дома блог страница 28

Над 500 ученици зедоа учество на “Есенскиот крос” во градскиот парк во Битола (Фото галерија)

Денес во Градскиот парк во Битола, се одржа „Есенски крос”, масовен спортско-рекреативен настан на кој учествуваа ученици од основните и средните училишта од Битола.

На кросот учествуваа околу 500 ученици, кои преку заедничката спортска активност имаа можност да се натпреваруваат, да се дружат и да ја промовираат физичката активност и здравиот начин на живот.

„Есенскиот крос” беше реализиран во рамките на Европската недела на спортот 2026, иницијатива на Европската комисија чија цел е да ја поттикне физичката активност, рекреацијата и здравиот начин на живот кај граѓаните од сите возрасти.

Масовното учество на учениците придонесе настанот да има силна локална димензија и да испрати јасна порака за значењето на редовната физичка активност уште од најмала возраст.

Преку ваквите активности се создаваат можности за активно вклучување на младите во спортот и рекреацијата, како и за градење позитивни навики и здрав животен стил.

Николоски на средба со Абдула Ал Себуси: Постои огромен потенцијал за унапредување на соработката со ОАЕ во авиосообраќајот, инфраструктурата и туризмот

Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски денеска оствари средба со амбасадорот на Обединетите Арапски Емирати во Македонија, Абдула Ал Себуси, на која беа разгледани можностите за унапредување на економската соработка меѓу двете земји, со акцент на ависообраќајот, инфраструктурата и туризмот.

Посебен фокус на средбата беше ставен на можностите за соработка во авиосообраќајот и воспоставување на нова авиолинија помеѓу двете земји.

Исто така се отворија и прашањата за инвестиции во транспортната инфраструктура, вклучително и во реализацијата на крупни инфраструктурни проекти кои имаат регионално значење.

Се разговараше и за унапредување на туризмот меѓу двете земји како и за потенцијалот за инвестиции во туристичката инфраструктура и развој на нови туристички понуди.

Вицепремиерот Николоски ги потенцираше инвестициските можности и услови што ги нуди Македонија за странските инвеститори, посочувајќи ги поволната географска положба на земјата, нејзината поврзаност со регионалните транспортни коридори, како и можностите за реализација на проекти од стратешко и инфраструктурно значење.

На средбата беше истакнат и потенцијалот за воспоставување на соработка со компании и инвеститори од Обединетите Арапски Емирати во повеќе стратешки области од значење за Македонија.

На средбата беше заклучено дека постои огромен простор за соработка, а целта е во наредниот период да се создаваат услови за реализација на конкретни инвестиции и проекти од заемен интерес.

По Крали Марко, 500 години подоцна Прилеп доби нов крал – Пристигна KING KUMPIR во Кumpir House, a следува и гратис изненадување

Прилеп добива уште една причина за љубителите на добрата храна да застанат во Kumpir House, веќе омиленото гастрономско катче на многумина во нашиот град.

На менито пристигна KING KUMPIR, богат, топол и вкусен кумпир кој со својата комбинација на додатоци со право ја носи титулата „Кралот на кумпирите“.

Печен кумпир, богати додатоци, кремаст сос и свежа рукола, комбинација која е создадена за сите оние кои сакаат оброк што заситува, но и остава желба за уште едно залче.

KING KUMPIR чини 280 денари, а доколку еднаш го пробате, можеби токму тој ќе стане вашиот нов фаворит од понудата на Kumpir House.

Но, покрај новината во менито, во Kumpir House има уште една причина зошто вреди да се навратите.

Тимот на Kumpir House воведува и награда за своите редовни гости. Со секој купен кумпир добивате печат, а кога ќе ги соберете 9 печати, 10-тиот кумпир го добивате гратис.

И тука не завршуваат изненадувањата. Од 27 септември, секој ден, првиот гостин добива гратис кумпир! Затоа, ако сакате да ја фатите оваа акција, можеби вреди да станете малку порано и да бидете први.

А KING KUMPIR е само една од опциите. Во Kumpir House ве очекуваат и други комбинации со различни додатоци, вкусови и можности да го направите вашиот кумпир токму онака како што го сакате.

Путер, кашкавал, месо, сосови и различни додатоци, изберете, комбинирајте и направете го по ваш мерак.

За тие што не знаат, Кumpir House ќе го најдете наспроти старата катна гаража, по пешачката патека од поранешниот хотел „Скопје“

Можете и да си нарачате за дома на телефонскиот број: 075 536 552, вршат достава и преку Kart.

