за култура и туризам, остануваме цврсто посветени на заштитата и унапредувањето на културното наследство, кое е наш стратешки приоритет,“ изјави министерот Љутков.

Петочна вечер исполнета со EX YU хитови и вкусна храна во Brunch Box Cafe – Почнете го викендот на одличен начин!

Во топлата и пријатна летна бавча на вашето веќе омилено Brunch Box Cafe, повторно ве очекува вечер исполнета со вкус и музика. Овој петок, 12.09, со почеток од 20:30ч., ќе ве пречека легендарниот Шало со својата гитара и богат репертоар на  EX YU хитови.

А додека уживате во музиката, на масата ве чекаат највкусните закуски и храна по најниски цени во градот – месни и млечни даски, печени сендвичи, хамбургери, свежи комбинации и слатки задоволства кои секогаш будат апетит.

Brunch Box Cafe е местото каде што пријателите се собираат, храната има посебен вкус, а музиката се доживува со душа.

За да си обезбедите место, резервирајте на тел. 078 845 442.

Не пропуштајте – тимот на Brunch Box Cafe ве очекува на уште една незаборавна петочна вечер!

Teшка сообраќајка во Битола – велосипедист тешко повреден откако во него удрил автомобил

-На 10.09.2025 во 10:46 часот во СВР Битола е пријавено дека на крстосница од ул.„4 Ноември“, ул.„Македонски Гемиџии“ и ул.„Солунска“ во Битола се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „ауди“ со австриски национални ознаки, управувано од Џ.А.(57) од Австрија и велосипед, управуван од Т.Т.(71) од Битола. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил велосипедистот, констатирани во Клиничката болница Битола. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Битола.

Концерт на младиот пијанист Леонид Петрески во рамки на Фестивалот на современа музика “МОДОАРС 2025”

Во сабота – 13.09.2025 година во НГ Даут Пашин Амам во Скопје со почеток во 20ч, солистички концерт ќе одржи младиот и надежен пијанист Леонид Петрески. Концертот се одвива во рамките на Фестивалот за современа музика Модоарс 2025 кој по 19-ти пат се одржува во Скопје.

Фестивалот Модоарс е повеќе од музички фестивал, бидејќи во својата мисија има за цел да ги донесе новите музички трендови, да прикаже концерти на големи музички имиња од земјата и странство, да ги промовира младите уметници и да внесе нов квалитет и динамика во културниот живот во нашата земја. Леонид Петрески е извонреден пијанист кој дипломирал како најдобар студент на својата генерација. На програмата ќе изведе композиции од Бетовен и Лист, како и дела од македонскиот композитор Димитрије Бужаровски. Сонатата оп.111 од Бетовен и композицијата од Лист   се дел од т.н. “железен” пијанистички репертоар, додека двете Ноктурна оп.49 на Бужаровски се сведоци на современатамакедонска музичка уметност низ кои може да се слушнат преработки на македонски народни теми. Леонид работи како професор по пијано во училиштето „Модоарс пијано академија“ и активно одржува концерти во земјата и надвор од неа.

Влезот на овој концерт е слободен!

Незаборавна вечер исполнета со музика, дружење и со хумана мисија – На Спортскиот аеродром во Прилеп ќе се одржи првиот AirFlow Мusic Festival

На 13 септември, со почеток од 18:00 часот, на Спортскиот аеродром во Прилеп ќе се одржи AirFlow Music Festival – настан кој ветува незаборавна вечер исполнета со музика и дружење.
Програма
Фестивалот ќе започне со настап на Lockdown во 18:00 часот, а потоа следуваат:
•19:00 – The Hounds
•20:30 – Maci Stojanovic b2b Vishko
•22:30 – Andrew Meller
•00:30 – Room313
Хуманитарна мисија
Сите средства собрани од продажбата на карти и од спонзорите ќе бидат донирани за потребите на повредените од пожарот во Кочани, преку @supportkocani и Центарот за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп.
Влезници
Влезниците се продаваат по цена од 300 денари и можат да се набават на следните локации:
Luvr Gallery Cafe, Trotoar 18, Onyx Bar Cafe, La Strada, Calypso и Центар за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп.
Превоз и паркинг
На сите посетители им е обезбеден бесплатен превоз од Хотел Липа до Спортскиот аеродром и назад, во следните термини:
•Одење: 18:00, 19:00, 20:00, 21:00, 22:30, 00:30
•Враќање: 22:00, 00:00, 01:00, 03:00
Обезбеден е и паркинг простор за оние кои пристигнуваат со сопствено возило.
Информации
Повеќе детали и новости за фестивалот се достапни на официјалниот Instagram профил @airflowmusicfestival.

ИН МЕМОРИАМ: Во САД почина македонскиот активист Љубе Дуртаноски – Луи, нашинец родум од Кривогаштани

По кусо боледување, на 73 години, на 1 септември годинава, почина Љубе Дуртаноски – Луи, македонски патриот, хуманист, родител, почитуван во Македонската заедница во Њу Џерси и Соединетите Американски Држави.

Љубе Дуртаноски, син на Крсте и Спасија Дуртаноски, е роден на 1 август 1952 година во Кривогаштани, прилепско, во Македонија. Порасна со неговата сестра Роза омажена за сопругот Благоја Крстески, и братот Гоце Дуртаноски (отпорано починат) оженет за сопругата Лена. Во Кривогаштани завршил основно, а во Прилеп средно образование.

Во 1977 година, на 25 години, заминал во Соединетите Американски Држави, во Леџвуд, Њу Џерси. Речиси 40 години беше сопственик и управител на компанијата “Луис Констракшн“ во Леџвуд.

Беше член на Македонската православна црковна општина “Свети Кирил и Методиј“ во Сидар Гроув, Њу Џерси и активен член во Македонската заедница во Њу Џерси.

Бил член и активен поддржувач на македонските иселенички организации во зачувување на македонскиот национален идентитет. Имаше тесна соработка со Движењето за ослободување и обединување на Македонија (ДООМ) и Драган Богдановски, а дописничка канцеларија (редакција) на „Македонска нација„ за САД извесен период се наоѓаше во неговиот дом.

Како најатрактивно претставување на Македонија во Америка беше автомобилот од Љупчо Дуртаноски со регистарски таблички VMRO N°1 со кое тој ја посетуваше македонската заедница во САД и Канада и со истото возило беше дистрибуиран и весникот „Македонска нација„. Регистерските таблички VMRO N°1 денес се наоѓаат во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје, на масата пред Драган Богдановски, основачот на весникот „Македонска нација.

Погребното опело на Дуртаноски се одржало во понеделник, 8 септември 2025 година, во Македонската православна црква “Свети Кирил и Методиј“ – информираат од Светскиот Македонски Конгрес.