Пробајте го KING KUMPIR, соберете ги вашите печати и не заборавајте, од 27.09. првиот гостин секој ден добива кумпир гратис!

Наздравје Прилеп!

Лишени од слобода маж и жена од Прилеп кои попречувале социјални работници во работата

-На 22.09.2026 во 14:10 часот, полициски службеници од ОВР Прилеп ги лишија од слобода Т.И.(68) и Р.И.(66) од Прилеп. Според пријавеното, двете лица на ул.„Јусуф Јусуфоски” во Прилеп попречувале вработени лица во Центар за социјална заштита Прилеп при службено постапување. По целосно документирање на настанот ќе следува соодветен поднесок, информираат од МВР.

Изложбата „Градот во мене“ од академскиот уметник Александар Џинго, утре пред прилепчани

На 25 септември 2026 г. /петок/ од 19.00 ч. во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата „Градот во мене“ од академскиот уметник Александар Џинго. Изложбата е дел од годишната програма на Центарот во програмата од визуелни уметности, поддржана од Министерството за култура и туризам.

За изложбата:

„Градот во мене“ е насловот од најновиот циклус уметнички дела од реномираниот автор м-р Александар Џинго. И тој наслов пред се, е потребно да се разбере како метафизичка состојба на уметникот абсорбирана од идејни простори и мисловни процеси, референтни со општочовечка универзална душевна внатрешност, давајќи ѝ на ограничувачката реалност еден возвишен естетски израз на постоење. Делата комуницираат со историското во уметноста преку академскиот реализам, а со актуелното, преку современата апстракција – и така, создаваат моќна фузија меѓу класичната уметност и современиот експресионизам. Разложувањето на класичната композиција до апстрахирана форма и пресоздавањето на формата од хаосот на распрснатите капки и експресивни потези, објавуваат емотивни тонови на носталгија и енергична надеж за раѓање на нова убавина. Процесот на создавање деконструирани ликови е начин за разоткривање на човечката душа преку пресеците на фигурата врз органски апстрахираната позадина на кадрите.

Во некои дела апстрахираната форма ја разоткрива емоцијата на идејата преку бојата, а конкретната форма ја изнесува конструкцијата на супстанцијата од реалитетот на формата. Оваа дисекција на постоењето како присутност во формата и надвор од неа, е силно личен филозофско-ликовен јазик, со кој уметникот продолжува да ги изнесува можностите на личната интерпретација на човечкиот портрет и фигура. Од технички аспект, делата се одликуваат со совршена рамнотежа меѓу цртачката техника со јаглен и контролираната линија, од една страна, и сликарскиот колорит (реализиран со маслени бои, мрсен пастел и акрил), од друга страна. Овој колорит варира од монохроматски до полихроматски, изразен преку слободен, речиси неконтролиран потег. Ваквото комбинирање на техниките успешно го дефинира трансформативниот стил на композицијата – тој е елегантен, динамичен и просторен, со силен авторски печат врз платната.

Боите се воглавно непастуозни, со воздушести, прозрачни и транспарентни вредности, понекогаш поставени или како контраст или како благи премини и ефектни светлосни решенија кои детектираат и асоцијации на трансцедентна архитектура во духот на уметникот што создава. За крај може да се каже и тоа дека гледачот се наоѓа пред интроспективни уметнички остварувања во голем формат, мошне погодни за уметнички простори, дела со моќна визуелна појавност која овозможува естетско и енергетско препознавање на сопствените емоции и импликации од надворешната средина. Присуството крај овие дела овозможува да се почувствува естетска сензација каква што се доживува пред квалитетните експресионистички поставки во светските модерни галерии – Бранче Трајкоски.

Податоци за уметникот:

Александар Џинго е роден во Прилеп, 1976 година. Своето уметничко образование го започнува во 1991 година во УПУ Лазар Личеноски, а го заокружува во 2003 година на факултетот за ликовни уметности во Скопје, каде што се стекнува со звањето магистер по ликовна графика. Творечкиот опус на Џинго опфаќа повеќе ликовни дисциплини. Покрај графиката како примарна вокација, тој со еднаков авторитет ја истражува и негува креативноста преку сликарството, модниот дизајн и костимографијата, градејќи препознатлив уметнички израз. Неговиот визуелен јазик и имагинација се потврдени преку бројни самостојни и групни изложби, учества на графички биеналија, ликовни колонии и модни ревии (меѓу кои и саемот за мода „МОДЕСТ“). Неговиот авторски печат е присутен и во театарски и филмски костимографски решенија, дизајн на корици на книги, илустрации, како и изведба на мурали и други уметнички проекти. Денес, Александар Џинго живее и твори во Прилеп, каде што работи како професор во средно образование, пренесувајќи ја својата љубов кон уметноста на новите генерации.

Витаминка партнер на AI Tech Summit 2026 кој се одржува во Скопје

Витаминка е food & beverage партнер на AI Tech Summit 2026, кој се одржува во Скопје, во фокусот на вештачката интелигенција, новите технологии и нивното влијание врз современото работење.

Како компанија која континуирано вложува во развој и следење на современите трендови, Витаминка на учесниците и посетителите им обезбедува Fit!n, како здрава енергија за време на паузите и вмрежувањето меѓу панелите.

Од компанијата посочуваат дека комбинацијата од напредна технологија, континуирана едукација и позитивна енергија е важна за создавање услови за одржлив деловен успех.

Витаминка упати благодарност до организаторите и сите учесници за продуктивните дискусии и одличната атмосфера на самитот.

Родени за драма! Во претесната училишна сала, РК Прилеп се спаси во последните 90 секунди (ВИДЕО)

Ракометарите на Прилеп и Тиквеш ги поделија бодовите во последниот натпревар од 3. коло во Супер машката лига, откако одиграа нерешено 28:28 во натпревар со драматична завршница.

Кавадарчани подобро го отворија мечот и поведоа со 6:2, но Прилеп постепено го фати ритамот и на полувреме замина со предност од 16:14.

Во вториот дел Тиквеш успеа да го преземе водството, а двете екипи се менуваа во сериите и резултатот беше израмнет на 21:21. Во финишот гостите повторно се одлепија и поведоа со 28:26 на 90 секунди до крајот.

Прилеп не се предаде. Тренчевски намали на 27:28, а по нова грешка на гостите, домаќините добија последен напад. Со игра „седум на шест“, Кастратовиќ погоди за 28:28 и голем бод за Прилеп.

Андреј Стојановски беше најефикасен кај Прилеп со 10 голови, додека Шипинкоски постигна шест. Кај Тиквеш, Ончев и Бен Махфуд постигнаа по пет гола, а голманот Солев имаше 10 одбрани.

Драма во Кривогаштани – татко и син нападнати во својот двор од 13 струмичани

-На 23.09.2026 во 00:30 часот во ОВР Прилеп, В.З.(39) од с.Кривогаштани, општина Кривогаштани, пријавил дека пред неговата куќа во с.Кривогаштани, тој и неговиот татко биле физички нападнати од група од повеќе лица, кои биле работници и биле сместени во соседната куќа, а според пријавеното употребиле и тврди и остри предмети. По преземени мерки и активности, во врска со настанот од слобода се лишени 13 лица од Струмица. По целосно расчистување и документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни пријави, информираат од СВР Битола

Градоначалникот поднесе иницијатива: “Секоја минута може да биде пресудна” – се бара формирање на брза помош во Кривогаштани

Иницијатива за унапредување на мрежата на итна медицинска помош и воспоставување подрачна служба, пункт или друг соодветен модел за брзо медицинско реагирање во Општина Кривогаштани е доставена до Министерството за здравство.

Како што информира градоначалникот на Општина Кривогаштани, Игор Каравилоски, потребата од ваква служба произлегува од оддалеченоста на општината од постојните центри за итна медицинска помош, што може да влијае врз времето на пристигнување на медицинските екипи, особено до руралните и потешко пристапните населени места.

„Во итни и животозагрозувачки состојби, секоја минута може да биде пресудна“, посочува Каравилоски.

Според иницијативата, поволната географска положба на Кривогаштани овозможува евентуалната служба да опслужува и повеќе населени места од соседните општини Крушево и Долнени, каде што од оваа локација би можело да се интервенира во пократок временски период.

Од Министерството за здравство се бара да ја разгледа можноста за обезбедување медицински тим, интервентно возило, како и неопходната медицинска и комуникациска опрема, во координација со надлежните здравствени установи.

Од Општина Кривогаштани, пак, изразуваат подготвеност да обезбедат соодветен простор, логистичка поддршка и целосна соработка за реализација на иницијативата.

„Нашите граѓани заслужуваат навремена и ефикасна итна медицинска помош“, порачува градоначалникот Каравилоски.

За сите брачни парови кои досега не се венчале во црква: Бесплатна групна венчавка во Кавадарци

Повардарската епархија и годинава организира бесплатни групни венчавки за брачни парови кои досега не го крунисале својот брак пред Бога.

Групната венчавка ќе се одржи во храмот „Св. вмч. Димитриј“ во Кавадарци, во недела, 15 ноември 2026 година, со почеток во 12:00 часот.